Интервјуа

НÈ ЧЕКААТ ГОЛЕМИ ПРЕДИЗВИЦИ

Ѓорге Иванов

Претседателе Иванов, испишавте историја кога го освоивте вториот претседателски мандат, нешто што претходно никому во Република Македонија не му успеало. Како го оценувате Вашиот досегашен ангажман како претседател?

Ѓ. Иванов: Да се биде првиот претседател на Република Македонија кој освоил два мандата на непосредни избори за мене претставува исклучителна чест, но и одговорност oсобено ако се има предвид фактот што од 2009 година кога првпат дадов свечена изјава и заклетва пред граѓаните, па до денес Република Македонија се соочува со многу предизвици. Во целиот овој период, врвен приоритет за мене е одржување на мирот, на стабилноста и на безбедноста на државава. Посветен сум на меѓународната промоција на Република Македонија. Особено внимание посветувам на зацврстувањето на старите и создавањето нови пријателства. На домашен план активно поддржувам повеќе иницијативи, во рамките на моите надлежности, со посебно внимание кон младите генерации. За сета моја работа најрелеватни оценки даваат граѓаните кои, освен на изборите, според истражувањата на јавното мислење, институцијата претседател на Република Македонија ја поставуваат на врвот според довербата.

Влеговме во 2016 година, година на најавени предвремени парламентарни избори и техничка влада, период на своевидна турбуленција во длабоко исполитизирано и поделено општество. Се отвора ли простор каде што претседателот на државата со својот авторитет, ангажман, активност и видливост може да ја направи турбуленцијата многу помала?

Ѓ. Иванов: Во изминативе 6-7 години, Република Македонија се соочи со три политички кризи, секоја подлабока и посериозна од претходната. Разрешниците на претходните кризи беа на моја иницијатива, преку свикување на лидерски средби во мојот Кабинет. И во однос на последната криза секогаш истакнував дека мојот Кабинет е отворен да помогне. Овојпат лидерите се решија за поинаков формат на разговори, за жал, надвор од институциите на системот. Сепак, се дојде до одредени решенија кои ги поздравив. Сега останува договореното да биде спроведено, во интерес на стабилноста на државава. Моите активности и напори во надминувањето на кризата не секогаш ги истакнувам во јавноста бидејќи се водам, пред сè, од интересот на државава и потребата да се дојде до решение.

Еден од клучните проблеми на македонското општество е неговата поделеност по партиски линии, која станува неподносливо голема. Мислам дека многумина во Република Македонија се чувствуваат нелагодно кога гледаат дека за постигнување каков било политички договор во земјава е неопходен притисок од меѓународната заедница. Како да се зголеми капацитетот за постигнување компромиси и нормализација на политичката битка, што треба да направи власта, а што опозицијата?

Ѓ. Иванов: За жал, политичките кризи станаа наше секојдневје. Наместо на конструктивна политичка дебата, сведоци сме на дневно-политички и теснопартиски препукувања кои постојано ја заоструваат политичката клима и го загадуваат медиумскиот простор во земјава. Ваквата зовриена атмосфера трае предолго и мора да заврши што поскоро. Во неколку наврати досега истакнав дека лидерите на политичките партии имаат одговорност пред граѓаните да ја надминат кризата. Одговорноста мора да биде нивната главна водилка, а тоа, пред сè, подразбира одговорност кон интересите на државава. Не смееме да дозволиме 2016 година да помине како и 2015 година, во тешка мачна атмосфера. Република Македонија се соочува со реални безбедносни предизвици за чие решавање треба да ги насочиме целокупните наши капацитети наместо енергијата да ја трошиме на бескрајни меѓусебни обвинувања кои не водат никаде.
Треба да научиме лекции од безбедносните закани, од политичката, од мигрантската и од бегалската криза. Основната лекција е дека кога партискиот и личниот рејтинг е над државниот интерес, тогаш цената ја плаќаат сите граѓани на Република Македонија. Сега согледуваме колку штета можат да направат самоволието, некооперативноста и волунтаризмот. Сега се видливи последиците од меѓусебната недоверба, како и од подзаборавените чувства на државност. Желбата за координација ќе настапи веднаш откако политичките лидери ќе ја сфатат сериозноста на предизвиците со кои Република Македонија секојдневно се соочува. Неопходно е да научиме дека само доколку постапуваме како суверена држава ќе го добиеме заслуженото признание и местото на меѓународната политичка сцена.

ОДАМНА ПРЕДУПРЕДУВАМ ДЕКА STATUS QUO СОСТОЈБАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ПРЕДИЗВИКУВА ФРУСТРАЦИИ ВО МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО И СОЗДАВА БЕЗБЕДНОСЕН ВАКУУМ ПРОСТОР. ЗАТОА, НЕОПХОДЕН Е НОВ ПРИСТАП ОД СТРАНА НА УНИЈАТА И НАТО. НЕОПХОДНИ СЕ ПОХРАБРИ ОДЛУКИ, БИДЕЈЌИ, КАКО ШТО СЕ ВИДЕ СО МИГРАНТСКАТА И БЕГАЛСКА КРИЗА, ЦЕНАТА НА НЕОДЛУЧНОСТА Е ПОВИСОКА ОД ЦЕНАТА НА ОДЛУЧНОСТА

Како ја оценувате улогата на меѓународната заедница во постојниот домашен политички контекст? Во последно време се добива впечаток дека меѓународната заедница сè повеќе во Вас гледа политичка фигура која треба уште посилно да дејствува во насока на слога, на единство и на обединување во рамките на општеството. Го делите ли и Вие тој впечаток? Што би можел претседателот дополнително да направи во врска со ова?

Ѓ. Иванов: Актуелната политичка состојба во земјава во голема мера е резултат на нашиот долгогодишен престој во чекалницата на Европската унија. Многупати досега предупредував дека моќта на европската идеја да мотивира и да трансформира полека избледува. Благодарни сме на улогата на меѓународната заедница во надминувањето на политичката криза. Но, истовремено, токму од нив бараме да се отстрани една од главните причини за создавање политички кризи, а тоа е статус кво состојбата во евроинтегративните процеси. Светот денес се соочува со историски безбедносни предизвици и во овие мигови сплотеноста ни е најпотребна.

За темата за заедништвото неизбежно е прашањето за заемниот однос на претставниците на албанските партии и претседателот на Република Македонија. Има ли активности и напори за нормализација на односите?

Ѓ. Иванов: Албанците во Македонија даваат значаен придонес за напредокот на нашата држава и нејзината интеграција во ЕУ и во НАТО. Со мојата досегашна работа покажав дека сум претседател на сите граѓани на Република Македонија. Сепак, одвреме-навреме се соочувам со една ситуација. Имено, се брои колку често формално го спомнувам терминот Охридски рамковен договор, а притоа се занемарува колку често суштински се залагам за одредбите на тој Договор што е вграден во Уставот на Република Македонија. Суштината на рамковниот договор е нашиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста. Што значи тоа? За разлика од некои други народи и држави, Македонија никогаш не била асимилатор, ниту негатор. Наспроти моделот на интеграција со асимилација, кај нас отсекогаш важел моделот на интеграција без асимилација – интеграција со почитување на најдлабоките етнички, верски и јазични разлики. Тој вековен модел преку Охридскиот рамковен договор го преточивме во Уставот. Во последното годишно обраќање цитирав еден текст што го напишав пред многу години. Тоа беше предговорот кон првото печатено издание на Охридскиот рамковен договор. Воедно тоа беше и првиот научен осврт на овој Договор. Тоа го направив во улога на универзитетски професор. Сега, како претседател, односот кон албанската заедница го демонстрирам и преку моите надворешно-политички активности, особено регионалните. Сакам да подвлечам дека институцијата претседател секогаш е отворена за албанските партии. Дел од раководството на една политичка партија очигледно има своја стратегија како според нив треба да изгледа нашава држава, а со тоа и улогата на претседателот. Никој не им го оспорува тоа, но нека ги убедат другите партии во тие нивни ставови, нека се промени Уставот и тогаш нека го изјавуваат и нека се однесуваат кон институцијата претседател како што го прават тоа сега.

Вие сте важен актер во водењето на надворешната политика на Република Македонија. Понекогаш се добива впечаток на одредена хаотичност во надворешната политика на земјава имајќи предвид дека партиски делегации разговараат во странство за меѓународни прашања од суштинско значење за иднината на државава. Како до поголема координација во креирањето и водењето на надворешната политика?

Ѓ. Иванов: Република Македонија има тело со легитимитет и овластување да ја креира и да ја води надворешната политика. Тоа е државниот врв составен од претседателот на Републиката, претседателот на Собранието и претседателот на Владата. Можам да ви кажам дека во изминативе шест години Република Македонија има усогласена и конзистентна надворешна политика. Сепак, во услови на глобализација, сè повеќе недржавни актери се дел од светската политика. Еден од тие актери се и политичките партии. Тоа придонесува понекогаш да се создаде впечаток за разногласие во однос на надворешната политика. За да се надмине оваа состојба би можеле да го следиме успешниот модел што функционира кај повеќе држави во Европа. Во нашето соседство, тоа се примерите со Бугарија и со Грција. Имено, тие имаат редовна координација за меѓусебно информирање и усогласување во однос на прашањата од државен интерес. На тој начин, преку дијалог ги надминуваат недоразбирањата и градат единство за државните интереси. Таквиот модел придонесува кон конзистентна и усогласена надворешна политика.

ТРЕБА ДА НАУЧИМЕ ЛЕКЦИИ ОД БЕЗБЕДНОСНИТЕ ЗАКАНИ, ОД ПОЛИТИЧКАТА, МИГРАНТСКАТА И БЕГАЛСКАТА КРИЗА. ОСНОВНАТА ЛЕКЦИЈА Е ДЕКА КОГА ПАРТИСКИОТ И ЛИЧНИОТ РЕЈТИНГ Е НАД ДРЖАВНИОТ ИНТЕРЕС, ТОГАШ ЦЕНАТА ЈА ПЛАЌААТ СИТЕ ГРАЃАНИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Во јавноста повремено се појавува дилемата дека можеби зад сцената постои одредено поместување кај надворешно-политичките приоритети на Република Македонија. Има ли некаква промена во однос на досега истакнуваното стратешко партнерство на Република Македонија со ЕУ и со НАТО?

Ѓ. Иванов: Нашава држава географски, историски и економски припаѓа во европското семејство. Истовремено Македонија досега се докажала и како почитуван партнер на Алијансата, одамна исполнувајќи ги сите услови предвидени за полноправно членство. Европската и евроатлантската интеграција остануваат наш врвен стратегиски приоритет. И покрај сите предизвици, за среќа, нема никакво поместување од страна на Република Македонија во однос на Европската унија и на НАТО. Но, за жал, нема ниту поместување од страна на Европската комисија и НАТО во однос на интеграцијата на Македонија. Сè уште сме блокирани. Одамна предупредувам дека статус кво состојбата на Република Македонија предизвикува фрустрации во македонското општество и создава безбедносен вакуум простор. Затоа е неопходен нов пристап од страна на Унијата и на НАТО. Неопходни се похрабри одлуки бидејќи, како што се виде со мигрантската и со бегалска криза, цената на неодлучноста е повисока од цената на одлучноста. Во тој контекст би сакал да истакнам дека независно од нашата евроатлантска аспирација, Република Македонија мора истовремено да биде отворена кон сите, и кон Истокот и кон Западот. Градиме и негуваме добри односи со сите добронамерни држави во светот.

Има ли некакво поместување, нови иницијативи во однос на отвореното прашање со Грција? Што да очекуваме во тој поглед во 2016 година?

Ѓ. Иванов: Во односите со Грција, во 2015 година, бевме сведоци на еден позитивен тренд. Имав неколку средби со грчкиот премиер Ципрас. Министерот Поповски беше во прва официјална посета на Република Грција, додека нивниот министер за надворешни работи дојде во посета на Република Македонија. Сметам дека самото тоа што директно и отворено разговараме и одржуваме средби е напредок во релациите. Дијалогот е воспоставен и тоа е правецот на кој треба да работиме и по кој треба да се движиме. Нашава држава посветено работи на добрососедските односи со нашиот јужен сосед. Она што е неопходно во 2016 година е продолжување на дијалогот и зголемување на соработката меѓу двете земји на сите теми, а посебно за двете клучни прашања – мигрантската и бегалска криза и мерките за градење на доверба. Што се однесува до спорот што Република Грција ни го наметна и преку кој ни ги врши сите тие блокади во нашите евроатлантски аспирации, би сакал да истакнам дека секоја иницијатива за негово решавање и секое поместување по однос на ова прашање, како и досега, е добредојдено. Наметнатиот спор веќе две и пол децении сите нè оптоварува. Но, она што не е решено за ова време не може да се очекува дека ќе се реши или смени за краток период. Потребно е време, потребно е градење на доверба и клима за решавање на ова прашање. Но, потребно е и сите вклучени во овој спор да бидат реални. Реалноста е дека Република Македонија е суверена и независна држава, и дека со наметнати и еднострани решенија невозможно е да имаме поволен и компромисен исход.

Вие сте врховен командант на Армијата на Република Македонија. Како ја оценувате тековната безбедносна ситуација во земјава? Влијаеја ли случувањата од прислушкуваните телефонски разговори, без оглед кој, како и зошто го правел тоа, врз безбедносниот систем на земјава?

Ѓ. Иванов: Живееме во период на зголемени безбедносни закани од радикализам, од насилен екстремизам и од тероризам. Периодов бевме сведоци на голем број терористички напади во повеќе градови во Европа и светот кои однесоа голем број жртви, а меѓу населението посеаја страв. Тоа е и целта на тероризмот. За безбедносните предизвици веќе не постојат државни граници, сите сме изложени подеднакво. Никој не е имун на овие предизвици, па ниту Република Македонија. Никогаш нема да го заборавиме 9 мај 2015 година кога екстремисти и терористи дојдоа да ги разбијат мирот, соживотот, демократијата и поредокот во Македонија. За среќа, со акцијата во Куманово, спречивме извршување на координирани терористички напади низ повеќе градови во Македонија. Спречивме масакри и крвопролевања какви што неодамна видовме во Париз. Оттука можам да кажам дека Република Македонија е онолку безбедна колку што е безбеден регионот и Европа.
Што се однесува на вториот дел од прашањето, одговорот е да, секако дека влијаеја. Се случи поткопување на безбедносниот систем, се изгуби довербата во безбедносните институции. Но, ова е нешто што не се случува само кај нас. Многу земји поминале низ вакви состојби. Најсилните земји не успеале да се обезбедат и нивните информации да не се прелеат. Меѓутоа, ова беше можност за една сериозна промена и трансформација на нашите безбедносни служби и прочистување. Да сублимирам. Безбедноста нема цена. Затоа, како претседател и како врховен командант, постојано потенцирам на неопходноста од зголемување на буџетот за Армијата на Република Македонија, ревизија на законите и спроведување на неопходните реформи. Потенцирам на неопходноста од техничка надградба, кадровски капацитети и оправдана финансиска потреба за субјектите кои учествуваат во превенцијата и во справувањето со заканите.

Како ја оценувате ситуацијата со бегалската криза? Кои опции ѝ стојат на располагање на Република Македонија?

Ѓ. Иванов: Бегалската и мигрантска криза е најголемиот тест и предизвик со кој се соочува Европа. Оваа криза го поткопа Шенгенскиот систем и ги разниша темелите на солидарноста на Европската унија. Се зголемуваат едностраните национални одлуки на грбот на заедничкиот координиран европски одговор и оние темелни принципи на кои почива ЕУ. Република Македонија беше прва држава, која не е членка на Европската унија и на НАТО, која го активираше кризниот менаџмент. Со тоа покажавме дека дејствуваме проактивно, а не реактивно. Повеќепати бев во обиколка на граничните подрачја каде што се среќавав и со Полицијата, и со Армијата, и со хуманитарните организации, и со мигрантите. Во рамките на моите меѓународни активности остварив и бројни средби со европските лидери каде што инсистирав нашава држава да биде на масата кога ЕУ ќе носи одлуки за мигрантската и за бегалската криза. Не дозволував да се носат одлуки за нас, без нас. Затоа Република Македонија сега е дел од решението, а не дел од проблемот. Како и досега, сите наши идни мерки и активности за овој предизвик ќе бидат во рамки, со мерките и активностите кои ги преземаат останатите држави. Периодов има сè почести најави за ограничување на бројот за влез на мигранти и за затворање на границите од страна на други држави по должина на рутата. Ние ја следиме ситуацијата и како што ќе дејствуваат другите земји, така ќе дејствуваме и ние. И понатаму со максимална посветеност ќе продолжиме со своите мерки и активности, со цел заштита на државната граница, контрола врз мигрантите и намалување на безбедносните ризици за обезбедување и за остварување на сигурноста на граѓаните на Република Македонија и нивниот имот. Да резимирам: во услови на досега незапаметен сплет на политички и безбедносни предизвици одлучно се соочивме со сè што ни донесе годината, и тоа поуспешно од многу европски држави. Успеавме да ја обезбедиме државната граница, да ги зачуваме мирот, безбедноста и сигурноста, но и да останеме доследни на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. Сево ова ни дава право да бидеме уверени дека ќе успееме да излеземе на крај со сè што ќе ни донесе и 2016 година.

Забележливо е дека во последно време имате многу поактивна улога во однос на економските прашања. Дали е тоа стратешко поместување во фокусот на Вашите активности? На пример, неодамна имавте средба со банкарите од земјава. Каков беше заклучокот од средбата? Какви други активности преземате поврзани со економијата на домашен план?

Ѓ. Иванов: Не станува збор за никакви стратешки промени. Економскиот развој на Македонија отсекогаш бил високо на мојата агенда како на домашен, така и на меѓународен план. Голем дел од моите активности ги посветив на заштита на интересите на македонските компании и поттикнување на економскиот развој на локално ниво. Сметам дека само со стабилни компании нашава држава ќе биде економски силна, а токму бизнис заедницата во Република Македонија има значаен придонес во намалување на невработеноста, отворање нови бизниси, зголемување на извозот. Остварувам редовни средби со претставниците на стопанските комори со цел да ги поттикнеме домашните економски и инвестициски потенцијали. И средбата со банкарскиот сектор беше во овој контекст. Беа разменети мислења за сите случувањата во банкарството, за можностите за натамошно олеснување на пристапот до кредити, како и за постигнатите резултати и придонесот во конкурентноста на македонската економија. Со цел јакнење на економијата, во континуитет ги охрабрувам и локалните власти да формираат локални економско-социјални совети во општините и да ги презентираат своите индустриски развојни зони и своите проекти за кои можат да добијат странска помош. Во таа насока беа и посетите на странските амбасадори на нашите општини.

ВО РЕЧИСИ СЕКОЈА СТРАНСКА ДРЖАВА КАДЕ ШТО СУМ ПРИДРУЖУВАН ОД БИЗНИСМЕНИ, НА МОЈА ИНИЦИЈАТИВА СЕ ОРГАНИЗИРААТ БИЗНИС ФОРУМИ КАКО МОЖНОСТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ ДА СЕ ПРЕЗЕНТИРААТ И ДА ОСТВАРАТ ДЕЛОВНА СОРАБОТКА СО СТРАНСКИ КОМПАНИИ. ВОЕДНО, КАКО ШТО ВЕТИВ ВО ПРЕДИЗБОРНАТА КАМПАЊА, НОВИНА Е ШТО ПРИ ПОСЕТИТЕ ВО СТРАНСТВО ЗАДОЛЖИТЕЛНО НОСИМЕ И ПО ЕДЕН ИЛИ ДВАЈЦА МЛАДИ ПРЕТПРИЕМАЧИ, ПРЕДЛОЖЕНИ ОД ПРЕТПРИЈАТИЈАТА И СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ. НЕПОСРЕДНИОТ КОНТАКТ Е НЕЗАМЕНЛИВ И ДАВА РЕЗУЛТАТ

Планирате ли Вашите политички посети во странство да бидат придружувани од претставници на домашниот бизнис сектор како што тоа го прават претседателите на развиените држави? Има ли нешто конкретно во тој поглед?

Ѓ. Иванов: Економската дипломатија е составен дел од моите активности. Како претседател си поставив задача да се ставам на располагање на нашите стопанственици, да бидам промотор на нашите економски можности и потенцијали. Заедно со економскиот тим на Владата направивме стратегија како да се искористат посетите на други земји за да се привлечат повеќе инвеститори. Покрај учеството на економски форуми, една од нашите цели е да ги отвориме вратите за македонската економија кон новите и растечките глобални пазари. Затоа при секоја своја посета на странска држава сум придружуван од членови на бизнис заедницата, од компании со компаративни предности, и верувам дека на тој начин преку промоција на нашите услуги, квалитети и производи, македонскиот бизнис ќе се отвори кон големите европски и светски пазари. Во речиси секоја странска држава каде што сум придружуван од бизнисмени, на моја иницијатива се организираат бизнис форуми како можност за македонските компании да се презентираат и да остварат деловна соработка со странски компании. Досегашното искуство ми говори дека токму тие бизнис форуми се можност за странски инвестиции во Македонија, но и пласман на македонски производи во странство. Воедно, како што ветив во предизборната кампања, новитет е што при посетите во странство задолжително носиме и по еден или двајца млади претприемачи, предложени од претпријатијата и од стопанските комори. Непосредниот контакт е незаменлив и дава резултат. Затоа ме радува што со мене доаѓаат истакнати бизнисмени од Македонија кои ги разгледуваат можностите за соработка со бизнис заедниците на земјата-домаќинка.

Минатата година во Скопје се одржа извонреден настан, т.н. Македонски економски самит, организиран од организацијата „Македонија 2025“. Тој уште еднаш го покажа огромниот потенцијал на дијаспората. Како да се максимизираат ефектите од тој потенцијал преку негово поголемо вклучување во развојот на домашната економија? Нашата дијаспора е исклучително важна. Како генерално да се зацврстат врските со неа не само во поглед на економијата?

Ѓ. Иванов: Глобалниот инвестициски самит „Македонија 2025“ има позитивен импакт за нашата земја. Нивниот нескротен ентузијазам нè инспирира и нè мотивира да работиме уште попосветено за да ја направиме Македонија инвестициски најповолна дестинација. Човечкиот капитал е нашиот најголем потенцијал, сила и ресурс, потенцијал кој треба да се искористи за да донесе богат плод.

Годинава Република Македонија ќе прослави четврт век од својата независност. Извештаите на ЕУ за напредокот на нашата земја покажуваат дека сите заедно имаме уште многу работа за да ги направиме демократијата, слободите, економијата, функционирањето на институциите итн. целосно компатибилни со европските стандарди. Која е Вашата порака до граѓаните на Република Македонија?

Ѓ. Иванов: Оваа година ќе биде тест на кој треба да покажеме што сме научиле во изминативе 25 години независност и демократија, дали научивме да се однесуваме одговорно и дали умееме заедничките да ги ставаме пред личните интереси. Нè чекаат големи предизвици како на домашен, така и на меѓународен план. Светските текови нема да не заобиколат и затоа треба да бидеме максимално подготвени и со внимание да ги следиме случувањата во регионот и во Европа. Од овие кризи низ кои поминуваме треба да излеземе посилни и посплотени, а не послаби и разединети. Затоа треба сите да се однесуваме одговорно и совесно, и институциите, и политичките субјекти, и секој граѓанин поединечно. И покрај сите политички недоразбирања, Македонија успеа да изгради единство кое ги надминува сите етнички и верски разлики. Вредностите кои веќе сме ги изградиле не смееме да ги изгубиме и да се враќаме чекор наназад. За иднината на нашите генерации мора сите заедно да работиме на развојот и на напредокот на нашето општество и да продолжиме да ја градиме Македонија според највисоките европски вредности, стандарди и критериуми.

 

Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО