Општество

СПОРЕДБА МЕЃУ AP (ЕЈ-ПИ) И IB (АЈ-БИ) ПРОГРАМИТЕ ВО МЕЃУНАРОДНАТА ГИМНАЗИЈА НОВА

Јосип Апостолоски

Многу ученици од Меѓународната гимназија НОВА се стремат кон образование на светско ниво на факултети во: Америка, Германија, Велика Британија, Холандија, Франција итн. Земајќи ги предвид силната конкуренција и високите академски стандарди кои се дел од патот за влез на овие факултети, квалитетот и успехот на ученикот во средно училиште е клучниот фактор кој ја одлучува веројатноста за понатамошен успех. Па така, иако терминот „училиштен успех“ е прилично релативен, главните критериуми за успех во НОВА ги вклучуваат вкупниот просек на оценки, екстерниот стандардизиран тест SAT (Ес-Еј-Ти) и воншколските активности поврзани со личните интереси на ученикот.

Гимназијата НОВА на своите ученици им нуди три алтернативи во пристапот и стилот на нивното образование започнувајќи од трета година:

  • AP програма, која се базира на едногодишни предмети според американски факултетски стандарди кои се со забележително поголем и посложен материјал од останатите и се екстерно оценувани (во странство) преку испит кој се полага во мај;
  • IB програма, меѓународна матура, која нуди мрежа од 6 меѓусебно поврзани двогодишни предмети кои според повеќето ученици се посложени од нормалните, но поедноставни и помалку временски ограничени од AP предметите и кои исто така се екстерно оценувани во мај во втората година на слушање на предметот при што оваа програма има и дополнителни делови кои ги надополнуваат 6-те предмети;
  • Регуларна програма со обични предмети кои се релативно наједноставни по сложеност и големина на материјалот и кои не се предмет на екстерно оценување.

Ако се тргне на страна регуларната програма во НОВА, како програма со најнизок академски потенцијал и најмала препознатливост во светски рамки од трите програми, изборот меѓу AP  и IB за еден ученик може да биде навистина тежок. А погрешниот избор може многу скапо да чини. Која програма е подобра? Што ќе ме спреми подобро за да добијам повисок резултат на меѓународниот стандардизиран SAT-тест кој е многу важен при приемот на странските универзитети? Во која програма ќе имам најголем академски успех и раст? Ова се дел од прашањата кои ја диктираат одлуката меѓу AP  и IB .

Сепак, како AP ученик во НОВА, верувам дека има вистинска, мерлива разлика меѓу овие две програми која барем делумно влијае на академскиот успех и можноста за успешна (на светско ниво) иднина. Според мене, AP програмата нуди многу поголема академска ширина и длабочина бидејќи е комплетно фокусирана на содржината на предметот и го подготвува ученикот за екстерните тестирања и факултетската атмосфера во иднина. Па така, AP ученикот би требало да има повисоки резултати на SAT-тестот, а со тоа и повисоки шанси за едукација во странство.

За да одговорам на ова прашање направив опсервациско истражување во кое ги споредувам разликите меѓу AP и IB учениците во НОВА врз база на нивниот интерен успех (просек на оценки) и нивниот екстерен успех (SAT-тестот). За да добијам податоци за истражувањето направив анкета која ја објавив на фејсбук-групата во која се присутни сите ученици од НОВА. Од оваа анкета ги добив сите потребни вредности за да го спроведам ова статистичко истражување. Резултатите ги внесов и ги подредив во табела преку која пресметав вредности како аритметичка средина, стандардна девијација и вкупен број на вредности потребни за статистичката анализа.

Од моите пресметки во табелите увидов дека просечниот SAT-резултат меѓу AP учениците е 1.370 поени (на скала која оди до 1.600) и просечниот GPA (Џи-пи-еј (просек на оценки)) е 10,86 (на скала од 12). Наспроти ова, кај IB учениците просечниот SAT е 1.300 и просечниот GPA  е 10,2. Па така, лесно би било да се заклучи дека мојата теза е потврдена и дека AP учениците навистина имаат повисоки резултати и во двете категории. Но, тоа не би било статистичко истражување бидејќи самата нумеричка разлика меѓу просеците не значи дека постои вистинска статистички вредна разлика. Знаејќи го ова, статистичката споредба меѓу овие вредности не укажува на статистички вредна разлика меѓу учениците од AP и IB програмите во НОВА. Вреди да се напомни дека при повторување на истиот процес на земање податоци, поголема е веројатноста дека AP ученик ќе има повисок SAT и GPA од IB ученик. Но, повторно, според сите статистички стандарди, овој извадок од сите ученици во НОВА не прикажува разлика меѓу двете групи.  

По извршувањето на сите тестови за разлики меѓу групите можат да се заклучат неколку работи: IB е релативно поуспешна програма во НОВА и вредностите од овој примерок на ученици се нереални. Прво, ако нема РАЗЛИКА меѓу двете групи на ученици, зошто тогаш IB да е поуспешна програма? Земајќи предвид дека AP и SAT се создадени од истиот производител (Колиџ борд (CollegeBoard)) и дека и двете се базирани на целосно стандардизирани тестови од сличен формат, AP учениците имаат природна предност при правење на SAT-тестот бидејќи се веќе привикнати на тој систем. Наспроти нив, IB учениците имаат многу богати и различни можности за академски раст како додаток на предметите, па фактот дека успеваат да компензираат за недостатокот на стандардизирани тестови на SAT-тестот ги прави поуспешни.  

Второ, зошто вредностите би биле нереални? Мојот избор за добивање вредности на овој начин беше навистина ризичен поради природната пристрасност во изборот да одбереш дали ќе ја пополниш анкетата. Потоа, пристрасноста која е присутна при анонимно внесување на лични резултати, како и многу други, влијаеа да се добијат нереални вредности. Сепак, овие вредности беа корисни бидејќи јас претпоставив дека пристрасноста ќе биде присутна и во двата правци во иста мерка, а и потрагата по разлики значи дека самите вредности не се битни, туку нивната разлика.

  

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано