Општество

АНДЕРГРАУНД ГОТВЕЊЕ, ПРОХИБИЦИЈА И РАЧНО РАБОТЕНО ЧОКОЛАДО

Лидија Георгиева

Паралелни гастрономски патеки

Кога ќе имате потреба да излезете од сигурноста на изодените патеки на националните ресторани и класичните гурмански доживувања, Скопје нуди можности за нови густативни ритуали. Со свежите идеи на нови креативни генерации патуваме низ експлозија на вкусови – главно јадење, коктел и десерт, заедно со рецепти кои авторите ги споделија со нас.

 

СПИКИЗИ – КОКТЕЛ БАР СО РЕТРО ЏЕЗ-АМБИЕНТ

Во куќа лоцирана во срцето на Дебар Маало, во атмосфера која директно ве транспортира во  минатиот век, се наоѓа барот Спикизи. Отворен во 2013 година од основачите Филип Арнаудов – нашиот соговорник и Дарко Ангелски, местото е идеално за релаксирано уживање во врвни коктели, но и во авторски креации со изненадувачки вкусови постигнати со употреба на состојки од македонското поднебје.

Ве споредуваат со романтичните денови на американската прохибиција. Која беше инспирацијата за атмосферата?

Идејата за барот е од т.н. спикизи (Speakeasy) барови кои биле популарни во Америка за време на прохибицијата, а сега се повторно тренд во барската индустрија во светот. Немавме конкретна идеја каков бар сакаме, но кога го видовме просторот без размислување знаевме дека ќе биде спикизи бар. Куќата е од 1926 година, период на прохибицијата, амбиентот е идентичен, па со коктелите и со звукот на свинг и на џез имате чувство дека сте на друго место, во друго време.

Каде ја научивте вештината на подготвување коктели?

Вештината ја научив на курс за бармени пред петнаесетина години. Денес, како дел од Здружението на бармени на Македонија, посетуваме и одржуваме многубројни семинари на кои секогаш може да се научи нешто ново. Во склоп на нашата фирма имаме и школо за обука на бармени, одржуваме курсеви, семинари и консалтинг за барска работа и за подготовка на коктели.

Кој од Вашите коктели е омилен, дали се работи за некој од класичните коктели или можеби Ваша креација?

Не би можел да издвојам некој коктел посебно. Повеќето коктели се авторски или се варијации на класични коктели. Авторските коктели секогаш се интересни за гостите бидејќи користиме необични состојки за подготовка: различни видови слатка и џемови, барски сирупи, инфузии на алкохолни пијалаци и сокови кои сами ги подготвуваме и ги послужуваме во несекојдневни чаши и теглички. Во секој случај, гостите сакаат со коктелот да ја слушнат и приказната за него, тогаш добиваат целосно барско искуство и се врзуваат за барот.

 

Белегзија - коктел креација на Спикизи

4 цл лозова жолта ракија

2 цл сируп од слатко од зелени смокви

0,5 цл ванила сируп

3 цл сок од јаболко

Декорација: кора од лимон и парче зелена смоква од слатко

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано