Општество
Европското политичко финале е пред нас: ГЕРМАНИЈА ВО СЕПТЕМВРИ ОДЛУЧУВА
Мирослав Саздовски
@MirkoSlav
Откако ги испратија радикалните популисти на периферијата на политичката сцена, Мартин Шулц и Ангела Меркел ќе си ги одмерат силите во септември, а цела Европа ќе го следи резултатот од европското политичко финале.
Како вчера да беше кога светот со неверување ги следеше резултатите од референдумот Брегзит и подоцна изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Овие два политички настана толку многу влијаеја (сѐ уште влијаат) на севкупните општествени состојби, што најверојатно за нив ќе се исцрта временската граница која ќе ги разделува периодите што ги дефинираат различните генерации. Сегашните мали деца, кои реално ќе растат во пост Трамп/Брегзит ерата, ќе се сметаат за различна генерација од генерацијата зед (Z) (постмилениумците) кои од оваа година почнаа да стануваат полнолетни. Тоа е секако така не само поради последиците од самите настани туку и поради севкупната општествена и политичка хистерија која тие ја предизвикаа. На пример, Европа пред само 6 месеци живееше во блага „политичка параноја“ дека растот на популарноста на новите популистички доктрини се заканува целосно да ја урне концепцијата на Oбединета Европа. Многу политички аналитичари, особено политички историчари, оваа состојба ја споредуваа (некои сѐ уште) со затегнатата состојба пред почетокот на Првата или на Втората светска војна. Всушност, ако се земат предвид светските околности во кои се случија овие два настана (Сирија, ИСИС, бомбашки напади итн.), светот и реално се наоѓаше во политички ризик од глобална војна. Иако ништо од тоа не се случи, светот за момент ја вкуси политичката атмосфера на општествената катаклизма од рангот на светска војна. Тоа секако ќе остане запаметено во колективната меморија и ќе има силно влијание врз формирањето на општествените профили. Сепак, за среќа, овој политички пинг-понг на радикални инструменти за хистерија „ти мене бомба, јас тебе ѕид“ на крајот, барем во Европа, сепак беше разобличен. На изборите во Холандија, во март оваа година, радикалниот популист Герт Вилдерс беше сериозно поразен од премиерот Марк Рут, а неколку месеци подоцна Емануел Макрон практично ја прегази Марин Лепен во „трката“ за претседател на Франција. Тоа подоцна и се потврди со негова апсолутна победа на легислативните избори за пратеници во Парламентот на Франција каде што Макрон освои 350 пратенички места, додека Лепен осум. Во таа смисла европските политички аналитичари, со доза на смирена летна летаргија и ниско ниво на политички адреналин, ги очекуваат најважните избори за оваа година – германските федерални избори.
ГЕРМАНСКИ СОСТОЈБИ
Во 2013 година, и тогаш владејачката ЦДУ на Ангела Меркел не успеа да освои мнозинство во Парламентот, иако нејзината партија го зголеми бројот на освоени пратенички места. Нејзиниот традиционален партнер, Партијата на слободни демократи, за првпат од своето постоење не успеа да го премине прагот од 5 % и со тоа остана без ниедно пратеничко место. Тогаш, по третпат во повоена Германија, беше формирана т.н. Голема коалиција – политичка состојба кога двете најголеми политички партии и ривали, во интерес на политичката стабилност на земјата, формираат заедничка влада. Оваа традиција влече корени од политичките случувања во предвоеното минато за кога се смета дека недостатокот од ваков политички „сенс“ на тогашните „мејнстрим“ политички елити довел до политичка девијација на германското општество од што подоцна се произлезени и двете светски војни. Под влијание на оваа германска политичка траума, од 2013 година во новата владата на Ангела Меркел влегуваат и министри од конкурентската Социјалдемократска партија на Германија (СПД). Оваа партија тогаш ја предводеше Зигмар Габриел кој стана вицепремиер на Ангела Меркел, а оваа година стана и министер за надворешни работи на истата Влада. Оттогаш, па сѐ до пред година и пол, Германија важеше за едно од политички најстабилните општества кое притоа резултираше со солиден економски и општествен прогрес. Германија секако долго време важи за една од најголемите супер сили во Европа, но под владеењето на Ангела Меркел, во тој поглед, Германија се оддалечи од останатите европски земји на тронот.
ИМПАКТОТ НА РАДИКАЛНИОТ ПОПУЛИЗАМ
Сепак политичката нестабилност што ги зафати општествата на западната цивилизација, предводена од напливот на радикален популизам, национализам и движење против естаблишментот, во 2015 година почна да продира и на политичката сцена на Германија. Од тогаш, па наваму не само ЦДУ на Меркел, туку и нивниот ривал и коалициски партнер во Големата коалиција, СПД, почнаа да ја губат поддршката од гласачите, а гласовите почнаа да се прелеваат кај популистичките партии. Мал дел од гласовите се прелеаја кај Партијата на зелените кои во тој момент претставуваа левичарски популисти, но во поголем дел растеше поддршката на партијата Алтернатива за Германија која претставува радикална десничарска и евроскептична партија и, за многумина, само нова форма на германскиот неонацизам. За да се добие вистинска слика треба да се потсетиме дека 2015 година беше многу тешка година за европскиот, па и за светскиот политички естаблишмент. Во тој период, Корбин ја презеде Лабуристичката партија на Британија и му зададе фатален удар на т.н. британски „Трет пат“ предводен од Тони Блер и Гордон Браун со што го внесе популизмот во британската левица; подоцна истата година Дејвид Камерун реши да „флертува“ со можност за референдум за отцепување на Британија од ЕУ, нешто што како политички флерт беше прифатено и од Корбин, а означи влез на популизмот и во британската десница; во 2015 година Грција, која веќе од поодамна беше под управа на левичарскиот популист Алексис Ципрас и неговата СИРИЗА, беше на работ од банкрот, а политичкиот хазард на тогашниот министер за финансии Јанис Варуфакис ја водеше земјата кон нејзино исфрлање од еврозоната и опасност од целосен „Грегзит“ на државата од Европската Унија; тоа е годината кога кулминираше и војната во Сирија, како и проширувањето на ИСИС, што резултираше со дотогаш најголемата кулминација и на мигрантската криза; тоа е периодот кога Доналд Трамп почна да доминира пред останатите противкандидати во Републиканската партија и неговиот избор како нивен кандидат стана извесен. Всушност, од почетокот на 2015 година, па сѐ до крајот на 2016 година може да се смета дека беше година на силни политички турбуленции кои го ставија на тест целиот досегашен политички и општествен поредок.
Под притисок на сите овие настани, а најмногу поради политичката хистерија од приливот на преку милион бегалци кои во најголемиот дел беа муслимани од Блискиот Исток, во Германија почнаа да се будат националистички тенденции кои почнаа да ја менуваат политичката карта. Од целосен аутсајдер, кој на ниедни избори не успеваше да го надмине потребниот праг од 5 % за влез во Парламентот, радикалната Алтернатива за Германија (АФД) почна да го зголемува својот рејтинг кој до крајот на 2015 година за првпат стана двоцифрен. Иако сѐ уште далеку од позиција да ги загрози двете водечки партии, поддршката за АФД продолжи да расте и во 2016 година. Тоа се поклопува со периодот кога популизмот почна да зема замав и во останатите европски држави, како на пример во Франција, каде што растеше поддршката на Националниот фронт на Марин Лепен, но и во Британија каде што не само што растеше поддршката за популистичката УКИП туку растеше и поддршката за референдумот Брегзит и условно популистичкото крило кај ториевците. Некаде на средина на 2016 година се случи Брегзит кога Британците на референдум одлучија дека сакаат да излезат од Европската Унија, а подоцна, кон крајот на годината, се случи и изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. Овие два настана, како што спомнавме претходно, претставуваат кулминација на оваа т.н. нова политичка доктрина и во тој момент рејтинзите на партиите што ја застапуваат оваа доктрина е највисок во нивната историја. Па така, поддршката за популистичката АФД во овој период надминува 15 %, а во одредени моменти некои истражувања покажуваат поддршка и од преку 20 % за оваа националистичка и евроскептична партија која до пред само една година претставуваше политички аутсајдер. За да се разбере опасноста по Германија, но и по целата Европска Унија, во периодот меѓу Брегзит и изборот на Трамп, поддршката за ЦДУ на Меркел паѓа на 35 %, што е најниско ниво на поддршка за оваа партија откако дојде на власт во 2005 година, а поддршката за СПД на 20 %. И тогаш, на 20 јануари оваа година, се случи инаугурацијата на Донал Трамп за претседател на САД, а политичката конјуктура добива сосема обратен тренд.

ФЕДЕРАЛНИТЕ ИЗБОРИ ВО ГЕРМАНИЈА СЕ ЗАКАЖАНИ НА 24 СЕПТЕМВРИ И ТИЕ ПРЕТСТАВУВААТ Т.Н. ЕВРОПСКО ФИНАЛЕ НА РАЗВРСКАТА ПО ТРАМП/БРЕГЗИТ
МАРТИН ШУЛЦ
Сѐ уште не можам прецизно да го дефинирам политичкиот пресврт, но според тајмингот новата политичка конјуктура во Германија почнува со инаугурацијата на Доналд Трамп на 20 јануари и кандидатурата на Мартин Шулц за претседател на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) четири дена подоцна. Распоредот на силите на германската политички сцена, во овој краток период, целосно се променија. Како со нож пресечено рејтингот на СПД почна вртоглаво да расте, а оној на ЦДУ на Меркел благо да опаѓа. За кратко двете најголеми партии, по 10 години доминација на ЦДУ, ги изедначија своите рејтинзи. Партиите, пак, од новиот популистички бран не само што го изгубија моментумот и трендот на раст, туку напротив, како да исчезнаа од политичката сцена и се вратија на нејзината периферија од каде што и дојдоа. Иако овој тренд на нова политичка редистрибуција ги зафати и останатите земји од Европа, Германија изгледа дека предничи во ослободувањето од влијанието на новиот радикален популизам. На 19 март, Мартин Шулц едногласно е избран за претседател на Социјалдемократската партија на Германија и во тој момент неговиот рејтинг е поголем од оној на актуелната канцеларка Ангела Меркел.
Мартин Шулц има богата и интересна лична и политичка кариера. Своето детство го поминува во родното место Хелрат (денес дел од градот Ешвајлер) кое се наоѓа во непосредна близина на тромеѓето меѓу Германија, Холандија и Белгија. Овој регион е познат по тоа што неговите жители најчесто имаат голем број роднини кои се наоѓаат на различни страни од границите. Таков е и случајот со фамилијата на Мартин Шулц, што несомнено има влијание врз изградбата на неговиот политички карактер. Дополнително тој претставува дете на т.н. политички мешани родители каде што неговиот татко, полициски службеник, е социјалдемократ, додека неговата мајка потекнува од семејство со демохристијанско политичко убедување. Сѐ до почетокот на 80-тите години од минатиот век, своите тинејџерски денови Шулц ги поминува водејќи бурен живот. Со програма за размена на студенти одреден период престојува и во Франција, но сепак двапати го повторува 11. клас (кај нас тоа би било втора година од средно училиште) и го напушта училиштето без да положи „Абитур“, еден вид финален тест на секундарното образование сличен на нашата матура. Во тој период тој активно тренира фудбал и работи како продавач на книги во неколку книжарници. По повредата на коленото, поради која завршува неговата фудбалска кариера, Шулц станува зависник од алкохол, нешто што на крајот резултира со негов обид за самоубиство во 1980 година. Подоцна, по успешната рехабилитација, во 1982 година тој отвора сопствена книжарница и полека започнува неговата политичка кариера како советник во општинската администрација на градот Вирселен. Подоцна, од 1987 година, па сѐ до 1998 година, Шулц е градоначалник на Вирселен, а во меѓувреме на изборите за Европскиот парламент во 1994 година станува и европратеник. Од тука натаму политичката кариера на Мартин Шулц е врзана за неговото учество во Европскиот парламент, прескокнувајќи ги со тоа политичките скалила на државната и федералната власт во Германија. Иако со бавно темпо, неговата кариера е во стабилен и постојан подем, и тоа по две траектории: напредок во неговата матична партија СПД во Германија, како и напредок во рамките на институциите, телата и партиската група во Европскиот парламент. Откако станува пратеник во Европскиот парламент, Шулц почнува да напредува во партиската структура и некаде пред крајот на минатиот век влегува во високите тела на партијата која сѐ до 2004 година е на власт во Германија и ја води Герхард Шредер. По 2004 година, Шулц останува во највисоките тела на партијата која од тогаш, па сѐ до 2013 година е во опозиција и на чие чело се менуваат четири лидери меѓу кои и последниот Зигмар Габриел. Во истиот период, пак, во рамките на Европскиот парламент, Шулц се промовира преку учество во телата на Парламентот како што се комитетите за граѓански слободи, човекови права итн. Уште на почетокот, во 2000 година, тој ги предвиде германските социјалисти во Европскиот парламент, а во 2004 година станува предводник и на европските социјалисти. Неговиот изострен политички „сенс“ за дипломатија, развиена вештина за политичка снаодливост, како и чиста мисла по прашањата за европската интеграција и воопшто севкупната прогресивната идеолошка политичка матрица го позиционираат Мартин Шулц како омилен политичар меѓу европските социјалисти и социјалдемократи. Во 2009 година, на пример, тој успева да го блокира реизборот на Жозе Мануел Баросо за претседател на Европската комисија од кого подоцна обезбедува значајни политички концесии за европските социјалдемократи по што го „откочува“ неговиот избор. Подоцна, во 2011 година, од страна на социјалистите и на демократите во Европскиот парламент Мартин Шулц е едногласно предложен за претседател на Парламентот и подоцна со мнозинство избран. На крајот, неговиот пробив меѓу европските социјалисти се потврдува и во 2013 година кога тој е речиси едногласно (само со 2 гласа против од над 400) е избран за кандидат на Партијата на европски социјалисти за претседател на Европската комисија. Подоцна, во дипломатско-партиски преговори, Шулц се откажува од оваа „трка“ во замена за поддршка за неговата позиција како претседател на Европскиот парламент. Неговите успеси во рамките на европската политика не остануваат незабележани и на домашната политичка сцена.
Уште при неговата кампања за претседател на Европската комисија во 2014 година, „трка“ од која, како што видовме погоре, подоцна се откажува, аналитичарите препознаваат дека неговиот политички фокус сѐ повеќе е ориентиран кон внатрешните прашања на Германија, отколку кон европските теми. Шпекулациите дека всушност Мартин Шулц спроведува излезна стратегија од европската политика и создава влез во домашната потекнуваат уште тогаш и со текот на времето сѐ повеќе се засилуваат. Веќе во 2015 година неговите дипломатски успеси во рамките на Европскиот парламент му ја зголемуваат популарноста во Германија, па медиумите веќе шпекулираат дека тој е можниот нов наследник на Меркел. На почетокот на 2016 година тој демантира дека има план да се „трка“ за нов канцелар, но на крајот од истата година објавува дека не планира повеќе да се кандидира за претседател на Европскиот парламент, туку дека планира да се посвети на германската политика и да „трча“ за пратеник во Бундестагот. Тоа повторно ги разгорува шпекулациите за неговите намери да „трча“ за канцелар на Германија, нешто што, како што видовме, се потврди со неговиот избор за претседател на Социјалдемократската партија на Германија (СПД).
ФЕДЕРАЛНИТЕ ИЗБОРИ ВО ГЕРМАНИЈА
Влезот на Мартин Шулц во високата германска политика претставува важен настан за германската и европската политика. Како што подоцна се потврди, неговиот влез кореспондира со разобличување на новиот бран на т.н. популистичка доктрина и радикализам кои се закануваа да го нарушат стабилниот политички поредок на Германија и на Европа. Имено, како што во серија текстови веќе анализиравме, една од главните причини за појавата на новото антиестаблишмент движење е приближувањето на политичките догми меѓу левицата и десницата. Во Германија, за разлика од другите места, тоа се случи со сплет на околности, имајќи предвид дека двете најголеми партии беа упатени на Голема коалиција поради традицијата на зачувување на политичката стабилност. Во таа смисла доаѓањето на Мартин Шулц на чело на социјалдемократите претставува завлекување на социјалдемократите во лево, но и расчистување со нивните позиции по прашање на организација на Европската Унија. Многумина за предизвикот на Мартин Шулц да се „трка“ за германски канцелар кажуваат дека сега Германија има вистинска алтернатива за Ангела Меркел. Со тоа тие недвосмислено алудираа на името на радикалната популистичка партија, Алтернатива за Германија, чиј делумен успех, од оваа дистанца, може да се каже дека беше и недостатокот од суштинска политичка алтернатива која би се спротивставила на 10-годишното владеење на Ангела Меркел.
При изборот на Мартин Шулц на чело на Социјалдемократската партија на Германија, поддржувачите на левицата не штедеа епитети за овој настан. „Новиот Бог на социјалдемократите“; „единствениот кандидат со 100-процентна поддршка во историјата на СПД“; „Вистинската алтернатива за Ангела Меркел“ итн. беа насловите со кои излегуваа левичарските јавни медиуми. Овој оптимизам повеќе се припишува на долготрајната доминација на ЦДУ со германската политика, но секако тој има и реална основа имајќи предвид дека СПД е вратена на политичката сцена во Германија на голема врата. Поразот на СПД во левичарскиот бастион Северна Рајна Вестфалија (од каде што потекнува Шулц), од страна на ЦДУ на Меркел пред два месеци, веројатно претставува најдобриот отрезнувачки рецепт за оптимистичкиот „мамурлук“ на социјалдемократите имајќи предвид дека по падот на еуфоријата од изборот на Шулц водството на ЦДУ на анкетите пред СПД повторно е двоцифрено.
Федералните избори во Германија се закажани на 24 септември и тие претставуваат т.н. европско финале на разврската по Трамп/Брегзит. Исфрлувањето на радикалните популистички партии на периферијата од политичката сцена претставува важна тенденција во сите европски држави. Во Германија, дефинитивно, влегувањето на Мартин Шулц во високата политика дефинитивно имаше клучно влијание за враќањето на фокусот на гласачите меѓу двете „мејнстрим“ партии. Дали овој моментум ќе биде доволен импулс за да го „откочи замаецот“ на политичкиот циклус на социјалдемократите или оваа политичка инерција едноставно ќе се потроши до 24 септември останува да видиме по завршувањето на летото.