Интервјуа

НАШИТЕ РАДИЈАТОРИ ЌЕ ВИ ГИ СТОПЛАТ СРЦАТА

Марта Наумовска-Грнарова

Генерален менаџер на компанијата Завар

„Доколку успееш во Њујорк, можеш да успееш било каде“ – вели една американска поговорка. Марта Наумовска Грнарова го направи токму тоа. Во април годинава, во Њујорк, на престижното дизајнерско шоу со својата фирма Завар Дизајн ја освои наградата за „НАЈДОБАР ИНОВАТИВЕН ДИЗАЈН“, доделена од Американската асоцијација за внатрешен дизајн. Со Марта разговаравме за инспиративната бизнис приказна на Завар, за посветеноста и храброста, за иднината и иновативноста, за тоа како грејните тела станаа уметнички дела, за тоа како е да се биде машински инженер со уметничка душа...

 

Поводот за ова интервју е наградата што Вашата компанија Завар дизајн ја доби во Њујорк, САД. Но, пред да зборуваме за наградата, кажете ни нешто повеќе за профилот на Завар дизајн.

М. Наумовска-Грнарова: Завар дизајн е дел од компанијата Завар која е водечка компанија во регионот во областа на заварувањето и производство на процесна опрема за прехранбена, за хемиска и за фармацевтска индустрија, основана во 1988 година од страна на мојот татко м-р Јован Наумовски.
Во фокусот на брендот е производство на дизајнирани радијатори кои се разликуваат со квалитетот и со дизајнот од останатата понуда на конкуренцијата. Производите се наменети за клиенти кои умеат да ја проценат вистинската вредност на рачните изработки, уметноста во дизајнот и високиот квалитет.
Се работи за грејни тела кои се во исто време и скулптури, или обратно, скулптури кои се истовремено и грејни тела или како што често милуваме да кажеме „радијатори што ќе ви ги стоплат срцата“.
Нашите производи се резултат на најнова технологија, „ноу хау“ (“know how”) во заварувањето и обработката на металите, уникатност, оригиналност, фокусираност на потребите на клиентот, високи естетски критериуми и многу љубов.
Кога го оформивме брендот целта која си ја поставивме беше да си докажеме дека можеме да изградиме интернационален бренд кој ќе направи влијание во светот на дизајнот. Деновиве случајно наидов на истражување на пазарот за дизајн на радијатори кое содржи анализа на десетте највлијателни брендови во кои нѐ вбројуваат и нас. Ова ми дава знак дека сме на добар пат кон остварување на првичниот сон.

Морам да споделам една лична импресија. На една неодамнешна изложба во „Јавна соба“ имаше експонат на Завар дизајн за кој мислев дека е уметничко дело, додека не разбрав дека тоа е всушност функционален радијатор. Грејните тела станаа уметнички дела. Од каде дојде идејата?

М. Наумовска-Грнарова: Да, мислам дека зборуваме за последното издание на Скопската недела на дизајн во ноември минатата година каде што премиерно го претставивме најновиот член на семејството радијатори на Завар. Се работи за линијата „арт лајн“ (“Art Line”) која за прв пат беше претставена на саемот МЦЕ Милано во март 2016 година каде што предизвика исклучително внимание.
Идејата се развиваше многу долго време или попрецизно поминаа цели тринаесет години на експериментирање, барање нови технолошки решенија и развој на дизајни.
Првиот радијатор го направивме во далечната 2004 година во периодот кога во светот за прв пат почнуваа да се појавуваат радијатори од „инокс“.
Откако ги истраживме доволно нашите технички капацитети и технологии за производство и се уверивме во квалитетот на самите радијатори решивме во фокусот на брендот Завар дизајн да станат дизајнираните радијатори.
Неколку години требаше да се истражува што постои на пазарот како дизајн со цел да направиме нешто ново и различно, истовремено развивајќи ја нашата комплетна колекција. Овој период ќе го паметам како највозбудлив и најкреативен, кога создавате нешто од нула, полни со возбуда, многу непознавање и многу ризик.
Ограничувањата кои ги имавме нѐ направија поиновативни и ни создадоа предност пред конкуренцијата.
Првата комплетна колекција излезе во 2008 година и оттогаш постојано се унапредува и се надополнува и се трудиме секоја година да понудиме нешто ново.

Ова е мошне оригинално бидејќи Вие по образование сте машински инженер. Тоа е една, би рекле, во основа егзактна професија. Дали беше лесен спојот на егзактното и уметничкото?

М. Наумовска-Грнарова: Тоа е мојата лична приказна и едно животно патување кое доведе до синтеза меѓу егзактниот, математичкиот дел од умот и една голема љубов и потреба од уметничко изразување и креација.
Среќна сум за изборот на професијата машински инженер која ми даде една одлична подлога и начин за размислување кој е неопходен за водење компанија од областа на металната индустрија. Образованието го надградував во различни области, пред сѐ во областите од менаџмент, стратегија и дизајн, а во моментов ја пишувам магистерската теза од областа на Дизајн менаџментот.
Спојот меѓу егзактното и уметничкото не е воопшто едноставен бидејќи најчесто се разидуваат. Но, токму откривањето на моментот кога можат да се допрат и заеднички да создадат нешто сосема неоткриено кое ќе ги допре границите на технологијата и нема да го наруши уметничкиот израз претставува вистинска среќа.
Притоа мора да се внимава да не се занемари ниедна од овие две компоненти на самиот производ бидејќи од тоа се состои неговата успешност.
Навистина е големо уживање и предизвик постојано да се надминуваат границите на технологијата за да се достигне совршенството на уметноста.

Да се вратиме на наградата од Њујорк. Ви ја додели Американското здружение на дизајнери за ентериер. Тоа е најстарата, најголемата и единствената мултидисциплинарна организација на дизајнери за ентериер во САД. Здружението има 13 500 членови дизајнери и 6 000 претставници на партнери од индустријата. Голема работа е да се добие награда од вакво здружение. За каква награда станува збор и како го доживеавте тој момент?

М. Наумовска-Грнарова: Наградата дојде ненадејно, неочекувано, и дури отпосле ја сфатив нејзината вистинска вредност. Можеби затоа што никаде претходно немав прочитано дека на самиот саем се доделуваат и награди.
Првите часови на саемот тимот и пријателите на Завар дизајн заклучија дека посетителите најверојатно ги гледаат нашите производи како скулптури, а не како функционали грејни тела. За кратко време покрај секој радијатор стоеше по една рачно напишана изјава во стилот на графити која објаснуваше по нешто за самиот производ или за брендот на симпатичен и на непосреден начин, впрочем какви што се и самите Американци.
Во истиот момент имаше позитивен резултат и наеднаш сите посетители почнаа да застануваат на штандот, да се восхитуваат и гласно да коментираат. Во еден таков налет на група луѓе една жена застана не криејќи го изненадувањето и веднаш ми објасни дека се тие Жири-комисија за награди и ги повика своите колеги. Возбудено ги запишуваа сите податоци со многу комплименти за идејата, за дизајнот и за изработката. Уште веднаш ми кажаа дека првпат гледаат вакво нешто.
Следното утро се појавија исто така ненадејно гласно извикувајќи „вие сте победници“.
Точниот назив на наградата е Најдобар иновативен дизајн или “Best Inovative Design”, што е навистина огромна чест.
Американската асоцијација за внатрешен дизајн ги промовира вредностите на дизајнот, како и динамиката и еволутивните форми на сето она што креативниот човечки ум го создава – стои во описот на нивната мисија.
За наградата на Завар дизајн АСИД (ASID) изјавија (цитирам): „Изложеното ја илустрираше главната мисија на брендот, прикажувајќи ги материјалите на многу интересен начин за да покаже функционални производи кои комбинираат дизајн и технологија“.
За жал, не можевме да направиме фотографија со кристалната статуетка бидејќи исто така ненадејно и мистериозно исчезна на прославата што ја организиравме по повод наградата.

Наградата ја добивте на големото архитектонско дизајн шоу што се одржа во март годинава во Њујорк. Кажете ни малку повеќе за самиот настан?

М. Наумовска-Грнарова: Аркитектурал дајџест (Architectural Digest) е едно од најстарите и највлијателните списанија кое се занимава со интернационални дизајн таленти, иновативни домови и производи, инспиративни идеи за декорирање, култура и патувања. Започнало да излегува во далечната 1920 година во Калифорнија, а денес излегува во девет земји во светот и има огромно влијание во светот на дизајнот на ентериери.
Во склоп на своите активности за промовирање на дизајнот го организира и саемот Аркитектурал дајџест дизајн шоу (Architectural Digest Design Show) кој се одржува секоја година во Њујорк и за четири дена претставува повеќе од 400 премиум брендови, а секоја година е посетен од повеќе од 40 000 посетители.
Самите излагачи се концепциски поделени во неколку различни секции меѓу кои и МЕЈД (MADE) каде што се претстави и Завар дизајн оваа година. На МЕЈД (MADE) со претходна претселекција се претставуваат повеќе од 160 уметници и дизајнери од целиот свет со оригинална уметност, уникатен мебел, скулптури, текстил и осветлување.
Во склоп на саемот се одржуваат и предавања и семинари од страна на водечки дизајн имиња на различни теми поврзани со дизајнот.
Исклучително динамичен саем со одлична посетеност и квалитетна и едуцирана публика.

Со што се претставивте на шоуто?

М. Наумовска-Грнарова: Претселекцијата на саемот траеше во неколку етапи во периодот од октомври до декември минатата година, а информацијата дека сме примени ја добивме непосредно пред Нова година, што ни остави многу кратко време за подготовки.
Огромна благодарност до целиот тим кој, она што во еден момент се чинеше невозможно, успеа да го направи реалност.
Реализацијата на целиот проект е финансиски поддржана од проектот за зголемување на пазарна вработливост ИМЕ (IME) во склоп на програмата на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ (SDC)), имплементирана од водечкиот партнер Свис контакт (Swisscontact), во соработка со локалниот партнер ПРЕДА плус.
Се претставивме со шест експонати – три радијатори и три клуб масички.
Минатогодишниот хит „Лав Коуд“ (“Love Code”) од колекцијата „Арт Лајн“ (“Art Line”) како еден од водечките модели од колкцијата на Завар беше неизбежен дел од изложбата.
Другата водечка колекција од радијаторите на Завар дизајн е ДРОП (“DROP”), дизајнирана во соработка со студиото Капка и дизајнерката Јана Ацевска која веќе четири години е дел од тимот и близок соработник на брендот. Поради конзистентно претставување на релативно малиот простор одлучивме да прикажеме два радијатора од оваа колекција, и тоа ХАБЛ (“HUBBLE”) и новиот ПИЛОУ ДРОП (“PILLOW DROP”).
Соработката со студиото СТОУН дизајн од Скопје која се интензивираше минатата година на нивниот проект Ничија земја со кој ја претставија Македонија на архитектонското биенале во Венеција продолжи и за овој саем. Тие го потпишаа дизајнот на најновата колекција на скулптурни клуб масички СТОУНС (“STONES”) која, исто така, премиерно беше претставена на Аркитектурал дајџест дизајн шоу (Architectural Digest Design Show).

Има една стара поговорка што вели: Ако можеш да успееш во Њујорк, можеш да успееш било каде. Што сега по наградата во Њујорк?

М. Наумовска-Грнарова: Искрено се надевам дека поговорката е сѐ уште точна. Сепак навистина се уверив дека Њујорк е центарот на светот, што истовремено и ја објаснува самата поговорка.
Најтешката работа е онаа која следува по секој саем. Во комуникација сме со дел од потенцијалните клиенти кои ги запознавме на саемот и сме на пат да ги реализираме и првите продажби. Иако веќе имаме партнер и застапник за овој пазар, целта е да бидеме дел од понудата на неколку најпрестижни галерии за продажба на уникатен мебел на што веќе работиме.
Со партнерот ќе се претставиме и на Њујоршката недела на дизајн веќе во мај во склоп на саемот ИЦФФ (ICFF) кој е централно место за претставување на етаблирани брендови. Самиот факт што директорот и кураторот на саемот инсистираа да бидеме дел од него како најдоброто нешто од САД, нудејќи ни притоа екстремно поволни услови, ми дава надеж дека со уште еден чекор ќе се доближиме до американската публика на која очигледно ѝ се допаѓаме.
А тоа што нѐ очекува до крајот на годинава е комплетен редизајн на брендот и на колекциите со многу нови производи со цел уште повеќе да го подигнеме нивото и да бидеме подостапни до нашите идни корисници и бендисувачи.

На страна од дизајнерскиот аспект на радијаторите што ги изработува Завар дизајн, за нив се вели дека се и со висок квалитет во поглед на материјалите од кои се изработени. Кажете ни нешто за тоа.

М. Наумовска-Грнарова: Ексклузивноста на производите на Завар дизајн доаѓа и од материјалите кои се користат, покрај технологиите и начинот на производство.
Во стратегијата на брендот од самиот почеток е ставен акцентот на одржливоста и на заштитата на животната средина. Според тоа водени сме од принципот да користиме природни материјали кои се 100 % рециклирачки.
Во фокусот на брендот е не’рѓосувачкиот челик како материјал, но последниве години експериментираме и постојано воведуваме нови материјали како бакар, челик и месинг со различни површински обработки и третмани.

Претпоставувам дека Вашето производство задоволува одредени меѓународни стандарди за сертификат.

М. Наумовска-Грнарова: Компанијата Завар извезува 80 % од своето производство како резултат на високиот квалитет, но и на портфолиото од сертификати кои ги поседува. Покрај стандардните ИСО 9001, ИСО 14001 и ОХСАС, поседуваме сертификати кои се однесуваат и на самото производство и тоа ИСО 3834-2, ПЕД 97/23-ЕЦ, како и ЦЕ број.
Со воведување на стандарди започнавме уште од 2004 година и постојано сме во инвестиција во нови сертификати, лиценци и обуки за вработените.
Иако е прилично скапо да се држи чекор со сите овие барања, тие сепак помагаат за да се запази еден континуиран процес на учење и унапредување и на вештините и на квалитетот.

Каков е сензибилитетот за вакви „уметнички“ радијатори во Македонија? Кој е профилот на Вашите клиенти? Дали повеќе продавате во земјава или во странство?

М. Наумовска-Грнарова: Македонскиот пазар е најдолго со радијаторите на Завар, уште од првиот изработен радијатор линеа кој беше награден во 2004 година на саемот за мебел и веднаш беше продаден.
Во изминативе тринаесет години сепак успеавме да ги доближиме нашите радијатори до домашната публика која ги препозна квалитетот и уникатноста.
Но, македонскиот пазар е премал за да може да апсорбира ваков тип производ поради што уште на самиот почеток идејата беше да направиме производ кој лесно ќе може да се пакува и да се транспортира низ целиот свет. Досега сме продале речиси на сите континенти, а најмногу се разбира во Европа.

Како ја оценувате тековната состојба со примената на дизајнот во македонското производство? Претпоставувам дека постои значителен простор за напредок. Што треба Македонија да направи во тој поглед?

М. Наумовска-Грнарова: Во времето кога ја развивав колекцијата радијатори на Завар дизајн, од 2005 година до 2006 година, во Македонија и не постоеше формална едукација за дизајн или беше во зачеток.
Во последниве години се произведе доволно кадар кој би требало да ја преземе иднината во свои раце и да ја промени ситуацијата во индустријата во следните децении.
Главната причина поради која се вклучив во организацијата на Неделата на дизајн во Скопје уште од второто издание во 2012 година е токму таа – подобрување на соработката меѓу дизајнерите и компаниите, зголемување на свесноста кај компаниите за потребата од дизајн и развој на сопствени производи и брендови наспроти лон производството.
И преку Асоцијацијата за метална и електроиндустрија МАМЕИ, како претседател, се залагам да го приближам дизајнот во компаниите од овој сектор.
Резултатите кај многу компании се видни и сведоци сме на повеќе успешни приказни, но сепак има уште многу простор за работа и за унапредување.

Имајќи ја предвид автентичната и инспиративна бизнис-приказна на Завар дизајн, која е Вашата порака до македонските фирми што се занимаваат со производство.

М. Наумовска-Грнарова: Ќе ми биде драго ако успеам со својот пример да охрабрам и да инспирирам што повеќе компании, а особено млади дизајнери дека ништо не е невозможно со упорна и со посветена работа. Сметам дека во Македонија има доволно креативни умови кои допрва ќе покажуваат дека можеме да се носиме со која било друга нација.
Производните компании би ги охрабрила да развиваат свои производи бидејќи тоа е единствениот начин да останат подолго во игра и еден ден да произведат вистинска вредност за компанијата.
Само таква индустрија е одржлива на подолг рок и може да биде носител на една стабилна и сигурна економија.

За крај и едно лично прашање. Долги години пеевте во хоровите диригирани од Запро Запров. Дали тоа придонесе за развивање на уметничката нишка на Вашата личност? Ви недостасува ли пеењето?

М. Наумовска-Грнарова: Музиката е дел од мојот живот уште од раното детство, почнувајќи од тапаните на мојот татко, па сѐ до деветте години поминати во Нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во класата по пијано на мојата драга професорка Снежана Пановска.
Откако решив дека нема да продолжам во средно музичко, туку во Корчагин, на физика, празнината мораше некако да се пополни. Тогаш една другарка ме покани на аудиција во Женскиот младински хор „25 Мај“ на диригентот Запро Запров. Тоа беа десет години на растење, учење дисциплина, калење на победнички дух, огромен ентузијазам, многу љубов и секако многу музика.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО