Финансии / Банкарство
ВИРТУЕЛНА РЕАЛНОСТ
Мирослав Саздовски
@MirkoSlav
Новата комуникациска алатка која го освојува светот
Веројатно за многумина од вас периодот кога се истражува, се планира и се одлучува за летниот одмор претставува период на посебен вид „главоболка“. Да се одберат тип одмор, локација, сместување, подготовки, буџет итн., а притоа да се добие целосна слика и да се намалат шансите за превид претставува вистинска вештина, а успехот е најчесто производ на среќа. Откако ќе одберете локација што ви се допаѓа и сместување кое одговара на вашиот буџет, најчесто почнува потрагата по некакви „ривјуа“, истражување преку Гугл ‘рт (Google Earth), прелистување фотографии кои ги поставиле туристи итн. Сето тоа е затоа што секој од нас барем еднаш (а најчесто повеќепати) бил непријатно изненаден од разликата на сликата што ја имал како замисла за својот годишен одмор и она што го затекнал на лице место. Замислете сега, во тие околности на „очај“, некој да ви понуди решение со кое и вие и вашите најблиски со кои го минувате одморот можете речиси реално да ги почувствувате атмосферата, условите и околностите каде што планирате да го поминете годишниот одмор. Тоа значи не само да ги видите плажите не фотографија, туку да можете да прошетате по нив, да ја слушнете атмосферата и да ги видите големината, далечината, позицијата директно од лице место, да прошетате низ градот, низ корзото и да почувствувате дел од атмосферата на туристичкото место кое, секако, може да се наоѓа илјадници километри подалеку од вас. Можеби со новите 4-5-6-Д технологии и да го вкусите мирисот на морето и на околината? Колку сте подготвени да доплатите за тоа? Петстотини денари? Илјада денари? Сто евра? Што ако некој тоа ви го понуди кога купувате куќа, стан, викендичка, на место далеку од вас, и кои се, да речеме, сѐ уште во изградба? Доволни ви се само плановите и фотографиите или би доплатиле малку за да можете да се прошетате низ влезот од зградата, од дворот на куќата или да го почувствувате погледот од викендичката?
Минатата година УНИЦЕФ направи осумминутен филм наречен „Облаците над Сирија“ со употреба на најновите можности на виртуелната реалност (ВР). Филмот е фокусиран на секојдневниот живот на едно 12-годишно девојче (Сидра) кое живее во бегалски камп сместен во јорданската пустина. Оние кои го „искусуваат“ филмот имаат можност да гледаат сѐ што гледа девојчето и речиси реално да почувствуваат како е да се живее во кампот. Низ нејзините очи гледачите можат одбиску да видат како Сидра оди во училиште, ја дели храната со родителите, игра со останатите деца во кампот итн. Ова се смета за една од поуспешните кампањи за покревање на јавната свест на УНИЦЕФ каде што, на пример, само во Окленд, Нов Зеланд, донациите за помош на сириските бегалци по лансирање на кампањата се дуплирани. Катрин Крисп, шеф на Одделот за стратегии и иновации во УНИЦЕФ, за првичното искуство со „Облаците над Сирија“ изјави: „Можете да забележите дека кога луѓето го гледаат филмот, тие се вистински нурнати во другиот свет. Некои се обидуваат да влезат во комуникација со субјектите од филмот. Кога ќе ja извадат опремата од глава некои од нив се многу емотивни, некои плачат, некои молчат, а некои прашуваат дали можат некако да помогнат.“
Употребата на ВР во разни специјализирани индустриски и комерцијални цели не е некоја особена новост. Авионската индустрија, на пример, веќе одамна користи симулатори при обуките на пилотите, нешто што е обврска за пилотите за да можат да ги проверат своите пилотски вештини при состојба на непогоди, откажување мотори, непредвидени ситуации итн. Она што ја ограничуваше употребата на ВР беше цената на овие уреди. На пример, виртуелните симулатори од авионската индустрија најчесто чинат неколкукратно повеќе од самиот авион кој го симулираат. Она што денес е променето и отвора нов правец во комуникациската сфера е развојот на технологијата за ВР, која успеа да создаде „ВР геџети“ кои чинат евтино. Тука во моментов предничат Самсунг и Гугл, но најави за вклучување во трката веќе има и од Епл, Фејсбук, Сони и останатите дигитални џиновски компании. Индустријата за ВР оваа година ќе ја пробие бариерата од една милијарда долари, а според прогнозите на Делоид и на Голдамн Сакс до 2025 година се очекува таа да порасне до 80 милијарди долари.
Овој експоненцијален раст, кој веќе е сѐ поизвесен, отвора ново поглавје во севкупната комуникациска сфера. Покрај веќе значајната улога во филмската и во гејмерската индустрија, предвидувањата се дека ВР ќе има силен импакт во начинот на кој известуваат медиумите, компаниите се рекламираат, а најзначајни промени се очекуваат во употребата на контент маркетингот и на ПР. Некои предвидувања одат и понатаму и ВР ја ставаат во технолошките револуции како појавата на дигитални медиуми и/или социјалните мрежи. Според некои од нив употребата на виртуелната реалност се очекува толку многу да го смени начинот на кој комуницираме така што не е исклучено некои форми на информирање и на комуницирање делумно да исчезнат, слично како она со што во моментов се соочуваат традиционалните пишани медиуми со појавата на дигиталните медиуми и на социјалните мрежи.