Општество

МИСИ ОНИОН – АНДЕРГРАУНД СУПЕРКЛУБ

Лидија Георгиева

Зад брендот Миси онион стојат Аида Реџепагиќ и Елена Џајкоска, пасионирани млади девојки и како што велат тие за себе – уживателки во добриот залак, искреноста на луѓето и на убавиот збор. По неколку разговори полни со ентузијазам, првата Миси онион вечера е презентирана пред 4 години, на поканетите гости – нивни блиски пријатели. Од тогаш Аида и Елена готват заедно промовирајќи рафинирано гастрономско доживување, ритуал на јадење комплетиран со малку мистерија, интересна дружба и добра музика. 

 

Вашиот концепт е оригинален. Слични концепти постојат во Париз. Дали тоа Ве инспирираше? Како дојдовте на идејата?

Да, Миси онион се води од идејата на таканаречни суперклубови за андерграунд јадење (supper clubs, underground dinning). Овој тип движење првпат се појави за време на прохибицијата во 20-тите во Америка. Во моментов се шири низ Европа и е актуелен во Лондон, во Париз, во Барселона и во Берлин. Го негува концептот на специјално приготвени вечери за ограничен број гости, со веќе дефинирано мени и точно одредена локација која не е јавно позната. Инспирирани од ова концептуално здржување меѓу уживатели на храна создаваме менија кои користат свежи, локални, сезонски и квалитетни продукти, избирајќи ги најдобрите состојки на денот. Тежнееме нашите гости да се чувствуваат комплетно поврзани со настанот, со останатите посетители и со кујната. Знаеме дека собирите каде што се споделуваат квалитетни оброци и се добиваат неформални разговори прават да се чувствуваме избалансирано, приземјено и енергично.

Како е прифатена Вашата идеја?

Вечерите ги организираме еднаш во месецот преку платформата EatWith https://www.eatwith.com/offering/15075/ каде што може да се резервира датум, место и мени за веќе дефиниран буџет/карта. На овие настани секој детал од вечерата е внимателно планиран, атмосферата е интимна надополнета со одбрана музика, а најуникатно e непредвиденото присуство на различни гости. Магично е уште од самото пристигнување на гостите и нивното меѓусебно запознавање. Готвењето се случува пред нив при што дискутираме за јадењата и за начинот на нивното приготвување со одбран пијалак и предјадење. Не брзаме, сакаме искуството да трае околу 3 часа. Задоволство е да се види група луѓе кои не се познаваат, седат на иста маса и дискутираат на заеднички теми. Ова искуство не може да се доживее во ресторан. Последната вечера која ја организиравме (фотографиите и рецептот се од овој настан) вклучуваше и работилница за домашна паста.

Кој е следниот настан што го планирате?

Во моментов работиме на креирање мени за следната вечера во септември. Со ова сакаме да го следиме трендот на реинвентирање на веќе постоечки јадења. Истражуваме состојки, пробуваме нови комбинации и вкусови.

Се дефинирате како андерграунд кукинг, но вашите рецепти се рафинирани, изгледаат вкусно и примамливо. Талентирани сте, ја познавате интернационалната кујна. Кое јадење е кај Вас најбарано?

Не се држиме кон конкретна кујна. Сакаме да експериментираме со вкусови, да комбинираме нови стилови и техники на готвење, да приготвуваме нови јадења. Изненадени сме колку многу локалната публика го прифаќа овој концепт и колку се отворени за нешто ново, различно. Не можеме да издвоиме посебно јадење бидејќи менијата ни се секогаш различни и однапред дефинирани. Ја цениме желбата на гостите да бидат изненадени и нивното уживање во домашно приготвени јадења со свежи и сезонски продукти.

Фетучини ал`аматричана (Fettuccine All‘amatriciana)

фетучини (најдобро е да се домашно приготвени)
1 црвен кромид
200 г гуанчале (или панчета, сланина)
20 г доматно пире
100 мл бело вино
500 г пелат домати
пекорино сирење
босилек
Доколку сте заинтересирани за рецепт за домашно приготвена паста, напишете ни порака на ФБ-страницата на Економија и бизнис, ќе ви го пратиме рецептот на Миси онион.

На загреано тавче додадете малку маслиново масло и пропржете ја исечканата панчета на средно висока температура. Тргнете ја на страна, но зачувајте го маслото во кое се приготвуваше. Додадете го кромидот и гответе на средно висока температура. Кога кромидот ќе омекне и ќе добие карамелизација на краевите додадете го доматното пире. Промешајте, вратете ја панцетата во тавчето. Со цел да се деглазира тавчето, на крајот додадете го белото вино. Гответе околу 3 минути и почекајте алкохолот да испари по што ќе се создаде емулсификација предизвикана од маслото и од соковите од зеленчукот. Додадете ги пелатите и гответе околу 15 минути на средна температура. Зачинете со сол и со бибер.
Додека се готви сосот, сварете ја пастата.
Префрлете ја пастата во сосот, промешајте, додадете маслиново масло и сервирајте со дарежлива количина пекорино сирење и босилек.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано