Општество

ЧИТАЈТЕ! ДУРИ И ПРЕКУ РАМОТО НА ТОЈ ШТО Е ДО ВАС, НО САМО ЧИТАЈТЕ!...

Емануел Рембер

Авторот е директор на Францускиот институт во Скопје www.ifs.mk

Како почетна точка ќе ја земам собата која повеќе и од самите библиотеки претставува привилегирано место за читање. Книгите наредени една врз друга на ноќната масичка крај левата страна на креветот од кои гледам само дел. Тука е и ролетната што ја пропушта светлината. Косо поставени и полуотворени ламели го спречуваат директниот влез на сончевите зраци додека воздухот слободно циркулира.

Во таа чудна поставеност на книгите го здогледувам Антоан де Сент-Егзипери врз „Принцезата де Клев“, Жозеф Кесел врз Симон де Бовоар, Пол Моран прилепен до Франсоаз Саган. Тоа често им се случува на книгите и на нивните автори. Остануваме до доцна навечер кога читаме редови и прелистуваме поглавја.

Најпосле, токму во собата со книга в раце или некаде во природа ние го осознаваме здивот на ветарот, топлината на сонцето, животните мудрости (телевизиските екрани треба да бидат сокриени, особено од децата). Ние чекориме внатре во книгите, во нив се ориентираме, таа територија ја освојуваме.

И секогаш во собата. Прочитајте ги зборовите кои некоја жена или маж ги напишале токму за вас, без надеж дека некогаш ќе ги прочитате колку и да сте далеку на други континенти или зборувате друг јазик. Можеби авторот живее во куќа на село покрај Вардар, во типична прилепска куќа, во викендичка во Маврово или на 47-от кат во Њујорк, можеби заминал во риболов, става мраз во своето виски или седи на кауч и разговара со жена или маж, игра со децата или се буди од попладневната починка размислувајќи за вистината која сакал да ја вметне во своите книги искрено убеден дека не успеал во тоа, иако речиси сè е внатре. Авторот тоа го напишал за вас.
Читајте! Читајте весници! Читајте во автобус! Симнете се во париското метро, седнете на обоена клупа и читајте! Читајте известувања, постери, емајлирани ознаки, згужвани хартии фрлени во канта за отпадоци, читајте дури и преку рамото на тој што се наоѓа до вас, но само читајте! 

Превод: Милена Митиќ

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2019)

ПРЕПОРАЧАНО