Интервјуа

ЛУЃЕТО СЕ ТИЕ ШТО ГИ ПРАВАТ НЕШТАТА РАЗЛИЧНИ

Лиза Поповска

Лиза Поповска е позната личност во светот на финансиите во Република Македонија. Повеќе од дваесет години од кариерата ги помина во Пивара Скопје, вклучително и на високи менаџерски позиции. Потоа во рамките на Кока-Кола корпорацијата, во Загреб, како финансиски директор две години раководеше со тим што ги покриваше Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Сега е генерален менаџер на групацијата Секjуриком во Скопје. Со неа разговараме за менаџерските и лидерските вештини, за елементите во развојот на успешните менаџери, за важноста од создавањето добар тим соработници. Лиза е врвен професионалец која покажува што значи да се биде предводник со својот пример (to lead by example).

 

Долги години од Вашата професионална кариера поминавте во Пивара Скопје, и додека беше македонска компанија, а и како дел од голема меѓународна групација. Што би издвоиле од тој период?

Л. Поповска: Јас растев и се развивав заедно со развојот на Пивара, тоа беа навистина убави 24 години. Работењето во Пивара вклучуваше многу пасија, емоции и затоа ако се сеќавате на името пиварци, тоа се луѓе кои најголемиот дел од своето професионално и приватно време го посветуваа во фабриката, ние сите заедно низ годините го живеевме пиварскиот сон, на голем дел од нас тоа ни беше истовремено и прво работно искуство.
Пивара е уникатна компанија во Европа каде што вработените работат истовремено за две големи корпорации, што е навистина интересно искуство.
Во текот на мојата кариера во Пивара Скопје ја имав можноста за постојана професионална надградба, во тој период ги завршив постдипломските студии во Бледското бизнис училиште, работев постојано на раст и на развој на младите луѓе, формирање млади тимови. Јас го застапувам размислувањето дека само луѓето се тие кои ги прават нештата различни, кои им ja даваат смислата на производот и на бизнисот.
Тимската работа, заедно со ноу хау (know-how) од двете корпорации, честата комуникација за регионалните движења во бизнисот, пристапот до најдобрите бизнис-пракси во различни земји од Европа, ми овозможија да се фокусирам на нови иновативни идеи, нестандардни размислувања (out of the box) неопходни за гледање на бизнисот како целина од друга перспектива.

Изминативе неколку години ги поминавте во Загреб каде што во рамките на компанијата Кока-Кола бевте финансиски директор за три земји, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Тоа е убаво признание, но и професионална можност за некој кој доаѓа од Македонија. Како гледате Вие на тоа?

Л. Поповска: Кога се работи на проширување на хоризонтите и можностите од регионален аспект тогаш се отвараат и нови патишта. Така јас во 2014 година летото ја добив понудата да работам за регионот АДРИЈА, да бидам финансиски директор за Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, и истовремено да го интегрирам финансискиот тим на ниво на регионот Адрија.
Тоа беше многу интересно искуство, работа со три различни националности, преубав спој на луѓе со различни размислувања, сѐ со идеја да се развие еден тим кој ќе биде одговорен за сите три земји. Тогаш се навикнав да работам на далечина, скајп состаноци, да развивам луѓе преку видеоконференции да се внесувам и да ја проучувам макроекономијата и регулативата на сите три земји кои имаат истовремено и три различни валути. Искуство кое навистина треба да се доживее. Успехот кој го постигнавме од аспект на резултатите за само две години беше неверојатен, интегрирањето на тимот, нашите незаборавни тимски дружења во Блед, во Задар, на Јахорина ќе останат секогаш како посебни сеќавања.
Да се ценат и да се почитуваат луѓето со кои се работи, работата да не претставува обврска, туку задоволство, примена на нови техники на менаџмент, сето тоа ја прави личноста од каде и да е добредојдена, подобра и поприфатлива за останатите.


ДА СЕ ЦЕНАТ И ДА СЕ ПОЧИТУВААТ ЛУЃЕТО СО КОИ СЕ РАБОТИ, РАБОТАТА ДА НЕ ПРЕТСТАВУВА ОБВРСКА, ТУКУ ЗАДОВОЛСТВО, ПРИМЕНА НА НОВИ ТЕХНИКИ НА МЕНАЏЕМЕНТ, СЕТО ТОА ЈА ПРАВИ ЛИЧНОСТА ОД КАДЕ И ДА Е ДОБРЕДОЈДЕНА, ПОДОБРА И ПОПРИФАТЛИВА ЗА ОСТАНАТИТЕ

Какво беше искуството од ваквата регионална професионална изложеност?

Л. Поповска: Искуството беше навистина за паметење. Отвореноста, љубезноста и добрината на луѓето кои ги среќавав патувајќи по земјите е нешто што ме плени.
Воспоставување многу интересни бизнис и приватни пријателства од регионот, продолжување на моето ротаријанско служење и во Загреб, клубот Загреб центар, размена на искуствата и размислувања се нешто кое го прави човека побогат во мислите, во отвореноста за многу нови доживувања, за интересни разговори или дискусии, како може работите да бидат поедноставни или различни, како до поиновативни размислувања. Тоа е нешто што би му го препорачала секому, да може да го доживее, но не како обврска, туку како задоволство. Отвореноста за нови искуства секогаш билa дел од мене, тоа е детската љубопитност во мене која секогаш ме носела кон нови предизвици.

Врз кој сегмент на менаџерските капацитети на еден професионалец најмногу влијаат ангажманите во регионот?

Л. Поповска: По многу години работно искуство во интернационална компанија, менаџерските вештини се дел од нормалното бизнис-секојдневие, менаџирање со луѓе, состаноци, консензус при носење одлуки, оценка на ризикот, носење брзи одлуки, делегирање работа на вработените итн.
Но, кога се работи за три земји, освен менаџерски вештини, потребно е високо ниво на лидерски вештини. Лидерството најпрвин значи да се биде предводник со сопствениот пример (lead by example) – примерот за работа го дава лидерот, давање слобода на вработениот при носење одлуки, делегирање, охрабрување, внимателно слушање што имаат колегите да кажат или да предложат, тимско носење одлуки, креирање своја достапност на сите во секое време, поддршка и помош наместо контрола, креирање позитивна работна атмосфера и изнаоѓање начин и скајп состаноците да бидат подеднакво интересни како и состаноците во живо.
Сите сме свесни дека менаџерството и лидерството се две различни работи, но кога има единствен спој тогаш и вработените и бизнисот го добиваат максимумот.
Јас би сакала да споделам со вас една мисла за лидерството, која мене ми е омилена.
„Лидерството е да ги направиш луѓето околу себе со подобри вештини при работењето, како резултат на постојано присуство и поддршка, и да си сигурен дека ефектот од тоа функционира и во твое отсуство“ – Шерил Сендберг Главен оперативен директор (Sheril Sandberg COO) на Фејсбук.

СЕКОЈА ПРОМЕНА ВО ПРОФЕСИОНАЛНИОТ ЖИВОТ ОТВОРА НОВИ ВИДИЦИ ЗА ВОДЕЊЕ И ЗА РАЗВИВАЊЕ ЕДЕН СОСЕМА ДРУГ ПОДЕДНАКВО ИНТЕРЕСЕН БИЗНИС. КАКО ШТО СЕ ВЕЛИ „АКО НЕ СЕ ПРОБА И НЕ СЕ ПРОБААТ НОВИ МОЖНОСТИ, НИКОГАШ НЕМА ДА ЗНАЕМЕ НА КОЕ НИВО Е НАШИОТ ВИСТИНСКИ ПОТЕНЦИЈАЛ“

Имавте можност да напредувате понатаму во рамките на Кока-Кола компанијата, но по работењето во Загреб одлучивте да се вратите во Скопје. Што влијаеше за ваквата одлука?

Л. Поповска: По 26 години работно искуство во компанијата не беше лесно да се донесе одлука. Но, некогаш е сѐ право на избор, со годините приоритетите се менуваат, одржување на здравјето и семејството кое не беше со мене во Загреб беа главните причини за враќањето во Скопје. Искрено, многу сум среќна поради тоа, што сум дома и сум повторно дел од мојот град, каде што е моето блиско семејство и пријателите, и ми стануваат сѐ поважни нашите заеднички видувања, што ми претставува особено задоволство и среќа. За мене секогаш работата претставувала задоволство, но во одреден дел од животот стануваат поважни други приоритети кои се многу едноставни, но го прават животот поубав и посреќен.

Сега сте генерален менаџер во АПС, Секјуриком мултисервис и Секјуриком сервис. Кажете ни нешто повеќе за профилот на компанијата.

Л. Поповска: Од почетокот на оваа година сум генерален менаџер на АПС, Секјуриком мултисервис и Секјуриком сервис, тоа е австриска компанија за услуги поврзани со обезбедување, со инвестициско одржување и хигиена. Секоја промена во бизнисот е интересна, носи нови предизвици и многу интересни комуникации.
Отсекогаш сум била отворена за нови можности и за несекојдневни предизвици, различниот профил на бизнисот дава нова енергија, различни идеи за подобрување, воведување иновации од различни аспекти кои ќе му дадат нова сила на овој бизнис.
Секоја промена во професионалниот живот отвора нови видици за водење и за развивање еден сосема друг подеднакво интересен бизнис.
Како што се вели „ако не се проба и не се пробаат нови можности, никогаш нема да знаеме на кое ниво е нашиот вистински потенцијал“.

Што покажуваат првите резултати од новата работа?

Л. Поповска: Првиот месец беше главно насочен кон запознавање со вработените, со бизнисот и имајќи на ум дека сум финансиер се направи детална анализа на бизнисот, заедно со создавање стратегија за наредните 2 години и акционен план по месеци за раст и развој во првата година. Тимот кој е етаблиран се состои од млади и истовремено искусни луѓе од компанијата, сите заедно веќе работиме кон структурно организирање на работата, поставување на месечни и на квартални цели кои е можно да се реализираат само со истовремен развој на отворени размислувања и транспарентност при работењето, лидерските вештини и тимскиот дух.
Светот се движи сѐ повеќе кон изнајмување услуги од секаков вид за компаниите да можат да се фокусираат на нивниот основен бизнис и да имаат доволно време и ефикасност да го развиваат него.
Нашата визија е да станеме интегрален дел од бизнисот на секоја компанија нудејќи им на компаниите едноставност, проактивност и совршен сервис.
Воедно нашиот план е да водиме континуирана грижа за нашите вработени со користење најнови технологии, континурано користење на ноу хау (know-how) преку многубројни тренинзи од австриски експерти за да креираме дополнителни вредности за нашите клиенти.
Целта е да ги подигнеме критериумите во бизнисот каде што сме пазарен лидер, истовремено водејќи грижа за нашите клиенти и вработени.

Техничкото знаење во определена област е неопходен елемент за успешна професионална кариера. Но, дали е тоа доволно? Кои други вредности се исто така важни?

Л. Поповска: Техничкото знаење во последниве две години во модерниот менаџмент не се споменува многу, тоа е нешто што секако секој треба да го поседува како минимум знаење за да може да развива кариера, но треба да се поседуваат уште многу други карактеристики, меки вештини на комуникација, менаџерски и лидерски вештини и секако треба да се има ментален склоп кој размислува на долг рок и креира раст и развој.
Уште еден важен сегмент е делот на вредностите кои ги поседуваме, кои нѐ прават различни од другите, колку сме хумани, лојални, колку им даваме помош и поддршка на колегите и сите останати луѓе околу нас, колку сме отворени кон новитети и промени, колку придонесуваме и на кој начин во заедницата каде што живееме, нивото на интегритет кое го поседуваме, сето тоа нѐ прави подобри и похумани луѓе кои со леснотија ги движат не само бизнисите туку и шират доверба и позитивна енергија околу себе.
Иднината им припаѓа на тие кои поседуваат многу различни вештини и ги комбинираат нив на креативен начин, креативноста е таа која нѐ разликува од другите.


ДОБРИНАТА, ХУМАНОСТА, ПОМОШТА И ПОДДРШКАТА СЕ ОСОБИНИ КОИ ЈАС МНОГУ ГИ ПОЧИТУВАМ КАЈ ЛУЃЕТО И СМЕТАМ ДЕКА СЕКОЈ ОД НАС ТРЕБА ШТО ПОВЕЌЕ ДА ГО ШИРИ ТОА ОКОЛУ СЕБЕ. БИДЕЈЌИ ДОБРИТЕ ЛУЃЕ ВИ ДАВААТ СРЕЌА, ОД ЛОШИТЕ ЌЕ СЕ ЗДОБИЕТЕ СО НЕКАКВО ИСКУСТВО, НАЈЛОШИТЕ ВИ ДАВААТ ЛЕКЦИЈА, А СЕКАКО НАЈДОБРИТЕ ЛУЃЕ ЗАСЕКОГАШ ОСТАНУВААТ ВО ВАШИТЕ СЕЌАВАЊА

Се менува ли со текот на времето перцепцијата на менаџерот за тоа колку е важен развојот на тимот со кој се соработува, за потребата и користа од споделување на знаењата и на професионалното искуство?

Л. Поповска: Секако дека со искуството и со континуираната едукација постои професионална еволуција на повеќе полиња кај искусните лидери. На одредено ниво на професионален развој се јавува потреба не само од пренесување знаење на тимот туку и постојан коучинг (coaching) кој ќе влијае на ефективноста и на знаењето на младите, водејќи ги кон размислувања за нови идеи, како до подобар професионален и работен баланс, како до поголем ентузијазам. Менторингот е исто една важна вештина за развој на тимот кој, во голема мера, ги насочува кон нови идејни решенија и размислувања, кои ќе им донесат повеќе радост во сето она што го создаваат секојдневно.
Жените лидери ја имаат таа посебна емотивна нишка која им дава енергија и храброст на вработените и на младите луѓе дека сѐ е можно – небото е лимит (sky is the limit), доколку се вложи труд, дека не постојат бариери ако се размислува отворено и без предрасуди, нашите идеи и размислувања се тие кои ги движат работите, но тоа е сѐ можно ако се функционира како еден тим со една цел.
Отсекогаш Ганди ми бил светски лидер за пример – „Биди секогаш промената која сакаш да ја видиш во светот, ние мораме вистински да ги живееме промените за да бидат дел од нашиот живот, инаку тие остануваат само на зборови“.

Во бизнис-круговите се јавуваат нови трендови како што се самосвесност и благодарност. Што ќе кажете за овие трендови?

Л. Поповска: Во последниве 1 – 2 години е познат трендот за самосвесност кој е важен дел во развојот на успешните менаџери. Самосвесноста е начин со кој се постигнува објективно размислување за да може да се даде поддршка на самостојното дејствување и ефективното носење одлуки со што се заштитуваме од стрес.
Кога ќе седнеме да земеме здив и ќе се посветиме на самосвесноста, посебно кога тоа го правиме заедно со останатите кои го практикуваат истото тоа, постои можност и потенцијал да се менуваме. Овие работи се само почеток на приказната. Научниците велат дека практицирањето на самосвесноста позитивно влијае на деловите на мозокот кои се поврзани со перцепцијата, свесноста за телото, толеранцијата на болка, регулирањето на емоциите, самозабележувањето (интроспекција), комплексното размислување и чувството за себе.
Паралелно со самосвесноста се развива и зголеменото чувство за благодарност. Благодарност за денот кој ни е даден да го живееме како подарок денес, само треба да се отвориме и да погледнеме околу себе во конинутет, денес е денот кој треба да се живее и да се ужива, треба постојано да бидеме отворени кон различни луѓе, да го отвориме срцето и да ги импресионираме луѓето околу нас со насмевка, со допир или со наше присуство.

За крај на ова интервју, која би била Вашата порака кон читателите.

Л. Поповска: Добрината, хуманоста, помошта и поддршката се особини кои јас многу ги почитувам кај луѓето и сметам дека секој од нас треба што повеќе да го шири тоа околу себе.
Бидејќи добрите луѓе ви даваат среќа, од лошите ќе се здобиете со некакво искуство, најлошите ви даваат лекција, а секако најдобрите луѓе засекогаш остануваат во вашите сеќавања.

Благодарам за интервјуто.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО