Финансии / Банкарство

МАКЕДОНИЈА ЗА ПРВ ПАТ ДОМАЌИН НА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ДЕЛОВНО ВМРЕЖУВАЊЕ ВО ЛЕСНАТА ПРЕРАБОТУВАЧКА ИНДУСТРИЈА

 


На денешната конференција за вмрежување на компаниите од македонската лесна метало-преработувачка индустрија со странски купувачи, насловена Macedonia Manufacturing Expo присуствуваа 48 компании од Македонија во својство на добавувачи и 18 компании, од кои 16 странски, во својство на купувачи.

На конференцијата, Марта Наумовска Грнарова, Претседател на Aсоцијација на метална и електро индустрија, еден од организаторите на конференцијата истакна дека „за компаниите од металната индустрија е од големо значење отворање на странските пазари, а оваа конференција е можност за почеток на некаква соработка. Нашите производи се пред се наменети за извоз и неопходна ни е помош во тој сегмент, бидејќи полесно е да се пробива пазарот заеднички, отколку секој поединечно“.

Американсиот амбасадор во РМ г-динот Џес Бејли изјави дека „САД веќе 10 години го поддржува развојот на лесната индустрија во Македонија. На пример, Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси работеше со индустријата и институциите на создавање на дата база чија цел е прибирање и промовирање на податоци за производите на преку 200 македонски компании од овој сектор. Ова споделување на информации е важен ресурс за економските промотори кои работат на привлекување странски инвеститори“.

„Придобивките од соработката помеѓу домашните и странските компании се двострани. За странските компании кои користат производи и услуги од нашите фирми крајниот бенефит е намалување на трошоците, користејќи македонски производи и услуги со добар квалитет, но со пониски цени. Од друга страна, домашните компании преку соработката со странските ќе го подигнат нивото на технолошко и менаџерско знаење, ќе се стекнат со вештини за подобра организација на работата што ќе придонесе и за поголема конкурентност на европските и светски пазари“, додава Ивана Николиќ, Заменик Директорката на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ.

Еднодневната конференција е организирана од Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, Асоцијација на метална и електро индустрија - МАМЕИ и Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на РМ (АСИПИРМ) со поддршка од Германската стопанска комора во РМ (AHK), Американската  стопанска комора во РМ (AmCham), Амбасадата на Холандија во РМ и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ).

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано