Општество
МЕЃУ ФАТУМОТ И РУТИНАТА
Роберт Алаѓозовски
Авторот е книжевен критичар и докторант по културен менаџмент
Кон книгата „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“, од Ѕвездан Георгиевски, издание на Темплум 2016
Луѓето кои доцна запливуваат во писателските води се потврда на фактот дека уметноста не познава граници. Дека тоа е дарба, талент, вештина со која, на крајот на краиштата, писателот се мери со вечноста. Така во македонската книжевност во последниве години има еден феномен на писатели кои го реализираат својот опус релативно доцна. Најкарактеристичен е примерот на Слободан Мицковиќ кој до својата пензија работеше како универзитетски професор и критичар за во неколкуте години пред смртта да напише четири исклучителни романи и новели, за кратко време да ги објави, стекнувајќи се и со награди и со читатели. Најчесто тоа се универзитетски професори, критичари и новинари кои се долго присутни во писателскиот занает, пишуваат во други жанрови за на крај да пробаат да напишат и уметничка проза. Таков е случајот и со Ѕвездан Георгиевски, долгогодишен уредник за култура во различни печатени медиуми, колумнист и човек со став за многу работи во уметноста и во општеството. Како што е тоа загатнато и во самата проза, тој интерес за книжевноста, за книжевниот превод и за другите литерарни жанрови доаѓа по непријатната судбина да добие отказ од новинарската работа во зрели години и да остане со многу слободно време, но и со потребата од нешто да се живее, односно да се посвети човек на нештата за кои никогаш немал време во животот.
Во западните културни индустрии, како и повеќето други работи, писателството е сериозна професија, дури и кога вредностите на конкретните дела не се многу високи. Битно е писателот да издава релативно често, да влезе во системот на промоции, читања, критики, преводи, интервјуа, а со тоа секако и на тантиеми. Тој систем кај нас не е сè уште воспоставен. Дури и кога неколкумина можат да се пофалат со писателска кариера, влоговите се многу ниски, односно неисплатливи. Во таа смисла кај нас пишувањето е сè уште интелектуална мисија, писателот учествува во создавањето на јавното добро, на општествената вредност, а за тоа добива најчесто интелектуална почест и позиција на чувар на етичките норми и мудрото расудување, надвор од ежедневните интереси. Предрасуда е дека писателството не може да се воспостави како културна индустрија поради различни некомерцијални причини. Немало интерес за читање, слаба била куповната моќ и слично. Едноставно, дејноста треба да се организира во сите аспекти за да може да профункционира, од авторски права, преку признанија, награди, критики, маркетинг, до продажба.
Новиот!
Токму влезот на Ѕвездан Георгиевски во книжевните води беше овозможен, освен со неговиот талент и со постоењето на некои позитивни честички од тој систем. Со други зборови, како утеха за загубата во новинарството, на Ѕвездан Георгиевски му се наместија неколку ситни коцки за успешен старт во литературата. Имено, тој стана лауреат на наградата „Новите“ за најдобар дебитантски ракопис на издавачката куќа Темплум. Значи, постоењето на една ваква награда, на овој иако дебитант, сосема изграден автор, му обезбеди џокер со кој успеа да ги прескокне вообичаените почетнички фази и веднаш да го сврти вниманието на јавноста. Кога би постоеле повеќе списанија, портали, културни рубрики за рецензии на книги, авторот би добил неколку критики, што сигурно би му помогнале во понатамошната кариера. Кога би постоел сериозен книжевен агент Ѕвездан Георгиевски би можел веднаш да се најде на листата за понуда на авторските права глобално имајќи добри почетни референци: претходна кариера, награда и неколку критики.

Ѕвездан Георгиевски вложил голем труд во конципирањето на својот првенец. Повеќе ми се чини дека како искусен човек, а не како автор-почетник, да се ограничил на мал формат. Со тоа си обезбедил самодисциплина, нешто што најмногу им фали на младите автори кои прегоруваат во желбата да кажат што повеќе. И токму во малиот формат Георгиевски успеал да пласира еден повеќеслоен, но јасно обликуван концепт при што дури постигнал и необичност на жанровската форма. Неговиот роман се состои од автопоетички предговор, од осум раскази, две лирски интермеца и епилог. Расказите можат да се читаат и засебно, но и како поглавја од кусиот роман.
Мала почетничка колебливост може да се припише на самиот предмет на раскажувањето. Имено, авторот поаѓа од потребата да ја раскаже својата приказна, да направи омаж на својата животна доба, сега и овде. Главниот лик, парономастично се вика Гроздан, тој е искусен новинар кој живее од своите тезги во странство. Дома новинарската слава му е потемнета, иако ја ужива почитта на помладите. Но, тој не може да се снајде во новото време, не може интелектуализмот на своето доба да го замени со „пиар“ техниките на денешницата и не поднесува интервју за работа кое се состои од „болоњски“ тип прашања. Во таа насока и поднасловот гласи „Слики за машкото стареење“. Тоа во внатрешната структура се одразува така што сите негови ликови се луѓе од исто доба, со исти преокупации, потреби и меѓусебни односи. На таа почетничка колебливост би го припишал и самиот наслов на книгата и поетичкото кредо образложено од авторот. Неговата желба кога веќе се фатил со литературата е да ги постави крајните прашања, на смислата на животот и на смртта, на занимавањето со фатумот на постоењето. Во тој контекст би ја наредил и потребата на авторот да ја образложи својата поетика, своите извори, авторите и делата што го формирале неговиот книжевен вкус и кои придодаваат на литерарноста на неговото дело. Тоа откривање на референците и на влијанијата не е само вешт постмодерен трик, туку и рано предупредување на читателот да обрне поголемо внимание на книжевната конструкција и конструираност на текстот зашто самото мешање на биографските моменти во прозата може да го одвлече вниманието на читателот доколку тој не сака да прочита уште една животна приказна.
ОСТАНУВА ДА ВИДИМЕ КАКО ЧИТАТЕЛСКАТА, НО И КРИТИЧКАТА ЈАВНОСТ ЌЕ ГО ДОЧЕКА ПРВЕНЕЦОТ НА ГЕОРГИЕВСКИ. ТОЈ ВЕЌЕ СЕ СООЧУВА СО УШТЕ ЕДЕН ПРЕДИЗВИК, ПА ДУРИ И ИРОНИЈА НА СУДБИНАТА, ЗА КОЈА И ПИШУВА ВО РОМАНОТ. КНИГАТА ВЛЕЗЕ ВО ИЗБОР ЗА РОМАН НА ГОДИНАТА НА УТРИНСКИ ВЕСНИК. ТАА НАГРАДА ЈА ВОСТАНОВИ ТОКМУ АВТОРОТ ВО ВРЕМЕТО КОГА БЕШЕ УРЕДНИК ВО ВЕСНИКОТ
Ритуал и рутина
По прочитувањето на краткиот роман, автопоетичкото разголување од почетокот на делото добро функционира затоа што авторот го исполнува ветувањето. Романот ги содржи токму елементите нагласени во неговото кредо. Авторот, иако подоцна се јавува со својот книжевен првенец, се надоврзува на неговата книжевна генерација, на оние кои се појавија во осумдесеттите години, во рамките на поетиката на постмодернизмот, и кои експлицитно ги мешаа факцијата и фикцијата, хипер реалистичното со фантастичното, секојдневието со канонските книжевни обрасци. Во својата фабуларна основа романот е мала сага за скопското секојдневие, за луѓе во педесеттите кога, како што вели еден автор, повеќе е поминато назад, отколку што ги очекува напред, чии животи главно се сведени на неколку автоматизирани рутини и ритуали, и професионално и приватно и социјално, а на кои, згора на сѐ, и телото и умот почнуваат да им откажуваат.
Мајсторството во раскажувачкиот стил на Ѕвездан Георгиевски е што успева уште од првиот расказ, во првото поглавје да изгради мал калеидоскоп од различните животни состојби: семејниот и пријателскиот живот во тесни рамки, меѓу тројцата пријатели и нивните сопруги, професионалните рутини, ритуализираната кафеана и дневната шема, автоматизирањето на навиките, а со нив измешани и горчилата на животот (споменатото интервју за ново работно место), моментите на рекреација, на одмор, прашањето на љубовта, на верноста, на прељубничките искушенија, опсесиите, стравовите, тагата по починатите пријатели. Тој премногу нормален, премногу фосилизиран живот, Георгиевски го разбива не само со зачините на психоемотивните состојби, туку и со една експлицитна, необјаснива фантастика. Обичноста постојано се разбива со необичноста, со отадешното, во една парафренична состојба во кое фантастиката влегува и излегува не со чукање на врата, туку кога ќе ѝ се присака. Георгиевски паметно бега од психологизмот на тие ситуации и се определува за фантазмагорични наратеми, деменцијата ја трансформира во ешеровски повторливи ситуации, алкохолизмот во џеклондоновски лајтмотив, потребата од прељуба во Мебиусово поигрување со фотографијата од море, тагата за пријателот во продор на мртвите во светот на живите, стареењето со мотивот на двојникот.
Истурајќи богата литерарност во сагата за својата генерација, Георгиевски успешно бега и од патетиката. Со повторливи, но редуцирани ситуации и ликови, со повеќеслојно пластење на наративот тој успева да проектира симпатична слика за својата генерација – во омртвеното ткиво на тие фосили, животните сокови и искуства веќе минерализирале во полускапоцени камења: жад, тиркиз, оникс.
Останува да видиме како читателската, но и критичката јавност ќе го дочека првенецот на Георгиевски. Тој веќе се соочува со уште еден предизвик, па дури и иронија на судбината, за која и пишува во романот. Книгата влезе во избор за „Роман на годината“ на Утрински весник. Таа награда ја востанови токму авторот во времето кога беше уредник во весникот.