Општество
ВЕСНИЦИТЕ СЕ ВРАЌААТ
Љупчо Поповски
Авторот е новинар
Во еден драматичен пресврт за новинарството по победата на Трамп, претплатата за квалитетните весници во САД расте со рекордни бројки особено меѓу младите луѓе кои го напуштија клишето што важи повеќе години дека „информацијата сака да биде бесплатна“. Тоа ја враќа вербата во весниците и во вистинскиот журнализам.
Пред десетина години изгледаше дека весниците во светот тргнаа по патот од кој нема враќање – дека нивното исчезнување во дигиталната ера ќе биде прашање на најмногу неколку десетлетија. Опседнатоста на луѓето, особено на младите популации, со паметните телефони, со информациите на социјалните мрежи, со бесплатниот пристап до вестите и драстично намалените приливи од огласувачите, ги ставија весниците во ненадеен ќор-сокак. Тие беа во трескавична потрага по одговор на прашањето – како понатаму.
Тоа се однесува на сите весници во светот – и на оние во големите демократии како САД, Британија или Франција, така и на оние на Балканот, се разбира и во Македонија. Судбината на весниците не е поврзана само со потребата за информирање на граѓаните, за зачувување на еден од столбовите на секоја слобода, туку тоа е и прашање на бизнисот, големиот бизнис во издаваштвото. Знаеме како заврши најголемата издавачка куќа во земјава, Медиа принт Македонија, и како преку ноќ беа затворени трите највлијателни весници, како политиката им ја стави јамката околу вратот. Но, тоа не е тема на овој текст.
Информациите што пристигнуваат од татковината на слободниот печат – Америка ги свртеа преку глава стравовите дека кладата за весниците е веќе подготвена, само уште треба да се запали. Онака како што радиото успеа да преживее и да се адаптира на телевизискиот бум или телевизијата да го амортизира налетот на социјалните мрежи, така весниците почнаа да го откриваат патот за излез од спиралата на паѓањето. Па дури да покажуваат и неверојатни резултати во тешките времиња за издавачката индустрија и за бизнисот чија главна дејност е одржување на слободата и правото на вистински информации за она што се случува. Како и многупати во последниве сто години, она што се случува во Америка како бран се пренесува на другите делови во светот, па така се очекува и со судбината на весниците.

Вашингтон пост користејќи го хаосот во американската политика се врати во врвот на тамошниот журнализам и се врати онаму каде што беше во поствотергејтскиот период. Вашингтон пост годинава направи нешто единствено во американскиот журнализам, вработи нови 60 новинари за да ги засили истражувачките тимови и да ја зголеми брзината на реакцијата при таканаречените „брејкинг њуз“. (фото: https://s-i.huffpost.com)
Иронично – Трамп им помогна на весниците
Иронично, најголема помош за американските весници дојде од онаму од каде што тие најмалку се надеваа – од политиката. Попрецизно – од Доналд Трамп. Втората работа што ја направи оваа промена е што луѓето, кои веќе се навикнаа да плаќаат за претплата на Нетфликс или на Спотифај (Netflix или Spotify), сега полесно се решаваат и за плаќање на весниците.
Американскиот претседател уште од изборната кампања води своевидна крстоносна војна против „лажните вести“, т. е. главните медиуми во печатената и во телевизиската индустрија. Тој ги нарекува новинарите „непријатели на народот“, па дури неодамна изјави дека „искрено е одвратно печатот да може да пишува што ќе посака“, па дури (според примерот на Ричард Никсон) ќе побара Владата да ги разгледа лиценците за работа на големите телевизиски мрежи.
Како што Трамп ги напаѓа исклучителните Њујорк тајмс и Вашингтон пост, нарекувајќи ги „лажни вести“, затоа што наводно сакале да ја поткопаат неговата администрација, така растат тиражите на двата весника и особено бројот на дигитални претплатници. „Неуспешниот“ Њујорк тајмс (како што го нарекува Трамп) во овој момент има 2,3 милиони дигитални претплатници, што е фантастична бројка. Вашингтон пост (чија нова гламурозна зграда се наоѓа неколку блока од Белата куќа) на почетокот од годинава ја надмина магичната бројка од еден милион дигитални претплатници.
Вашингтон пост од пред три години е во сопственост на газдата на моќниот Амазон, Џеф Безос. Издавачот на весникот, Фред Рајан, во интерен допис до вработените пред две недели им соопштил дека „нашиот раст е извонредно силен, а само дигиталната претплата е зголемена за трипати во однос на лани ова време“. Но, не само тоа, расте и бројот на претплатниците на печатеното издание (кои како бонус добиваат и пристап кон дигиталниот весник). Вашингтон пост користејќи го хаосот во американската политика се врати во врвот на тамошниот журнализам и се врати онаму каде што беше во поствотергејтскиот период. Вашингтон пост годинава направи нешто единствено во американскиот журнализам, вработи нови 60 новинари за да ги засили истражувачките тимови и да ја зголеми брзината на реакцијата при таканаречените „брејкинг њуз“. (Редакцијата сега има 750 луѓе што е, сепак, многу помалку од големите Њујорк тајмс со 1 300 и Волстрит џорнал со 1 500 вработени). „Истражувачкото новинарство е центарот на нашата ДНК. Читателите го очекуваат тоа“, вели издавачот Рајан.
Квалитетниот журнализам, кој оди подлабоко од вестите, е на цена во САД, па така бројот на дигиталните претплатници во Пост е најголем за рубриката „Мислења“. Но, не расне бројот на претплатниците само на мамутските национални весници, туку и на регионалните. Лос Анџелес тајмс неодамна oбјави дека тие имаат 105 илјади дигитални претплатници, а Бостон глоуб се доближува до бројката од 100 000.
Неодамна магазинот Политико објави сторија за драматичното зголемување на дигиталната претплата на весниците кај младите луѓе (во САД ги нарекуваат millennials). Пред две години магазинот Форбс напиша дека младите луѓе не сакаат да плаќаат за вестите бидејќи во некоја рака се аполитични и плус своите потреби за информации ги задоволуваат преку социјалните мрежи и преку оние весници или телевизии кои нудат бесплатно читање oсобено откако Нетфликс (Netflix) влезе и во информациската сфера нудејќи претплата од само еден долар месечно.
Квалитетот треба да се плати
Но, откако Трамп ги смени работите во државата, откако опскурни веб-страници кои продуцираат лажни вести почнаа да никнуваат како печурки, откако порталите на крајната десница се обидоа да ја насочуваат политичката агенда, младите луѓе се свртеа кон традиционалните медиуми во потрага по одговори зошто работите се случуваат. Така овие „милениумци“ станаа најважната група од новите претплатници. Откако се научија дека за квалитетните мрежи како Нетфликс (Netflix) треба да се плаќа, претплатата за весниците и за магазините дојде речиси како природна работа. Извонредниот магазин Њујоркер, на пример, ја зголеми за двојно бројката на претплатници во однос на истиот период лани. Особено е голем порастот кај младите од 25 до 34 години – 129 проценти.
Истото се случува и со магазинот Атлантик (кој се фокусира на надворешните работи, политиката и културните трендови и печати 10 броја годишно). Атлантик првенствено е наменет за сериозната читачка публика и за „мислечките лидери“. Па, сепак, бројот на новите претплатници од 18 до 24 години скокнал за 130 отсто, комбинирано и за печатеното и за дигиталното издание. Дури и Волстрит џорнал, кој се смета за омилено четиво на економските и на бизнис-круговите, ја удвоил дигиталната претплата меѓу студентските кругови.
„Милениумците“ очигледно го напуштија клишето што важи повеќе години – „Информацијата сака да биде бесплатна“. Тие, на пример, во огромен број се одлучуваат за претплата на печатеното издание на Њујоркер (или комбинирано). Политико пишува дека веќе има физичка манифестација на оваа врска. Во метро или на аеродром овие млади луѓе видливо го носат со себе изданието на Њујоркер за да сигнализираат дека внимаваат што читаат и за што се грижат. Тие себеси се идентификуваат како свесни интелектуалци кои ја ценат уметноста и длабочината на политичкото размислување (а не дека се следбеници на политичките викачи), па со тоа го определуваат и својот животен стил. Тие сакаат да помогнат во поддршката или да го финансираат новинарството. Вербата во вистинскиот журнализам е бедемот што го градат по нападите на Доналд Трамп врз сите оние кои не пишуваат пофални текстови за него. Овој подем во претплатата е воден од луѓето кои се наоѓаат на страната на левицата или инклинираат кон неа. Тие чувствуваат голема одбивност спрема Трамп и во голема мерка поддршката за журнализмот резултира со плаќање на претплатата.
Во сериозниот Атлантик велат дека претплатата на младите луѓе за магазинот не расне само од ноември лани кога победи Трамп, туку тоа се случува последниве четири години. Таму биле вчудовидени кога направиле анализа на новите претплатници и го забележале огромниот број млади луѓе, верувајќи дека магазинот го читаат само постари.

Оваа зголемена доверба во новинарството и драматичното зголемување на дигиталните претплати се во заемна корелација. Ник Њумен од Институтот Ројтерс прецизно ја објаснува оваа поврзаност: „Тоа нема да го спаси журнализмот, но е знак на надеж дека луѓето се подготвени да платат за квалитет“ (фото: Гети имиџис)
Забавен раст на социјалните медиуми
Институтот Ројтерс во годинашниов обемен извештај за дигиталните вести забележува повеќе значајни промени во новинарството кое било истражувано во 36 земји. Едната е дека социјалните медиуми, телевизиите и весниците се во секојдневен микс кој не може да постои без еден од учесниците. Потоа дека во повеќето од овие земји е запрен растот на социјалните медиуми, а во некои од нив (како Португалија, Италија, Австралија и Бразил) има и значајно опаѓање. Институтот вели дека тоа може да се должи на изменетата ситуација на пазарот, но и да е поврзано со промената на алгоритмите на Фејсбук од 2016 година кога приоритет доби комуникацијата со пријателите и со семејството пред содржината на професионалните вести.
Според истражувањето, најголема доверба во вестите има во Финска (62 %), а најмала во Грција и во Јужна Кореја (23%). Ник Њуман, главниот автор на ова истражување, вели дека новинарството последнава година го привлече вниманието на политичарите, на творците на политиките, па и на пошироката јавност. Самата вест по себе стана вест особено во длабоко поларизирачките општества како САД или Италија или Унгарија. Поплавата од лажни вести ја доведе во заблуда публиката која не знае ниту за авторот ниту за потеклото на веста. Затоа, според извештајот на Институтот Ројтерс, се зголемува бројот на новински организации кои се рефокусираат на квалитетот, единствениот журнализам за кој луѓето се подготвени да платат. Нив сега ги води повеќе квалитетот отколку големите бројки.
Според ова истражување Австријците и Швајцарците се најприврзани до печатените весници, Германците и Италијанците ги сакаат телевизиските дневници, а Латиноамериканците добиваат повеќе вести преку социјалните медиуми. Поделбата меѓу северот и југот во Европа е изразена и во новинарството: дигиталната претплата е најголема во нордиските земји, а најниска во Централна Европа и на југот – Грците, Италијанците и Шпанците се навикнати да ги читаат весниците на интернет бесплатно и таму нема култура на претплата.
Извонреден податок е што расте бројот на донациите за квалитетниот журнализам. Тие се триплирани во САД и во Австралија (иако почетната основа е многу ниска). Лондонски Гардијан објави дека до март 2017 година продал 230 000 членства по цена меѓу 6 и 60 фунти месечно, заедно со 160 000 донации од целиот свет. Тоа е еден од начините за функционирање на квалитетното новинарство кога паѓаат приходите од рекламите.
Но, во САД не раснат само тиражите на весниците, а издавачките компании поради нападите на Трамп врз новинарството ги стабилизираат своите финансиски состојби и почнуваат да остваруваат профити по годините на паѓање. И телевизиските мрежи ја зголемуваат гледаноста на нивните програми каде што Трамп се покрива практично 24/7. Фокс њуз и натаму останува на врвот, но МСНБЦ, која е собиралиште на анти Трамп публиката, поради нејзините либерални гласови ја зголеми гледаноста за 43 отсто оваа година во нејзиниот „прајм тајм“ (некои вечери дури и повеќе од Фокс њуз), што се најголеми бројки во нејзината 21-годишна историја. Извршниот директор на Си-би-ес, Лес Мунвес, ја даде веројатно најдобрата изјава во 2016 година за поврзаноста на политиката и новинарството: „Ова можеби не е добро за Америка, но е проклето добро за Си-би-ес“.
Истражувањето на Галуп од јуни годинава покажа податоци кои полека ги побиваат тврдењата и контроверзите за „лажните вести“. Довербата во весниците во САД пораснала за една година од 20 на 27 отсто, што е рекорден процент од 2011 година, иако е сѐ уште далеку од златните времиња на американскиот журнализам од 80-тите и 90-тите години на минатиот век.
Оваа зголемена доверба во новинарството и драматичното зголемување на дигиталните претплати се во заемна корелација. Ник Њумен од Институтот Ројтерс прецизно ја објаснува оваа поврзаност: „Тоа нема да го спаси журнализмот, но е знак на надеж дека луѓето се подготвени да платат за квалитет“.