Интервјуа
МНОГУ Е ВАЖНО ВО РЕГИОНОТ ДА ЈА ЈАКНЕМЕ САМОДОВЕРБАТА
Мило Ѓукановиќ
Поранешен премиер и претседател на Црна Гора
Вие сте симбол на политиката на Црна Гора и на процесот на обновување на нејзината независност. Долга низа на години бевте на врвот на политиката како премиер или претседател на државата. Кој е вашиот денешниот ангажман?
М. Ѓукановиќ: Јас сум сега претседател на владејачката партија, Демократската партија на социјалистите. Тој мандат го обновив во 2015 година и не го пасивизирав својот ангажман во партијата. На крајот на 2016 година одлучив да се повлечам од позицијата на претседател на Владата, по седум мандати претседател на Влада и еден мандат претседател на државата, со желба да се релаксирам и себеси животот да си го направам поудобен, истовремено со уверение дека некои од најважните работи во нашата држава сме ги завршиле. Кога велам најважни ја имам на ум обновата на независноста и дека со обновата на независноста Црна Гора ја насочивме во посакуваната насока, а тоа е насоката на европските и на евроатлантските интеграции. Значи, во моментот кога се повлеков, по победата на парламентарните избори на 16 октомври 2016 година, Црна Гора е фактички членка на НАТО. На тој начин Црна Гора доби признание од клубот на 28 развиени земји од светот дека усвоила голем дел од евроатлантскиот систем на вредности, дека се квалификувала за тој престижен клуб. Исто така Црна Гора отвори 26 преговарачки поглавја со Европската Унија, а две привремено затвори. Мене ми се чини дека на тој начин еден важен циклус во развојот на нашата земја и општеството е заокружен и дека тоа ми дава право да можам после тоа да размислувам малку и за она што мене ќе ми биде најугодно. Како што реков, одлучив да ја напуштам извршната власт, да продолжам да се занимавам со политика од позиција на шеф на партијата, а дали кон сето тоа ќе има и некаков додаток на мојот ангажман сѐ уште размислувам. Ќе ве потсетам дека веќе двапати се повлекував од извршната власт. Првиот пат во 2006 година, вториот пат во 2010 година, обата пати на некој начин бев принуден да се вратам и да ги замрзнам бизнисите што сум ги проектирал. Дали ова сега ќе биде време во кое покрај партиската работа ќе им се посветам и на бизнисите, ќе размислам.
Кога ќе погледнете наназад на периодот од обновувањето на независноста на Црна Гора, па до денес, кои се според Вас клучните моменти на тој период. Требаше да се дефинираат односите со Србија, со Русија, со западниот свет.
М. Ѓукановиќ: Кога денес го согледувам она што го направивме во првата деценија на независноста можам да кажам дека сум задоволен од завршените клучни работи. Клучна работа беше на некој начин да се промени општествениот темел, историскиот темел на црногорското општество. Црногорското, како и останатите балкански општества, за жал, во текот на целата своја историја почивале на неевропски вредности. Значи, правејќи свртување и насочувајќи ја Црна Гора кон европскиот и евроатлантскиот систем на вредности ние всушност потврдивме дека знаевме зошто ја обновуваме независноста. Кога тоа го правевме во 2006 година многу често странските партнери нѐ прашуваа „па зошто тоа сега на почетокот на новиот милениум и 21 век“. Одговорот секогаш беше, „сакаме да ја преземеме одговорноста за својата иднина“. Сега покажавме дека тоа не беше само вербално, туку дека знаевме како ќе изгледа таа иднина.Успеавме во релативно краток рок, во првата деценија од животот на обновената независна држава, а тоа не е долг период во животот на една држава, да завршиме важна работа на поплочувањето на тој нов темел на црногорското општество, современиот темел на црногорското општество. Тоа не е наша оценка, тоа е оценка на нашите евроатлантски партнери кои ни рекоа добредојдовте во НАТО.
Втора работа со која, по мое мислење, успешно се занимававме е прашањето на економскиот развој на државата. Природно е, клучна државна цел на секоја сериозна и одговорна влада да биде унапредувањето на квалитетот на животот. Ќе ве потсетам дека тргнавме од незавидна позиција. Црна Гора беше меѓу најмалку развиените југословенски републики со високо ниво на субвенции од Сојузниот буџет за одржување на својата економија и социјалната стабилност. Денес, деценија подоцна, Црна Гора е најразвиената економија на Западниот Балкан. Нашиот остварен процент во однос на европскиот просек, мерено врз основа на БДП по жител по паритетот на куповна сила, е 42 %. Тоа ни случајно не е доволно и покажува уште колкав јаз треба да совладаме, но е подобро во однос на другите земји од регионот.
Значи, мислам дека овие две работи се солидно направени или солидно започнати во текот на претходната деценија. Црна Гора продолжува по тој пат, по мое уверување, без опасности дека веќе би можела да залута по некои традиционални балкански воневропски ќор-сокаци.
Во меѓувреме, како што напоменавте, вредно работевме на зацврстување на стабилноста, а внатрешната стабилност на нашето и на другите балкански општества е во голема мера зависна од квалитетот на односите што ги имате со соседите. Сакам денес со задоволство да кажам дека ги надминавме оние проблеми што ги имавме со Србија по повод нашата политика на обнова на независноста, дека го зацврстивме пријателството со сите други соседи и земји во регионот и дека Црна Гора денес претставува еден добар пример на регионална соработка.
ДЕНЕС ТУРИЗМОТ И УСЛУГИТЕ ПРЕТСТАВУВААТ ОКОЛУ 70 % ОД ЦРНОГОРСКИОТ БДП И ОНА ШТО Е ВАЖНО ДА СЕ ЗАБЕЛЕЖИ Е ДЕКА МОШНЕ ДИНАМИЧНО ГО МЕНУВАМЕ ТУРИСТИЧКИОТ ИМИЏ НА ЦРНА ГОРА. ДЕНЕС, БЛАГОДАРЕНИЕ НА НОВИТЕ РИЗОРТИ ШТО ИНТЕНЗИВНО СЕ ГРАДАТ, ЦРНА ГОРА СÈ ПОВЕЌЕ Е ПРЕПОЗНАЕНА КАКО КОНКУРЕНТНА ЕЛИТНА ЕВРОПСКА ТУРИСТИЧКА ДЕСТИНАЦИЈА

Како би го опишале предизвикот за успешно менаџирање на тој комплексен процес? Беше потребно да се биде доста храбар низ годините.
М. Ѓукановиќ: Ќе се согласам со Вас. Тие 25 години во кои јас се занимавав со државни работи би можеле да ги квалификувате на различни начини, но во секој случај не би можеле да ги квалификуваме како редовни години. Тие 25 години беа четврт век на вонредни ситуации во нашиот регион. Мислам дека во тој четврт век се собра еден цел нормален век. Се разбира, тоа носеше бројни искушенија, но носеше и шанси за забрзано созревање. Не само индивидуално, туку за забрзано созревање на општеството. Мислам дека во текот на тој четврт век црногорското општество многу се унапреди себеси. Ќе ве потсетам дека во 90-тите години на некој начин во Црна Гора беше и ерес да се зборува за своите национални интереси. Најпрвин, во Црна Гора беше силна идејата за југословенството, а ми се чини дека благодарение на тоа талкање од почетокот на 20 век, од 1918 година, па сѐ до тие 90-тите години на минатиот век, како општество, на некој начин ги потиснувавме, ги сузбивавме своите национални интереси, секогаш со чувство на потреба од припадност и приврзаност кон некои пошироки, не само југословенски интереси. Ја знаете таа црногорска специфичност врзана за српските интереси, за руските интереси, за пансловенски интереси итн. Мислам дека црногорското општество низ овие случувања низ кои поминавме во текот на изминатите четврт век јасно ги препозна своите национални интереси и јасно се фокусираше на нивно остварување. Затоа се и овие успеси. Без такво, би рекол, јасно самоосознавање не би било можно да се направат сепак сериозни исчекори на планот на еманципација на црногорското општество.
Како ја оценувате сегашната политичка ситуација и перспективата на Црна Гора?
М. Ѓукановиќ: Јас би рекол дека Црна Гора денес е стабилно општество кое забрзано се движи по патот на усвојување на европскиот систем на вредности и создавање претпоставки за европски квалитет на животот во нашата држава. И, како што Ви реков, поминавме некои клучни делници кои денес гарантираат дека црногорското општество веќе не може да заталка. Би рекол дека црногорското општество денес е мошне сигурно на патот на европскиот и на евроатлантскиот развој.
Вие сте економист по образование, бевте премиер. Каде ја гледате движечката сила за економски развој на Црна Гора? Каде се крие нејзината конкурентност, дали е тоа во најголем дел елитниот туризам или уште нешто друго?
М. Ѓукановиќ: Пред малку реков дека црногорската економија беше една од помалку развиените во Екс Југославија. Како и другите, бевме заробеници на тогашниот идеолошки модел, а тоа е модел на нападна индустријализација без многу уважување на она што се логични, природни ресурси на секоја од нашите земји и второ, бевме заробеници во однос на концептот на општествена сопственост и затворена економија. Црна Гора го промовираше концептот на отворена економија, особено по обновување на независноста, со силно потпирање на она што се наши ресурси и компаративни предности. Логично, тоа нѐ носи до приоритетноста на развојот на туризмот и на услугите. Денес туризмот и услугите претставуваат околу 70 % од црногорскиот БДП и она што е важно да се забележи е дека мошне динамично го менуваме туристичкиот имиџ на Црна Гора. Некогаш Црна Гора беше препознавана како дестинација на одмаралишта за работници од поранешна Југославија и евентуално од некое потесно опкружување. Денес, благодарение на новите ризорти што интензивно се градат, Црна Гора сѐ повеќе е препознаена како конкурентна елитна европска туристичка дестинација. Мислам дека тука е лоцирана главната развојна шанса на Црна Гора.
Кога е во прашање развојот на туризмот, тоа што ни овозможи во период од десет години да тргнеме во едно такво свртување е мошне, мошне динамичниот прилив на странски инвестиции. Тоа сакам посебно да го нагласам. Во последниве десет години економијата на Црна Гора растеше просечно годишно со стапка од 3,2 %. Тоа е мошне добро кога ќе се види каква беше економијата на опкружувањето, било регионално било европско. Тој раст во значајна мера е обезбедуван благодарение на импулсот од странските инвестиции, кои просечно годишно, во период од десет години, имаа учество од 19 % во БДП. Благодарение на тоа Црна Гора обезбеди забрзан раст, а треба да се има предвид лошата репутација на регионот по прашањето на стабилноста. Тоа зборува дека Црна Гора значително работела на создавање свест за сопствена, интерна стабилност, иако во овој регион таквата стабилност не претставува некој сигурен фактор, но многу работеше и на унапредување на бизнис-амбиентот. Мислам дека поволниот бизнис-амбиент нѐ квалификуваше кај странските инвеститори да ја одберат Црна Гора за инвестициска дестинација и да станат стратешки партнери во реализација на нашиот план за забрзан раст на економијата.

ВО ПОСЛЕДНИВЕ ДЕСЕТ ГОДИНИ ЕКОНОМИЈАТА НА ЦРНА ГОРА РАСТЕШЕ ПРОСЕЧНО ГОДИШНО СО СТАПКА ОД 3,2 %. ТОЈ РАСТ ВО ЗНАЧАЈНА МЕРА Е ОБЕЗБЕДУВАН БЛАГОДАРЕНИЕ НА ИМПУЛСОТ ОД СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ, КОИ ПРОСЕЧНО ГОДИШНО, ВО ПЕРИОД ОД ДЕСЕТ ГОДИНИ, ИМАА УЧЕСТВО ОД 19 % ВО БДП
Дали сметате дека тоа што Црна Гора е релативно мала земја е хендикеп или предност? Тоа е важно заради сличните земји во регионот.
М. Ѓукановиќ: Јас не би го сметал тоа ни за хендикеп ни за предност затоа што искуството на другите нѐ учи дека денес степенот на развој на земјите не зависи пресудно од големината или од бројноста на населението, па дури ни од ресурсите. Да ги погледнеме Сингапур, Хонг Конг, но и европските земји како Луксембург, Ирска, Швајцарија, Данска, Шведска, тоа се сѐ мали држави, но сите имаат достигнато БДП по жител од 50 илјади, па до 75 илјади долари. Тоа кажува дека во ова време е пресудно важен институционалниот систем . Доколку и малите држави се подготвени да развијат сигурен и ефикасен институционален систем кој ќе биде наклонет на бизнисот и кој ќе создаде услови и за инвеститорите и за претприемништво и за развој на малиот и средниот бизнис, тогаш тоа е стратешки фактор на конкурентноста на таа држава. И, мислам дека тоа е важна лекција за нас во овој регион бидејќи сите ние сме мали држави. Мораме да поработиме на уредување на институционалната рамка, на унапредување на деловниот амбиент и би морале многу попосветено и со повеќе иницијатива во нашите редови да работиме на прашањето на зацврстување на стабилноста. Мислам дека тука е важен фактор унапредувањето на стабилноста, развојот и квалитетот на животот во нашиот регион. Да го совладаме тоа чувство на инфериорност, тоа чувство што секогаш нѐ водеше кон очекувањето некој друг да повлече иницијативи во наше име, некој друг да ги решава нашите проблеми. Значи, денес би морале да бидеме свесни, повеќе од кога било досега, дека клучот за одговорноста за нашата иднина е во наши раце. Би морале да го совладаме нашето чувство на несигурност и да тргнеме во иницијативи кои ќе ја зацврстат стабилноста, а потоа преку оваа компаративна предност, унапредување на институционалната рамка, да создадеме услови за забрзан развој.
Да се свртиме сега кон нашиот регион. Ми се чини дека постои една перманентна латентна нестабилност. Зошто е тоа така? Според Вас, како сите заедно да излеземе од тоа?
М. Ѓукановиќ: Разни историски причини доведоа до заостанување на овој регион. Денес е факт дека регионот сериозно заостана и дека, за жал, е длабоко на воневропски колосек. Кога тоа ќе го погледнеме статистички, правев одредени симулации, ако погледнеме како растела економијата на регионот во текот на последната деценија и ако тоа темпо на раст продолжи, ако тоа го спoредиме со темпото на раст на Европа во последнава деценија кое беше значително пониско, конвергенцијата би нѐ довела до достигнување на Европската Унија во 2102 година. Значи, мошне депресивно. Многу неблагодарно за политичка афирмација на оние влади во регионот што го заговараат европскиот пат на развојот. Но, ова истовремено е и многу предупредувачки. Каде ја поминавме нашата историја и што правевме во текот на нашата историја? Мислам дека вкупната историја, и подалечна и нова, нѐ предупредува, дека во регионот сега немаме сигурни саморегулаторни механизми на нашата стабилност. И, не смееме да си дозволиме историјата толку фреквентно да ни се повторува.
Што е одговорот на тоа? Според мене, интеграција. Затоа сум безусловно за политика на целосна европска и евроатлантска интеграција на овој регион. Јас не сум апологет на Европската Унија и на НАТО. Ги гледам нивните слабости. Но, знам дека апсолутно многу полоша солуција е да се остане надвор од тие текови, да се остане балкански аутистичен на воневропски колосек. Значи, мислам дека со сите слабости на Европа и на НАТО треба да се земе нивниот систем на вредности како светилник што ќе нѐ води. И, се разбира, тој ќе нѐ води по патот на сериозни реформи што треба да ги направиме во нашите општества, реформи кои ќе бидат болни, но нема никаква дилема дека нема друг пат, нема пократка патека. Нѐ води желбата да не одат нашите луѓе да живеат во Данска и во Шведска, туку да останат овде и да го живеат животот со квалитетот на Данска и на Шведска.
За жал, Балканот низ историјата, а и денес, бил секогаш благодарен пазар за манипулации така што и денес кога Европа се најде во криза, кога се заострија односите на глобалната сцена, повторно на Балканот му се нуди лажна мамка. Му се нуди иднина надвор од европскиот систем на вредности. Мислам дека би било фатално да се направи уште еднаш таа грешка. Како што гледате, баш во Црна Гора, во последно време имаме сериозни проблеми затоа што сакаме да се спротивставиме на таа манипулација. Значи, ние мислиме дека наведувањето на Црна Гора и на Балканот дека треба да се откажат од европскиот систем на вредности всушност е тешка манипулација и голема опасност од ново губење време и понатамошно заостанување. Ние мислиме дека патот на интеграција е нешто што треба да обезбеди посигурна стабилност на регионот. И, преку реформи и одржливо користење на домашните ресурси, треба да обезбедиме максимално можно темпо на економски раст и на општествен развој.
ЈАС СУМ БЕЗУСЛОВНО ЗА ПОЛИТИКА НА ЦЕЛОСНА ЕВРОПСКА И ЕВРОАТЛАНТСКА ИНТЕГРАЦИЈА НА ОВОЈ РЕГИОН. ЈАС НЕ СУМ АПОЛОГЕТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА И НА НАТО. ГИ ГЛЕДАМ НИВНИТЕ СЛАБОСТИ. НО, ЗНАМ ДЕКА АПСОЛУТНО МНОГУ ПОЛОША СОЛУЦИЈА Е ДА СЕ ОСТАНЕ НАДВОР ОД ТИЕ ТЕКОВИ, ДА СЕ ОСТАНЕ БАЛКАНСКИ АУТИСТИЧЕН НА ВОНЕВРОПСКИ КОЛОСЕК
Како регионот да се поврзе повеќе и подобро економски? Како да преминеме од зборови на дела? Дали треба бизнис-заедницата да биде локомотива на тој процес?
М. Ѓукановиќ: Формулата на успехот мора да почива на еден стабилен троножец. Еден дел несомнено е бизнис заедницата. Kако дел од паметни национални политики треба да оставиме доволно простор за иницијативност на бизнис заедницата, бидејќи тие секогаш побрзо го наоѓаат патот на соработката, а преку соработката се доаѓа до поквалитетни резултати за сите. Втора карика е една доволно мудра и современа политика на националните влади во регионот кои ќе го препознаат императивот на европскиот курс на развојот и ќе ја препознаат одговорноста за унапредување на стабилноста и соработката во регионот. Значи, да се напушти инфериорната позиција дека некој друг треба да ги решава нашите проблеми. Не. Тој некој друг денес не постои и тој некој друг не ги знае нашите проблеми. И кога ќе се поврати неговиот авторитет, мислам на авторитети од поширокото, вонрегионално опкружување, и тогаш помалку ќе ги познава нашите проблеми и нашиот менталитет од нас самите.
И третиот елемент, мислам дека е важна силата на европската визија која, за жал, е поколебана. Јас денес неволно зборувам што е иднината на регионот бидејќи мислам дека клучно прашање е иднината на Европа. За таа иднина не треба да слушаме што мислат другите. Треба ние гласно да размислуваме. Ние сме Европјани, за Европа треба да зборуваме во прво лице множина. Значи, без обединета Европа, Европа губи конкурентност, сите сме губитници. Затоа велам дека денес визијата за обединета Европа е поколебана бидејќи вака јасни пораки денес нема да слушнете од повеќето европски адреси. Ако не заради друго, ќе слушнете „сега имаме избори во оваа или онаа земја, па не е добро за тоа да зборуваме“.
А што кажува тоа? Дека постои сомнеж во супериорноста на европското обединување, бидејќи мора да се тргне од масата кога се ближат избори. Значи не сме гоменаџирале добро прашањето, не сме го претставиле добро на нашите граѓани.Јас навистина мислам дека било да е збор за Македонија или Црна Гора, за Германија, без обединета Европа сите сме инфериорни на глобалната сцена. Затоа мислам дека Европа мора силно да ја промовира таа визија. Не мислам дека треба да ни гледа низ прсти. Не мислам дека е исправна политика, заради оваа или онаа причина, да нѐ пропушти да влеземе во Европската Унија пред да ги исполниме стандардите. Тоа не е услуга, тоа е контра услуга. Мислам дека треба да ги исполниме сите стандарди и да станеме дел од европскиот клуб кога за тоа ќе се квалификуваме. Но, не треба да се превиди, Европа мора да ја обнови и промовира визијата на обединување, што сега малку се слуша, и подеднакво така, Европа како локомотива мора да ја преземе одговорноста за стабилноста и развојот на европскиот континент. Ако еден дел на Европа, како што е Балканот, е нестабилен, нестабилна е Европа. Според мене, Европа, независно од тоа кога ние ќе станеме членки на Унијата, мора да направи многу повеќе на инфраструктурното поврзување на нашиот регион со развиената Европа. „Берлинскиот процес“ даде некаква надеж и некои назнаки во таа насока, но има многу заостанувања и тие поттикнувања од Европската Унија би морале да бидат многу побрзи, многу поиздашни, за да обезбедиме, пред сѐ, побрз инфраструктурен развој.
Не мислам дека било кој треба да ја работи нашата работа, но добра инфраструктурна врска во областа на сообраќајот, енергетиката, и во други области, е нешто што би бил можеби најважниот импулс за забрзан економски развој на овој регион.
ЗОШТО СЕ НАШИТЕ ЕКОНОМИИ ДЕНЕС НЕРАЗВИЕНИ? ВО ДОБРА МЕРА ЗАРАДИ ОТСУСТВОТО НА ПРЕТПРИЕМАЧКИ ДУХ, ОТСУСТВОТО НА ПРЕТПРИЕМАЧКИ ЗНАЕЊА. ЧИТАЈТЕ МЕЃУ РЕДОВИ, ЗНАЧИ ОТСУСТВО НА САМОДОВЕРБА КАЈ ЛУЃЕТО ДЕКА МОЖАТ СВОИТЕ ПРОБЛЕМИ ДА ГИ РЕШАВААТ САМИ. ТОЈ ДУХ МОРАМЕ ДА ГО РАЗБУДИМЕ И МОРАМЕ ДА ГИ ОХРАБРИМЕ ЛУЃЕТО ДЕКА ТИЕ НЕ СЕ ИНФЕРИОРНИ НИТУ ПОМАЛКУ ПАМЕТНИ НИТУ МОРААТ ДА БИДАТ ПОМАЛКУ ОБРАЗОВАНИ ОД ОНИЕ ВО ЛУКСЕМБУРГ, ДАНСКА, ШВЕДСКА ИЛИ ШВАЈЦАРИЈА. ОВДЕ ЖИВЕАТ ЕВРОПЈАНИ, ЛУЃЕ СО ОДЛИЧНИ ПРЕДИСПОЗИЦИИ, КОИ МОРААТ ДА ЗАПОЧНАТ ДА ВЕРУВААТ ВО СЕБЕ ПОВЕЌЕ ОДОШТО ДОСЕГА ВЕРУВАА, МОРААТ ДА ЗАПОЧНУВААТ БИЗНИСИ И НА ТОЈ НАЧИН ДА СИ ПОМАГААТ СЕБЕСИ, НА СВОИТЕ СЕМЕЈСТВА И ДРЖАВИ
Историјата покажува дека имавте непогрешлив инстинкт за избор на победничката страна и способност за преживување во неповолно опкружување. Во што е тајната, тоа се учи или човек се раѓа со тоа? Која е Вашата порака до новите генерации политичари од нашиот поширок регион?
М. Ѓукановиќ: Мислам дека е клучно да се биде реален во согледувањето на фактите и на процесите што се случуваат. И, потребно е да се има висок степен на верба во идејата што ја застапувате и во својата способност да ја остварите. Деведесеттите години, кога започнав да се занимавам со државна политика, беа многу бурни години. Јас во 1991 година првпат станав премиер, а тоа беше времето на распадот на Бивша Југославија. Можеби некои лоши проценки во тој момент беа пред сѐ покренати од тоа дека повеќе ме воделе емоциите и желбата за сочувување на Југославија одошто согледување на реалноста на процесот со онаа мудрост што како 29-годишен не можев да ја имам. Денес, кога гледам на тие работи, а тоа е дека сѐ е всушност започнато со завршувањето на Студената војна, рушењето на Берлинскиот ѕид, и дека со нив започнале процесите, и дека не сме можеле да се спротивставиме и со најпозитивните југословенски емоции, денес тоа поприлично ги објективизира причините поради кои можеби и во државната политика на Црна Гора во првите деведесетти години не се снајдовме.
Меѓутоа, брзиот развој на настаните направи да ги препознаеме длабочината и силата на процесите кои се покренаа. Од тогаш, од раните деведесетти тргна процесот што заврши во 2006 година со обнова на независноста и враќање на Црна Гора кон самата себеси, јасно дефинирање на националните интереси и силна посветеност кон нив.
Второ, како што реков, мошне е важно да верувате во својата идеја и во својата сила таа идеја да ја остварите. Можеби тоа е дел од објаснувањето зошто толку долго се одржав на власт, зошто Црна Гора оствари одредени цели што ги посакуваше и ги оствари на начин што е респектибилен, начин што секако е преседан во однос на она што е балканска практика. Не е баш вообичаенабалканска практика на Балканот да настануваат нови држави на мирен начин, да настануваат демократски со потег на перото, а не со пушка. Мислам дека беше многу важно да се верува во својата идеја дека е можно тоа да се направи, дека ние не сме инфериорни во однос на другите европски народи, дека е можно и да се преземе одговорноста за својата иднина и да се направат првите важни исчекори на патот на таа иднина. Затоа е многу важно тој дух на самодоверба да го засилуваме во регионот. Важно е како луѓе што носат одлуки да сфатиме дека одлуките за нас овде мораме ние да ги смислиме и да ги донесеме. И подеднакво е важно тој дух да го будиме кај секој наш граѓанин.
Зошто се нашите економии денес неразвиени? Во добра мера заради отсуството на претприемачки дух, отсуството на претприемачки знаења. Читајте меѓу редови, значи отсуство на самодоверба кај луѓето дека можат своите проблеми да ги решаваат сами. Тој дух мораме да го разбудиме и мораме да ги охрабриме луѓето дека тие не се инфериорни ниту помалку паметни ниту мораат да бидат помалку образовани од оние во Луксембург, Данска, Шведска или Швајцарија. Овде живеат европјани, луѓе со одлични предиспозиции, кои мораат да започнат да веруваат во себе повеќе одошто досега веруваа, мораат да започнуваат бизниси и на тој начин да си помагаат себеси, на своите семејства и држави.
Долго време сте во политиката. Дали имавте политички идол?
М. Ѓукановиќ: Не, дефинитивно не. Читав за бројни значајни луѓе во подалечната и поновата политичка историја, ги препознавав квалитетите и недостатоците на оваа или на онаа политика, но морам да кажам дека немам некој пример кој би ме водел. Се обидував на еден прагматичен начин да согледувам што е тоа што е специфичност на Црна Гора, специфичност на регионот во кој живееме и кои специфични формули би помогнале да ги оствариме нашите цели.
Сега малку и нешто лично. Што е она што најмногу го релаксира Мило Ѓукановиќ во слободното време?
М. Ѓукановиќ: Кругот на пријателите со кои секојдневно поминувам време, па дури и кога сум најзафатен. Тоа е кругот пријатели со кои сакам и да одиграм неколку партии баскет, да одам во добар ресторан или добра кафеана и после напорна работа, во тој амбиент, значи во спортска сала или на некое друго место, опкружен со пријатели, себеси да си го обезбедам неопходниот баланс за да можам успешно да го започнам наредниот работен ден.
Ви благодарам за интервјуто.
Зоран Јовановски