Општество

МЈАНМАР - Етничко чистење и моралниот пад на нобеловката за мир

Љупчо Поповски

Светот конечно стана свесен за трагедијата на „најпрогонуваното малцинство во светот“, но стана зачуден и гневен од однесувањето на моралната икона Аунг Сан Су Чи која остана нема за етничкото чистење во нејзината земја. Су Чи е неверојатен пример дека е полесно да се бориш за демократија и за праведно општество, отколку да бидеш демократски водач.

 

Две работи излегоа на врвот на драмата што се случува во Мјанмар и страшните сцени на прогонетите припадници на етничката група Рохинги: светската јавност конечно се заинтересира за судбината на овие луѓе за кои се вели дека се „најпрогонуваното малцинство во светот“ и „најнесаканите луѓе на светот“; и срамното молчење и моралниот пад на славната нобеловка за мир Аунг Сан Су Чи. Страдањата на бегалците се речиси секаде исти – прогонети од своите домови поради воени дејства тие тргнуваат без ништо на патот исполнет со очај. Случајот на Рохингите е различен само по условите што ги следат на нивниот егзодус – тие мора да поминуваат густи шуми, големи реки и подрачја кои се под удар на монсуните за да стигнат во бегалските кампови во блискиот Бангладеш.

Кои се Рохингите и зошто се прогонети? Зошто Владата не сака да им го признае правото на припадност кон државата која отсекогаш ја нарекувале дом? Дали историјата е виновна за нивните страдања или само сегашниот сплет на настаните откако во Мјанмар (или Бурма) лани се врати демократијата кога генералите конечно мораа да ја напуштат власта во оваа мистериозна земја. Како и на многу други места во светот, основите за денешните масакри се поставени во времето на колонијализмот. Во 1948 година заврши владеењето на Британија со Бурма по 124 години, една година по независноста на Индија и на Пакистан. Рохингите се муслимани и тие се населени речиси целосно во источната држава Ракине. Денес нивниот број изнесува околу 1,1 милион луѓе. Тие се разликуваат од другите 135 етнички групи во Мјанмар не само по религијата туку и по изгледот, бојата на кожата и јазикот. 

Колонијално наследство

Според повеќе историчари муслиманите живеат на источниот брег на Мјанмар уште од 12 век. За време на британското владеење Бурма беше провинција на Индија, па движењето на луѓето во рамките на огромната територија се сметаше како внатрешна миграција, пишува во својот извештај Хјуман рајтс воч. Голем дел од Рохингите, кои се слични на луѓето од Бангладеш, дошле во провинцијата Ракине токму во тоа време во потрага по работа. Главниот мит меѓу будистичкото население на Мјанмар е дека Рохингите се дојденци од Бангладеш и нивното присуство нема никакви историски корени. И тогаш и сега државата Ракине е најсиромашна во Мјанмар, во голема мерка и поради третманот на Рохингите. За време на Втората светска војна Британците им ветуваа независност на Рохингите само за да се приклучат во војната против Јапонија, но тие ветувања потоа беа повлечени. 

Проблемите за Рохингите почнаа во 1948 година кога Бурма стекна независност. Според тогашниот Акт за државјанство на унијата, сите етнички групи станаа државјани на Бурма (тогашното име на Мјанмар), освен Рохингите. Тие можеа да аплицираат само за лични карти ако докажат дека живеат во Бурма барем две генерации. Сепак тоа беа потолерантни времиња за Рохингите, некои од нив беа дури и пратеници во Парламентот. Но, сѐ се промени драматично за нив по воениот удар во 1962 година. Генералите го искористија будистичкиот национализам за да ја зацврстат власта. Во 1974 година ним им беше одземено правото на идентитет и беа класификувани како „странци“ во сопствената држава. Оттогаш почна масовниот егзодус на Рохингите во соседните земји. Во 1982 година донесоа нов Закон за државјанство кој не само што не важеше за Рохингите туку и ги отфрли и нивните права да живеат во Мјанмар доколку не покажат цврсти докази дека нивните предци живееле таму пред стекнувањето на независноста. Најголемиот број Рохинги не можат да извадат вакви документи затоа што едноставно им беше оспорено правото на нив. Станаа луѓе без идентитет. Тие веќе се нарекуваа Бенгали, асоцијација на луѓето во Бангладеш од Бенгалскиот Залив. 

 

Најнесаканите луѓе на светот

Прогонот на Рохингите од државата Ракине почна во 70-тите години на минатиот век. Според податоците речиси милион луѓе оттогаш ја напуштиле Мјанмар и тоа не само преку блиската границата во Бангладеш туку и тргнуваа на многу опасен пат преку Бенгалскиот Залив и Андаманското Море за да стигнат во Малезија. ОН наведуваат дека 112 000 луѓе тргнале на ова опасно патување меѓу 2012 и 2015 година, а вкупниот број Рохинги кои се бегалци во Југоисточна Азија изнесува 420 000. 

Откако во октомври 2016 година беа убиени девет граничари, војската навлезе во сиромашните села во Ракине под изговор да се бори против бунтовниците од Армијата за спас на Аракан (Рохингите територијата каде што живеат ја нарекуваат Аракан). Почна масовна злоупотреба на човековите права, вклучувајќи убиства, силувања, апсења и палења на села. Во ноември 2016 година ОН ја обвинија Владата на Мјанмар за „етничко чистење“ на Рохингите. Владата ги отфрли таквите обвинувања. Во август годинава почна новиот круг насилство против муслиманите кој предизвика масовен егзодус во Бангладеш и 400 убиени луѓе според извештаите на војската. ОН предвидуваат дека за кусо време бројката на бегалците стигна 300 000, а во наредниот период ќе биде уште поголема. Високиот комесар за човекови права на ОН Зеид ал Хусеин изјави дека ова е „пример како од книгите за етничко чистење“ осудувајќи ја „бруталната безбедносна операција“ на војската со несразмерна употреба на сила во однос на нападот на бунтовниците во август. 

Рохингите не се добредојдени ни во нивното главно прибежиште – Бангладеш. Таму живеат близу половина милион бегалци. Властите во Бангладеш (која е многу сиромашна држава) ги сметаат сите оние кои живеат надвор од камповите дека „илегално се инфилтрирале“ во земјата. Во јануари годинава Бангладеш усвои план да пресели десетици илјади Рохинги од камповите на еден оддалечен остров за кого невладините организации оценија дека е „ненаселив“ поради големите поплави за време на монсуните.

Така Рохингите се најдоа во клинч, не ги сака земјата од каде што бегаат, не ги сака ни земјата во која доаѓаат. Голем дел од нивните села се запалени, војската ги заплашува да не се вратат. Живеат во едно од најзафрлените подрачја на Мјанмар за кое државата не се грижи. Речиси сите се екстремно сиромашни. Трагедија од која нема излез.

 

Што стана со иконата на моралноста?

Ова е едната драма – онаа на обесправените. Другата е на жената што е де факто лидер на земјата, иако нејзината функција е само државен советник (што одговара на местото премиер), Аунг Сан Су Чи. Нејзиното срамно молчење за прогонот на обесправените го зачуди и го разгневи светот. Су Чи е неверојатен пример дека е полесно да се бориш за демократија и за праведно општество, отколку да бидеш демократски водач. Повеќе од две декади Аунг Сан Су Чи ги имаше сите глобални почести како политички затвореник, шампион на демократијата и нескршлив противник на бруталната воена хунта. Во основа, таа беше азискиот Нелсон Мандела, личност со неспорен морален авторитет. Откако во 2016 година стана лидер на земјата по демократските избори (Уставот ѝ забранува да биде претседател затоа што членови на нејзиното семејство се странски државјани), нејзината аура почна да се поткопува. 

За време на 15-те години куќен притвор, Су Чи наоѓала утеха во поезијата и романите на Џорџ Елиот, Виктор Иго и Ана Ахматова. Во тоа време изјави дека нејзина омилена книга биле патеписите на Ребека Вест „Црно јагне и сив сокол“ за Југославија пред Втората светска војна. Во опишувањето на Југославија од страна на Вест, Су Чи ја препознала својата земја: кршлив мозаик на етницитети, јазици, историски наследства и културни традиции. 

На тие хуманистички пледоаеја за различноста и заштита на културите, Аунг Сан Су Чи се повика во својот говор во 2012 година за прифаќањето на Нобеловата награда за мир што ја доби уште во 1991 година. „На крајот, нашата цел треба да биде да создадеме свет без раселени, бездомници и безнадежни, свет во кој секој агол е вистинско светилиште каде што жителите ќе имаат слобода и способност да живеат во мир“. Светските медиуми овие денови ги повторуваат овие нејзини зборови за да потенцираат колку е лесно да се дадат ветувања или политички визии, а колку брзо исчезнува желбата да се живее и да се работи според тие начела кога ќе бидеш лидер на едно општество и кога треба да им се признае достоинствениот живот на Рохингите и нивната припадност кон државата, а не да се третираат во услови слични на апартхејд. 

Во 2015 година Американскиот музеј на холокаустот ја рангираше Мјанмар како земја во која има најголема можност да се спроведува геноцид. Тоа беше една година пред огромната победа на партијата на Су Чи на парламентарните избори. Ова предупредување на музејот се оствари откако Су Чи стана лидер на државата. До неодамна таа молчеше, додека цел свет бараше одговори од неа. Се покрена глобална петиција за одземање на Нобеловата награда, која ја потпишаа неколку стотици илјади луѓе. Други нобелови лауреати отворено проговорија против неа. Мировната активистка од Пакистан, Малала Јусафзаи, го осуди „трагичното и срамно третирање на Рохингите. Јас чекам од нобеловата колешка Аунг Сан Су Чи да го направи истото“. Славниот антиапартхејдски активист Дезмонд Туту, исто нобеловец за мир, изјави дека чувствува „длабока тага“ и ја повика Су Чи да стави крај на операциите предводени од војската. „Ако политичката цена на вашето искачување на највисоката функција во Мјанмар е вашата тишина, тогаш цената сигурно е премногу стрмна“, напиша Туту. 

НИКОЈ НЕ Е СОВРШЕН, НИТУ ДЕМОКРАТСКИТЕ ХЕРОИ. АУНГ САН СУ ЧИ Е ЕДЕН ОД СЛАВНИТЕ ПРИМЕРИ КАКО МОЖЕ ДА СЕ ПОТКЛЕКНЕ. ВО ЕДНО ОД СВОИТЕ РЕТКИ ИНТЕРВЈУА ОВАА ГОДИНА, ТАА ЗА БИ-БИ-СИ ГИ НЕГИРАШЕ ОБВИНУВАЊАТА ЗА ЕТНИЧКО ЧИСТЕЊЕ И ИМ СЕ СПРОТИВСТАВИ НА ПОЕДНОСТАВЕНИТЕ ПЕРЦЕПЦИИ ЗА НЕЈЗИНАТА ЛИЧНОСТ: „ЈАС СУМ САМО ПОЛИТИЧАР. ЈАС НЕ СУМ БАШ КАКО МАРГАРЕТ ТАЧЕР, НЕ. НО, ОД ДРУГА СТРАНА, ЈАС НЕ СУМ НИ МАЈКА ТЕРЕЗА“

„Јас не сум Мајка Тереза“

Аунг Сан Су Чи одговори неодамна на овие прозивки и на повиците на меѓународните групи за помош со телевизиско обраќање. „Свесна сум за фактот дека вниманието на светот е фокусирано на ситуацијата во државата Ракине. Како одговорен член на заедницата на нации, Мјанмар не се плаши од меѓународна контрола. Имаше обвинувања и контра обвиненија... Мораме да се погрижиме тие наводи да се засноваат на цврсти докази пред да преземеме акција", рече таа во својот говор од главниот град Најпидав. Таа одби да изрече грам критика за војската и за етничкото чистење, дури не ги ни спомна по име припадниците на етничката заедница Рохинги, но изјави дека „не знае зошто муслиманите бегаат и потребно е да се откријат вистинските проблеми во таа држава“.

Овој нејзин говор остави мал впечаток во светот. Американскиот државен секретар Рекс Тилеросн во телефонски разговор со Су Чи ѝ порача да го овозможи доставувањето на хуманитарната помош од меѓународните организации, која Владата ја стопираше и да одговори на „длабоко вознемирувачките тврдења за злоупотреба на човековите права“. Францускиот претседател Емануел Макрон зборувајќи пред Генералното собрание на ОН изјави дека „воените операции мора да запрат, хуманитарната помош мора да биде гарантирана и да се обнови владеењето на правото во она што сега е познато како етничко чистење“. И генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на итно запирање на воените опрации. 

Познавачите на состојбите во оваа, во основа затворена земја, се обидуваат да ја најдат трагата за ваквото однесување на моралната икона. Една од причините е што Аунг Сан Су Чи е ограничена поради силното влијание на војската. Според Уставот, војската ги има трите главни безбедносни портфолија во Владата – за внатрешни работи, за одбрана и за границите – а заедно со 25-те проценти пратеници во Парламентот сѐ уште игра неверојатно важна улога во државата. Потоа тука е огромното влијание на националистичките будистички свештеници кои создадоа широка мрежа меѓу населението и со кои нејзината партија не сака да се конфронтира, иако има двотретинско мнозинство во Парламентот. Владата постојано повторува дека известувањата за судбината на Рохингите и нивните барања се „лажни вести“ (во телефонски разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган таа посочи на „ледениот брег на дезинформации“). 

Су Чи, всушност, никогаш не била сочувствителна за судбината на Рохингите, иако нејзиниот став не е толку груб како оној на будистичките националисти. Лани таа на американскиот амбасадор му порачала САД да го избегнуваат споменувањето на Рохингите по име. Друг проблем е што нејзината непопустливост и тврдоглавост се зголемува колку што расте притисокот. Тоа го докажа за време на годините на домашен притвор кога стана отпорна на генералите. Во таа тврдоглавост кај неа се јавува чувството на предавство и тоа токму од оние земји кои ја поддржуваа во нејзината борба за демократија. Аунг Сан Су Чи сега бара помош од државите кои не беа загрижени во времето кога беше политички затвореник – од Кина и од Русија – за со вето да спречат донесување резолуција во Советот за безбедност. 

Су Чи е преоптоварена со продолжување на мисијата на нејзиниот татко, генералот Аунг Сан, еден од творците на бурманската независност, кој беше убиен во 1947 година, неколку месеци пред одвојувањето од британската круна. Главната цел на генералот Аунг Сан беше Бурма да стане федерална држава на рамноправни етнички групи и да се избегнат бројните граѓански конфликти. Су Чи, која во време на атентатот на нејзиниот татко имала само две години, е посветена на неговата мисија и оптоварена со неговата улога. Во едно радиоинтервју за Би-би-си во 2013 година таа го опиша нејзиниот татко како „мојата прва љубов и мојата најголема љубов“. 

Жителите на Мјанмар се поистоветуваат со нејзината љубов кон херојот на независноста, во голема мерка и поради тоа што таткото и ќерката визуелно изгледаат исто, нивните лица се како пресликани. Аунг Сан Су Чи одамна ги има најавено своите два главни политички приоритети: да се подобри економската состојба во државата и она поважното, да се склучи мир со армиите на етничките групи, особено оние на северот на земјата и нивните големи ривалства. Во тие приоритети очигледно не влегува и судбината на „Бенгалите“, како што државните органи и будистите ги нарекуваат Рохингите. А тие се само еден милион од 50-те милиони жители на Мјанмар.

Никој не е совршен, ниту демократските херои. Аунг Сан Су Чи е еден од славните примери како може да се потклекне. Во едно од своите ретки интервјуа оваа година, таа за Би-би-си ги негираше обвинувањата за етничко чистење и им се спротивстави на поедноставените перцепции за нејзината личност: „Јас сум само политичар. Јас не сум баш како Маргарет Тачер, не. Но, од друга страна, јас не сум ни Мајка Тереза“.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано