Општество
СУПЕР КУЛТУРЕН БРЕНД
Роберт Алаѓозовски
Авторот е книжевен критичар и докторант по културен менаџмент
Кон книжевното творештво на отец Методиј Златанов
Непосреден повод за овој текст е излегувањето и промоцијата на најновата поетска збирка на отец Методиј Златанов, Тенебрае. Промоцијата се одржа на 1 ноември во кафе-книжарницата Три пред триесеттина најблиски почитувачи на творештвото на Златанов. Најавена како скромна, таа навистина беше скромна. Отецот кој е великодостојник на Македонската православна црква, митрополит американско-канадски, со целото свое битие му припаѓа на идеалот на скромноста. Но, како врвен творец и величина на македонската духовност и култура тој заслужува менаџерско внимание кое е многу повеќе од скромно. Овде не мислам само на (не)можноста на неговиот издавач да направи врвен настан од секое негово појавување во јавноста (кое патем речено е ретко). Мислам дека државната стратегија за култура, па и за промоција на земјата како „лулка на културата (и духовнооста)“ мора многу повеќе почит и внимание да посвети на творештвото на реткиот владика. Не се сомневам дека владиката би одбил секакво евтино мешетарење со неговото творештво и духовна доблест. Но, токму едно умешно менаџирање каде што скромноста е врвната доблест може да создаде успешен бренд во најпозитивната смисла на зборот. Повторно ќе нагласам: ретки се споевите на луѓе кои се врвни и во духовните (верските) и во уметничките дострели. Многумина теоретичари на културниот менаџмент се против брендирањето на земјите, на културите и на нациите (како Драган Клаиќ, Франко Бјанкини, Милена Драгичевиќ Шешиќ). Но, од друга страна голема и сè подоминантна е струјата која се залага за развој на креативната економија, на културните и на креативните индустрии, а во тие рамки легитимна е и категоријата на бренд менаџментот. Од друга страна, едно од трите доминантни разбирања на културата во Европската Унија, а и во Унеско, е од аспект на културната дипломатија. Практикувањето на културата за развој на билатералните и на мултилатералните односи меѓу земјите е начин за приближување на културите, па дури и на смирување на конфликтностите. Историски пример на брендирање на културните величини и нивно користење од аспект на културната дипломатија е Словенија. Во екот на своето осамостојување Словенија го искористи уметничкото движење НСК, особено уметничката група Ирвин и музичкиот бенд Лајбах да го одбрани својот државен легитимитет преку развиеноста на нејзината култура. Земја која има врвни уметнички имиња заслужува да биде полноправна членка на европското семејство на народи. Словенија ги искористи не само Ирвин и Лајбах, туку и неколку врвни теоретичари: Славој Жижек, Светлана Слапшак, Марина Гржиниќ. Ситуацијата беше дури и парадоксална. Теоретичарите и уметниците ја негуваа хиперкритичката култура, беа критични и кон својата земја, а земјата ги користеше за своја промоција.
Го споменувам примерот на Словенија затоа што се работи за блиска до нас земја. А секако и примерите се контроверзни, секој на свој начин. Ако е тешко да се стави во некакви бренд рамки дејствувањето на Славој Жижек, тогаш тешко е да се смести и владиката Златанов. Но, на Словенците тоа им успеа.
А на Македонија ѝ треба брендирање, особено поради дводецениските конфликти и оспорувања од надвор, а сега и по долгогодишната внатрешна криза. Процесот на разрешување на конфликтноста може да се одвива паралелно со брендирањето на земјата преку успешни уметнички кариери и харизматични личности. Дури тоа може и да ѝ даде дипломатски аргумент плус на нашата политичка борба и профилирање. Затоа сметам дека творештвото на Методи Златанов, музиката на Златко Ориѓански, на бендот Мизар, драмското творештво на Дејан Дуковски, режијата на Слободан Унковски, треба да станат основа за брендирањето и за легитимирањето на македонската култура како спој, но и иновативна, дури и конфликтна врска меѓу традиционалните корени и мотиви и современиот израз. Со изборот на една прва лига од вакви имиња, Македонија ќе докаже дека има и корени и антени истовремено, а тоа се одлични претпоставки за глобален културен натпревар.
Мајстор на најтешките форми
Методиј Златанов не само што во духовно-житејскиот пат се нафатил на најтешките форми, да живее монашки и да ја извршува владичката работа, тој и во поезијата се фаќа во костец со најделикатните, речиси неспоиви жанрови, односно неговите поетски збирки стануваат комплицирани, повеќеслојни дела, и графички и поетски преплети. Отец Методиј во македонската литература има антологиско место како поет на т.н. визуелна поезија, во која рамноправно со текстот и со визуелноста, калиграматските, криптограмските и калиграфските решенија рамноправно учествуваат во создавањето на симболно-значенскиот код на писмото. Тоа се типографски облици кои упатуваат на христијанската симболика, но честопати визуелниот елемент е потполн експресивен и импровизиран и функционира како алегорија на концептот, чии комуникациски моќи зависат исклучиво од рецептивните моќи на читателот. Со овој приод кај читателот се создава колебање, изместување од вообичаените начини на кој тој ја прима целокупната реалност, целокупниот космос и му се сугерира дека постојат повеќе планови на изразност, но и на восприемање на битието.
Во некои од неговите книги, тој кон оваа повеќеслојност додава и музиколошки елементи, неговите лирско-графички записи можат да се читаат и како ноти. Тој се занимава за тешките, а веќе заборавени црковно-литургиски жанрови како реквиемот, ораториумите, химните или тенебрае молитвите. Во поетскиот циклус Ordo oratio appendicis се создадени низа химни посветени на Бога, во цитатна оска со Откровението на свети Јован Богослов од Светото Писмо. Авторот востановува уверлив ретро пастиш базиран на цитатни стихови од Откровението како пример на македонската пофалбена поезија од овој век.
Митрополит Златанов, во збирката Double tree requiem се држи до главните структурни елементи на реквиемот со тоа што во неколку моменти значително ја проширува вообичаената структура. Златанов значајно ја шири базата на латинската теологија и латинизираната западна култура од која потекнува реквиемот како современ жанр. Освен најкористените латински извори, во ова дело дадени како цитати, Златанов вметнува и православни тропари, како и свои стихови во неговиот карактеристичен поетски стил во кој неговиот распеан, задуман, редуциран, гномичен поетски исказ е целосно натопен со православната духовна традиција (од ниво на лексика, кованици, архаизми до употребата на симболи и поими).
Во други свои дела (Мeтоди Златанов е не само длабок туку и плоден автор, поетски збирки објавува речиси еднаш годишно) тој ја напушта барокната полифоничност на формата, но затоа пак се обидува да го спои неспоивото на пример зен будизмот и она што отецот го интересира е местото каде што можат двете духовни традиции ‒ онаа на христијанското православие и онаа на зен-будизмот ‒ да се спојат. Точки на допир има неколку. И православието и зенот се Исток во однос на западноцентричната духовна топографија. Во изворната форма хаикуто е плод на зен-будизмот чија врвна животна форма, како и кај православното христијанство, е монаштвото. Отец Методиј е монах и она што му е заедничко со зен-монасите е: сиромаштија, девственост, едноставност, „слугување“ во духовна смисла, просветлувањето. И зенот и православието се заинтересирани за тварта, за материјалноста, за природата во една исконска смисла: преку конкретноста, преку животот, преку минливоста, зенот доаѓа до врвното боженско, до сатори. Божественото престојува во сите животни форми, меѓу нив нема хиерархија, и затоа дури и најефемерната од нив може да доведе до согледување на боженското. Во православната традиција, пак, сите животни форми, сиот живот сведочи за Бог, сиот живот, сета твар го слави Него, и Тој е во сѐ. Затоа може со појавното, со мигот, со минливото, да се стапи во литургија. Во таа смисла сликовноста на отец Методиј и хаикуто се во полна согласност.
Методи Златанов ја започна својата предмонашка поетска кариера како автор на неодадаистичка поезија. Тој својот интерес кон дадаизмот го одржа во текот на сите монашки години. Пред неколку години имаше неодадаистички перформанс, заедно токму со споменатата словенечка група Ирвин, во славното Кабаре Волтер во Цирих. (И тоа беше настан од кое повторно Ирвин профитираше, а Македонија немаше промотивен капацитет да го искористи и за себе). Тие направија повторна изведба на изворниот дада перформанс на Хуго Бал од 1916 година. Учеството на владиката Златанов ѝ додаде многу компаративно-контрастивни слоеви на оваа праизведба. Во поетската збирка Осмогласница, Златанов му посветува молитви на Хуго Бал и ги открива трагите на ранохристијанскиот мистик Дионисиј Аеропагит во инспирацијата на дадаистите.
Златанов беше единствениот, кој во рамките на скромната промоција на Тенебрае, ја одбележа и стогодишнината од дадаизмот, поставувајќи и сопствена изложба на дадаистичкиот циклус „ЕКС: ТЕМПОРЕ 002“.
Во уметничка смисла неколку години не претставуваат далечно минато. Некоја умна културна политика наместо да троши огромни пари на гостување странски (остарени) ѕвезди може да им овозможи средства и услови за работа на македонските уметници за творештвото на Златанов. И другите од таа класа.