Финансии / Банкарство
ГЕРМАНИЈА ПОЧНА ДА НАПЛАЌА КОГА ПОЗАЈМУВА ПАРИ
Мирослав Саздовски
Изминатиов месец, токму пред гласањето за „Брегзит“ во Обединетото Кралство, за првпат во историјата каматната стапка на 10-годишните државни обврзници на Германија падна под нулата. Несигурноста од евентуалните успешни резултати од гласањето за „Брегзит“ (нешто што сега веќе знаеме дека се оствари) ги натера инвеститорите панично да ги селат своите средства во таканаречени „рајски“ хартии од вредност со што во даден момент тие наместо да бараат камата на позајмените средства, понудија премија за чување. „Никој не ги купува овие обврзници затоа што ги смета за атрактивна инвестиција. Стравувањата од нестабилност ги тера инвеститорите да ја зголемат сигурноста на своите фондови, па оттаму е невообичаено високата побарувачка на овие ‘рајски’ хартии од вредност“ – изјави Јуси Хилјанен, еден од водечките познавачи на пазарот на хартии од вредност. Десетгодишните државни обврзници се најважниот механизам за финансирање на огромниот германски долг. Покрај Германија, позајмување со негативна каматна стапка на 10-годишни обврзници досега имале само уште Јапонија и Швајцарија.