Општество

ГАЛЕРИЈА АКАНТУС – НЕЗАВИСНА ПЛАТФОРМА НА МАКЕДОНСКАТА АРТ СЦЕНА

Лидија Георгиева

Со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија неодамна во Скопје беше отворена изложбата „4 Идеи / Ремикс“. Презентирани беа дела на автори од помладата генерација современи уметници – Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Јане Чаловски и Ѓорѓе Јовановиќ. Сместена во просториите на новоотворената галерија Акантус – идеална комбинација од стар дебармаалски простор кој успеал да ја зачува својата автентичност, а одлично се вклопува во улогата на уметничка галерија, изложбата е само едно од задоволствата што ги нуди потенцијалот на ова место. Вреди да се истакне дека во моментов тоа е единствен простор независен од институциите, кој функционира како галерија. Основана од двајца млади инвеститори, кои доаѓаат од бизнис-секторот, таа дава можност за откривање, но и инвестирање во современата македонска арт сцена. Разговарам со Бојан Д. Георгиевски, еден од иницијаторите на проектот Акантус.

 

Вашата арт галерија е привлечна платформа за експонирање на македонската креативна авангарда. Ретки се примерите во Скопје, кои во изминативе неколку години покажале иницијатива за инвестиција во современата сцена. Галеријата Oко во центарот на градот беше сличен пример (која иако ја презентираше современата сцена, имаше понагласен академски пристап од Вашиот), но за жал веќе неколку години не работи. Од кога постоите и кои беа решавачките фактори за да влезете во овој смел потфат значаен за локалната сцена?

Ви благодарам за убавите зборови, Лидија. Идејата на Акантус е да постоиме како културен центар кој ќе ја доближи уметноста до скопјаните. Веруваме дека потребен е токму ваков простор преку кој уметноста, естетиката, воедно културата, ќе бидат на дофат на секој граѓанин, но и посетител на Скопје. Нашата идеја е да организираме изложби, работилници, предавања, часови – со најразлични содржини од областа на културата и со тоа да опфатиме повеќе уметности и правци. Дополнително, поведени од идејата „Деловни настани опкружени со уметност“, просторот на галеријата го нудиме и за деловни настани, за приеми, за коктели, за работилници, со цел да ѝ понудиме на деловната заедница простор во кој може да се организираат отмени настани опкружени со дела на македонската современа уметност.
Инаку со работа започнавме на 31.3.2017 година, со отворањето на изложбата „Кво вадис“ („Quo Vadis“) од Дијана Томиќ-Радевска, која траеше 8 недели. Во јуни и во јули беше изложбата на Орхан Ќамил, негова прва самостојна изложба во Скопје. Во моментов ја имаме поставено изложбата „4 Идеи/Ремикс“, тоа е групна изложба од четворица уметници – Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски. Воедно со посебно задоволство можам да ја најавам изложбата на Сергеј Андреевски во текот на месец октомври и ноември.


Бојан Д. Георгиевски   и   Стефан Трајковски

Со каква подготовка влеговте во оваа инвестиција вие и Вашиот партнер?

Стефан и јас сме претприемачи, во целост доаѓаме од деловниот сектор, а отсекогаш сме имале голема љубов кон уметноста. Впрочем се имаме запознаено на предавања од областа на историјата на уметноста. Разговарајќи пред неколку месеци дојдовме до заклучок дека е потребно да постои приватна институција во областа на културата која би можела да ги дополни празнините на пазарот на уметноста кои не се во доменот на јавните културни институции. Така се роди првата идеја за Акантус.

Што значи името Акантус?

Драго ми е што ме прашавте, ова е прашање кое ни е често упатувано. Акантус е растение кое расте по Медитеранот, ако го погледнете не изгледа многу импресивно. Но, неговиот лист е од огромно значење во историјата на уметноста. Како инспирација прв пат се појавува во антиката, на капитолите на познатите коринтски столбови, а од таму е присутен во речиси сите стилови на уметност во Европа. Неговата популарност е возобновена во ренесансата, потоа во барокот и особено во класицизмот. Дури и денес негови елементи многу често се употребуваат во дизајнот, особено во ентериери, на тапети, на мебел-штоф, па дури некогаш и на облека. Тој е толку многу околу нас што честопати не го ни препознаваме.

Колку изложби сте имале досега, дали успеавте да креирате јадро на ваша публика и клиенти? Имате ли планови за поширока експонираност на уметниците кои ги презентирате (на пример регионално или пошироко)?

Како што напоменав, ова е трета изложба која ја имаме, а планираме уште една за годинава. Иако постоиме кратко време можам да кажам дека сме многу задоволни од приемот кај публиката. Тоа што посебно нѐ радува е што имаме одлична посетеност не само за отворањето на изложбите туку и во текот на неделите кои следуваат.
Секако дека планираме и поширока експонираност, но за тоа, пред сѐ, треба да се етаблираме на македонскиот пазар.

Кој е концептот, односно водечката идеја за изложбата „4 Идеи / Ремикс“ ?

Идејата е да се претстават пред јавноста дела кои навлегуваат и во доменот на концептуалната уметност, нешто што досега не било направено кај нас, oсобено не во приватна галерија. Со ова сакаме да укажеме на разноликоста на современата уметност кај нас и да покажеме дека таа оди во чекор со глобалните трендови. Конкретнава изложба е интересна бидејќи разгледува спој меѓу четири идеи на четворица уметници, оттаму насловот „4 Идеи /Ремикс“. Во неа се изложени дела кои биле изработени во рамките на проектот „Евритинг метерс прототајпс“ („Everything Matters Prototypes“) кој го третира концептот за производство на прототипи на предмети кои функционираат и како уметнички објекти, но и дела на четворицата уметници кои стилски и концептуално ги дополнуваат делата изработени за проектот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано