Општество

КОГА ВЕСНИЦИТЕ ЌЕ СТИВНАТ

Зоран Јовановски

Во сенка на драматичните случувања во македонскиот парламент, релативно незабележано ќе помине денешното згаснување на два дневни весници. Оние што ја имаа можноста своевремено да го купат првиот број на „Утрински весник“ или „Вест“, се сеќаваат на возбудата и свежината што тие ја внесоа на македонската медиумска сцена. Со текот на годините овие весници изградија свој специфичен стил и стекнаа своја читателска публика. Сите тие читатели ќе чувствуваат празнина по денешното згаснување на двата весници.

Во вакви околности, само се наметнува прашањето дали мораше да биде вака?

Најпрвин, печатените медиуми се бизнис, специфичен, но сепак само бизнис. А, секој бизнис во себе има вграден ризик и може да се развива, но и да пропадне. Дали згаснувањето на „Утрински весник“ и „Вест“ се должи исклучиво на финансиските потешкотии во нивното работење и дали тие биле толку неиздржливо големи за да се дојде до оваа точка - знаат само сопствениците.

Она што мора да се земе предвид е дека новото време и технолошкиот развој си го прават своето, информациите патуваат ширум светот со експресна брзина и дел од читателите, особено помладите, немаат трпение да ги читаат вестите со временско заостанување. Ова е глобален феномен, технолошките промени секојдневно го отежнуваат работењето на дневните весници ширум светот. Преведено во пари, тоа значи помалку читатели, помал тираж, помалку приходи од реклами.

Има и нешто друго. Во морето информации на интернет читателската публика се навикна на бесплатно читање на содржините. Зошто да се купува весникот, ако може нешто, макар и слично, бесплатно да се прочита на интернет?

Се разбира, сите ние ќе платиме своевидна цена заради згаснувањето на дневни весници, како што беа „Утрински весник “ и „Вест“. И, тоа не е мала цена.

Најголемата лична цена ќе ја платат семејствата на вработените во двата весници кои ќе останат без работа. Но, своевидна цена ќе платат и читателите. Живееме во време на лажни вести (fake news), информации што се креирани без да се запазуваат професионалните новинарски стандарди. Клучниот превид што го прави читателската публика е тоа што мисли дека информациите креирани од интернет портали поминале низ истата новинарска ригорозност и проверка како и оние во весниците. За ова веќе пишував во едно до претходните изданија на „Економија и бизнис“ (видете: http://www.ekonomijaibiznis.mk/News.aspx?id=21595).

Конечно, во ситуација како оваа губи и општеството. Губи дел од креативната енергија што тече низ новинарските пера. Губи дел од опсервациите и критичката мисла за состојбите во општеството. Таа критичка мисла е важна кога е во функција на подобро работење на институциите. Не е пресудно важно кон кого е насочена критичката мисла, бидејќи власта и опозицијата се релативни категории. Но, суштински е важно дека секогаш кога се гаси дел од светлата (медиумски) што ја осветлуваат работата на власта и опозицијата, се губи и дел од демократијата, темнината станува поголема. Во такви околности, губитници сме сите. 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано