Општество
КОГА БЛОГОВИТЕ ЌЕ СТИВНАТ
Мирослав Саздовски
@MirkoSlav
Јорн Баргер (Jorn Barger) во осумдесеттите години од минатиот век е програмер на игри и едукативен софтвер за тогашните први персонални компјутери како епл, комодоре, атари итн. Подоцна станува истражувач при Универзитетот Нортвестерн каде што истражува на темата учење и вештачка интелигенција. Неговото широко поле на интерес, во 1995 година, тој се обидува да го инкорпорира во неговиот сајт – Робот виздом (Robot wisdom), објавувајќи есеи за Џејс Џојс, историја, вештачка интелигенција итн. Во 1997 година тој отвора посебна секција на својот сајт на кој дневно постира кратки логови кои наликуваат на негов личен дневник, а ги нарекува „веблогови“ (weblogs). Две години подоцна Петар Мерхолц го разделува терминот „веблог“ (weblog) на „ние блогираме“ (we blog) со што настанува терминот блог, една од најупотребуваните форми на интернет-искажување кое се употребува и до ден денешен.
Кога во 2005 година, во својот дом во Аберден, Шкотска, Пит Кешмор (Pete Cashmore) го лансираше својот блог Мешабл (Mashable.com), блоговите се веќе една од најпопуларните форми на изразување, информирање и забава за младите, особено модните блогови кои достигнуваат огромна популарност, нешто што предизвикува внимание кај големите компании и маркетинг агенциите со што блоговите влегуваат во сферата на корпоративниот ПР. Мешабл се појавува во време на експоненцијалниот раст на социјалните мрежи, нешто што станува негова централна точка на дејствување. Набргу блогот на Пит Кешмор станува едно од најважните места каде што милиони луѓе секојдневно доаѓаат за да се информираат за најновите и најинтересните работи што се случуваат низ целиот интернет. Авторитетот на Мешабл станува толку голем што неговите „Мешабл авордс“ стануваат едни од најважните и најреспектабилни награди за интернет и дигитални достигнувања. Со безмалку 50 милиони посетители месечно, 30 милиони следачи на социјалните мрежи и преку седум милиони споделувања од неговиот веб-сајт, Мешабл станува еден од најуспешните блогови. Токму за да го зачува фокусот и интересот на јавноста, Мешабл прерасна во корпорација Мешабл инк. каде што се вработуваат луѓе кои работат на неговата содржина, дизајн, стратегија итн. Со тоа и овој успешен медиум од личен блог прерасна во корпорациски сајт кој генерира милиони долари годишно.

Јорн Бјоргер (лево), еден од првиоте блогери, автор на зборот „веблог“ (weblog), како кованица на „веб“ и „лог“ (web+log), и
Петар Мехолтс (десно), кој го дели зборот „веблог“ на „ви-блог“ (we blog), со што настанува кованицата „Блог“
Иако растот на популарноста на блоговите во овој период е неспорна, сепак традиционалните медиуми сѐ уште доминираат на пазарот на информирање, а односот меѓу блогерите и медиумските работници е со истакнат меѓусебен презир. Блогерите, како претставници на новата форма на информирање, ги сметаат традиционалните медиуми за застарена, корумпирана и ограничена форма на информирање. Овие вториве, пак, ги сметаат блогерите за новајлии кои немаат соодветни познавања за еснафот, површни и несериозни. Оваа соперничка дихотомија ја разби Аријана Хафингтон која како долгогодишен успешен новинар, репортер и колумнист во 2005 година реши да го искористи форматот кој го нуди блогот и да направи посериозен обид за информирање. Таа, заедно со уште тројца свои колеги, меѓу кои и Андру Брејбаит (подоцна основач на популистичкиот сајт Брејтбајт на Стив Бенон), го основаа групниот блог Хафингтон пост (Huffington Post). Спојот на изразената новинарска подготовка, сериозноста на пристапот на новинарите, аналитичарите и колумнистите кои, пак, ги употребуваат сите нови технички можности кои ги нуди интернетот се покажуваат како совршена комбинација, па Хафингтон пост станува најпосетуваниот и најуспешниот блог-сајт на сите времиња. Гардијан, кога се изразува за импактот што Хафингтон пост го има направено врз интернет-развојот и воопшто врз информативниот пазар го дели времето на пред и по појавата на овој блог. Хафингтон пост, за разлика од другите лични блогови, уште на почетокот почнува со примена на корпоративната логика, а комерцијалниот успех на блогот се мери во десетици, па дури и преку сто милиони долари. Денес Хафпост (скратениот назив на блогот) е во сопственост на АОЛ (AOL), една од најголемите комуникациски компании во светот. Пред една година местото главен уредник го напушти и Аријана Хафингтон, а Хафпост стана еден од највлијателните медиуми во светот со серија специјализирани регионални сајтови низ светот.
Веројатно успехот на Хафингтон пост го најавува и стивнувањето на блогот, особено оној личниот формат на „веблог“ што го замислија Јорн Баргер и Петар Мерхолц од почетокот на текстов. Растот на успехот на социјалните мрежи, како форма на микроблогирање, појавата на бројни професионални медиумски сајтови со естетика која е инспирирана од блоговите, па ако сакате и преголемета мултипликација на нови блогови кои целосно го урнисаа квлитетот и авторитетот на формата, сѐ заедно придонесе за пад на нивната популарност, особено на нивниот авторитет. Всушност, се покажа дека единствено успешни останаа оние блогови кои успеаја да изнајдат форма на компромис меѓу креативноста која потекнува од индивидуалноста, но со примена на корпоративните правила кои обезбедуваат пазарна капитализација на вредноста. Дури и кај нас, пред неполна деценија, македонскиот интернет-
-простор беше преполн со лични блогови, но освен неколку модни блогови и хипстерски инаетчии, македонската блог сцена овена заедно со венеењето на единствениот агрегат на блогови – блогираме.мк.
Како и да е, блоговите претставуваат најдобар показател за можностите кои ги нуди интернетот, за тоа како поединци кои во вистинско време успеаја своите лични преференции и сфери на интерес да ги направат достапни и интересни за општата јавност и со тоа да си обезбедат за себе членство во друштвото на интернет-милионерите.