Општество
АСТЕРОИДНО РУДАРСТВО
Дејан Јанчевски
Авторот е економски истражувач
Во време кога во Македонија се одржуваат референдуми на кои граѓаните се изјаснуваат за тоа дали се за активирање на одредени рудници или не, глобалното размислување за експлоатација на рудните богатства добива сосема поинаква димензија. Станува збор за изнаоѓање алтернативни начини за задоволување на светската побарувачка за одреден вид метали кои се сѐ поретки на Земјината топка. Со тек на време стануваме свесни дека ресурсите, без разлика на видот, не се секогаш неограничени, а со тоа потрагата по нивни супститути ја преминува замислената оска. Ако историјата нѐ учи дека пред 5 милиони години диносаурусите изумреле од некаков вид астероид кој се судрил со Земјата, денес развојот на науката и на технологијата нѐ учи како да се заштитиме од опасноста повторно некој астероид да го пресече движењето на Земјата во орбитата, но уште поважно како можеме да го користиме богатството кое го носат со себе самите астероиди.
Астероидите спаѓаат во групата мали планети и се карпести остатоци кои настанале при формирањето на Соларниот Систем. Астероидите орбитираат околу Сонцето, најчесто на патеката која се нарекува Астероиден појас и во себе содржат вода и изобилство на вредни метали како платина, злато, железо, никел и други. Досега се откриени повеќе од 9 000 астероиди, а се проценува дека еден астероид со дијаметар од еден километар содржи 7 500 тони платина, што има вредност од 150 милијарди американски долари. Ваквите бројки беа предизвик за американската компанија Планетари рисорсис инц. (Planetary Resources Inc), чија цел е експлоатација на ресурси од астероиди, да формира отворен фонд со голем број инвеститори, меѓу кои и основачите на Гугл (Google) и познатиот филмски режисер Џејмс Камерон (James Cameron), кои здружениот капитал го инвестираат во ракети кои ќе можat да се „прикачат“ на астероидите со цел да ги експлоатираат внатрешните богатства. Ваквиот чекор се наметна како потреба со оглед на фактот дека 95 % од ретките метали доаѓаат од Кина која го минимизира нивниот извоз со цел да се задоволи домашната брзорастечка индустрија.
Ваквиот развој на настаните се одрази и врз правните регулативи на одредени држави кои ги заштитуваат сопствените интереси и ги прошируваат можностите за развој. Но има и такви кои со одредени законски промени се доведуваат во „пол позиција“ пред сите останати. Поранешниот американски претседател Барак Обама (Barack Obama) го потпиша законот со кој се дозволува секој граѓанин на САД да има полноправно право да поседува, да експлоатира и да продава каков било вселенски материјал. Се предвидува дека ваквиот закон ќе биде револуционeрен за американската економија поради тоа што ќе се создадат илјадници нови работни места, а придружниот ефект ќе биде враќање на вселенската доминација која САД во изминатиов период ја има загубено. Иако за Американците ваквиот закон носи низа поволности, тој е и невалиден доколку се земе предвид фактот дека САД имаат потпишано договор (Аутр спејс трити (Outer Space Treaty)) со кој се обврзуваат дека нема да поседуваат територија во вселената, а договорот е ратификуван од страна на 105 држави. Од друга страна, во целиот овој „вселенски хаос“ малата држава Луксембург има аспирации да стане глобален центар на астероидното рударство. Нејзината вселенска историја датира уште од 1980 година кога предвидуваа просперитет во роботичката вселенска технологија и го формираа СЕС (SES), првиот европски сателитски оператор. Од тогаш Луксембург стана членка на Европската вселенска агенција, а во неколку наврати претставници на Луксембург беа во нејзиното највисоко претседателство. Со посебен акт Владата на Луксембург се обврзува да вложи над 200 милиони долари со цел да ја поддржи научно-истражувачката програма за астероидно рударство, а преку нејзината веќе воспоставена пазарна моќ Луксембург е гарант за финансиска, за политичка и за социјална стабилност.
Под претпоставка дека очекувањата и плановите за астероидно рударство ќе имаат позитивeн исход, се поставува прашањето како тоа ќе се одрази врз глобалната економија. Со новиот тип рударство ќе се намали негативното влијание врз природата, ќе се зголеми обемот на потребни суровини, а со развојот на технологијата можат да се откријат и нови, досега непознати материјали. Од друга страна, ваквиот тек на настаните ќе има негативно влијание врз традиционалното рударство кое ќе стане помалку ефикасно и помалку продуктивно, а со тоа ќе се намали вработеноста во тој сектор. Дополнително, зголемената понуда на суровини ќе ја намали нивната пазарна вредност и со тоа ќе станат подостапни за голем број индустрии со тоа што постои опасност во случај економскиот раст да не биде со исто темпо со понудата на суровини нивната цена да бележи само надолни движења. Ваквите настани се предвидува да водат кон трансформација на побарувачката за работна сила, односно сѐ повеќе да се бараат образовани лица кои ќе имаат силен придонес во роботиката и енергетската индустрија. Во однос на цените на производите има две варијанти: првата е дека ќе се намалат цените на производите поради намалените трошоци за производство, а втората е дека цените на производите ќе останат на исто рамниште, со благ пад поради развојот на голем број нови производи кои би биле апсорбирани од зголемената куповна моќ на луѓето, следејќи ги принципите на позитивните економски варијабли. Тоа што најмногу ги интересира сите инволвирани страни е како ваквиот развој би се одразил врз националните валути и девизните резерви. Иако историски вакви слични движења воделе кон инфлаторни последици, сепак на повидот е инфлаторно движење предизвикано од политички причини. Се работи за тоа што голем дел од државите своите девизни резерви ги чуваат во облик на злато. Со остварување на претпоставката дека астероидите содржат злато, голема е веројатноста неговата вредност да паѓа и токму тука се поставува прашањето која ќе биде конвертибилната валута преку која ќе се „заштитат“ девизните резерви или токму новонастанатите криптовалути ќе го изнесат товарот.
Иако навидум целата приказна изгледа како научна фантастика, во реалноста голем број луѓе, компании и држави на големо инвестираат во целиот проект и широко ги отвораат вратите за потенцијални профити, додека во Македонија константно имаме отпор кон новитети и ни останува само да го славиме Денот на астероидот – 30 Јуни.