Општество
ЧОКОЛАРТ – ОПАСНИ ВРСКИ
Лидија Георгиева
Авторката е дизајнер, вонреден професор
Ана Тошанова е сопственик на неодоливо чоколадно царство во близина на кружниот тек во Дебар Маало. Во атмосфера на префинет дизајн на просторот, најтежок момент е изборот при купување. Секој залак е деликатно искуство на вкус и на материја која се прелева во непцата и патува директно во центрите на задоволство. Кога ќе сфатите дека не можете да престанете веќе е доцна – постои опасност дека сте развиле зависност.
Како добивте инспирација за оваа авантура?
Чоколарт е отворена во април 2015 година. Имав огромна помош од мојата ќерка Адријана која беше задолжена за дизајн на лого и работа во продавницата. Полека го оформував тимот во производството, ги обучував – ние имаме квалификувани слаткари, но никогаш не работеле со вистинска чоколада. Денес имам прекрасни вработени кои уживаат во пренесување на магијата на чоколадата на нашите купувачи, а нашата мисија е создавање квалитетни производи кои се уживање за сите сетила.
Каде ја научивте вештината на подготвување чоколадо?
Љубовта кон готвењето е вткаена во мојата ДНК заедно со експерименталниот дух. Следејќи го сопствениот инстинкт, отсекогаш знаев кој зачин и вкус како најдобро би можеле да се употребат. Растев опкружена со природа, со шума од борови, со овошје, со мирис на цвет од круша и цреша, измешано со опоен мирис на јоргован и секакви видови ливадско цвеќе. Конструирав колиба од штици, тоа беше моја лабораторија каде што во епрувети подготвував миксови од сѐ што наоѓав во кујна. Мојот помал брат беше дегустаторот, нормално тоа имаше последици по неговиот дигестивен систем.
Чекорејќи по својот готвачки пат, стигнав до десертот. Тука беа оние базични нешта како печење тесто, филување, кремови, сѐ додека случајно не ми се стопи табла чоколада на заборавена рингла.
Не знаев што би правела со неа, но се сетив дека некаде во светот лијат чоколада во модли. Ја истурив во модла за мраз, но видов дека не излегува од модлата, а и бојата е сменета. Тоа ме заинтригира, па така започна моето патување во најтешката гранка во слаткарството – чоколатиерство. Веднаш нарачав стручна литература и кога започнав да читам сфатив дека се работи за сериозна наука, од темперирање на чоколада до кристализација и многу други нешта. Во меѓувреме, совладувајќи ги полека техниките, работев и на разни вкусови на полнење на пралините од традиционални, па сѐ до необични како чили. Следуваа месеци на дегустација од моите најблиски и пријателите сѐ додека не бев сигурна дека имам производ на ниво на која било чоколатерија во светот. Во меѓувреме полагав онлајн курс при Кулинарниот институт од Канада за да бидам сигурна дека сум ги совладала сите чекори. Тогаш прејдов на следното ниво - отворање луксузна мала занаетчиска чоколатерија. Така започна претворање на слатко-горкиот ентузијазам во бизнис-авантура.

Тартуфи со темна чоколада
500 г квалитетна темна чоколада 60 % какао
125 мл слатка павлака
1 голема лажица мед
1 голема лажица путер
какао за посипување
Павлаката се загрева до точка на вриење заедно со медот и во неа се истура претходно исечканата чоколада. Се остава 1-2 мин. и потоа нежно се меша со лажица да се соедини целосно. Се чека 3-4 мин. и потоа се додава путерот исечкан на тенки листови. Се соединува сѐ заедно, се истура во сад и се остава на собна темература преку ноќ.
Следниот ден со лажица се зема од смесата и со раце се формираат топчиња кои потоа се валкаат со какао. Се истураат во сито за да падне вишокот какао.