Општество

ХЕРИ ДИН СТЕНТОН (1926 - 2017)

Ѓорѓи Јаневски

Во чест на Хери Дин Стентон – икона на американскиот филм

Aскетска појава со аура на скитник. Тенки усни и издолжено ковчесто лице, просветлено од длабоки и меланхолични очи. Два светлосни зрака, секогаш дискретни, извори на тивка, но моќна енергија, проектирани во просторот. Неосетно филмскиот кадар станува мистериозно и привлечно тело. Неговото лице е приказна. Кога ќе се појави имате чувство дека сте виделе стар пријател. Можеше да игра сѐ: работник, татко, брат, полицаец, гангстер, затвореник, музичар, пијаница, лидер, вселенски патник, самотник, поет... „Зен каубој кој кажуваше сѐ без да каже ништо“. Интерпретираше најразлични улоги, останувајќи секогаш свој. Играше во ремек-дела кои се бројат на повеќе раце, филмографија која содржи над двеста наслови и говори сама за себе. Тивок сведок на половина век филмска историја. За многумина тој е најголемиот актер епизодист на сите времиња. Познатиот филмски критичар Роџер Еберт има изјавено: „Ниеден филм што го има Хари Дин Стентон во епизодна улога не може да биде целосно лош.“ Неговите епизоди траат од пет до десет минути, но најчесто тоа е детаљот кој ја заокружува целината.
На 15 септември од природна смрт почина Хери Дин Стентон (Harry Dean Stanton). Кој не би посакал да доживее деведесет и една, со виски и со цигари до последниот здив.
Роден е во Кентаки, во 1926 година. Своите први професионални чекори ги прави во театарот: „Играв Шекспир, играв грчка драма, играв сѐ. Но, сакав само да играм во филм. Не ми беше грижа за театарот, сѐ уште не ми е. Одзема премногу време, има премногу работа, а и не плаќаат доволно. Рано го сфатив тоа. Ако си на филм имаш повеќе публика, повеќе пари, можеш да патуваш и ... (читај: жени).“


Во средината на 50-тите започнува да игра во ТВ-серии, посебно во оние од вестерн и крими жанрот, популарни во тој период, професионална голгота која трае повеќе од една декада сочинета од типизирани епизодни (најчесто негативни) ликови кои бесконечно ќе се повторуваат. „Со години бев платен убиец и потоа само сакав да го положам оружјето и да глумам љубовник до крајот на животот“. За негова среќа, во средината на 60-тите години дуваат нови ветришта во американскиот филм. Во 1966 година, Џек Николсон (со кого набрзо ќе станат блиски пријатели) му нуди улога во Јавни го ветрот (Ride The Whirlwind) на Монти Хелман (Monte Hellman), која ќе биде пресвртница. Сензибилитетот на Стентон, појавноста на антиѕвезда и неговата самотничка природа совршено се споија со естетиката на Новиот Холивуд. Наместо методот кој подразбира физичко и психолошко поистоветување со ликот кој се интерпретира, тој работеше, живееше во филмот користејќи принцип на супстракција. Наместо нагласување на емоциите, тој пристапуваше кон одземање на информациите. Она што ја дефинира неговата енигматична појавност е самиот контекст, но пред сѐ силната врска и суптилната размена на енергија со актерите со кои ја дели сцената. Less is more, помалку е повеќе. Хари Дин Стентон поседуваше еден вид смирена проѕирност, актерски израз поблизок до минимализмот на кинематографиите од Далечниот Исток. Изгледаше како да живеел двапати. Суптилно ги преточуваше сопствениот живот и искуства во интерпретирањето на улогите. „Ако го користиш својот живот и ја користиш болката во својот живот, ги користиш грешките кои си ги направил..., тоа станува премногу тешко. Тоа е нешто свето, во срцето на актерот...“
Во 1984 година добива повик од Сем Шепард и Вим Вендерс, главна и животна улога во нивното ремек-дело Париз – Тексас, негова прва и претпоследна. Потоа пристигаат понуди за главни улоги, но тој ги одбива уживајќи во сопствената „маргинална позиција“ и во култниот статус кој го ужива меѓу колегите. Времето му е драгоцено. Во 90-тите започнува плодната соработка со Дејвид Линч, која ќе се заокружи со неодамнешното враќање на Твин Пикс (Twin Peaks). Постухмно излезе Лаки (Lucky), филм напишан за него, истовремено омаж и тестамент.
Погледнете го прекрасниот интимен документарец Хери Дин Стентон: Делумно раскажување (Harry Dean Stanton: Partly Fiction) за ceто она што зборовите не можат да го доловат.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано