Интервјуа

СЛИЧНОСТИТЕ МЕЃУ НАС СЕ МНОГУ ПОГОЛЕМИ ОД РАЗЛИКИТЕ

Соња Шмуц

 

 

Како е организиран бизнис секторот во Словенија во поглед на разните стопански комори, здруженија итн.? Каква е соработката меѓу разновидните субјекти?

С. Шмуц: Постои голема диверзификација кај бизнис организациите насочени кон поддршка на економијата на Словенија. Има неколку комори, како што се Комората за трговија и индустрија на Словенија, Словенечката трговска комора, Комората на занаетчии и мали бизниси на Словенија, потоа асоцијации на работодавачи и разновидни странски комори. Здружението на менаџери на Словенија е претставник на менаџерската професија.
Погледите на бизнис организациите се мошне слични, барем кога зборуваме за предлози или за мерки за подобрување на економскиот амбиент. Сепак, понекогаш може да има разлики што доаѓаат од специфичните интереси на членките на овие организации.

Вие сте извршна директорка на Словенечкото здружение на менаџери. Каква е „личната карта“ на ова здружение, кои се главните активности, бројот на членки итн.?

С. Шмуц: Нашето здружение има повеќе од 1 000 членки, претставници на највисокиот, извршниот и средниот менаџмент на словенечките компании и други организации. Нашата мисија е да постигнеме заеднички прогрес преку одговорно лидерство и професионален менаџмент. Преку соработка сакаме да ги претвориме можностите во успех и да ја водиме Словенија кон 15 најразвиени земји во Европа. Компаниите што се управувани од членки на Здружението значително ги надминуваат финансиските резултати на словенечката економија, со 25 % повисока додадена вредност, 30 % повисоки приходи и 116 % повисока нето-
-добивка по вработен и 58 % повисок поврат на капиталот.
Организираме годишни професионални и општествени настани како што се Менаџерски конгрес, Јануарска средба, Гала бал, МКју (MQ) конференција и разни други состаноци и настани што ги подобруваат знаењето и искуството. Ние поттикнуваме, поддржуваме и се ангажираме за прашања што се поврзани со мисијата на нашето Здружение и создаваме бизнис стандарди како што се разновидни кодови, препораки итн. Го издаваме магазинот МКју (MQ). На оние кои прават нешто важно за менаџерската професија им даваме награди како што се: Менаџер на годината, Компанија пријателски настроена кон бизнис жените, Млад менаџер на годината, Артемида – за бизнис жени кои го допреле врвот и Награда за животно дело. Секогаш одиме со нашето мото: Добри резултати на фин начин.

Како го оценувате квалитетот на комуникацијата на словенечкиот бизнис сектор со дизајнерите на политиките (policy makers) во државната управа? Дали Вашето здружение успева да „стави на маса“ одредени важни прашања поврзани со законската регулатива или со економската политика?

С. Шмуц: Здружението на менаџери на Словенија е кредибилен и посакуван учесник во дискусиите за економски прашања. Со владините претставници често постигнуваме согласност за проблемите, а неретко и за решенијата. Сепак, често изгледа дека ние сме само заробеници на системот кој многу тешко може да се промени. Ако имаше поголема желба за промена, словенечката економија би постигнала значително подобри резултати. Годинава активно ја охрабруваме Владата да направи измени во оданочувањето, особено во делот на даночните ослободувања за најпродуктивниот персонал.

Во тој поглед, кои се моментно најприоритетните прашања за словенечките бизнисмени?

С. Шмуц: Во моментов даночната реформа е дефинитивно главната тема поради даночниот дисбаланс, особено преку прекумерно оданочување на највисоките плати што, исто така, влијае за заминување во странство на професионалците, млади и не толку млади. Дебирократизацијата е секогаш тема што се повторува. Инвеститорите сѐ уште мораат да чекаат предолго за разновидни дозволи, што е нонсенс. Еден инвеститор треба брзо да знае дали е возможно или не е да продолжи со инвестицијата. Владата веќе започна да се справува со ова прашање и се надеваме на многу побрз процес. Исто така ние предупредуваме за прекумерната регулатива во Словенија, која има преку 800 закони и повеќе од 18 000 извршни акти. Ова е 18 пати повеќе акти одошто имавме пред 20 години. Ја охрабруваме Владата да направи околности што се многу попријателски настроени кон инвеститорите, домашни и странски, бидејќи тоа е една од најдобрите гаранции за витална економија.

Учествувавте на Економскиот самит 2015 во Скопје, кој беше организиран од „Македонија 2025“. Кои се Вашите импресии од Самитот?

С. Шмуц: Темите со кои се справуваме во Словенија и во Македонија се практично слични. Економијата е секогаш заинтересирана за истите работи: пријателски настроен економски амбиент со услови економијата да биде најуспешна. Ефикасната правна рамка, помалку непотребна администрација, квалитетната инфраструктура, едуцираната работна сила и фер оданочувањето се важи елементи за бизнисот насекаде. Сличностите меѓу нас се многу поголеми од разликите. Исто така и економската стабилност многу зависи од политичката стабилност. Колку и да иницираат слабите економски остварувања политичка нестабилност, во потрага по подобро политичко лидерство кое може да овозможи посигурен амбиент за висок квалитет на животот, вистина е и дека добрите економски остварувања можат да бидат поткопани од политичка нестабилност. Ние ова многу добро сме го почувствувале на наша кожа во Словенија како што тоа го направила и Македонија.

ПОТРЕБНИ СЕ 12 ЧАСОВИ ЗА ДА ДОЈДЕТЕ ПО СУВОЗЕМЕН ПАТ ОД СКОПЈЕ ДО САРАЕВО ИАКО ГРАДОВИТЕ НЕ СЕ ТОЛКУ ОДДАЛЕЧЕНИ ЕДЕН ОД ДРУГ. ВЕДНАШ МОЖЕМЕ ДА ВИДИМЕ ДЕКА ПОСТОЈАТ КОНКРЕТНИ ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА УШТЕ КАЈ ИНФРАСТРУКТУРАТА. А, БЕЗ ОСНОВНА ИНФРАСТРУКТУРА ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА НЕ МОЖЕ ПРАВИЛНО ДА СЕ РАЗВИВА

Кон крајот на мај годинава во Сараево се одржува Самитот 100 за бизнис лидери од овие простори. Вие сте модератор на еден од панелите. Како ги оценувате можностите за продлабочување на регионалната соработка, на пример на поранешните ЈУ простори? Дали е тоа вин-вин ситуација за подобра конкурентност преку заеднички настап на поголеми пазари?

С. Шмуц: Луѓето од овој регион се екстремно креативни и имаат информации и знаење, но ние паѓаме во делот на реализацијата. Зборовите нема да донесат леб на нашата маса, акцијата ќе донесе. Оттаму Самит 100 е иницијатива која од една страна се обидува да лоцира идеи што можат да бидат претворени во конкретни проекти со значителен придонес за зголемување на конкурентноста на целиот регион. Во исто време, Самит 100 се обидува да воспостави соодветни услови за реализација на овие проекти. Ние ќе бидеме восхитени ако оригиналната приказна за „Феникс“, што изникна како конзорциум на градежници од преку 40 компании од регионот, биде следена од други форми на здружување на бизнисот со поголем ангажман на политичарите од сите вклучени земји за разрешување на економските прашања меѓу земјите. Самит 100 ги охрабрува да го направат тоа, како бизнис заедницата така и политичарите.
Една интересна идеја што добива значење е „Балканика фри карго“ (Balcanica Free Cargo) која се однесува на комерцијалните и на тешките возила. Нашата цел е, преку примена на соодветна ЕУ регулатива за стоките што влегуваат во регионот преку Грција /ЕУ во Македонија, па одат низ Србија и повторно влегуваат во Еу/Хрватска и обратно, да овозможиме бесплатен карго тек без запирање на националните граници. Со овозможување на тоа ќе го избегнеме огромното губење време за илјадници возачи на камиони и илјадниците изгубени часови за камионски превозен капацитет кој стои заглавен, ќе го избегнеме огромното задушување на сообраќајот и соодветните дополнителни издувни гасови, ќе ги намалиме трошоците за царинските постапки и во целина ќе предизвикаме значаен ефект за зголемување на конкурентноста, не само регионално туку и на европските економии во поширок опфат. Ги притискаме политичките лидери да ја направат оваа идеја реалност колку што е можно поскоро.

Според Вас, кои би биле конкретните потези за продлабочување на економската соработка на овие простори?

С. Шмуц: Вистинскиот почеток би бил да си го поставиме основното прашање за кохезијата на регионот. Какви се авионските врски меѓу главните градови, какви се врските во патничкиот и во железничкиот сообраќај? Потребни се 12 часови за да дојдете по сувоземен пат од Скопје до Сараево иако градовите не се толку оддалечени еден од друг. Веднаш можеме да видиме дека постојат конкретни отворени прашања уште кај инфраструктурата. А, без основна инфраструктура економската соработка не може правилно да се развива. Ова е само мала индикација. Но, има работи кај кои можат да се направат подобрувања. Во туризмот, преку креирање заеднички туристички производ што ќе го промовира целокупниот регион како интересна, зелена туристичка дестинација. Има можности и кај зелената мобилност, регионалната енергетска стратегија и, речиси нема потреба ни да го спомнам, олеснувањето на транспортот на луѓе и на стоки. Можеме да го следиме „Норден“, примерот на нордиските земји, каде што по Втората светска војна пет земји од Исланд до Финска се поврзаа во заеднички регион и потоа заедно ги решаваат сите видови отворени прашања. Нордијците беа многу успешни, што се покажува преку квалитетот на животот во Северна Европа, иако овој регион не се сметаше секогаш за богат дел на светот.

ДАЛИ КЛУЧОТ ЗА УСПЕХОТ НА КОМПАНИЈАТА НАВИСТИНА Е МЕНАЏЕРОТ ПРЕДВОДНИК? МОЕТО СОЗНАНИЕ Е ДЕКА ТОА Е ВИСТИНА. МЕНАЏЕРОТ НЕ Е АЛФА И ОМЕГА НА КОМПАНИЈАТА, НО ДЕФИНИТИВНО Е ЛИЧНОСТА КОЈА НА КОМПАНИЈАТА Ѝ ДАВА РИТАМ И ДУША, ЛИЧНОСТА КОЈА ОДЛУЧУВА ПО КОЈ ПАТ ЌЕ ОДИ КОМПАНИЈАТА, А ПОТОА ЖИВЕЕ СО ОДГОВОРНОСТА ЗА ОВИЕ ОДЛУКИ

Една од областите во кои имате истакнат ангажман е постигнувањето еднаквост во можностите за мажите и за жените. Како ја оценувате моментната состојба по тоа прашање во Словенија и во ЕУ?

С. Шмуц: Според Европската комисија, ситуацијата во Словенија и во ЕУ во однос на половата еднаквост кај менаџерските позициите во бизнисот се подобрува, но прогресот е екстремно бавен: доколку не се агажираме повеќе на полето на половата еднаквост, избалансираната застапеност ќе се случи некаде за околу 80 години од сега. Во споредба со земјите од ЕУ, Словенија е над просекот, но сепак застапеноста на жените на топ позициите е едвај над 20 %. Имаме одлична социјална инфраструктура што им овозможува на жените целосно учество на пазарот на работна сила. Имаме достапна нега за децата, организиран училиштен систем, породилно отсуство, можност за работа со полно работно време, поединечно оданочување итн. Ова го одразува фактот дека Словенија има висок процент на жени кај средниот менаџмент, но како и во остатокот од Европа и од светот, сѐ уште се среќаваме со предизвици кај највисоките позиции кај кои се носат одлуки. 76 % од акционерските друштва и 60 % од друштвата со ограничена одговорност во приватниот сектор на Словенија никогаш немале жена на највисоките менаџерски позиции. Во 21 век овие проценти треба што побрзо да станат поизбалансирани.
Со оглед на тоа што не прифаќаме дека ни требаат дури четири генерации за да се дојде до промена, дизајниравме пристап преку проектот „Инклуд ол“ (Include All), особено Моделот 6, модел од 6 активности што систематизирано помагаат во препознавање и во развој на талентот во компаниите со фокус на онаа половина од вработените за кои се прави превид.

Моментно имате трет мандат како извршна директорка на Здружението на менаџери. Што е она што Ве привлекува во оваа работа?

С. Шмуц: Здружението го вклучува најдоброто од словенечките бизнисмени и бизнисменки. Инспирира работењето со нив и развивањето активности што придонесуваат за развој на менаџментот во Словенија, без оглед дали се работи за предлози и мерки што им ги предлагаме на оние кои ги креираат политиките или професионалното знаење што им го овозможуваме на нашите членки. Менаџментот отсекогаш ме привлекувал, особено прашањето што специјализираната литература го застапува, а во врска со кое јас имав одреден сомнеж, дали клучот за успехот на компанијата навистина е менаџерот предводник. Моето сознание е дека тоа е вистина. Менаџерот не е алфа и омега на компанијата, но дефинитивно е личноста која на компанијата ѝ дава ритам и душа, личноста која одлучува по кој пат ќе оди компанијата, а потоа живее со одговорноста за овие одлуки. Еден менаџер треба да координира тим од колеги и да најде потенцијал во поединците и да помогне за нивен развој. Менаџерот треба да го претвори задоволството на вработените, на муштериите и на доставувачите во успешни финансиски резултати, каде што успех носат само добрите и чесните односи, односите што значат доверба. Потврдата за голем лидер се рефлектира низ резултатите на компанијата и задоволството со компанијата.

Покрај студиите на Економскиот факултет во Љубљана, образование сте стекнале и на Стенфорд, САД, на Економскиот универзитет во Виена и на Школата за менаџмент на Блед. Колкав е, според Вас, уделот на квалитетното образование во личниот успех во приватниот бизнис сектор?

С. Шмуц: Доброто образование прави три работи: ви дава знаење, ја гради вашата самодоверба бидејќи можете да се споредите со другите од групата и ви дава можност да направите добри контакти. За луѓето кои се ентузијасти уште како млади е веројатно дека ќе „пораснат“ и ќе бидат оние со кои подоцна ќе работите или ќе креирате. Образованието е отскочна штица. Што ќе направите со него зависи од вас.

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО