Интервјуа

КОЛКУ ПОВЕЌЕ СЕ НУДИ ТУРБОФОЛК ТОЛКУ ПОВЕЌЕ ИМА РЕВОЛТ И ПУБЛИКА НА НАШИТЕ КОНЦЕРТИ

Бобан Милошески

 


Авалон продукција е бренд што одамна ги надмина границите на Македонија. Некои од концертите кои ги организирате летово се оние на Енрике Иглесијас, Дејвид Гета, Џон Њуман и Продиџи во Македонија, концертите на Симпли ред во Белград и Загреб и на Вајт снејк во Љубљана. Изгледа дека ова ќе биде музичко лето за паметење. Какво чувство Ве обзема кога ќе ја погледнете листава?


Б. Милошески: Чувството е како да сум голтнал ЛСД, а тие што имаат пробано ЛСД тврдат дека тоа чувство може некогаш да биде неверојатно добро, а некогаш неверојатно лошо така што сега сум ап енд даун во овој период. Не е нормално да имаш 12 концерти регионално, на растојание од речиси 800 километри. Работам нон-стоп, по 18 часа на ден, а искрено кажано работам и кога спијам. Нема шанси да не се разбудам едно дванаесетина пати со мисла за работата и сега ми е битно само ова да помине и да се обидам да се одморам некако после тоа.

Каков е распоредот на концертите? Какви се Вашите очекувања, како оди продажбата на влезниците?

Б. Милошески: Распоредот на концертите е таков каков што си го направивме самите на себеси, всушност каков што мораше да биде на одреден начин. Или е распоредот таков каков што е и го прифаќаш, ги прифаќаш едноставно слободните термини што ти ги нудат агентите, или концертите не се случуваат. Таква беше работата и со Дејвид Гета. За Дејвид Гета го добив терминот 5 јуни – единствен слободен термин на крајот од декември кога изборите требаше да бидат на 24 април, па потоа следуваа обвинувања дека сме го „нарачале“ Гета на 5 јуни пропорционално со изборите на 5 јуни... Јас веднаш напишав дека изборите нема да се одржат на 5 јуни, а дека е имбецилно да се мисли дека ти можеш да темпираш датум на таков артист кога тебе ти одговара. Слично се случи и со „Симпли ред“. Тие ни понудија термини од кои концертот во Загреб се поклопи со третиот ден на фестивалот „Ин мјузик“, па така Загреб истата вечер има на една страна фестивал, а на друга ги има „Симпли ред“ на „Шалата“. Во основа не можеме ние да влијаеме на термините, туку добиваме слободни термини на артистите во кои се обидуваме да се вклопиме.
Инаку, продажбата оди изненадувачки добро, особено во Македонија. Изгледа дека колку што е поголема кризата, толку е поголем револтот на цивилизираните кои доаѓаат на концертите што ги прави „Авалон“ и поради тоа мислам дека влезниците во последниве две-три години, пропорционално и процентуално „одат“ подобро во Македонија, отколку во Србија и во Хрватска, што е за нас шокантно, ама се надеваме дека овој тренд ќе потрае што е можно подолго.

Ваквите концерти не се организираат преку ноќ. Како ја преживеавте ситуацијата во која концертите беа одамна закажани, а политичката ситуација во земјава беше крајно неизвесна и наелектризирана за евентуалните парламентарни избори во јуни?

Б. Милошески: Видете, една од посебните убавини на живеењето во 21 век е тоа што ништо не се знае од денес за утре. За жал, некои лоши работи што се случуваат во Европа со тероризмот позитивно влијаат и во вакви „калакурница“ земји како Македонија никој нешто специјално не се потресува во нашава бранша за внатрешните проблеми сѐ додека веројатно не се случи нешто како што се случи во Србија на почетокот на 90-тите, ако званично не се стават некои санкции. Ние немаме никакви сериозни проблеми однадвор за тоа. Таква беше ситуацијата и лани, Куманово беше две недели пред „Уан рипаблик“ (One Republic). Верувале или не, повеќе пречат некои внатрешни работи на концертиве во Македонија, кои на прв поглед изгледаат банално, но го нарушуваат нормалниот начин на живеење како што е да речеме: продолжен викенд, матури, полуматури, екстерни тестирања..., кои многу повеќе влијаат во самиот амбиент. Скопје многу лесно се празни за тие продолжени викенди, а животот во нормала многу тешко се враќа така што во рубриката „Верувале или не“ за „убавината“ или „неубавината“ на живеењето во Македонија, еве и тоа е еден одреден специјалитет. Јас тврдам дека многу повеќе небитни работи влијаат на мојата работа отколку што влијаат битните работи.

Да се свртиме малку кон видот на бизнисот кој го водите, кој е специфичен по својата природа. Што е она што го прави атрактивен, а што помалку атрактивен?

Б. Милошески: Сѐ е атрактивно во нашиот бизнис. Атрактивно е нивото на стрес и на адреналин, а најмногу е атрактивно што, всушност, мојот бизнис, нашиот бизнис е класична коцка во овој дел на Европа каде што влезниците не се продаваат на самиот почеток на отворање на концертите, туку тие се продаваат во последните денови. Мислам дека сѐ е атрактивно, атрактивна е целата атмосфера што се создава околу концертите. Ние во принцип сме доведени во ситуација да можеме да бираме со кого да работиме. Јас, мојата фамилија, луѓето кои работат во и надвор од „Авалон“ сме љубители на музика и мислам дека ние за пари работиме работа која 100 посто би ја работеле и без пари, чисто волонтерски, така што не можам да кажам дека има нешто што не е атрактивно во нашата работа.

Имајќи предвид дека сте организирале концерти во многу градови во регионов, играат ли значајна улога локалните околности во други земји за успешна организација на концертите?

Б. Милошески: Е ова е интересно прашање. Се разбира дека играат и тука е, всушност, тоа интелектуално ЛСД најјако кога, да речеме, одам на пат од Македонија за Љубљана и работам одредени работи локално во Љубљана, па се спуштам во Загреб со истиот тип на работа, па потоа се спуштам во Белград, па се враќам во Скопје. Да речеме, ќе поминеш четири држави, која секоја има различна економија, различен менталитет, различна сегашност, минато и иднина и тука чисто се гледа кој до каде е и во животот и во Европа или надвор од Европа. Чисто пред да влеземе во Скопје се смееме на онаа синтагма „Што јужније, то тужније“. За жал, во многу сегменти, особено во работата – таа важи. Да поедноставам. Да речеме за сѐ што во Словенија го договараш за 5 минути, во Загреб ти треба еден час, во Белград ти требаат два часа, а во Скопје ти требаат два дена. И тука чисто се гледа кој каков багаж носи од СФРЈ, какви биле односите во СФРЈ, какви генерации израснале од СФРЈ, а сега се на одредени позиции и работни места во Македонија, какви се новиве генерации кои завршуваат факултет и приватни училишта во Македонија – буквално како на рентген – преку мојата работа тотално излегуваат на виделина менталитетот, карактерот и сегашноста на она што се вика од Вардар до Триглав.

ЗА СÈ ШТО ВО СЛОВЕНИЈА ГО ДОГОВАРАШ ЗА 5 МИНУТИ, ВО ЗАГРЕБ ТИ ТРЕБА ЕДЕН СААТ, ВО БЕЛГРАД ТИ ТРЕБААТ ДВА СААТА, А ВО СКОПЈЕ ТИ ТРЕБААТ ДВА ДЕНА 

Погледнато наназад, претпоставувам дека почетоците во далечната 1993 година не беа лесни. Како започна приказната на Авалон, кои беа клучните моменти и главните предизвици во досегашниот развој на фирмата?

Б. Милошески: Всушност, прв клучен момент беше концертот на Ајрон мејдн“ (Iron Maiden) кој го имавме во Белград пред 10 години, кога сфативме дека мораме регионално да дејствуваме и дека Македонија е никаков пазар за луѓето кои го водат овој бизнис. Македонија влегува во оној таканаречен балкански пазар на агентите и менаџментите и дека за да преживееме мора да се рашириме и да работиме што е можно во повеќе држави.
Инаку, навистина ми е напорно да зборувам за почетоците на „Авалон“ од 1993 година, па наваму. Сите ги знаат и многупати сум ги спомнувал досега, а на крајот од краиштата ги има и на нашата веб-страница. Мислам дека проклето најтежок предизвик беше дали да продолжам по она што се случи со Даниел на 15 јули 2014 година. Тогаш размислувањата беа пензија на 47 години или претворање на „Авалон“ од порше во формула 1 и возење 1 000 000 км на час веројатно додека не се самоубијам некаде. Јас поради семејството се одлучив за втората варијанта и времето ќе покаже дали промашив или погодив.

Да се свртиме сега и кон некои системски прашања поврзани со македонската музика. Како ја оценувате домашната музичка сцена?

Б. Милошески: Искрено да ви кажам не можам да оценам нешто што не постои. Не постои македонска музичка сцена од времето кога ние кренавме раце од тоа. После тоа можеби имаше некој хаос кој можеше да се окарактеризира на одреден начин како каков таков креативен и потентен хаос, но сега јас апсолутно немам поим што се случува во тој сегмент. Не можам да дискутирам за нешто што не знам, т. е. ајде да бидам пореален – за нешто што не постои.

Како ја објаснувате Вие популарноста на турбофолкот во Македонија? Едно од можните објаснувања што јас сум ги слушнал е дека причина за тоа е полесната јазична комуникација, полесното разбирање и идентификација со текстовите на турбофолк песните бидејќи тие се на некој од регионалните полесно разбирливи јазици за разлика од поинаквата музика што е со текстови на англиски јазик итн. Кое е Вашето објаснување?

Б. Милошески: Па, има вистина во ова што Вие сте го опсервирале. Сепак сметам дека тука медиумите одиграа главна улога бидејќи „посељачки“ телевизии и „посељачки“ медиуми од Македонија нема ни во Лајковац во моментов и тие во комбинација со турските серии едноставно работат само на тоа затоа што човек не треба да употреби еден грам од мозокот за да размисли добро е или не, тоа ја руинира интелектуално државава тотално кога се мас-медиумите во прашање во последниве 5 години и нормално е дека резултатите од тоа допрва ќе бидат уште повеќе жестоки. Не можам да се согласам со тебе во целост зашто јас гледам дека децава знаат и бугарски турбофолк песни, а јазикот не го знаат. Едноставно тоа што им се сервира, тоа го голтаат. Но, како што кажа во претходните прашања, мене неверојатно многу почнува да ми одговара ова затоа што процентуално на нашите концерти доаѓа многу мал број на луѓе процентуално со популацијата која живее во таа држава така што од една страна што повеќе им сервираш на луѓето турбофолк, тоа кај паметните создава многу поголем револт и купуваат карти за она што им го сервираме ние, па ајде да видиме каков ќе биде крајот на оваа тажна приказна.

Ги организирате концертите на Каролина Гочева во регионот. Тоа е несомнено квалитетна промоција на македонското културно богатство во светот. Од економски аспект, тоа е извоз како и секој друг. Имате ли некаква системска поддршка за ова?

Б. Милошески: Па, немаме никаква системска поддршка за Каролина. Проектот „Македонско девојче“ е комерцијален сам по себе и ние го третираме со огромна љубов. Реално, тоа многу тешко оди во регионот затоа што е премногу андерграунд тој проект. Едноставно имаме сериозни проблеми, таму на радиостаниците не ја пуштаат Каролина затоа што за радиостаниците што пуштаат поп музика е премногу фолк, а за оние што пуштаат фолк музика е премногу андерграунд. Мислам дека полека го освојуваме тој пазар без никакво брзање затоа што проектот е комерцијален и може да живее самиот од себе. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите во иднина. Мислам дека во наредниве две години би требало да излеземе со еден нов таков проект.

Може ли во Македонија да се развие многу повеќе она што во светот го викаат креативни индустрии? Што треба системски да се направи за такво нешто?

Б. Милошески: Па не знам, не сум баш оптимист дека Македонија во било што креативно може да се развие, затоа што лично мислам дека 25 години, добри 90 посто од сите работи што се прават во државава, од државничките и од прашањата од висока политика, па до самото внатрешно организирање во државата, се прави некако наопаку. Лично јас 90 посто од работите што се прават во Македонија, во многу сегменти би ги направил сосема обратно од тоа што се прави. Основната грешка е што наравивме некој код дека и најважните државнички прашања се решаваат за да се задржи некакво си сигурно позитивно мислење кај сопственото членство. Мислам дека премногу заостанавме зад она што се вика Европа и единствена шанса ни е да се обидеме да изградиме некоја наша приказна со мирис и со вкус, отколку да се надеваме дека ние можеме да му продадеме на светот некаква си креативност. Светот отиде, за жал, премногу далеку од Македонија во изминативе 30 години. Не сум баш горд за ова што го кажувам затоа што јас се обидувам да го донесам светот овде, ама јас сум непоправлив реалист. За да бидеш успешен во оваа работа, мораш да бидеш реалист, да не се занесуваш со идеи од типот, да речеме, дека можеш да ги донесеш „Ролинг стоунс“ и да свират во Универзална сала, и тоа дека Македонија може да развие некакви си индустрии сега по Силиконската Долина – за мене е слично како да правиш формула 1 во Криволак. Така што, искрено, не сум баш оптимист. Дека, сепак, не се предавам зборува фактот што останав да живеам тука, а реално можам да ја работам оваа работа во истиот регион, а да живеам во кој било дел од Источна Европа.

Во Вашата досегашна работа сте организирале концерти и на бројни други музички имиња од светски ранг како што се Боб Дилан, Сантана, Лени Кравиц, Симпл мајндс, Еми Вајнхаус, Ванеса Меј, но и на регионални легенди како што е Балашевиќ... Можете ли да ни кажете за некои интересни ситуации, анегдоти кои сте ги доживеале, а се поврзани со овие музички ѕвезди?

Б. Милошески: Има многу интересни анегдоти кои јас претежно ги чувам за некоја книга која би сакал да ја напишам, но мислам дека сѐ уште не сум доволно паметен за да ја напишам, која би била интересна да ја прочитаат сите затоа што не би било само хронолошко набројување на она што го работам. Да речеме, беше интересно кога ме исфрлија од проба на Боб Дилан. Интересно е што Лени Кравиц изеде 4 чинии со макало во Охрид. Интересно е што на концертот на Балашевиќ 25 илјади луѓе на Калемегдан, на најголемиот дожд, никој не се помрдна и не си отиде дома, а првпат го слушаа стоејќи Балашевиќ во Белград... Има милион такви работи кои, сепак, би ги оставил за нешто што би било книга за животот и за работата на браќата Милошески и „Авалон продукција“.

СВЕТОТ ОТИДЕ, ЗА ЖАЛ, ПРЕМНОГУ ДАЛЕКУ ОД МАКЕДОНИЈА ВО ИЗМИНАТИВЕ 30 ГОДИНИ. НЕ СУМ БАШ ГОРД ЗА ОВА ШТО ГО КАЖУВАМ ЗАТОА ШТО ЈАС СЕ ОБИДУВАМ ДА ГО ДОНЕСАМ СВЕТОТ ОВДЕ, АМА ЈАС СУМ НЕПОПРАВЛИВ РЕАЛИСТ. ДЕКА, СЕПАК, НЕ СЕ ПРЕДАВАМ ЗБОРУВА ФАКТОТ ШТО ОСТАНАВ ДА ЖИВЕАМ ТУКА, А РЕАЛНО МОЖАМ ДА ЈА РАБОТАМ ОВАА РАБОТА ВО ИСТИОТ РЕГИОН, А ДА ЖИВЕАМ ВО КОЈ БИЛО ДЕЛ ОД ИСТОЧНА ЕВРОПА

Какви беа нивните реакции за македонската публика?

Б. Милошески: Ајде да рушиме и тука еден сон дека нашава публика е нешто специјална и еуфорична, дека нашава публика е специјална во регионот. Нема врска тоа. Да речеме, сите овие артисти свиреле во Латинска Америка и можете да ја погледнете нивната реакција. Во секој случај, тие кога доаѓаат во Македонија доаѓаат со одредени предрасуди затоа што доаѓаат претежно еднаш или двапати во животот и никогаш пред тоа не биле. Веројатно не можеш да ги импресионираш од тоа што го гледаат наоколу, но по настапот тие се сепак импресионирани од односот на публиката и од нивното познавање на материјата која артистите дошле да ја „испратат“ на тој концерт.

За крај на ова интервју и едно лично прашање. Вие не би можеле да ја работите оваа работа доколку и самиот не сте голем вљубеник во музиката. Кои групи, албуми, песни котираат највисоко на вашата топ листа на сите времиња?

Б. Милошески: Јас и ден денес трошам едно 2 000 фунти годишно на винили и на спешл едишн цедеа, и на блуреј итн. Успеав тоа да го наметнам и дома како ултимативно. Имам дома ќерка која кога ќе одиме, да речеме во Њујорк, прво бара продавница за плочи, а потоа за чевли.
Во тек сум со апсолутно сѐ што се случува со музиката. Тоа е нормално. Но, и понатаму тврдам дека многу малку има музика во последниве 10–15 години и знам што е причината за тоа. Едноставно старите музичари престанаа да се дрогираат, а веројатно многу е тешко да направиш квалитетен албум ако не се дрогираш. И лажат сите што тврдат дека не е така. Најголемите 50 албуми што се направени во светот се создадени кога музичарите биле во фаза: секс, дрога и рокенрол, а денес тешко е да се очекува тоа од еден Ерик Клептон кој има 70 години. Единствено мислам дека Боб Дилан е доволно луд и „вади“ генијални албуми во денешно време затоа што секој нов албум му е поразличен од претодниот.
Инаку, мојата топ листа на најдобри албуми е неизменета. Тука успеа само еден понов албум (условно речено) да се вметне, а тоа е „OK Computer“ од Рејдиохед (Radiohead). Првото место го делат 3 албуми: „Disintegration“ од Д кјур (The Cure), „Closer“ oд Џо дивижн (Joe Division) и „London Calling“ од Д клеш (The Clash), потоа „Street Legal“ од Боб Дилан (Bob Dylan), „Talk to You“ од Ролинг стоунс (Rolling Stones)...
Инаку концертно многу ми значи оној концерт на Лед цепелин кој го гледав пред 6 или 7 години во Лондон, концертите на Брус Спрингстин и Стиви Вондер, Рејдиохед... не знам, сум гледал преку 200 концерти каде што не влегуваат концертите на „Авалон“ кои сум ги правел. Полесно ми е да кажам кого не сум гледал. Сѐ уште го немам гледано Нил Јанг. Мислам дека стварно, проклето речиси сѐ имам гледано.

Многу Ви благодарам што ја прифативте поканата на Економија и бизнис за ова интервју бидејќи долго време, по сопствен избор, се држите настрана од медиумите. Што Ве мотивираше да ја прифатите нашата покана?

Б. Милошески: Се држам долго време и мислам дека тоа така и ќе остане. Сметам дека „Економија и бизнис“ е еден од понормалните и поквалитетни работи во оваа држава и секогаш апсолутно сум поддржувал сѐ што е квалитетно. Јас на одреден начин, и покрај целиот интернет-простор, купувам списанија и сакам да ги купувам, да ги прочитам на оној олд фешн веј. Кога ми се јавивте и кога почнав да го читам овој магазин немаше дилема дека тоа ќе биде моето единствено интервју во последниве 3 години, а и во наредните 3-4 години.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО