Општество

ВЛИЈАНИЕ НА ПАРТНЕРСТВОТО ЧОВЕК-МАШИНА

Јован Пехчевски

„На крајот, луѓето и машините ќе работат заедно – не едни против други. Компјутерите можат да победат на игри, но замислете што би било можно кога човекот и машината би функционирале заедно, да ги решат најголемите предизвици на општеството како што се искоренувањето на болести, писменоста и сиромаштијата.“  Сатја Надела, главен извршен директор на Мајкрософт

Софистицираните можности на денешните модерни технологии овозможуваат формирање партнерство човек - машина кое во иднина ќе има значајно влијание како врз поединците, така и врз организациите во нашето општество. Самиот процес на работа во партнерство со машините ќе ги подобри способностите на луѓето да ги координираат ресурсите и да учат во реално време, а тоа, пак, ќе ги промени очекувањата од успешноста на работата и ќе влијае врз организациите да се прилагодат на напредните способности на тимовите составени од човек и машини.

1 Дигитални спроводници
Денес сè поголем дел од потребите за мобилност на луѓето се исполнуваат од страна на мобилни апликации. Наскоро ќе биде многу тешко да се оправда чувањето на автомобил во гаража или одржувањето на парче опрема што ретко се користи во време кога технологијата ги овозможува сите работи кои им се потребни на луѓето во дадениот момент на потреба. Меѓутоа, не се само услугите за мобилност оние што се посредуваат и се остваруваат преку апликациите. Дигиталните платформи што се користат за изнајмување физички или човечки ресурси (како што се на пример Убер, Еар БНБ и Апворк (Uber, AirBnB и Upwork)) веќе ја надминаа бројката од 1 800 во целиот свет. Овие платформи не се користат само за поврзување на луѓе кои имаат потреба од такси-превоз или за поврзување на туристи со местото за престој, туку тие исто така ги поврзуваат луѓето кои бараат работа со соодветни работни позиции, а ранливите популации на луѓе ги поврзуваат со клучните услуги за нив. Популарноста на услугите што ги нудат овие дигитални платформи исто така ќе му овозможат на општеството координирање на технологии и ревидирање на очекувањата за сопственост врз основните средства.
До 2030 година, потребите и ресурсите на населението ќе бидат оркестрирани од само-еволуирачки дигитални технологии кои ќе им овозможат на луѓето да ја преземат улогата на дигитални спроводници. Технологијата ќе функционира како еден вид продолжена рака на луѓето, на тој начин помагајќи им да оркестрираат, да управуваат и да автоматизираат многу дневни активности. Бидејќи технологијата ќе биде вткаена во животот на речиси секоја индивидуа (некои луѓе ќе носат импланти), но и персонализирана за секој поединец одделно, некои дневни потреби ќе бидат исполнети дури и пред луѓето да сфатат дека воопшто им се потребни. Овие дигитални технологии ќе бидат интегрирани со машинско учење кое, пак, ќе резултира во системи што ќе знаат навремено да организираат и да насочуваат ресурси за да се произведе саканиот резултат.
Оваа технолошка револуција ќе ја предводат дигиталните современици кои, иако ќе стануваат родители, ќе продолжат да ги користат партнерствата човек - машина за да управуваат со работните и со семејните обврски. На нив ќе им се придружат милиони луѓе кои се вклучени во грижата за своите блиски. На пример, во регионите на Азија и на Европа каде што луѓето на возраст од 80 години или постари ги сочинуваат најбрзо растечките групи на нивните популации, популацијата на пензионери и во наредните децении ќе остане побројна од популацијата на работоспособно население. Овде многумина од роднините на овие постари лица ќе користат едноставни и лесно достапни домашни роботи за да овозможат виртуелно присуство, но исто така ќе зависат и од координативните платформи за закажување и надзор на услугите и службите за негување во реално време за да би можеле да најдат соодветна поддршка за своите сакани (слика 1).


Слика 1. Хонор, платформа која овозможува спојување на постари пациенти со старатели

Еден ден во животот во 2030 година…
Јана, самостојна дизајнерка, само што доби известување од нејзиниот виртуелен асистент (базиран на вештачка интелигенција) дека нејзината постара тетка не се чувствува добро. Јана далечински му пристапува на домашниот робот на својата тетка, кој пак постојано ги следи нејзините витални знаци. Јана гледа дека алгоритамскиот систем за следење на здравјето веќе го има дијагностицирано проблемот и веќе има издаден налог за нарачка на нејзиниот лек. Јана исто така додава букет цвеќе кон претходната нарачка за да ја расположи својата тетка. Целиот пакет се испорачува во рамките на еден час преку беспилотно летало. Јана го координира сето ова додека патува во самоуправувачко возило што нуди услуга за заедничко возење со други патници, а кое е претходно програмирано да ја земе и да ја извози директно до училиштето на својата ќерка. Виртуелниот асистент на Јана исто така постојано ги следи податоците што доаѓаат од имплантираниот здравствен следач на нејзината ќерка. Јана заклучува дека нивото на шеќер во крвта на нејзината ќерка мора да е многу ниско бидејќи, додека нејзиниот автомобил застанува пред училиштето, беспилотно летало веќе испорачува здрава ужинка за нејзината ќерка.

Сигнали на промена
Хонор (Honor) е апликација која работи на спојување на постари пациенти со старатели и координира оброци, транспорт, одржување и дружење меѓу нив, за постарите луѓе да бидат негувани, а старателите да бидат присутни, без притоа тие лица физички да бидат во иста просторија. Апликацијата користи платформа за управување со сите аспекти на заштита на постари лица и овозможува поврзување на медицински лица со оние кои имаат потреба од грижа, без потреба од заедничко физичко присуство.

2 Работата ќе ги наоѓа работниците
Партнерството човек - машина не само што ќе помогне да се автоматизираат и да се координираат животите на луѓето туку и тие исто така ќе го трансформираат начинот на кој организациите ќе наоѓаат квалитетна работна сила, ќе управуваат со тимови, ќе испорачуваат производи и услуги и ќе поддржуваат професионален развој. Партнерството човек - машина нема да доведе до крај на работните места какви што ги знаеме денес – напротив, тоа ќе овозможи различен начин на дефинирање и на завршување на самата работа.
До 2030 година, очекувањата за начинот на кој може да се дојде до работа комплетно ќе се промени. Организациите ќе започнат да го автоматизираат процесот на дефинирање на работа и наоѓање работни тимови, поделувајќи ја работата на помали работни задачи и барање најсоодветни работници за завршување на дадена задача. Очекувањето работниците да го носат најголемиот товар за наоѓање работа целосно ќе се смени – наместо тоа, работата ќе се натпреварува за најдобриот човечки ресурс за завршување на дадената задача. Репутациските алгоритми, визуелизацијата на податоци и паметната податочна анализа ќе овозможат вештините и компетенциите на поединците да можат да се пребаруваат, а организациите ќе можат да ги идентификуваат најдобрите работни таленти за успешно комплетирање на дискретните работни задачи.
За да се подготват за 2030 година, организациите ќе мора да работат на зајакнување на нивниот капацитет за поделба на работните задачи и обврски поврзани со работните места, различно од начинот на кој се дизајнирани денес. Слично на тоа, организациите ќе треба да го редизајнираат процесот на вработување работна сила и одредување кога напредните технологии базирани на машинско учење би служеле како подобри алатки за вработување од човечкиот суд. Без инкорпорирање на овие напредни и надградливи можности од машините, организациите ќе ризикуваат да пропуштат нови канали за идентификување на најсоодветните човечки ресурси за своите потреби.

Еден ден во животот во 2030 година…
Антонио е природен кога станува збор да се биде претприемач. Тој ја користи платформата „Работи локално“ како еден вид сервис за наоѓање одлични работни можности. Денес на Антонио му стигна проект од компанија за бонбони во Шведска која бара помош за истражување на пазарот бидејќи планираат да го прошират својот бизнис на Филипините. Тие се особено заинтересирани да најдат некој кој може да ги интервјуира локалните продавачи во Манила и да ги фотографира нивните излози со бонбони за да би можеле понатаму да ги анализираат со нивните системи за компјутерска визија. На Антонио отсекогаш му се допаѓал процесот на откривање на она што го сакаат луѓето најмногу. Тој е среќен што гледа дека платформата „Работи локално“ почнува да го препознава неговиот талент за ова и што веројатно ќе продолжи да му нуди слични можности во иднина.

Сигнали на промена
Гловорк (Glowork) е организација за вработување на жените на Блискиот Исток и разви платформа која ги поврзува жените кои бараат работа со работодавачите. Досега има посредувано за вработување на над 3 000 жени на работни места и има најдено работи од типот „работи од дома“ за 500 жени. Преку користење технологии на анализа на големи податоци, работодавачите можат да бараат кандидати врз основа на различни критериуми за пребарување, како и да го одредат целниот пазар соодветен за нивните работни потреби.

3 Учење во реално време
Бирото за статистика на трудот на САД вели дека денешните ученици веќе ќе имаат поминато 8 до 10 работни места до моментот кога ќе наполнат 38 години. Многу од нив ќе се приклучат на работната сила на фриленсери. Се предвидува дека до 2020 година веќе 50 милиони фриленс работници ќе сочинуваат 50 % од работната сила во САД.
Не само што работниците ќе имаат многубројни работни места туку и обврските и задачите на работните места што ќе ги извршуваат ќе бидат значително различни од она што го изучувале. Некои аналитичари проценуваат дека околу 85 % од работните места што денешните ученици ќе ги извршуваат во 2030 година сѐ уште не се измислени. Се очекува дека до 2030 година работниците ќе создадат нови работни инфраструктури за да ги стекнат вештините и знаењата што ќе им бидат потребни за успешно извршување на нивната работа. Тие рутински ќе импровизираат, ќе учат еден од друг и ќе си прават сопствен пат за учење нови вештини. Некои ќе се потпрат на минатите работни искуства, рамки или ментални модели. Другите ќе експериментираат низ различни платформи, ќе ги откријат сопствените работни средини и ќе бидат пионери на своите сопствени иновации. Сите овие фактори заедно сериозно ќе го предизвикаат традиционалното работење на денешните бизниси и деловни околини. Повеќето од нив ќе соработуваат со машини за да учат за време на самата работа. До 2030 година, учењето во реално време ќе стане модус операнди за многумина, а способноста за стекнување ново знаење ќе се вреднува повисоко од знаењето што луѓето веќе го имаат стекнато.
За да се стекнат потребните знаења, многумина ќе користат технологии за надградена реалност (augmented reality) за извршување на непознати и сложени задачи на работното место. Наместо да зависат од техничките училишта или од програмите за обука за учење нови вештини и преквалификување, работниците кои користат технологија за надградена реалност во реално време ќе ги впиваат информациите што им се потребни за да можат да ја сработат зададената работа (слика 2). Други пак ќе користат апликации и услуги кои се дизајнирани да ги ангажираат корисниците да учат во реалниот момент за време на рекреативниот период од животот.


Слика 2. Дакри, платформа со надградена реалност за завршување на работни задачи

Еден ден во животот во 2030 година...
Кога Лидија била во нејзините рани 20-ти години, таа потрошила над 5 000 долари за да изучува механички студии за автомобилската индустрија во Њујорк. Кратко потоа пронашла постојана работа како автомобилски техничар кај еден голем застапник на оваа индустрија. Во текот на нејзината работа, таа рутински ги земала онлајн курсевите за да ги ажурира и да ги надградува своите вештини и одела на обуки поврзани со специфични брендови на автомобили. Бидејќи нејзиниот работодавач ја воведе технологијата за надградена реалност во работилницата за поправки, таа веќе не мора да го жртвува семејното време и скромните заштеди за да стекне нови вештини. Кога на работа треба да извршува непозната или комплексна задача таа ги става нејзините безбедносни очила опремени со технологија за надградена реалност. Додека таа започнува со извршување на задачата, нејзе ѝ се прикажуваат потребните релевантни информации преку нејзиното видно поле така водејќи ја низ целиот процес за успешно извршување на задачата. Освен тоа, Лидија користи и персонализиран систем при што информациите и упатствата што ги добива се задаваат врз основа на она што таа веќе го знае, а тие ѝ се доставуваат на начин на кој таа најдобро би учела.

Сигнали на промена
Дакри (DAQRI) е компанија со седиште во Лос Анџелес, Калифорнија, која користи најсовремени уреди опремени со надградена технологија за прикажување на информации и инструкции во работната околина на работниците, овозможувајќи им да ја завршат задачата сосема безбедно, делотворно и ефикасно. Со технологијата што ја користи компанијата, работниците можат да имаат увид и во видното поле на своите колеги и да им помагаат – а тоа значи дека теренските работници никогаш нема да мораат да работат сами без помошта и без поддршката на потесниот тим во колективот.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано