Општество

ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА

Јован Пехчевски

„Последниве 10 години од ИТ беа насочени кон менување на начинот на кој луѓето работат. Следните 10 години од ИТ ќе бидат насочени кон трансформација на вашиот бизнис.“ Арон Леви, главен извршен директор на Бокс

 

Дигиталната трансформација подразбира длабока и забрзана трансформација на деловните активности, на процеси, на надлежности и на модели на бизнисот со цел целосно искористување на промените и на можностите на дигиталните технологии и нивното влијание на општеството, и тоа на еден стратешки и приоритетен начин земајќи ги предвид сега присутните и идните промени во начините на размислување и на работење. Развојот на новите надлежности на бизнисот се врти околу можноста за поголема агилност, ориентираност кон луѓето, иновативност, сосредоточеност на потребите на корисниците, рационализација и ефикасност. Целта на дигиталната трансформација е развивање способност кај бизнисите да се придвижат што побрзо кон поголема свесност и прогнози во врска со потребните промени преку реално донесување одлуки и имплементирање на иновации.
Дигиталната трансформација влијае на секоја индустрија како што се транспортната индустрија, логистиката и автомобилската индустрија. Паметните производи како што се термостатите, детекторите за чад и уредите за видеонадзор исто така се засегнати од оваа дигитална преобразба. На пример, Убер, најголемата такси-компанија во светот, не поседува свои возила. Фејсбук, најпопуларниот сопственик на медиуми во светот, не создава своја содржина. Алибаба, најзначајниот трговец во малопродажба, нема свој инвентар. Додека пак Еир БнБ, најголемиот светски давател на услуги за сместување, не е сопственик на никаков недвижен имот.
Брзорастечките иновации создаваат нови системи или т.н. „вредносни мрежи“ кои на крајот на трансформацијата ги заменуваат старите. Следствено на ова потрагата по потенцијални брзорастечки нови технологии и бизнис-модели подразбира системско размислување често барајќи од иноваторот да оди многу подалеку од изумот на самиот производ. Ова е исто толку вистинито за претприемачите кои размислуваат како паметните сензори и работењето во облак ќе внесат промени во начинот на кој пациентите комуницираат со системот на здравствена заштита колку што е вистинито и за трговците во малопродажба кои, пак, размислуваат како услугите како што се оние на Убер можат да го променат начинот на кој корисниците добиваат пристап до производите.

Големите корпорации веќе реагираат
Големите корпорации како што се Форд (Ford) и Џенерал електрик ((General Electric) (ЏЕ)) веќе реагираат на оваа дигитална трансформација. Форд инвестира наголемо во меѓусебно поврзани, попаметни автомобили, додека ЏЕ ги движи иновациите кон меѓусебно поврзани, попаметни машини.
На пример, кога авион лета на висина од над 11 километри, ледените кристали што се создаваат од влагата на високата надморска висина можат да се потстопат и да се залепат на потоплите површини каде што е моторот. Оваа појава позната како „јадро на замрзнати кристали“ (Ice Cristal Icing), која не може да се регистрира со повеќето радари за временска прогноза, може да доведе до непредвидена загуба на работењето на моторот, па дури и до негово оштетување. За да се справи со оваа закана, ЏЕ ги опреми млазните мотори со сензори кои можат да ги откријат таквите јадра од замрзнати кристали, и тоа во комбинација со софтвер што може да го идентификува присуството на овие мали ледени честички. За да ги исфрли ваквите замрзнати мразулци низ бајпас каналот, авионот може автоматски да ги активира конвертибилните бајпас вентили што се отвораат навнатре и се наоѓаат меѓу засилувачот и компресорот на висок притисок. Преработениот софтвер кој го тестираше Боинг на почетокот на оваа година на изнајмен лет на Етиопијан еарлајнс 787 (Ethiopian Airlines) им овозможува на операторите да ја зголемат оперативната висина на овие авиони во услови на постоење на јадра од замрзнати кристали и над 11 километри. Сите овие дигитално оспособени пристапи засновани на реален позитивен исход заедно доведуваат до заработка од над 1 милијарда американски долари годишно, а дополнително создаваат доволно „отпорност на неделотворност“ кај авиокомпаниите преку намалување на непланираните прекини, зголемување на продуктивноста, намалување на емисиите на штетни гасови, како и пониски трошоци за гориво. Тие истовремено помагаат авионската индустрија да земе поголем залет кон попрофитабилна иднина.

Софтверот го „јаде“ светот
Улогата на ИТ се менува – секоја трансформација е поттикната и водена од сè поголемото интегрирање на технологијата во различни аспекти на бизнисот, што доведува до нудење на попаметни производи и искуства засновани на податочно работење.
Состојбата на т.н. статус кво се менува, a дигиталнaта трансформација станува итна потреба за сите. Воспоставувањето на софтверска ДНК е од клучно значење за компаниите да можат да опстанат во новата дигитална ера.
Во согласност со стариот начин на работење, софтверот беше монолитен, а нови изданија на големи битни софтвери се случуваа еднаш на неколку години. Според новиот начин на работење, софтверите се градат преку мали блокови кои можат да се ажурираат независно еден од друг, а мали софтверски изданија се пуштаат во оптек на секои неколку недели, денови или пак часови. Овој тренд на фокусирање на брзината на испорака на софтверот се забрзува со текот на времето. Се започна со рачно и со недоволно често и се стаса до многу зачестено пуштање во оптек на софтвери, а ова е на добар пат да доведе и до континуирана, целосно автоматизирана испорака на софтвери. На пример, додека Фликр (Flickr) беше пионер во брзината на испорака на софтверски решенија во 2009 година со 10 софтверски изданија на ден, до 2013 година Нетфликс (Netflix) стана водечка сила на овој тренд со речиси 100 изданија на ден (слика 1).

Промена на начинот на размислување
Со цел да се фокусираат на брзината на испорака на софтверите, многу од овие компании мораa да се подложат на промени во начинот на размислување и на давање приоритети на работите. Тие мораа да направат своевиден скок од размислување за нивните софтверски изданија, што недоволно често можеа да се ажурираат преку големи инсталирања, до нудење решенија кои треба да подлежат на чести, на мали, на поединечни промени (без прекини). Како резултат на тоа пристапот кон развојот на софтвери и нивната испорака – како од аспект на процес, така и од аспект на архитектура – мораше суштински да се промени за да го поддржи ова преориентирање кон давање оперативен приоритет на услугите. Се појавија нови практики/пристапи за да се овозможи имплементација на оваа промена кон начин на размислување што ќе биде сосредоточен на услуги, вклучувајќи техники како девопс (DevOps), континуирани изданија на софтвери и микросервисинг (Microservicing).
Овие се исто така познати како практики развиени во облак (клауд) бидејќи поддржуваат начин на размислување што е фокусиран на услугите, додека облакот (клаудот) претставува идеална платформа за услуги поради својата еластична робустност потребна за ракување со флуктуирачката оптовареност со нив.
Со зголемениот глобален продор на интернетот и масивното користење на мобилни уреди во секоја сфера на животот се јавува потреба за директна вклученост во искуствата на потрошувачите и зголемен фокус на дигитална трансформација, слично како кај првите зачетоци на интернетот. Меѓутоа, софтверските практики на повеќето традиционални компании не се поставени за да се овозможи давање приоритет на вредноста и на брзината на испорака на софтверите. Така, воспоставувањето „време на вредност“ како приоритет и развојот на релевантни способности брзо стануваат точки на суштинско разликување меѓу менаџерите на компаниите од вчера и оние од утрешнината. Токму затоа овие практики развиени во облак наголемо почнаа да се применуваат од страна на најголемите компании со цел освежување на нивните софтверски практики.
Пример за една таква практика развиена во облак е нативниот хибриден облак (Native Hybrid Cloud) нa Пивотал (Pivotal Cloud Foundry), кој им помага на бизнисите да добијат побрзо време за излегување на пазарот, да ја зголемат продуктивноста на развивачите на софтвер и на оперативната ефикасност на ИТ преку брзо испорачување на платформа со апликации што работат во облак, без трошоците, времето, комплексноста или неизвесноста поврзани со градење на сопствено решение.
Создавање услови за циклуси на иновации во континуитет
За да се постигне вистинска дигитална трансформација, компаниите треба да создадат услови за циклуси на иновации во континуитет. Постојат три важни фази во овој процес на целосна дигитална трансформација (слика 2):


1. Агилен развој со континуирана испорака која го забрзува подобрувањето на работата преку примена на техниките девопс (DevOps) и микросервисис (Microservices) за да се постигне нудење на сигурен софтвер преку автоматизација на развивањето, тестирањето и пуштањето во оптек.
2. Нови апликации и паметни уреди кои го трансформираат бизнисот преку користење нова, технолошки слоевита инфраструктура што овозможува радикално нови карактеристики на производите како што се следење и известување за состојбата на апликациите и нивната околина, помагајќи да се генерираат претходно недостапни увиди во нивната работа и употреба.
3. Аналитика на податоци која обезбедува нови сознанија и увиди во врска со производите, што за возврат може да се искористи како повратна спрега во процесот на развој за континуирано подобрување на функциите на производот.
Замислете го ова: авиокомпанија што лета од Тексас до Лондон е во состојба да сними и до 30 милиони податочни единици за време на летот. Пресметајте го користењето на тој ист авион во текот на следните 12 месеци и веќе зборуваме за генерирани 10 милијарди податочни единици. Со користење на опсежна аналитика на овие податоци, ако се постигне дури и мал процент на подобрувања, може да се дојде до големи заштеди. На пример, намалување на само 2 % во потрошувачката на гориво може да доведе до заштеди во износ од 20 милиони американски долари.
Дигиталните способности го менуваат начинот на кој компаниите работат и прават бизниси. Во воздухопловството, со користење на податоци и нивна аналитика, може да се подобри управувањето со најдобрите мотори, компоненти и системи направени каде било во светот. Горивото е сè уште најголемиот оперативен трошок за една авиокомпанија – околу 30 % од вкупните трошоци – и неговата цена се зголемува во просек за 19 % на годишно ниво. Следењето на варијабли (како што е временската прогноза) и нивно спојување со податоците за летање и за навигација на авионот обезбедува деловна податочна база потребна да се дојде до значителна заштеда на гориво.
Дел технолоџис (Dell Technologies) им овозможува на компаниите да го реорганизираат нивниот бизнис и дигитално да се трансформираат. Портфолиото на технологии на Дел (Dell) како што се И-ем-си (ЕМС), пивотал (Pivotal), вм веар (VMware) и РСА (RSA) исто така им овозможуваат на компаниите да се трансформираат во други три клучни области: ИТ-трансформација, трансформација на работна сила и трансформација на безбедноста.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано