Финансии / Банкарство
ЕЈ ТИ ЕНД ТИ ЗА 86 МИЛИЈАРДИ ГО КУПУВА ТАЈМ ВОРНЕР
блиц свет
Американскиот телекомуникациски гигант Еј ти енд ти (AT&T) објави дека за 86 милијарди долари, или 107,5 долари по акција, ќе ја купи медиумската групација Тајм ворнер (Time Warner). Како што јавуваат светските медиуми, договорот меѓу компаниите е веќе постигнат, а сè уште чека одобрување од регулаторите. Доколку преземањето помине, тоа ќе значи дека комуникацискиот гигант Еј ти енд ти ќе ги стави под свое владение содржините од филмските студија на Ворнер брос (Warner Bros) и кабелските телевизии Ејџ-би-о (HBO), како и телевизискиот канал Си-ен-ен (CNN). „Ова е совршено совпаѓање на две компании со комплементарни предности кои можат да донесат свеж пристап во начинот на работа на медиумите и комуникациската индустрија“, изјави Рендал Стивенсон, претседател на Управниот одбор и извршен директор на Еј-ти енд ти. Токму оваа концентрација на дистрибуцијата и производството на содржина ќе биде многу внимателно анализирана од антимонополиските регулатори во САД. Еј ти енд ти во моментов е трет најголем кабелски оператор во САД.