Општество
ВО МАВРОВО СМЕ СВЕДОЦИ НА ИСУШУВАЊЕ НА ШУМСКИ ЗАЕДНИЦИ ОД ГОЛЕМО ЗНАЧЕЊЕ
Ана Чоловиќ Лешоска
Извршна директорка на НВО Еко-свест
Во Македонија забележуваме обилни водни текови во високопланинските предели, особено во националните паркови како заштитени подрачја. Иако овие текови се од витално значење за екосистемот и за опстанокот на живиот свет, тие исто така се перципираат и како извор за производство на електрична енергија.
Националниот парк „Маврово“ се карактеризира со обилни водни текови и присуство на хидроенергетски систем изграден во 50-тите години. Малкумина знаат дека овие хидроенергетски објекти, иако носат придобивки за човекот во форма на произведена електрична енергија исто така и ден-денес носат штета по дивиот свет. Како последица на лошото управување со системот и со водните зафати за неговите потреби, во Маврово се појавуваат суводолици, односно реки без вода (особено во летните месеци). Недостигот од вода наштетува не само на животинскиот свет кој живее таму туку и на растителниот кому му е неопходна водата, па така во Маврово сме сведоци на исушување на шумски заедници од големо значење за паркот и за Македонија.

Ана Чоловиќ Лешоска,
извршна директорка на НВО Еко-свест
Во националниот парк „Маврово“, покрај постојните хидроелектрани, се планираа и два големи инфраструктурни енергетски проекти: акумулацијата „Луково поле“ и 60 MW хидроелектрана „Бошков мост“. Зафатите кои се планираа за овие два проекти го загрижија локалното население од Дебар, како и од Маврово бидејќи се стравуваше дека со дел од нив ќе се намали водостојот на реката Радика, а со тоа и ќе снема вода за пиење. Покрај тоа овие два проекти претставуваа сериозна закана за опстанокот за дивиот свет, како на пример балканскиот рис кој е критично загрозен вид и преостанатата популација од околу триесетина единки кои живеат главно во овој национален парк.
Протестите на заедниците на Дебрани во светот, а и во Македонија, како и низата правни процеси и жалби упатени до меѓународните фактори резултираа со откажување на проектот „Луково поле“ и суспендирање на проектот „Бошков мост“.