Финансии / Банкарство

Николче Петкоски: РАСТОТ НА КРЕДИТИРАЊЕТО ВО 2017 ГОДИНА ЌЕ БИДЕ ФАКТОР НА ПОДДРШКА НА РАСТОТ НА ПРИВАТНАТА ПОТРОШУВАЧКА И НА ИНВЕСТИЦИИТЕ


Изминува уште една неизвесна година. Клучни ризици и натаму се неповолниот надворешен амбиент и неизвесноста во земјава поради актуелната политичка криза. Бевме сведоци на намалени инвестиции, како јавни така и приватни, општиот амбиент не беше соодветен, влијаеше на довербата. Инвестициите имаат пораст, но не како што се очекуваше и како што имат потенцијал. Централната банка ги ревидираше првичните проекции за економскиот раст. Според новата проекција годинава се очекува раст на БДП од 2,3 %. И според најновиот Извештај на ЕБРД, растот на македонската економија бележи намалување. Пролонгирањето на случувањата на политичката сцена имаа негативни ефекти како во стопанството, така и во работата на банките. Вообичаено инвеститорите се многу чувствителни на неизвесност, па реално беше и да очекуваме намалување на кредитниот раст. Растот на депозитите исто така забави поради последиците од априлските шпекулации. Кредитите на банките во третиот квартал бележат раст, зголемена е побарувачката како за станбени, така и за потрошувачки кредити, a тоа внесува оптимизам за претстојниот период да се надеваме на стабилизација на општата економска и политичка состојба во домашната економија, што ќе доведе до забрзување и на кредитниот раст. Растот на кредитирањето во 2017 година ќе биде фактор на поддршка на растот на приватната потрошувачка и на инвестициите. Проекциите велат дека оптимизам постои и сите се надеваме на подобри времиња кои претстојат пред нас.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано