Општество
„ИНСАЈДЕР“ Е СОЦИЈАЛНО АНГАЖИРАНА ТВ-СЕРИЈА
Ивана Тасев
Режисер на серијалот е Игор Иванов-Изи, а на епизодите се Вардан Тозија, Игор Иванов-Изи, Даријан Пејовски, Дина Дума и Марија Апчевска. Сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов, Елеонора Венинова и Драган Лука. Извршен продуцент е Атанас Кировски, а проектот е во продукција на ТВ Телма во соработка со Слобода филм. „Инсајдер“ е социјално ангажирана телевизиска серија во која се раскажуваат приказни од секојдневието на една новинска редакција. Дејствието временски е претежно сместено во таканаречениот дедлајн период, односно пред самото влегување во печат на изданието, кога интензитетот на емоциите и на релациите е најголем. Серијата обработува курентни теми врзани со новинарството и со главните аномалии на општеството. Неделникот „Инсајдер“ се занимава со сите актуелни прашања во земјата и надвор: корупцијата и криминалот на сите нивоа во општеството, уништеното јавно здравство, хаосот и незадоволството во образованието, социјалните случаи и бедата на сиромашните, злоупотреби на службената положба, нетолеранцијата и омразата, отселувањето на луѓето, особено на младите, расипништвото со јавните пари, политичките интриги и ерозија на културните вредности.
Главните улоги на медиумски работници им се доделени на познатиот српски актер Светозар Цветковиќ-Цвеле, како и на докажаните домашни имиња: Ирена Ристиќ, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Силвија Стојановска, Ѓорѓи Нешковски, Горан Ников, Габриела Петрушевска, Ана Стојановска и Сања Арсовска. Во епизодни улоги се Васил Зафирчев, Сашко Коцев, Драган Спасов-Дац, Јелена Јованова, Славиша Кајевски...
Силвија Стојановска во „Инсајдер“

Дејан Лилиќ како новинар во „Инсајдер“

Игор Иванов-Изи, режисер на ТВ-серијата „Инсајдер“
ЛОКАЛНАТА ПРОДУКЦИЈА ЌЕ ГО ИСФРЛИ ШУНДОТ ОД МАКЕДОНСКИОТ ЕТЕР
Идејата за „Инсајдер“ е на Сашо Кокаланов, долгогодишен новинар и своевремено главен уредник на најтиражниот македонски дневен весник. Иако фикција, оваа приказна влече корени од неговото непосредно искуство, работното опкружување, интригите и аферите, различните карактери од кои е сочинета една редакција... Но, најмногу од сѐ, барем така ми се чини, секоја од 26-те епизоди е своевидна алузија на вистинска приказна од насловните страници. За своја естетска одредница „Инсајдер“ го зема неоноарот, додека пак филмскиот јазик е близок до скандинавските трендови. Во сопствениот фокус ја има вистината чие разоткривање е основниот мотив на секој новинар. Но, вистината не е една, таа е секогаш со повеќе лица и кое од нив ќе биде прикажано пред јавноста е прашањето од кое потекнува конфликтот кој е во средиштето на секоја од епизодите. Годинава имав можност да работам на дури четири играни серии, што е навистина неверојатно. Ако погледнеме наназад, од осамостојувањето до денес целокупната играна ТВ-продукција се сведува на четири-пет, главно неуспешни ТВ-серијали. Наспроти тврдењата дека сме мал пазар и дека на вака мало говорно подрачје не може да се зборува за комерцијален успех, втората сезона на „Преспав“ покажа дека во Македонија сепак може да се продуцира серија која е економски самоодржлива. Локалната продукција по правило има посилен потенцијал пред сопствената публика од кој било увезен производ и искрено верувам дека барем половината од серијалите кои се снимија оваа година ќе доживеат втора, па и трета сезона и ќе го исфрлат шундот од македонскиот етер.
Фотографии: Митко Заткоски