Општество
ХРАБРИТЕ И НЕЗАВИСНИ ЖЕНИ ГИ ЗАСЕНУВААТ ПРИНЦЕЗИТЕ
Ивана Тасев
Aвторот е новинар
Современите Дизниеви филмови вртоглаво направија пресвртница во раскажувањето на приказните и успеаја да привлечат поширок спектар на општествено свесна публика. Женските протагонисти повеќе немаат пасивна и подредена улога. Имаат избор да донесуваат самостојно одлуки, прво на глас кој самите го имаат извојувано. Целата застарена идеолошка матрица денес е трансформирана во нешто сосема друго. Доколку во минатото Пепелашка, Снежана и Трнорушка сонуваа за бакнеж од принцот кој ќе ги спаси и конечно ќе стави прстен на нивната рака, денешните модерни хероини Моана, Елса, Ана, Мерида... не чекаат да бидат спасени и друг да им го бере гајлето. Тие се храбри индивидуи, бунтовнички со големо срце, па затоа и ја поткопуваат стереотипната логика дека жената е само декор во домот, чија единствена цел е да ја омажи „принцот“.
Колективната идолатрија по кревките и кршливи принцези облечени во пуфкасти розови фустани, кои предизвикуваа ламентозни чувства особено кај помладата публика поради нивните зли судбини кои, за среќа, имаа хепи енд, денес не наоѓаат еквивалент во модерните бајки и приказни. Колку само далеку стигна Дизни од времето кога хероините очајно чекаа момче да им ја побара раката додека заносно и во севдах пееја елегични и лирски сетни ноти посакувајќи вистинскиот додворувач да чукне на нивната врата и да ја навлече на нивната нога чевличката која одговара.
Еден од најголемите блокбастери на Дизниевата продукција анимираниот филм „Фроузен“ (Frozen) е еклатантен пример за тоа. Сестринската љубов ги погреба романтичните очекувања на традиционална бајка. Наместо вистинскиот љубовен бакнеж од потенцијалниот шармантен принц кој патем се покажа како недораснат, целата емоција во приказната е концентрирана на сестринството и искрената љубов меѓу Елса и Ана, која патем го спаси денот. Двојната и лицемерна улога на принцот, кој е ништо повеќе од самобендисан насилник, беше добредојдена и наедно е силна шлаканица на опседнатата Пепелашка, заспаните убавици и белите снежани од минатото. Сепак ликот на Ханс е своевиден баланс наспроти компримираната моќ на естрогенот бидејќи доколку две жени седнеа на тронот – ќе беше премногу. Филмот експлицитно го акцентира сестринството над хетеро романсата и може да се каже дека ова беше револуционерен чекор во контекст на една бајка.
Откако „Фроузен“ (Frozen) го проби мразот, многу полесно почнаа да се нижат „постфеми“ анимирани филмови. „Моана“ (Moana) на пример, 16-годишната девојка која не сака да ја ословуваат како принцеза, храбро го прифаќа предизвикот „how far she can go“. И покрај забраната на татко ѝ таа да го напушти својот дом, Моана самоволно одлучува да ги спаси семејството и жителите од еколошка катастрофа која му претстои на островот. Одлучна да го врати украдениот камен, кој е причина за спорото умирање на вегетацијата на островот, таа во авантурите што ѝ следат го запознава мускулестиот, тетовиран Мауи и достоинствено ги поднесува неговите навреди и исмејувања нарекувајќи ја „just a princess“. За кусо време, покажувајќи неизмерна упорност и храброст, ја заслужува неговата почит. Она што уште повеќе ја степенува важноста на приказната е што во филмот постои отсуство на љубовен интерес, нема романса која би ги дефокусирала гледачите од инстинктот за преживување на индивидуата и нејзината вербата. Па затоа песната „How Far I’ll Go“ е еквивалент на онаа од Frozen „Let It Go“, пораки преполни со храброст и будење.
Впрочем, како и Мерида во анимираниот филм „Брејв“ (Brave), страсната црвенокоса бунтовничка принцеза во буквална смисла избега од концептот на однапред договорен брак утврден според благородничката традиција. Оваа бескомпромисна девојка ја вовлекува во неволја својата мајка, но нејзиното покајување и безрезервна љубов ја победува магијата со која е маѓепсана кралицата.
И Бела во „Убавицата и ѕверот“ (Beauty and the Beast) е прикажана како силен женски лик, девојка која обожува да чита, умна, умерена, чии соништа се поголеми од провинцискиот живот. И навистина, Бела е сигнификативен напредок наспроти Снежана, Пепелашка, па дури и Ариел, а тоа е нејзината желба да го трансформира ѕверот во подобар човек.
Како што нагласува и Ана Мартиноска, професорка по културолошки студии на Институтот за македонска литература:
„Дизниевите филмови долго беа напаѓани од прогресивната јавност дека предолго се држеа до класичните бајки со стереотипни ликови во кои девојките се секогаш претставени на еден ист шаблонизиран начин, како скромни, чесни и нежни убавици чии животни соништа завршуваат со свадба со принцот, како ултимативен хепи енд кој можат да го замислат, да го добијат. Ваквите еднодимензионални претстави и т.н. принцеза ефект значително влијаеа врз младите девојки во однос на нивните автоперцепција и самодоверба, нивните цели и очекувања во животот. Секако, филмовите се само една од алките во долгата низа на продукти на популарната култура, заедно со книгите, списанијата, телевизијата, музичките спотови, индустриите за играчки, мода и козметика, видео игрите... Притоа важи и правилото дека колку помлади се консументите, толку се поподложни на влијанието на мас-медиумите и толку повеќе ги прифаќаат овие сервирани слики и предрасуди здраво за готово. Така доаѓаме до ситуација кога младите учат за прашањата на родот, сексуалноста, телесноста, за родовите стереотипи, предрасуди и митови токму преку формите на популарна култура, а да не заборавиме дека тие претстави се политички и социјално конструирани, замислени за задржување на нормативните вредности на патријархалниот систем. Крајна цел е токму таа културна промена која ќе им овозможи на девојчињата здрав однос кон сопствената женственост во склад со современоста наместо со застарените бајки или со новите идоли базирани на истите матрици.“ Мартиноска.
ВИСТИНСКАТА ЉУБОВ СЕ ТРАНСФОРМИРА
Калина Малеска, професорка по англиска книжевност
„Фроузен“ има многу интересен и комплексен крај. Нема да го компарирам со „Снежната кралица“ бидејќи оваа приказна од Андерсен послужи само како инспирација за филмот. Половите ги менуваат своите улоги. Чинот на вистинска љубов во Снежната кралица го покажува Герда кон момчето Каи. Нејзиниот бакнеж го растопува неговото смрзнато срце маѓепсано од Снежната кралица. Нарацијата во „Фроузен“ е уште покомплексна. Наративната линија на приказната се раздвојува на две опции за Ана: откако нејзината сестра не сакајќи ја погоди со парче мраз, во момент кога Ана сакаше да ја спаси, таа се замрзнува и тоа многу брзо, но знае дека само чинот на вистинска љубов може да ја спаси. Ситуацијата наликува на онаа во која било слична бајка. Ана се враќа кај принцот Ханс кој наводно ја сака, но тој докажува дека е предавник чија единствена цел е да дојде до тронот. Ана тогаш сфаќа дека нејзина вистинска љубов е Кристоф кој ја придружува во патувањето да ја спаси својата сестра Елса. Ова води до логичен заклучок дека нивниот бакнеж ќе ја одмрзне Ана. Сепак приказната влегува во многу поинтересна и сложена ситуација. Наместо лесен одговор: бакнеж меѓу маж и жена, филмот ја става хероината во многу тешка дилема: во средината на ужасната снежна бура таа може да се спаси заедно со Кристоф, но блиску до неа е принцот Ханс кој сака да ја повреди Елса. Таа одлучува да ја спаси својата сестра и самата да замрзне до смрт. Иронично, со тоа што се саможртвува, Ана всушност се спасува – чинот на вистинска и несебична љубов кон нејзината сестра го топи мразот од нејзиното тело. Значи, наместо жената што чека бакнеж од човек кој ќе ја спаси, таа е независен, активен учесник кој придонесува и таа и нејзината сестра преку чинот на вистинска љубов да се спасат.
Нешто слично се случува и во „Златокоса“. Вистинската љубов не е изразена преку очекуваната техника – бакнеж. Рапанзел одлучи да го спаси својот сакан Флин од вештерката барајќи од неа да го ослободи и ветувајќи ѝ за возврат дека ќе остане во кулата засекогаш без обид да избега. Тука нема пасивно чекање да се случи бакнежот. Флин не го прифаќа жртвувањето на Рапанзел и наместо бакнеж тој ја отсекува нејзина волшебна коса во која се наоѓа силата на вештерката.
Современите приказни се косат со идеологијата на поранешните. Не ја спасува Ана бакнежот на Кристоф, туку вистинската љубов за нејзината сестра. Флин не ја спасува со бакнеж неговата Рапанзел, туку таа со своите магични солзи го спасува него. И женските и машките протагонисти во приказните не се пасивни, се борат, имаат можност да одлучуваат и да преземат акција. Во првобитните приказни женските жртви само „чекаа“ за бакнеж – беа целосно пасивни, водени од околности, без да им се даде можност да одлучат.
СЕНЗИБИЛИЗАЦИЈА ПО РОДОВИТЕ ПРАШАЊА
Ана Мартиноска, професорка по културолошки студии на Институтот за македонска литература
Проактивната улога на женските ликови, нивната самостојност, бунтовност, одлучност, амбициозност, храброст... се нови посакувани каракактеристики за жената од 21 век и особено е важно што ваквите репрезентации им се нудат на девојчињата од најмлада возраст. На тој начин тие ќе можат да се идентификуваат со нив и да имаат поинакви херои кои не се плашат да ги извалкаат пуфкастите розови фустани, кои не чекаат „принцот“ да им подари нов пар чевли, што на долги патеки може да ја менува постоечката призма дека убавината е многу поважна од интелектот и другите доблести кои една жена може да ги има. Со оглед на глобалната популарност и распространетост, јасно е дека овие филмови придонесуваат во градењето на новите културни стандарди на времето, па имплицитно ја конструираат и новата, поавтентична слика на женственоста. Навистина е фантастично што конечно претставите на умните, силни и независни девојки и жени ги засенуваат принцезите и ним сличните чија единствена задача беше да бидат убави и евентуално да го чистат домот. Посакувам и надвор од големото платно да ни се случува сензибилизација по родовите прашања и таа нова идеологија да најде свое место во што повеќе примери од детската литература, телевизиските емисии, рекламите, видео игрите и останатите форми на мејнстрим културата.