Интервјуа

АРХИТЕКТИТЕ УСПЕАЈА ДА ИЗРАЗАТ НЕШТО ДЛАБОКО ЕВРОПСКО

Геза Огоновски

архитект, партнер во фирмата Архитектонско ателје Де Женвал



Неодамна имав можност да ја слушнам приказната за една прекрасна авантура која дише со европски дух. Проект работен во повеќе фази, во невообичаени околности, но воден од силна заедничка идеја – резултат на партнерство меѓу државните институции и приватниот сектор. Oва е доказ дека со љубов и со визионерство e можно да се влијае врз историјата на еден град и на еден континент.

Со вкупна изградена површина од 370 000 m², од кои 90 000 m² се под земја, Европскиот парламент во Брисел е град во град кој содржи 21 сала за конференции и состаноци со капацитет од 20 до 350 места, 27 кабини за симултан превод од 14 до 19 јазици, гаража за 2 700 автомобили распоредени на 3 нивоа.
Притоа во секторот Д3 се главно канцелариите на парламентарците – вкупно 2 030, од кои секоја е опремена со туш кабина и канцеларија за соработник, канцеларии за политичките партии, за генералната администрација, ресторани, печатница, место за складирање, трговски центар, сала за вежбање, пошта, банка, продавници, внатрешна улица.
Во секторот Д4 се сместени 407 канцеларии, социокултурен центар на 5 900 m², архиви, аудиовизуелен дел, 5 конференциски сали и гостилница од старата железничка станица Леополд.
Разговарам со господинот Геза Огоновски, архитект, партнер во фирмата Архитектонско ателје Де Женвал (Аtelier d‘architecture de Genval), автори на ова дело.


КОНЦЕПТОТ И КОНСТРУКЦИЈАТА НА ТОА ШТО ДЕНЕС ПРЕТСТАВУВА ЕП ВО БРИСЕЛ СЕ СЛУЧИ ВО НЕВЕРОЈАТНИ ОКОЛНОСТИ. НИКОГАШ НЕ БЕШЕ КАЖАНО КАКОВ ГРАДЕЖЕН ЗАФАТ Е ВО ТЕК! ЗАПОЧНАВМЕ СО ЕДНА ПОЛУКРУЖНА САЛА ЗА СОСТАНОЦИ, НАДЕВАЈЌИ СЕ ДЕКА ЕДЕН ДЕН ТОА ЌЕ БИДЕ ЕП, НО ТОА НИКОГАШ НЕ БЕШЕ ОФИЦИЈАЛНО ИСТАКНАТО. СПРОТИВНО НА ОЧИГЛЕДНАТА ВАЖНОСТ, ДИСКРЕЦИЈАТА БЕШЕ СЕПРИСУТНА, ПАРЛАМЕНТОТ ФОРМАЛНО НЕ БЕШЕ ВКЛУЧЕН И РИЗИЦИТЕ ПОСТОЕЈА Сѐ ДО САМИОТ КРАЈ! ВЛОГОТ БЕШЕ КОЛОСАЛЕН ЗАТОА ШТО ЦЕЛТА БЕШЕ ДА СЕ ПОНУДИ ОПРЕМЕНА ГРАДБА СПОСОБНА ДА ГИ ПРИМИ ЧЛЕНКИТЕ ЗА ПАРЛАМЕНТАРНИ СОСТАНОЦИ, ДА ГО ВТЕМЕЛИ УШТЕ ПОВЕЌЕ ПРИСУСТВОТО НА ЕВРОПСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ ВО БРИСЕЛ И КОНЕЧНО ДА СОЗДАДЕ ОД БЕЛГИСКИОТ ГЛАВЕН ГРАД ЦЕНТРАЛНА ФИГУРА ВО ЕВРОПСКАТА ШАХОВСКА ТАБЛА.

 

Официјалното седиште на Европскиот парламент е во Стразбур, но денес најголем дел од активностите се одвиваат во Брисел. Кој е иницијатор на овој проект и во какви услови се одвиваше оваа авантура?

Прашањето за седиштето на Европската Заедница постои уште од самите почетоци на создавање со првиот потпишан документ во 1952 година (C.E.C.A. - Communauté européenne du charbon et de l‘acier). Во отсуство на согласност беше одлучено привремено седиште на институциите да биде Луксембург и оваа ситуација ќе трае сѐ додека не се спојат извршните органи на заедницата во 1965 година. Иако сите членки беа свесни за ефикасноста на идејата за концентрација на институциите на едно место, сепак невозможно беше да се пресече за дилемата за конкретна локација. Поради оваа нерешителност, во 1981 година беше донесена одлука единствената комисија да има привремено седиште во Брисел. Така Големото Војводство, откако побара средства и си ги отвори вратите кај Европската инвестициона банка и други институции, доби гаранција дека тука ќе се одржуваат одредени состаноци на Советот на министри.
Од друга страна, Франција се здоби со компромис: пратениците да се состануваат во Стразбур за пленарни седници, но седниците на парламентарните комисии да бидат во Брисел. Тоа беше многу лоша идеја: службите на Парламентот се најдоа распрскани меѓу Стразбур, Луксембург и Брисел, а ова значеше огромен трошок на енергија, на пари и на време. Немајќи надлежност да одбере едно место и наоѓајќи се во слепа улица на нерешителност на земјите членки, Парламентот реши самиот да управува со својата внатрешна организација. Со цел да се рационализираат трошоците, Луксембург беше отстранет, состаноците се концентрираа во Брисел – за состаноци и за политички групи, а во Стразбур за пленарни седници (вкупно 11 во годината). Но, со доаѓањето на нови членки, оваа ситуација за Парламентот во Брисел стана неиздржлива бидејќи немаше доволно место така што во 1985 година се донесе одлука за изградба на полукружна сала за состаноци во Брисел.
Оваа одлука беше веднаш нападната судски од страна на одредени членки кои во ова гледаа контрадикција со статусот на Стразбур како привремено седиште на Европскиот парламент. Судот го реафирмираше овој статус, но истовремено ја потврди и можноста да се одржуваат вонредни седници надвор од седиштето. Белгија не можеше официјално да се спротивстави на оваа одлука, но воедно и немаше доволно средства да го носи овој проект. Единствено решение беше да се обрати на приватниот сектор. Уверени во важноста на лоцирање на ЕП во Брисел, банкарите и бриселските градежни фирми се обединија со цел да се лансираат во оваа авантура. Следуваше купување терени, урбанистички студии, премолчено прифаќање на белгиските власти, па сѐ до создавање на Сосиете Еспас Леополд (Société Espace Léopold) во 1988 година.

Како се одвиваа градежните работи? Колку време траеја и на која површина?

Студијата и изведбата се одвиваа во невообичаена атмосфера. Терените се купуваа постепено (поранешни гостилници, магацини итн.). За нас архитектите беше голем предизвик да се дефинира архитектурата на овој комплексен простор кој ќе го подигне Брисел на интернационално ниво, а за кој не можевме да кажеме што е! Тоа беше долг и амбивалентен период на премолчувања, кои беа неизбежни во деликатниот европски контекст.
Програмот беше нејасен, динамичен и нестабилен, потребно беше да работиме со инстинкти и со серија од повеќе варијанти во рака, а плановите се модификуваа постепено, заедно со импликацијата на ЕП. Работите се одвиваа фаза по фаза, следствено на модификациите на програмите и освојувањето на зградата од страна на ЕП.

КАЛЕНДАР НА АКТИВНОСТИТЕ
1983 г. Во рамките на една група инвеститори, раѓање на идеја да се изгради поливалентен комплекс со цел да се привлечат одредени состаноци на европските институции
1984 г. Преговори за купување на старите гостилници Леополд
1986 г. Студија за простор Леополд, лансирана од Брисел
1987 г. Прва дозвола за градба на Интернационален конгресен центар (други архитекти)
1988 г. Создавање на просторот Леополд
1989 г. Дозвола на плановите за уредување
1990 – 2007 г. Потпишување договори, издавање дозволи, почеток на градежни работи, постепено предавање на употреба на Парламентот на салите Д1, Д2, Д3, Д4 како делови од проектот
2008 г. Предавање на употреба на Парламентот на реновираната станица во функција на премин, како и на салата Д5
2010 г. Крај 

Која е приказната, со каков концепт пристапивте кон Вашето дело? Притоа, од технички аспект, имавте интересен предизвик за петминутен пристап од секаде. Како го решивте?

Стилот на просторот Леополд се градеше заедно со текот на процесот на студиите, а во деталите се навлегуваше постепено. Архитектите успеаја да изразат нешто длабоко европско. Тоа е мешавина од различни перцепции својствени на жителите на овој континент со богата историја – од Медитеранот, па до Балтикот, со шарена културна основа во која реките и пристаништата сочинуваа мрежа на размена. На овој начин целокупната европска архитектура ги наоѓа корените, поаѓајќи од келтските традиции на север, па сѐ до онаа константа на тежнеење кон чистина која доаѓа од Античка Грција.
Што се однесува до предизвикот, полукружната сала е срцето на комплексот и мора да биде пристапна од сите канцеларии за 5 минути максимум. Архитектите направија бројни симулации за да одговорат на ова барање, со оптимизација на патеката, на широчината на ходниците, оптимизација на лифтовите (големина, брзина, време на чекање). Последните изодени метри се многу важни бидејќи воедно ги означуваат и последните моменти на размислување пред гласање. Во тие 150 метри, пратениците и нивните гости можат сѐ уште да ги разменат мислењата и да донесат одлука. Многу често најважните одлуки се носат во неформалните простори (фоајеа, барови), тука се случува важен дел од европската политика.

Зошто се смета дека ЕП е иновативен?

Европскиот парламент е огромен проект – град во град, збир на простори од разни големини, со повеќе функции и конструиран со најиновативни техники.
Полукружната сала за состаноци е престижна, со топла атмосфера, но пред сѐ има одлични перформанси. Осветлувањето е обмислено за да се добие впечаток дека сите се осветлени посебно, но без да заслепат, ниту директно ниту индиректно. Карактеристично е неговото природно светло кое е константа за целиот комплекс – сите сали се осветлени со „дневно осветлување“. Од голема важност е идејата за природно осветлување, тоа дава хумана нота на салата. Акустиката е работена со цел да се постигне перфектна рамнотежа меѓу површините на апсорбција и рефлексија, микрофонија, видеофонија, електронско гласање. Кабините на преведувачите се поставени како венец околу амфитеатарот, без ниеден столб, за да има преведувачот визуелен контакт со личноста чии зборови треба да ги преведе. Воедно има и сали за медиуми и студио за радио и телевизија. 

Главниот влез поминува преку железничката станица чија автентичност е сочувана и е интегрирана во модерниот пристап кој следува потоа. Кои се особеностите на овој пристап?

Старата железничка станица поради технички причини требаше да ја преместиме за 70 метри, но таа секако не можеше да прими 25 000 луѓе дневно.
Влезот во ЕП беше нацртан во правец на улицата Луксембург, која доаѓа од стариот град и има ориентација кон исток. Пред да се придружат земјите од Централна Европа, симболиката беше очигледна: вратата е отворена. Протоколарниот влез на ЕП е дискретен. Од едната и од другата страна направивме 2 отвора за да им овозможиме на жителите на тој дел да имаат пристап кон паркот Леополд. Веројатно тоа е единствениот парламент на светот низ кој поминува парк достапен за сите.
Новата зграда е модерна, осветлена со двојна архитектонска стаклена фасада. Имаше бројни технички проблеми, особено за вибрациите и за акустиката, а критериумите на Парламентот беа строги.

Која е Вашата креативна филозофија, вашиот мотор? Што мислите за насоките низ кои се движи современата архитектура?

Архитектот мора да го сочува своето место во заедницата
како основен актер кој сѐ уште може да донесе хуманистичка димензија на секој проект. Мора да биде катализатор и да даде смисла на секоја интервенција во градот или во природата, имајќи ги предвид чувствителноста на географијата и историјата на местото.
Современата архитектура (1945- +/-1970) ретко била успешна на димензија на цел град, но принципите кои се применуваат во домот остануваат извор на инспирација за денешните куќи. На почетокот на 1980 година со исчезнување на „школите” бевме сведоци на флексибилни влијанија, струења со пречистени линии на постмодерна. Но, со идеја да се создадат нови форми присутни се и футуристички и органски тенденции, како и деконструкција на формата. Постои голем контраст меѓу стандардните живеалишта и новите оригинални куќи. Денес извонредно е тоа што погледот кон иднината е сѐ повеќе насочен кон прашањата за животната средина, па се користат нови техники и материјали кои се во хармонија со природата.
Од друга страна, архитектите никогаш не биле толку во мода. Се појавија „архиѕвезди“, кралеви на маркетингот, креатори, кои се во една болна и потполно дехуманизирана трка. Тие се надвор од контекст, надвор од буџет и потполно опседнати со уметничките претензии на нивното дело. Јазот меѓу тие два различни света е голем.

Кое е Вашето мислење за Скопје 2014?

Со оглед на кажаното, архитектот не може да се задоволи со идејата да прави предмети кои изгледаат како да паднале од небо, без да се земе предвид урбаната, историската, човековата, чувствителната и социјалната реалност. Архитектурата мора да биде направена со смисла, а не само фасадизам и гипс! Во Македонија има доволно добри архитекти кои можат да размислат (без да се сопираат на одреден период) за локална, за автохтона, за историска архитектура.

(разговараше Лидија Георгиева)

ПРЕПОРАЧАНО