Интервјуа

МОНЕТАРНО ОСАМОСТОЈУВАЊЕ НЕ СЕ УЧИ НА ФАКУЛТЕТ

Борко Станоевски

Во чест на 25 годишнината на монетарното осамостојување на Република Македонија да се потсетиме на детали од тоа како е изведена таа операција од ексклузивното интервју со Борко Станоевски, тогашниот гувернер на Нaродна банка дадено во 2012 година. 


Е&Б: Господине Станоевски, Вие бевте првиот гувернер на Народна банка во независна Македонија. Сигурно има многу настани поврзани со монетарното осамостојување  за кои јавноста не ги знае деталите. Меѓу другото, мислам и на меѓуфазата на замена на едни со други југословенски динари, по излегувањето на Словенија и Хрватска од Југославија, а пред воведувањето на македонскиот денар.

Б.Станоевски: Во тој период секојдневно се случуваа по сто настани и сите не можат да се запаметат. Но има и такви кои и за сто години не се забораваат. Ќе се задржам на три настани кои се случија еден по друг во последните денови од 1991 година. За 24 декември беше свикана вонредна седница на Советот на гувернери на НБЈ, без претходно најавување на дневниот ред. Заминав со автомобил, со намера по завршувањето на седницата на Советот на гувернери да продолжам за Словенија – во  фабриката за хартија во Радече.

Е&Б: Што се случуваше на седницата на Советот на гувернери во Народна банка на Југославија?

Б.Станоевски: На седницата на Советот бевме информирани дека Република Хрватска на 23 декември 1991 година, прогласила монетарна независност и пуштила во оптек сопствени пари и дека Народна банка на Југославија во тајност отпечатила нова серија на банкноти. Со нив требаше да се изврши замена на динарските банкноти во оптек за да се спречат последиците што ќе настанат со уфрлање на динарите повлечени во Хрватска во платниот промет на Југославија, во чиј монетарен систем како и во зоната на ју-динарот сé уште се наоѓаа 4 републики, меѓу кои и Македонија. Се претпоставуваше дека во Хрватска има во оптек преку 40 милијарди динари и дека голем дел од тие пари ќе се прелеат во остатокот на Југославија, каде што би биле заменети за девизи на црниот пазар (кој единствено функционираше во тие денови) или за материјални добра. За да се спречат или ублажат последиците за четирите републики кои сé уште беа во монетарниот систем на Југославија и во зоната на ју-динарот, требаше да се донесат три одлуки (за дизајнот на новите банкноти, за повлекување на старите од оптек и за пуштање во оптек банкноти со нов дизајн), и тоа веднаш, без одлагање, за замената да може да почне веднаш наредниот ден.Не се сеќавам од кои причини, но знам дека за краткото време што го имав пред  почетокот на седницата на Советот не успеав да направам консултации со никого од раководството во Македонија. Морав сам да одлучам, а имаше причини и за и против.

Е&Б: Кои беа причините?

Б.Станоевски: За позитивно гласање за предложените одлуки имав најмалку две многу значајни причини. Прво, во Македонија технички сé уште не бевме подготвени да извршиме замена на жешките југословенски динари со македонски пари. Понатаму, и да бевме подготвени за замена на ју-динарите со македонски пари, другите минимални услови за тоа не беа исполнети - во Македонија сé уште беше присутна ЈНА која се финансираше со југословенски динари, што можеше да има сериозни последици. Второ, искуствата од воведувањето на толарот во Словенија на 7 октомври 1991 година и информациите дека  голем дел од југословенските динари не се заменети за словенски толари, туку се заменети во остатокот на Југославија за девизи  (на  црниот  пазар)  или  за  материјални  добра.  

Од друга страна, два фактора ме ограничуваа да гласам за Одлуката за замена на динарите во оптек со динари со нов дизајн. Прво, тие пари биле печатени во тајност, по Одлука на Сојузниот извршен совет, без претходно да се донесе одлука на Советот на гувернерите за дизајнот на истите, а со цел, доколку некоја Република изврши монетарно осамостојување и воведе свои пари, остатокот на Југославија со замена на парите да се заштити од истиснатите динари од Републиката во која динарот ќе се замени со сопствени пари. Бидејќи не се знаело која или кои републики ќе се отцепат од монетарниот систем на Југославија, на банкнотите не беа отпечатени имињата на републиките, како на сите претходни серии динари. Ми беше јасно дека тоа е направено од практични причини, но исто така ми беше јасно дека тоа можеше да има и политички конотации  и дека во Македонија нема да бидат  прифатени   со задоволство пари на кои не е отпечатено името на Републиката, уште повеќе што само пред неполни два месеци Македонија го донесе Уставот со кој се конституира
како независна, самостојна и суверена држава. Второ, во Македонија, и јавноста и политичарите кои не беа доволно упатени во мотивите за оддолжувањето на монетарното осамостојување на Републиката речиси секојдневно го очекуваа монетарното осамостојување на Републиката и пуштањето во оптек на првите македонски пари.

Е&Б: Како помина гласањето?

Б.Станоевски: Советот на гувернерите на НБЈ, со 6 гласови за од вкупно 7 членови, ги донесе потребните одлуки за замена на динарите во оптек со нова серија динари со нов дизајн. Јас гласав воздржано. Бидејќи гласав воздржано,од мене беше побарано да дадам изјава дали прифаќам да се изврши замената на старите ју-динари за нови и во Македонија. Изјавив дека ќе прифатам да се изврши замена на динарите во оптек со нови динарски банкноти со нов дизајн и во Македонија. Тоа беше чисто стручна, професионална одлука, за која два дена подоцна во Собранието на Република Македонија изјавив дека ја преземам целата одговорност и дека таква одлука би донел и уште десетпати ако се најдам во слична ситуација. Попладнето на 24 декември 1991 година, три блиндирани фургони на НБЈ, товарени со динари со нов дизајн, тргнаа за Скопје, а јас и возачот тргнавме на пат за Словенија.

Е&Б: Вие всушност сакавте да разговарате за словенечкото искуство околу воведувањето на сопствени пари и да видите што може да се направи во врска со тоа во фабриката за хартија во Радече.

Б.Станоевски: Автопатот „Братство и единство" беше надвор од употреба поради војните дејствија во Република Хрватска. Поради тоа, патувавме преку Унгарија. Патувавме речиси цела ноќ поради лошите услови за возење - имаше снег повеќе од 30 см. низ цела Унгарија, а и понатаму постојано врнеше. Утрото на 25.12.1991 година, околу 8 часот, стигнав во Банката на Словенија во Љубљана. Тука бев многу срдечно примен и информиран за сите нивни искуства околу печатењето на нивните вредносни бонови и замената на ју-динарите со словенечки вредносни бонови. Напладне стигнавме во фабриката за хартија во Радече, каде добро препорачан од гувернерот на Банката на Словенија, исто така многу срдечно ме примија. Покрај тоа, во врска со две прашања -производството на соодветна специјална хартија и нејзиниот транспорт до Скопје, покрај добрата волја на раководството на Фабриката да ни излезат во пресрет, имавме и многу среќа.

Се договоривме и производството и транспортот на хартијата да се извршат во најстрога дискреција, што беше од интерес и на двете страни. Нашите причини за потребата од тајност веќе ги споменав. Потреба од тајност имаше и фабриката во Радече, која беше единствен производител на хартија за НБЈ, а НБЈ имаше и сопственички удел во фабриката. Околу квалитетот на хартијата за вредносните бонови кои требаше да бидат во употреба не повеќе од една година, се договоривме да се произведе хартија во состав 30% памук и 70% целулоза. Ваква хартија беше користена и во Република Словенија (но не беше произведена во оваа фабрика поради стравот да не дознае НБЈ и да не преземе соодветни мерки). Ваквиот состав на хартијата обезбедуваше издржливост на банкнотите од околу 80 превиткувања, односно најмногу едногодишна употреба. За заштита, фабриката во Радече можеше да ни обезбеди воден знак и дополнителна заштита со трибојни влакна видливи на флуоресцентно светло. Проблем се јави околу времето за производство на хартијата - тие понудија рок од најмалку два месеци, што за мене беше апсолутно неприфатливо. Тогаш ми објаснија дека за производство на хартија со воден знак мора да се произведе специјално сито, а најкраток рок во кој тоа може да се произведе, во зависност од формата на водениот знак, е шест недели. Кога ситуацијата одненадеж изгледаше безнадежна, со спасоносна идеја се јави техничкиот директор, кој информираше дека постои готово сито со заштитен воден знак во вид на ромбоид, изготвено по барање на некоја хрватска банка за производство на специјална хартија за чекови, но дека во ново настанатите услови, банката побарала одлагање на производството на хартијата. Се договоривме да се искористи тоа готово сито за воден знак, а за хрватската банка да се подготви друго, со друга форма на воден знак. Следна среќна околност беше фактот што претходниот ден на една од двете производствени линии беше завршен производствениот циклус и дека наредниот ден можеше да се започне со нов производствен циклус. Така, истиот ден пред мои очи започна производството на специјалната хартија за првите македонски пари, а тоа не можеше да биде запрено ни за претстојните празници, бидејќи тоа го условуваше технолошкиот процес, кој за десетина дена, вклучувајќи го сечењето и пакувањето, требаше да заврши. Претходно се договоривме за цената и начинот на плаќање. Ја прифатив цената договорена пред неколку месеци со хрватската банка, со доплата на трибојните флуоресцентни влакна. Околу плаќањето исто така постоеше проблем, бидејќи не носев банкарска  гаранција, ниту, пак, можев да извршам  плаќање однапред. Проблемот го надминавме по телефонскиот разговор со гувернерот на Банката на Словенија, кој гарантираше дека нема да има проблеми околу плаќањето.

Следниот проблем, кој изгледаше тешко решлив, беше транспортот на хартијата до Скопје. Со шлепери преку Хрватска и Југославија, а исто така и преку Унгарија и Југославија беше невозможно. Хартијата ќе ја запленеа југословенските власти со сериозни последици и за Република Македонија и за фабриката во Радече која и понатаму беше единствен производител на хартија за НБЈ. Додека разговаравме околу овој проблем, некој од раководството на фабриката информираше дека добил информации дека со почетокот на 1992 година се отвора бродска товарна линија на релација Пула - Драч (Албанија). Брзо беа проверени овие информации и откако беа позитивно потврдени, се одлучивме за тој транспорт. Тоа подразбираше и посебно пакување на хартија - за заштита од прекумерна влага. На првиот брод, кој тргна на 5 јануари 1992 година, беше натоварена целокупната количина на хартија која по неколку дена од  Драч стигна безбедно во трезорот на народната банка на Република Македонија, обезбедувана цело време од македонската полиција. Беше искористен првиот и последен брод, бидејќи линијата поради нерентабилност беше укината по првото возење.

Е&Б: Кога се вративте во Скопје ве очекуваше жешка атмосфера во парламентот.

Б.Станоевски: На 26 декември во доцните попладневни часови стигнавме во Скопје. На телевизија видов дека седницата е во тек, а во тој момент заѕвони телефонот. Некој од стручните служби во Собранието ме извести дека претседателот бара веднаш да дојдам во врска со некои поставени пратенички прашања.

Прашањата (поставени од пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ) беа во врска со замената на старите со нови југословенски динари што беше во тек од 26 до 31 декември 1991 година. Тие приближно гласеа: зошто се врши оваа замена на едни со други југословенски пари, зошто на банкнотите ги нема имињата на републиките и автономните покраини, зошто замената не се врши со македонски пари и слично.

Се осврнав на поводот и содржината на вонредната седница на Советот на гувернерите на НБЈ, а особено на причините поради кои прифатив и во Македонија да се изврши замена на старите со нови југословенски динари. Објаснив дека ако не прифатев да се испратат пари во Македонија и да се изврши замена, Македонија ќе станеше стечиште на сите пари без покритие од целото подрачје на Југославија... Нашите продавници ќе беа опљачкани за неколку денови, за неполни месец дена нашите претпријатија ќе беа излажани и своите производи ќе ги продадеа за куп хартии кои не вредат ништо. Реков дека ова е чисто техничка операција, чиста монетарна мерка за заштита на интересите на граѓаните и на стопанството во овие четири републики кои случајно се најдоа во една одбранбена линија од парите што по сите канали ќе се обидат од Хрватска да се протураат во другите делови на Југославија. Тие веќе беа присутни во одредена мерка, во порастот на цените, на црната берза итн., итн. Притоа, истакнав дека станува збор за многу комплицирана операција, на која сите учесници во неа сега се учат. Тоа е нешто што не сме го учеле на факултет, ниту пак, сме имале можност да го видиме во пракса. Единствено достапни ни беа скромните сознанија за искуствата од распаѓањето на Австроунгарската Империја, кога од една држава настанаа 8 нови. Словенците консултирале странски експерти на кои им исплатиле преку 500.000 долари, а ние сосема автономно и сами дојдовме до истите сознанија.  Истакнав дека процесот на монетарното осамостојување и воведувањето македонски пари не се оспорува, ниту забавува. Напротив, тој процес е во фаза на интензивни подготовки, кои во почетокот на идната година ќе бидат интензивирани.

Е&Б: Времето ја потврди исправноста на Вашата одлука. Меѓучекорот со замена на едни со други југословенски динари, пред воведувањето на денарот, и донесе значителна корист на Македонија во тој критичен период.

Б.Станоевски: Купувањето девизи, кои и беа многу потребни на Република Македонија, од девизните резерви на НБЈ беше можно само ако Републиката е во рамките на монетарниот и девизниот систем на Југославија и ако не покажува активности за излегување од тие системи. А на тој план, во 1991 година остваривме извонредни резултати. Преку банките во Републиката за потребите на македонското стопанство од девизните резерви на НБЈ беа купени 181,5 милиони долари во
текот на годината во услови на затворен девизен пазар. Тоа беше 17,5% од вкупните продажби на НБЈ во таа година. Покрај тоа, за стопанските субјекти од Република Македонија беа платени и сите гарантирани и фиксни обврски за кои гарант беше Федерацијата или агент-плаќач НБЈ во износ од преку 130 милиони долари. А, сето тоа е платено со средства обезбедени од примарната емисија на НБЈ и по званичен курс кој беше значително понизок од курсот што се формираше на црниот девизен пазар. Сето тоа ни овозможи, во услови кога се распаѓаше СФРЈ, а Република Македонија ги живееше првите месеци на политичка самостојност, независност и сувереност, да се одвиваат без проблеми набавките на нафта, лекови, суровини и репроматеријали.

Е&Б: Вие имавте репутација на исклучително тврд преговарач со ММФ. Во тоа време на страната на ММФ беше Пол Томсен.

Б.Станоевски: Јас со г-динот Томсен соработував околу 4-5 години, а можеби и повеќе. Тој првпат дојде во Република Македонија во 1992 година, но како поединец определен за нашата земја, а не како шеф на делегација. Во тој период ние веќе бевме припремени за реформи во монетарниот систем, напуштање на селективните кредити, откажување на државата од јаслите на примарната емисија итн. Прво беше на состанок во Владата па потоа дојде кај мене во НБРМ. Имавме долг разговор во кој воспоставивме многу пријателски однос. Во ММФ бевме примени во април 1993 година и веднаш потоа дојде првата мисија на фондот. Кога тој дојде ние веќе имавме спроведено монетарни реформи со кои го средивме она што јас го нарекувам “фабрички грешки во законот” кои се прелеаја од Законот за Народна банка на Југославија во Законот за Народна банка на Македонија.  Во февруари 1993 година беа донесени закони во Собранието, во кои се укинаа селективните кредити и задолжувањето на државата во НБРМ го условивме со исклучително екстремни услови. После тоа државата не зеде ни еден денар од НБРМ. Кога оваа одлука излезе во јавноста и кога разбраа што се случило, предизвика огромен гнев пред се кај стопанствениците во комората. Сите тогаш тврдеа дека е готово, дека пропаѓа земјоделието, индустриското стопанство, крај на економската активност итн. Тогаш сета вина ја префрлија кон Народна банка, но ние опстоивме упорно. Поради водењето на рестриктивна монетарна политика, количината на пари во оптек секоја година беше многу мала. Не беа доволни да се задоволи ни половина од потребата за селективните кредити, а не да остане нешто за купување девизи кои ни беа понеопходни. Со тоа целокупниот прираст на паричната маса го пренасочивме кон девизниот пазар. Почнавме интензивно да купуваме девизи и да ги полниме девизните резерви по основ на менувачко работење.

Потоа дојде г-динот Томсен и беше зачуден, бидејќи тој дошол со намера да не натера да ги укинеме токму селективните кредити, а ние тоа го имавме завршено уште пред тој да дојде. Сепак имавме долги и тешки преговори за првиот аранжман со ММФ, кој се викаше STF аранжман. Тие сакаа да наметнат уште порестриктивна монетарна политика од онаа што ние ја водевме, особено да ни постават граница во однос на нивото на девизните резерви што треба да го постигнеме, а беше невозможно. Сепак успевме да го направиме аранжманот и откако го направивме, не направивме никакви отстапки. Потоа следуваше првиот STAND BY аранжман и сѐ беше некако полесно.

Е&Б: Каква е Вашата оценка за сегашната состојба и што предвидувате за во иднина?

Б.Станоевски: Прво морам да кажам дека изминативе 15 години денарот остана стабилен благодарение на двата гувернери после мене кои ја зачуваа самостојноста на централната банка и го зачуваа правецот од времето кога се формираше монетарниот систем. Денеска производството е скоро двапати поголемо споредено со годините кога беше пуштен во оптек денарот, приливите се значително поголеми, по сите основи и сите се влеваат во девизните резерви. Од 19 милиони девизни резерви кои ги имавме тогаш, сега тие се над 2 милијарди евра. Тоа при една здрава политика претставува јак услов за обезбедување на стабилност на денарот.

Е&Б: Што може да ги загрози монетарната политика и стабилноста на денарот?

Б.Станоевски: Структурата на стопанството. Ние сé уште сме исклучително увозно зависно стопанство, перманентно пратено со високи дефицити во односите со странство и ако не се извршат структурни промени во еден иден период, кој не е тешко да се согледа, може да настанат турбуленции во монетарната политика и да биде загрозена стабилноста на денарот. Затоа неопходни се структурни промени, а тие можат да се остварат, по мое видување, со значителни инвестиции од домашни а пред сѐ од странски извори. Значи тоа е иднината, преструктуирање на стопанството. Во тој процес монетарната политика во никој случај не смее да игра главна улога, туку може да прави мали промени во политиката на курсот, во негово прилагодување во понудата и побарувачката на девизи, да помогне да го направи успешен тој процес. Но, никако не смее да биде носител на структурните промени. Такви искуства имавме порано. Селективните кредити беа еден таков обид, преку кои се фаворизираа одредени дејности како земјоделството и извозно-ориентираните дејности. Меѓутоа имам впечаток дека со тие кредити повеќе ги успавме отколку што ги поттикнавме. Според тоа, стабилноста на денарот за наредните неколку години не е загрозена, но на подолг временски период, доколку не се направат структурни промени, може да се јават проблеми со монетарната рамнотежа и со неговата стабилност.

Го споменав и долгот спрема странство. Мене не ме плаши задолжувањето кон странство, ако намената е за капитални инвестиции, а не за подржување на тековната потрошувачка. За тоа многу може да се види од примерот со Грција. Таму тоа што се потроши за обезбедување стандард над материјалните можноси мора сега да се врати. Но тоа што го потрошија за капитални инвестиции никој не може да им го земе. Автопатите, бродоградилиштата, железницата остануваат таму.

Е&Б: За крај, како гувернерот ги поминува пензионерските денови?

Б.Станоевски: Многу добро.

Е&Б: Ви благодарам за интервјуто.

 

Снежана Бундалевска, директор на правната служба на Народна банка во времето на монетарното осамостојување

Сѐ беше некако пионерска работа, немавме искуство. Претходно бевме филијала на Централната банка во Белград. Ова беше прво нешто во кое не можевме да побараме помош затоа што сѐ мораше да се одвива во тајност, а сепак требаше да го подготвиме така што да биде барем на работ на легалност. Тоа беше голема работа за нас, ние неколку луѓе што бевме се консултиравме како да изгледаат прописите. Сите прописи за монетарното осамостојување ги изготвуваме ние и се работеа во НБРМ, изготвувавме прописи и за Владата и за Парламентот. За тоа, мене како правник, многу ми помогна гувернерот, иако е економист. Тој имаше некоја посебна склоност кон правото што ретко кај друг економист ја имам сретнато. Во тоа време, ние, правниците уште ги немавме видено новите пари, кои во прво време тогаш беа бонови и одлуките што ги носевме во врска со апоенските структури и обележјата фактички ги носевме на невидено. Интересно беше тоа што работевме и за Велигден и не смеевме да кажеме каде одиме. Во тој период следуваше пропишување на цел систем, на нов закон за Народна банка итн. Го користевме искуството од поранешна СФРЈ во однос на тоа што сé треба да опфати законот за Народна банка, бидејќи бевме целосно неискусни во тој поглед. Основа ни беше значи законот за Народна банка на Југославија. Најтешко беше во делот на функциите, додека оние декларативните делови само ги препишавме и ги прилагодивме на македонски услови.

 

Цветанка Гечева, директор на дирекцијата за сметководство во времето на монетарното осамостојување

Воопшто не беше лесно една одлука што беше политичка и економска да се процесира сметководствено, во книгите на банката. Кога се осамостоивме, за книговодството сѐ беше новина. Се припремаа новите пари, се менуваа старите со нови пари. Но, додјоа повеќе пари одошто требаше, па ги вративме во Народна банка на Југославија и имавме побарувања од Народна банка на Југославија, кои ги водевме во долари. Имавме проблем со парите кои беа новина. Фактурите долго време ги чувавме за да видиме како и што да се евидентира и да се направат записници заради тоа што се печатеа дел по дел. Едноставно во делот со парите немавме никакво искуство. Се случуваше ноќе да се разбудам и да се прашувам дали тоа што сум го направила е правилно или не. Во однос на контниот план, тој го менувавме подоцна. Имавме предлог од еден странски консултант, кој го правеше контниот план по препораките на ММФ со нов распоред на сметките, но не го прифативме. Ние како НБРМ не можевме сами да излегуваме, бидејќи извештаите ги дававме во Службата за општествено книговодство и немавме со кого да се споредуваме. Подоцна го усогласувавме контниот план во однос на деловните банки заедно со министерството за финансии. Во дирекцијата за сметководство во тој период работеа 13 луѓе. Денес работат 27. 

 

На првиот гувернер на Народна банка во независна Македонија и неговите тогашни соработници, денес пензионери, им посакуваме безгрижни пензионерски денови. Со својата храброст и бескомпромисност тие испишаа значаен дел од историјата на нашата држава. Останува на идните генерации тоа да го ценат и да го чуваат.

(април 2012)

ПРЕПОРАЧАНО