Општество

ЕРА НА ПАРТНЕРСТВОТО ЧОВЕК-МАШИНА

Јован Пехчевски

„Ова партнерство помеѓу човекот и машината е одлична можност за човештвото. Со растоварување од повеќето обврски што може да ги сработи машината, ќе можеме да се фокусираме на она што човештвото го прави најдобро.“ Норман Ванг, Опек мидија (Opaque Media)

 

Во неговите зачетоци многу малку луѓе можеа да го предвидат темпото со кое интернетот ќе се рашири во светот или пак влијанието кое ќе го има во преобразувањето на деловното работење и културата. А сепак, без поголемиот дел од нас тоа да го забележи тоа, вебот премина од форма на чудна нова љубопитност во основна заднинска состојба на секојдневниот живот.
Новите технологии со брз подем денес исто така се восприемаат како некакви чудни, нови куриозитети. Вештачката интелигенција (ВИ), аугментираната/надградената и виртуелната реалност, домашните роботи и работењето/пресметковниот модел во клауд (cloud computing) – да именуваме само некои од софистицираните технологии денес во развој – ги окупираат фантазиите на многумина. Напредните способности на денешните нови технологии доведуваат до тоа многу академски работници, претприемачи и организации да предвидуваат иднини во кои ваквите технолошки влијанија врз општеството ќе бидат ништо помалку од трансформативни. На пример, на неодамнешната експертска работилница организирана од страна на Дел технологии (Dell Technologies) и Институтот за иднината (IFTF), учесниците сугерираа дека технологиите што се во игра во текот на следната деценија имаат потенцијал да се справат со некои од досега нерешливите проблеми со кои се соочува човештвото.
Не може да се каже со сигурност дали овие нови технологии ќе ги реализираат овие амбициозни можности. Она што е сигурно е дека тие ќе се вкрстат со моќни демографски, економски и културни сили за да ги подобрат условите на секојдневниот живот и да влијаат на начинот на кој повеќето луѓе ќе живеат и ќе работат во 2030 година. Како резултат на тоа многу организации и луѓе ќе се движат низ непознати води во следната деценија, несигурни во она што следува понатаму. Во студијата Индексот на дигитални трансформации спроведена од Дел технологии во која беа опфатени 4 000 носители на важни одлуки во светот, 45 % од испитаниците се изјаснија дека се загрижени дека нивната компанија ќе биде со застарен модел на работа за само 3 до 5 години, речиси половина од нив не знаат како ќе изгледа нивната индустрија за само три години, додека 73 % сметаат дека треба да бидат повеќе „дигитализирани“ за да можат да успеат во иднина.


Слика 1. Суперкомпјутерот на Либратус

Како новите технологии влијаат врз нашите животи?
Не постои универзално прифатен концепт за тоа кои технологии се сметаат за нови. За целта на оваа статија ќе го истражиме влијанието кое роботиката, вештачката интелигенција (ВИ) и машинското учење, виртуелната реалност (ВР) и аугментираната/надградената реалност (АР/НР) и работењето во облак ќе го имаат врз општеството до 2030 година. Овие технологии, овозможени со значителниот напредок во софтверот, ќе го поткрепат формирањето на нови партнерства меѓу човекот и машините.

Роботика
Со децении наназад роботите вршат активности што луѓето не треба или не сакаат да ги прават. Ова вклучува опасни ситуации, повторувачки задачи или задачи кои не бараат посебни когнитивни вештини или вештини за решавање проблеми. Во најнапредните производни сектори – меѓу јапонските производители на автомобили, на пример – роботите веќе можат да работат без надзор, и тоа околу 24 часа, а без прекин до 30 дена.
Брзите напредоци низ научната дејност, технологијата, инженерството и комуникациите доведоа до она што се нарекува нова индустриска револуција или „второ машинско доба“, што во голема мера ќе ги прошири надлежностите и функциите на роботите. Со овие промени целиот пакет на работни места се преобразува со тоа што автоматизацијата го дислоцира и го нарушува човечкиот труд.
Сепак, прифаќањето и примената на роботите ќе се прошири и надвор од фабриките за производство и од работните места. Семејните роботи, роботите за нега и роботите за вршење општополезни работи ќе станат вообичаени бидејќи длабинското темелно учење што се применува кај нив ги подобрува способностите на роботите да можат да се соживуваат и да користат разумско расудување. Гугл (Google) неодамна доби патент за изградба на работнички роботи со карактеристи на вистинска личност. Иако секако ќе постојат регулаторни и правни пречки, како и аспекти на доаѓање до моментот на културно прифаќање кои ќе треба да се надминат, ова воведување и прифаќање на роботите во нашиот личен живот ќе продолжи и во наредните 15 години.

Вештачка интелигенција и машинско учење
Од 1997 година кога компјутерот наречен дип блу (Deep Blue) го победи Гари Каспаров, светскиот шампион во шах, компјутерите станаа попаметни, побрзи и многу поспособни да управуваат и да се справуваат со сложени задачи.
Околу 1 500 компании во Северна Америка денес веќе работат на нешто тесно поврзано со вештачка интелигенција (ВИ), што претставува помалку од 1 % од сите средни и големи компании. Овој тренд веќе го гледаме во индустријата за финансиски услуги преку препознавањето податоци, преку препознавање на моделите и преку аналитичко предвидување како технологии кои се применуваат на големи податоци во широк обем.
Според Мишел Џоу, експерт за ВИ, развојот може да се претстави во три фази. Првата подразбира интелигентни алгоритми за препознавање кои ги препознаваат обрасците; ова е проследено со машини со когнитивни способности кои извлекуваат заклучоци од дадени податоци, а завршната фаза подразбира виртуелни човечки суштества. Веројатно е дека до 2030 година ќе влеземе во втората фаза на ВИ бидејќи оваа технологија продолжува забрзано развојно да напредува. ВИ се применува и во едноставни и во комплексни апликации – од едноставни автономни возила, па сè до помошничката Сири (Siri) на Ејпл (Apple). Неодамна една програма со ВИ наречена Либратус (Libratus) од Универзитетот Карнеги Мелон ги победи најдобрите светски професионални играчи на покер во Питсбург во 20-дневен двобој (слика 1). Значајно е тоа што машината можеше да ги надмине луѓето користејќи „несовршени информации“. Ова е затоа што во покерот постои одреден степен на недостаток на информации. Играчите никогаш нема да ги откријат картите во својата рака додека не мораат да го сторат тоа (за разлика од шахот каде што секој може да ги види пионите и можните потези).
Дополнително на нивната способност да донесуваат правилни одлуки врз основа на несовршени информации, машините сега се способни да учат од своите искуства и да го споделат тоа со научените сознанија на други програми со ВИ и со роботи. Но, напредокот на ВИ носи и нови предизвици. Дискусиите за тоа кој или што има морална и етичка одговорност за одлуките направени од машините ќе добиваат сè поголема важност во текот на следнава деценија.

Виртуелна реалност и аугментирана/надградена реалност
Иако виртуелната (ВР) и аугментираната/надградената (АР/НР) реалност го менуваат формалниот фактор на компјутерите, постои едноставна разлика меѓу двете. ВР го блокира физичкиот свет и го транспортира корисникот во симулиран свет, додека АР/НР создава дигитален слој врз постоечкиот физички свет. Бидејќи повеќе не зависат од едно или две од нашите сетила за потребите на обработка на податоци, извонредните технологии како АР/НР и ВР ќе им овозможат на луѓето да применуваат повеќе сетила – вид, допир, слух, а наскоро и вкус и мирис – да искусат медиуми преку отелотвореното сознание.
И ВР и АР/НР се создадени да ги трансформираат не само медиумите и забавата туку и да го поддржуваат развојот на иновативни применливи случаи во образованието, во здравството, во патувањето и транспортот, во градежништвото и производството. Информативниот слој што ќе го создадат двете технологии ќе го забрза мешањето на дигиталните и физичките идентитети со дигитални патеки и траги што формираат дигитален слој врз физичките средини на поединците.
Пристапот до ресурси за учење со АР/НР ќе ги ресетира очекувањата и практиките за обуките за работните места и преквалификацијата, а одлучувањето во реално време ќе биде зајакнато со лесен пристап до информациите (слика 2). Симулацијата поткрепена со ВР ќе ги вклучи луѓето во реално искусување на алтернативни сценарија, ќе ја зголеми емпатијата за другите и ќе ги подготви за идните ситуации. Тоа ќе го засили и ќе го надгради интернетот на искуства преку мешање на физички и виртуелни светови.


Слика 2. Окулус БП (Oculus ВР) со дел пресижн вркстејшн (Dell Precision Workstation) во образованието

Работење во облак
Важно е да се истакне дека работењето во облак, познато како ‘Cloud Computing’, не е место, тоа е начин на работење со ИТ. Без разлика дали се работи за јавна, за приватна или за хибридна (комбинација на приватна и јавна), оваа технологија сега се користи во повеќе од 70 % од американските организации (и се очекува овој тренд да расте и понатаму).
Иако клаудот (облакот) не е некој нов технолошки тренд, технологијата на работење во клауд навистина зеде замав дури во последниве години откако апликациите за критичните сервиси на работењето на претпријатијата се појавија на пазарот, а технологиите за виртуелизација созреаја. Во исто време бизнисите станаа свесни за овие придобивки во однос на нивниот придонес кон ефикасноста и профитабилноста од работењето. Стартапите почнаа да користат пристапи базирани на работа во клауд за да ги преобразат и надминат традиционалните индустрии; до 2030 година технологиите засновани на работа во клауд ќе бидат толку многу применувани што спомените од времињата на водење бизниси пред доаѓање на ерата на работење во клауд ќе се сметаат за архаични.

Партнерство човек-машина до 2030 година
Неодамнешните разговори, извештаи и статии за крстосницата на спојување на новите технологии и општеството имаат тенденција да промовираат една од двете екстремни перспективи за иднината: на една страна е проблемот на невработеност поради технолошкиот напредок и развој, поткрепено со анксиозност што произлегува од оваа неизвесност, а на друга страна е оптимистичкиот став за технолошките панацеи за сите социјални и еколошки болести. Можеби еден покорисен разговор би се фокусирал на тоа како може да изгледа новиот однос меѓу технологијата и општеството и што треба да се смета за соодветно за и ние соодветно да се подготвиме. Со врамување на односот меѓу луѓето и машините во форма на партнерство можеме да почнеме да градиме капацитет во машините за да го подобриме нивното разбирање за луѓето, за општеството и за организациите така што повеќето од нас ќе бидат подготвени да се ангажираат сериозно за партнерски соживот со новите технологии. Независно, општеството ќе влезе во нова фаза која ќе се карактеризира со уште поголема ефикасност и можност од кога и да е порано.
Со оглед на тоа што процесорската моќ се зголемува 10 пати на секои пет години (според Законот на Мур), луѓето ќе бидат во голема мерка зависни од компјутерите во многу области. Машините ќе донесат молскавична брзина и точност за сите видови задачи. Сепак би било заблуда да се претпостави дека технологијата ќе го направи човечкиот труд излишен. Постои основан сомнеж дали до 2030 година компјутерите целосно ќе успеат да ги совладаат фундаменталните инстинктивни вештини на интуиција, на расудување и на емоционална интелигенција кои луѓето ги вреднуваат со векови. Сепак, во текот на следната деценија, партнерството со машините ќе им помогне на луѓето во голема мера да ги надминат своите ограничувања.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано