Финансии / Банкарство
КИНЕСКАТА ЕВЕРБРАЈТ ЦЕЛОСНО ГО ПРЕЗЕДЕ АЕРОДРОМОТ ВО ТИРАНА
блиц свет
Чајна Евербрајт лимитед (ЧЕЛ) изминатиов месец презеде 100 % од акциите на меѓународниот аеродром во Тирана (TIA) „Мајка Тереза“ откако договорот за продажба беше потпишан уште во април оваа година. Според компанијата, аеродромот во Тирана е еден од најбрзорастечките аеродроми во Европа, а бројот на патници од 600 илјади во 2005 година е пораснат на преку 2 милиони во 2015 година. „Преземањето претставува проактивен корпоративен пристап за идентификација на квалитетни инфраструктурни инвестиции, што соодветствува со кинеската ’еден појас, еден пат‘ иницијатива за позасилена комуникација на Кина со светот“, изјави Чен Шуанг, главниот извршен директор на ЧЕЛ. Тој се заблагодари на одличната соработка со Владата на Албанија и упати посебна благодарност до менаџментот на аеродромот од каде што очекува понатамошна соработка. Кина во моментов е вториот најголем трговски партнер на Албанија, а неодамна кинескиот премиер Ли Кечијанг и неговиот албански колега Еди Рама се обврзаа да ја зголемат соработката меѓу двете земји, особено во делот на инфраструктурата. ЧЕЛ е најголемиот инвестициски фонд во Кина специјализиран за надворешни операции.