Финансии / Банкарство

ПРЕТПРИЕМАЧКА ДРЖАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА

Синиша Наумоски

Секогаш, како човек, имам карактеристика да верувам во тоа што го пишувам. Имено, без разлика колку текстот подолу е напишан оптимистично, убеден сум дека во скоро време ќе се аплицира во пракса. Најнапред, според мене, Македонија ќе биде држава со силна „претприемачка Влада“ и најмногу со „претприемачка државна администрација“ која, иако превработена, во никој случај нема да биде отпуштена, туку напротив, бројот ќе се зголемува. За таквиот зголемен број на членови во администрацијата да биде одржлив, и речениците кои јас ги пишувам да бидат реалистични, мора да се воведе т. н. приницип на децентрализирано плаќање по институција, и тоа за сите државни (јавни) службеници во согласност со нивниот учинок. Тоа подразбира дека времето на еднаквост во месечните плати ќе заврши. (На пример: основната нето-плата за сите административци ќе биде фиксна и ќе изнесува еквивалентно на најниската нето-плата во РМ за 2016 година, додека пак во структурата на бруто-платата варијабилниот дел ќе биде многу поголем од основниот и ќе се менува во согласност со учинокот на работникот).  

Ако одиме со реален пример од пракса, јас ќе земам во ова толкување пример со едно јавно училиште или јавен факултет. Како е сега таму? Има многу кадар наталожен од сите партии со години наназад... Понатаму, во структурата на кадарот (еве на Државниот факултет „XY“) имаме кадар со сомнителни и со брзи дипломи, а сепак легализирани... Имаме и поединци со квалитетни дипломи кои имаат вредност, но не се работливи, туку „бистрат политика“ преку стекнатата позиција... Има кадар кој нема силно лоби и политичка поддршка, туку „кутриот тој“ ја има улогата да работи за сите претходно спомнати... Така ли е? Ако е така, а така е, тогаш се поставува прашањето како да се најде решение во контекст на оправданост на улогата на мојата т. н. „претприемачка државна администрација“... Решението, во согласност со мојата теза, е во следнава приказна.  

Ако во „Државниот факултет XY“ моментно има два професора кои се ангажирани во редовен работен однос (со партиска препорака) за предметната дисциплина „Основи на сметководство“ и фиксна нето-плата од 50 000 денари, може да се каже дека тоа се премногу професори за еден предмет, кои не ги исполнуваат очекувањата кај студентите (или ако е болница – кај пациентите). Но, менаџментот нема решение бидејќи двајцата имаат неопределен статус на работници и секако крајно е неетички и нечовечки да се отстрани некој од работа дури и кога партијата го налага тоа. Како и да е, трошокот за нив на месечно ниво изнесува нето 100 000 денари. Згора на тоа, ако на тоа се придодаде списокот на чекање на младите доктори на науки (или доктори лекари ако е болница) за влез во јавна администација од една, и ветувањето на политичките партии за нови вработувања во администрацијата од друга страна, проблемите стануваат преголеми. Оттука филозофијата „претприемачка државна администрација“ ќе постави варијабилен децентрализиран систем, и тоа: постоечките два професора ќе имаат фиксен дел на плата од 10 000 денари, нема да се маргинализираат, туку напротив ќе се придодадат (вработат) нови двајца професори со тоа што сега изборот ќе биде многу поголем кај студентите во контекст на понудата. Платата на новите секако ќе биде иста, фиксна (10 000 денари) и со тоа ќе се добие вкупен фиксен трошок за менаџментот на факултетот за четири професори од 40 000 денари, што значи дека до бројката од претходните 100 000 денари има уште 60 000 денари за распределба. Сега за овие 60 000 денари борбата за докажување ќе се разгори до таа мера што ќе предизвика (со 100 % веројатност) зголемен интерес кај новите студенти во иднина при што новите дополнителни студенти понатаму ќе го зголемуваат приходот на факултетот, а со самото тоа ќе го зголемуваат точно тој дел на институцијата кој е наменет за варијабилна плата. На крајот, некој од поединците професори (лекари ако е болница) ќе достигне плата од 60 000 денари, а некој кој ќе се определи да не се вложува премногу ќе остане на почетните 10 000 денари итн. Ова секако дека е можно, иако навидум изгледа дека е утопија, но верувајте, не во потполност уредено, ова веќе одамна функционира во стопанскиот сектор.   

Како потенцијална опасност во ваквата моја теорија за „претприемачка државна администрација“ опишана во примерот со образовната институција погоре може да се истакне објективноста во распределбата на варијабилниот дел од платата на работниците чинители на новиот систем. Впрочем, се поставува прашањето на кој начин, кој и како ќе го врши тоа. Одговорот е јасен: системот на буџетирање и на планирање или современо наречен „контролинг системот“, т. е. „контролинг менаџерот“ ќе ја има таа силна улога за распределбата на варијабилитетот во јавните организации. Него, пак, ќе го поставува главниот менаџер-директор кој ќе биде поставен од страна на Владата, т. е. кај нас партијата (...е сега, во партијата месните раководители по маала ќе си објаснат дека менаџерите кои ќе конкурираат мора да бидат лица не со „искуство во плакатирање“, туку со навистина експертско познавање на финансискиот менаџмент, планирање и буџетирање. Ако немаат такви поединци, ќе си објават оглас...). Понатаму, во горниот владин менаџмент ќе има т. н. „макроекономска претприемачка комисија“ која ќе прави „екчуал(actual) буџети“ за целиот сет на јавни организации (во согласност со Буџетот на РМ)... Би рекол дека на ваков начин ќе се формира тој т. н. претприемачки систем кој ќе го следат менаџерите надолу во согласност со утврдените цели. Кој од нив (мислам на менаџерите, ниво под Владата) ќе успее да ги надмине, секако, добива парична награда (дополнителен надваријабилен дел на плата)! Така корупцијата полека ќе заминува, а системот ќе владее вечно!

Германија почива на ваквата „контролинг филозофија“, па затоа во текот на едно столетие неверојатни трипати се издигна од пепелта како успешна држава за денес пак да се наметне како една од најсилните економии во ЕУ. Ако милувате со други зборови, денес по БРЕГЗИТ новата ЕУ ќе биде многу посилна под менторство на Германија. Впрочем, „контролинг филозофијата“ преку големиот професор Алберт Дaјле ја измислија тие. Кај нив владее системот на планирање и на буџетирање на децентрализирано ниво по компанија, а Меркел само има протоколарна улога како дел од тој систем. Во Германија системот е Меркел, а кај нас Меркел е системот!

 (август 2016)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано