Општество
ТЕРОРИСТИ И ЕКОНОМИСТИ
Тања Јакоби
Авторот е економски новинар од Белград, Србија
На купчето економска литература за поврзаноста на сиромаштијата, нивото на образование и наклонетоста кон учество во терористички напади, што сугерира спротивставени резултати, новата практика на Ал Каеда и на ИСИС додаде уште една загонетка – тероризам во кој секој може да биде терорист (англ. open source terorism).
Во документарецот за легендарниот автомобил де лореан ДМЦ-12, произведен во 1976 година, што деновиве се врти на Хистори ченл, важно место зазема податокот дека Владата на Британија, која го субвенционирала отворањето на фабриката, инсистирала таа да биде изградена на самата граница меѓу два завојувани фронта, католичкиот и протестанскиот, во предградието на Белфаст. Како што во филмот сведочат некои од тогашните работници, „политиката остануваше зад фабричките врати“, а отворањето на значаен број работни места придонесе за намалување на тензиите и посредно за намалување на наклонетоста на населението кон Ирската Републиканска Армија. Додека фановите на овој легендарен автомобил чекаат од фабриката во Тексас идната година да излезе негова нова верзија, политичарите, пред економистите, овој северноирски пример го цитираат како уште еден доказ во прилог на уверувањето дека економскиот просперитет претставува долгорочно решение за сузбивање на тероризмот.
Носителите на јавните политики имаат силни причини да поттикнат студирање на причините за тероризмот, вклучувајќи ги и неговите потенцијални економски корени.
Бројот на смртни случаи во светот како последица на терористички напади порасна од 3 329 во 2000 година на 32 685 лица во 2014 година, објави Институтот за економија и мир во ноември минатата година. Најголеми загуби на човечки животи, 78 % од вкупниот број, имаше во пет земји: Ирак, Нигерија, Авганистан, Пакистан и Сирија. За речиси 50 % од овие смртни исходи одговорни се сметаат Боко Харам и ИСИС. Терористички напади се забележани во 93 земји, од Франција до Австрија и Австралија, а извештаите за 2015 и 2016 година веројатно ќе бидат многу понеповолни.

Истражувањето на поврзаноста со тероризмот на социоекономското опкружување и предиспозициите на групациите или на индивидуата во рамките на едно општество не е нова област, но посебно во англоамериканската литература кулминираше по серијата терористички напади во САД на 11 септември 2001 година. Напоредно со порастот на бројот на студии на оваа тема, силно е устоличена и политичката доктрина од Буш до Колин Пауел, од Обама до Џон Кери, дека САД ќе се борат против сиромаштијата во земјите од кои се регрутираат терористи бидејќи се верува дека надежта за подобра иднина триумфира над склоноста кон насилство. Накусо, доколку луѓето своето време и ресурси можат да ги посветат на полагодни и за нивниот општествен статус поисплатливи занимања, тие ќе бидат помалку наклонети такво нешто да стават на коцка. Или, како што тоа уште во 2002 година го кажа американскиот претседател Бил Клинтон: „Морате да имате позитивна стратегија за да имате повеќе партнери и помалку терористи. Хари Труман и Џорџ Маршал искористија мал дел од нашите пари за да изградат свет кој има повеќе пријатели и подобри непријатели. Странската помош е национална безбедност, не е милостина. Маршаловиот план го разбираше тоа на овој начин и ние мораме да го направиме истото и денес.“
Маршаловиот план за Блискиот Исток е мантра што оттогаш константно се повторува и кога ќе се погледнат разорените земји во кои терористите ги регрутираат своите следбеници планот дејствува разбирлив сам по себе. Огорчените сиромашни луѓе кои немаат никакви можности за нормален живот и не можат да им обезбедат сигурна иднина на своите деца стануваат радикализирани и, ако покрај тоа се и со лошо образование, посебно се подготвени да станат бомбаши самоубијци. Верските маченици имаат и силен економски мотив за тоа бидејќи на своето семејство му обезбедуваат истакнато место во општеството, кое според нивната дотогашна положба на дното на скалата не би им припаѓало, а добиваат и доживотна финансиска потпора од заедницата.
Голем дел од економската литература му противречи на секој од потсегментите на оваа линија на размислување. Алан Б. Кругер и Јитка Малецкова, професори од Принстон и од Чарлсовиот универзитет во Прага, не се први, но се секако едни од највлијателните автори кои во 2002 година го изнесоа тврдењето дека помагањето на сиромашните и со војна разорени земји е напор што сам по себе е вреден за пофалба, но дека меѓу сиромаштијата, нивото на образование и тероризмот нема позначајна поврзаност. До тој заклучок дошле, меѓу другото, со проучување на биографиите на бомбашите самоубијци во редовите на Хезболах во Либан и на Хамас во Палестина, нивните семејства и оние што ги поддржувале: и едните и другите доаѓале од помалку сиромашни и подобро образовани слоеви на општеството. До слични резултати дошле и истражувачите на Ранд корпорацијата: „Лидерите на терористичките организации не доаѓаат од сиромашните слоеви, не се помалку образовани и немаат метални проблеми.“ Уште повеќе, во некои истражувања посебно се инсистира на речиси бизарниот податок дека околу 40 % од терористите се регрутираат од редовите на инженерите. Добро е познато дека некои од најистакнатите терористички водачи доаѓаат од исклучително богати семејства и се образовале на западните универзитети.
ПОСЛЕДНИТЕ ПРИМЕРИ НА ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАДИ ВО КОИ ГЛАВНИ АКТЕРИ БЕА ПОЕДИНЦИ КОИ НЕ СЕ ИНСТИТУЦИОНАЛНО ПОВРЗАНИ СО ИСЛАМИСТИЧКИТЕ ТЕРОРИСТИЧКИ ОРГАНИЗАЦИИ, ТУКУ ДЕЈСТВУВААТ САМОСТОЈНО, ПРЕТСТАВУВААТ УШТЕ ЕДНА НОВА ФАЗА – ТЕРОРИЗАМ ВО КОЈ СЕКОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ ТЕРОРИСТ.
ОВОЈ НАЈНОВ ПРЕСВРТ ВО РЕГРУТАЦИЈАТА НА ТЕРОРИСТИ ГИ СТАВА НЕ САМО ЕКОНОМИСТИТЕ ПРЕД УШТЕ ПОТЕЖОК ПРЕДИЗВИК МЕЃУ СЛУЧАЈНО ИЗБРАНИТЕ ТЕРОРИСТИ ДА ПРОНАЈДАТ ОБРАЗЕЦ ШТО БИ МОЖЕЛ ДА УКАЖЕ ДАЛИ ВООПШТО ИМА ЕКОНОМСКИ ПОЛИТИКИ ШТО БИ МОЖЕЛЕ ПРОАКТИВНО ДА ДЕЈСТВУВААТ ВО НАСОКА НА СУЗБИВАЊЕ НА ТЕРОРИЗМОТ
Економистите прават и разлика меѓу тоа дали терористите се регрутираат за да вршат терористички напади во рамките на заедниците кои ним им се познати или им се непознати. Оние првите можат да имаат пониско образование и животен стандард, додека учеството во меѓународен тероризам и повеќе чини, а и бара далеку поширок дијапазон на разновидни знаења и вештини. Сепак, и кога речиси сите овие економски компоненти ќе се земат предвид, и понатаму нивото на политички слободи и микроспецифичностите на земјата, како на пример силни етички поделби, според горецитираните автори претставуваат значително поважни фактори што ја одредуваат склоноста кон тероризам.
Овие и слични истражувања ја испитуваа директната врска меѓу растот на БДП и БДП по жител и склоноста кон учество во терористички акции, а потоа воведуваа различни варијабли како што е односот на економските фактори кон зачестеноста на теоризмот во земјите од кои доаѓаат терористите кон земјите од кои вршат операции или кон земјите во кои ги спроведуваат своите акции. Потоа е испитувана врската на економските фактори и меѓународниот и домицилниот тероризам и нелинеарните релации во однос на БДП. Карактеристиките на луѓето кои учествувале во терористички напади се споредени со просекот на остатокот од населението, според социоекономската положба и нивото на образование, типот и содржината на образование (образование во секуларни училишта наспроти медресите, на пример), а потоа и во рамките на различни групации, луѓе кои учествуваат во ненасилни протести, приврзаници на насилни акции и во рамките на самите терористички групи, меѓу раководството и непосредните извршители на нападите. Исто така се испитувани и економските мотиви на поединците, односно опортунитетните трошоци од занимавање со тероризам за луѓе со различна имотна и образовна состојба во рамките на различни пошироки општествени констелации, односно живот во земји што даваат повеќе или помалку можности за општествен и за економски просперитет.
Конечно, но не и на крај, испитуван е и односот на економските фактори и политичката ориентација на терористите, левичарските и десно ориентираните националистички групации и нивната еволуција.
Така, на пример, една студија од 1977 година покажа дека наспроти фактот дека терористите најчесто се регрутираат од средните и од повисоките слоеви на општеството, Ирската републиканска партија претставува исклучок во смисла на класната припадност и во смисла на образованието, додека шпанската ЕТА еволуираше од организација која ја поддржувале повисоките класи кон тоа да биде прегрната од работниците. Истовремено терористите со лева ориентација беа повеќе наклонети кон тоа да го минимизираат бројот на случајни жртви, што делумно го објаснува помалиот број на мртви во терористичките напади во некои поранешни периоди наспроти сегашниот растечки тренд на бројот на случајни жртви.
Секуларните левичарски терористички групи од 70-тите и 80-тите години на 20 век главно биле негативно настроени спрема богатите земји зашто според нивно мислење воделе неприфатлива надворешна политика (војна во Виетнам, поддршка на Израелците во борбата со Палестинците) или, ако станувало збор за анархисти и за комунисти, биле специјализирани за тероризам во сопствените земји и со падот на Берлинскиот ѕид главно исчезнаа или беа трајно потиснати.
Бројни денешни коментатори од страната на десницата пак сметаат дека насилниот ислам не е реакција на сиромаштијата, па ни на западната политика на Блискиот Исток, туку идеолошки предизвик за западната цивилизација и принципите што се засноваат на слободниот печат и на слободата на вероисповед. Економистите пак идеолошките мотиви ги сметаат главно за наивни или барем за мал дел од големата слика.
Валтер Ендерс и Гери А. Хувер, професори од универзитетите во Алабама и во Тексас, во Американ економик ривју во 2012 година ја изнесоа хипотезата дека нивото на сиромаштија има силно влијание на тероризмот во домицилната земја и мал, но значаен ефект на меѓународниот тероризам. Така, на пример, Сомалијците кои живеат во САД, а од кои 82 % живеат на работ или под нивото на сиромаштијата, според пописот од 2008 година ја претставуваат најбројната група американски граѓани кои заминуваат да се борат со групите џихадисти. Според податоците на Њујорк тајмс, граѓаните на Минесота, од кои многумина се Сомалијци кои се приклучуваат на Ал Шабаб, ја претставуваат најголемата група американски граѓани кои се приклучуваат на екстремистичкото движење тесно поврзано со Ал Каеда. Од објавувањето на овој Извештај се смета дека истите заедници се приклучуваат и во војната во Сирија.
Ал Каеда доведе под знак прашалник уште еден образец што претходно е востановен со економските истражувања. Имено, некои економисти сметаа дека терористичките организации имаат внатрешна поделба во која оние побогатите и со повисоко образование се лидери на движењето, додека релативно посиромашните во рамките на самата организација се перципирани за теренска работа. Причината поради која и теренците отскокнуваа од просекот на населението беше во тоа што терористичките организации можеа да ги бираат своите следбеници од големиот број луѓе кои сакаа да им се придружат. Меѓутоа, Ал Каеда, а особено ИСИС, воспоставија ниски стандарди за оние кои сакаа да им се придружат. Како што забележува Петер Нојман, директорот на Меѓународниот центар за проучување на политичкото насилство, Исламската Држава е значително помалку селективна од другите групи. „Мошне веројатно е дека ИСИС ќе ве прифати и ако доаѓате од Запад, не зборувате арапски, не сте особено добар борец и немате некои особени вештини.“
Накусо, различните економски фактори претставуваат некои од детерминантите што можат делумно да помогнат во разбирањето на природата на тероризмот. Природата на тероризмот, почнувајќи од тоа дека ни аналитичарите ни меѓународните организации и понатаму не можат да се договорат за самата дефиниција на поимот, а и околностите во кои живееме константно се менуваат, воведува нови фактори на конфликтот, на пример климатските промени се сметаат за важен фактор што во иднина ќе ја одредува природата на тероризмот. Оттаму и воспоставените економски законитости главно ги опишуваат претходните форми на тероризмот и законите што ги воделе на групен или на индивидуален план.
Последните примери на терористички напади во кои главни актери беа поединци кои не се институционално поврзани со исламистичките терористички организации, туку дејствуваат самостојно, претставуваат уште една нова фаза – тероризам во кој секој може да биде терорист.
Ал Каеда го иницираше овој тренд објавувајќи упатства за правење бомби и за методите за напад, поттикнувајќи ги така потенцијалните „маченици“ да дејствуваат во средини во кои имаат тешкотии да уфрлат борци кои се цврсто поврзани со нивната организација, а им се придружи и ИСИС.
Овој најнов пресврт во регрутацијата на терористи ги става не само економистите пред уште потежок предизвик меѓу случајно избраните терористи да пронајдат образец што би можел да укаже дали воопшто има економски политики што би можеле проактивно да дејствуваат во насока на сузбивање на тероризмот.
(септември 2016)