Општество

ГЕРМАНСКИОТ ДУАЛЕН СИСТЕМ ЗА СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ И ТРЕНИНГ

Димитар Николоски

 

 

Можноста да се запознае германскиот дуален систем за стручно образование и тренинг претставува голем предизвик. Токму со овој предизвик лично се соочив и јас, кога во рамките на програмата за доживотно учење на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност одблизу го запознав овој систем на стручно образование и тренинг кој иако неофицијално сепак, оправдано го носи епитетот „број еден во светот“. Студиската посета беше реализирана во периодот од 24 до 29 ноември, 2013 година во Бон и беше осмислена од страна на Федералниот институт за стручно образование и тренинг (Bundesinstitut für Berufsbildung-BIBB).

Главна одлика на германскиот дуален систем за стручно образование и тренинг е тоа што образованието задолжително се одвива на две места: во стручно училиште (Berufsschule) и во компании. Учениците во компаниите просечно поминуваат од 3 до 4 денa  во неделата најчесто на одредено работно место, а самиот тренинг се реализира врз основа на регулативата за тренинг и во рамките на договорот за тренинг. Во школо пак, учениците во просек поминуваат од 1 до 2 дена во неделата врз оснава на утврден курикулум од општи и стручни предмети. Стручното образование и тренинг се регулирани со посебен закон што датира од 1969 година и опфаќа повеќе сегменти од оваа проблематика како што се: признавање на професиите од страна на државата, делокруг на професиите, времетраење на обучувањето, профили на професиите, начин на испитување и сл. Договорот за тренинг, пак, ги содржи следниве детали: времетраење на тренингот, содржина на тренингот, права од работни односи за лицето кое се обучува, висина на надокнадата што се испаќа и сл.

Забележително е да се истакне дека постои тренинг за скоро сите струки во економијата и администрацијата со фокус врз стручните компетенции на учениците. Стручните компетенции имаат комплексно значење и претставуваат комбинација од стручни, методолошки и општествени вештини. При тоа, стручното образование преку систематична тренинг програма обезбедува стручни вештини, знаење и квалификации неопходни за вклучување во стручна активност во услови на сè понагласени промени во работното опкружување. Исто така, учениците со обуката треба да се стекнат и со непходното стручно искуство. Во моментов германскиот дуален систем на стручно образование брои околу 340 струки во различни области како што се: индустријата, трговијата, занаетите, администрацијата, здравството, земјоделието и сл. Притоа, струките имаат различен степен на специјализација, постојано се ревидираат согласно со актуелните потреби во стопанството и доколку е потребно се воведуваат нови. Така на пример, од 1996 година до денес креирани се 49 нови струки, а дури 211 се модернизирани. За илустрација на новововедените струки ќе ги споменеме следниве: специјалист за пазарно и општествено истражување, агент за туризам и разонода, специјалист за безбедност при работа, техничар за рециклирање и менаџмент со отпад, асистент за здравствени услуги, микротехнолог и др.

Аргументите што одат во прилог на германскиот дуален систем на стручно образование произлегуваат како од предностите за стопанството, така и од предностите за младите луѓе. Така на пример, придобивките за стопанството од овој систем се следниве: обезбедување на потребниот стручен труд, намалување на трошоците за обука, зголемување на мотивацијата и лојалноста на работниците кон компаниите, обезбедување специфични квалификации за работното место и подобрување на продуктивните перформанси на работниците. Од друга страна, младите луѓе стекнуваат  добри перспективи на пазарот на труд, добиваат практично оспособување и призната диплома, а за својот труд задолжително примаат и паричен надоместок што во просек изнесува до една третина од платата на вработен со полно работно време.

Дуалниот систем за стручно образование во Германија не би бил тоа што е доколку зад него не стои силна логистичка поддршка од страна на сите општествени партнери. Така, најзначајните прашања за развојот на системот заеднички се дискутираат меѓу Федералната влада, регионите, претставниците на работниците и претставниците на работодавачите. Одлуките за кои може да се постигне консензус се спроведуваат во пракса од страна на сите партнери во делокругот на нивните компетенции. Федералната влада е задолжена за признавање на струките, договарање на задолжителните услови, промовирање на мерки за поддршка и истражување во областа на стручното образование и тренинг. Регионите се задолжени за издавање на курикулумите, финансирање на наставниот кадар и супервизија на активностите на коморите. Работодавачите заедно со синдикатите се задолжени за предлагање нови и осовременување на постоечките струки, номинирање експерти во сферата на регулативата на стручното образование и договарање на надоместоците за лицата што се обучуваат. Стопанските комори, пак, вршат супервизија на тренингот, ја проверуваат способноста на компаниите и инструкторите, вршат регистрација на договорите за тренинг и го администрираат завршното испитување. Финансирањето на германскиот дуален систем за стручно образование е комбиниран, така што околу 84% се финансира од страна на компаниите, додека со 16% учествуваат регионалните власти.

На ова место се поставува прашањето: Зошто германскиот дуален систем за стручно образование претставува модел за успехот на поголемиот број млади луѓе? Одговорот се наоѓа во низата негови позитивни карактеристики; прво, тој се заснова на богатата традиција во Германија да се образува стручна работна сила во согласност со економскиот и општествениот развој, што како задолжително образование датира уште од 1869 година;  второ, тој е отворен за сите ученици од земјата и од странство што е многу битно во услови кога земјата се соочува со стареење на населението и недостаток од млада работна сила; трето, тренингот воглавно се финансира од страна на компаниите бидејќи ги одразува нивните реални потреби за стручен кадар; четврто, овој систем, скоро без исклучок, обезбедува вработување на младите луѓе и придонесува за нивна брза и успешна интеграција во општеството. Токму заради овие карактеристики, германскиот дуален систем за стручно образование е во фокусот на набљудување од страна на голем број други земји. Во минатото па, и денес постојат обиди овој систем да се копира но, честопати, тоа не резултира со саканиот успех. Причина за тоа, најчесто е слабата логистичка поддршка и отсуството на капацитет на економскиот систем кој би обезбедил непречено функционирање на системот за стручно образование. Затоа, сумирајќи го претходно кажаното, може да се заклучи дека пожелно е да се користат искуствата од германскиот систем, но секогаш треба да се има предвид конкретниот контекст и степенот на економска развиеност на земјата каде тој се имплементира.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано