Општество

ТРЕТ ЧИН ОД ДРАМАТА

Љупчо Поповски

Авторот е новинар

По гласањето за „Брегзит“ и изборот на Доналд Трамп, изборите за Европскиот парламент наликуваат како конечна пресметка на „отворените“ и „затворените“ општества. Многумина заплашуваа дека Европа е на работ на катастрофа, но последните анкети покажуваат дека Европејците не се откажуваат толку лесно од мејнстрим партиите

Во главните европски престолнини, па дури и на исток на Европската Унија, веќе половина година од многу усти се споменува наративот дека изборите за Европскиот парламент во последната недела на мај се „третиот чин од драмата“ во која главни актери се популистите. Не е тешко да се погодат првите два чина – драмата почна во јуни 2016 година со референдумот во Велика Британија за „Брегзит“, а потоа продолжи во ноември истата година со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. По изборите во повеќе европски земји, каде што популистите дојдоа на власт (Италија) или ја зацврстија (Унгарија, Чешка) или веќе владееја (Полска, Словачка) или каде што направија голем пробив (Холандија, Германија, Франција, Шведска, Финска), на ова европско гласање се гледа како на конечна пресметка на „отворените“ и „затворените“ општества. Но, дали во оваа голема пресметка Виктор Орбан и неговите сојузници ќе победат на европските избори и без да освојат најмногу места во Парламентот?
Се разбира, тешко е да се каже што ќе одлучат европските граѓани, иако сите големи анкети предвидуваат оти политичарите успеваат да ја менаџираат ситуацијата и да ги убедат гласачите дека Европа е на работ на катастрофа и дека таа треба да се избегне. Големото истражување на Европскиот совет за надворешни работи и на Агенцијата за истражување „ЈуГов“ покажува дека Европејците не се класично поделени на проевропејци и националисти. Ова истражување направено меѓу 50 000 гласачи во 14 земји на ЕУ дава некои други параметри. Ова истражување потцртува дека европските политики не одат од мејнстримот кон рабовите, туку дека се раширени кон сите правци – од лево кон десно, од антисистем до проестаблишмент, дека, всушност, постојат многу категории граѓани со различни политички преференции и дека на неколку месеци пред изборите дури 100 милиони гласови допрва треба да се распределат.

Четири категории граѓани
Познатиот бугарски политички научник Иван Крастев, толкувајќи ги резултатите од ова огромно истражување, вели дека тоа покажува оти во Европа има четири различни категории граѓани. Првата се „десперадосите“, комбинација на „оние кои се плашат од крајот на светот“ и „оние кои се плашат од крајот на месецот“. Тие се убедени дека и ЕУ и националните држави се пропаднати. Статистиката покажува дека ова е најголемата група во многу земји на ЕУ, но дека таа не претпочита да излезе на гласање. Втората група, според Крастев, се оние кои тврдат дека „работите се подобри отколку што мислите“, кои без оглед на она што го гледаат наоколу и потклекнувањата и во ЕУ и во државите. Потоа следуваат оние кои се страсни бриселијанци, кои веруваат дека ЕУ функционира, само нивните матични држави се пропаднати (главно во Централна и Јужна Европа). И најпосле, најмалата група, тврдокорни националисти, кои се убедени дека проблемот е ЕУ и дека единствено решение е во силна национална држава. Крастев оценува дека овие групи не се подеднакво распределени меѓу европските земји.
Иван Крастев е исклучителен и широко почитуван политички мислител, и во Европа и во САД, па оваа негова категоризација има своја поткрепа не само во бројките. Но, ако ги земеме предвид само нив, тие ќе покажат важен отклон од третиот чин на драмата. Ако референдумот за „Брегзит“ и американските претседателски избори во 2016 година беа во голема мерка прашање на миграцијата, европските избори го немаат тоа во својата супстанција. Бројките покажуваат дека големата поларизација во европската политика и агендата што ја наметнува унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговите сојузници од популистичката крајна десница за стравот од миграцијата е пренадувана. Причините сега изгледаат едноставни – мигрантската криза е речиси надмината и ако е сериозна загриженост за многу гласачи, таа не е главна грижа во најголемиот број земји. Одамна ги снема сликите од телевизиските екрани кои доминираа во 2015 година со колоните очајни бегалци кои се движат од граница до граница, ѕидовите од жица кои се градеа на унгарската граница, а бројот на мигрантите што влегуваат преку границите на ЕУ далекукратно е под бројот на туристите кои во еден ден ја посетуваат Виена. Други поголеми прашања ги мачат европските гласачи – економијата, заканите на национализмот, исламскиот радикализам, климатските промени, вмешувањето на Русија и, особено во источните земји, корупцијата. Источните земји на ЕУ се борат со сопствената емиграција, а не со имигрантите кои преминуваат преку нивните граници. Бугарија за последниве 15 години го намали своето население од девет на седум милиони жители; од Романија за осум години по нејзиното членство во ЕУ 2007 година, во западните земји заминале 3,4 милиони луѓе, бројот на Унгарци кои емигрирале откако Орбан дојде на власт е поголем од бројот на оние кои ја напуштија Унгарија по советската интервенција и задушувањето на востанието во 1956 година. Па, сепак, ова постојано надувување на стравот од миграцијата останува како главно кредо на политиката на многу политичари (како Орбан и де факто лидерот на Италија, министерот за внатрешни работи, Матео Салвини) затоа што тоа е агендата каде што тие најлесно се снаоѓаат.
Последното истражување на ЕУ за изборите од 23 до 26 мај покажува дека двете досегашни мејнстрим групи – десницата и левицата – ќе останат најголеми во Европскиот парламент, но ќе ја загубат силата, дека ќе мора да прават сојузи со други политички групации за да може да владеат и дека се зголемува поддршката за двете евроскептички групи, но дека тоа зголемување не е драматично. Ова истражување е направено по нарачка на Европскиот парламент во март и потоа беше дополнето откако стана јасно дека, барем засега, нема ништо од излегувањето на Велика Британија од ЕУ, па ЕП повторно ќе има 751 место. Ова истражување обично се зема како релативно точно. Според него, ваков треба да биде распоредот по изборите:
– Централно десничарската групација, Европска народна партија (ЕПП), ќе остане најголема со освоени 24 отсто од гласовите, што е за пет проценти помалку од изборите во 2014 година;
– Втор најголем блок треба да бидат централнолевичарските социјалисти и демократи со 19,8 отсто. И кај нив падот е пет проценти;
– Евроскептичната група, Европа на слобода и директна демократија, треба да освои шест проценти од гласовите (за половина процент повеќе);
– Евроскептичната Европа на нациите и слободата (во која е и партијата на Марин Лепен од Франција) ќе ја зголеми својата поддршка за 3,3 отсто и ќе има 8,3 проценти;
– Европските конзервативци и реформисти (во кои се владејачката партија на Полска, евроскептичната Право и правда, како и британските конзервативци) ќе бележи намалување од 1,3 проценти и треба да освои 8,8 отсто од гласовите;
– Алијансата на либералите и демократите за Европа (АЛДЕ) е на патот да добие поддршка од 10,1 отсто, што е повеќе за 1,1 процент;
– Европската обединета левица / Нордиска зелена левица треба да добие 6,8 отсто, подолу за 0,8 отсто;
– Зелените-ЕФА се на патот да освојат 7,6 отсто од поддршката, зголемување за 0,7 отсто;
– Другите партии (меѓу кои и таа на францускиот претседател Емануел Макрон) се предвидува да освојат 8,3 отсто од гласовите.

Длабока фрагментација
Овие предвидувања покажуваат дека идниот Европски парламент ќе биде длабоко фрагментиран и за да се носат одлуки во него треба да се прават пошироки коалиции и да се задоволат различни интереси. Овие хаотични резултати што се предвидуваат (во кои крајнодесничарската Лига на Салвини треба да однесе победа во Италија) и со ненадејното учество на Британија на изборите веќе создаваат големи главоболки за политичките елити во Брисел и во главните европски престолнини. Во прашање е доведен процесот на врвен кандидат (Spitzenkandidat) воведен на минатите избори преку кој се избираше претседателот на Европската комисија. Во сегашниот Европски парламент десницата и левицата од мејнстримот го имаа мнозинството и преку нивниот договор се избираа луѓето на сите клучни функции во ЕУ. Сега на чело на Комисијата, на Европскиот совет, на Европскиот парламент, се членови на десничарската група на Европската народна партија. Но, по изборите во мај ќе биде речиси невозможно да се избере наследникот на Жан-Клод Јункер на стариот начин. Очигледно без согласност на либералната група АЛДЕ (каде што најистакнат член е партијата на холандскиот премиер Марк Руте), кон која е многу блиска партијата на Емануел Макрон, не ќе може да се избере ниеден човек на врвните функции.
Кандидатот на ЕПП, Германецот Манфред Вебер, кој ја има поддршката на Ангела Меркел, знае дека неговата кандидатура „виси во воздух“ и во едно неодамнешно интервју за германскиот весник „Тагесшпигел“ изјави: „Не треба да биде заборавено дека најголемиот број европски партии и многу шефови на држави и влади го поддржуваат принципот на врвен кандидат (Spitzenkandidat). Ако наеднаш се заборави на ова, тоа ќе значи голем чекор назад за демократијата и учеството на гласачите во Европа“. Тој забележува дека се поместува почвата под неговите нозе, особено поради тоа што како член на баварската Христијанско-социјална унија (сестринска партија на ЦДУ на Меркел) само до пред извесно време имаше разбирање за популистичките политики и поткопувањето на ЕУ од страна на Виктор Орбан. Сега во европските кулоари сѐ повеќе се споменува дека ЕПП можеби би го жртвувала Вебер само да го зачува местото на претседател на Европската комисија. Како главен кандидат од сенка се смета Французинот Мишел Барние, кој двапати беше еврокомесар и сега е главен преговарач на ЕУ за „Брегзит“. Германија немала човек на чело на Комисијата уште од нејзиниот прв претседател Валтер Халштајн од 1958 до 1967 година, но Меркел е свесна дека без гласови тоа не може да го постигне.

Комплексен баланс
Главен адут на Емануел Макрон е исклучително способната еврокомесарка за конкуренција, Маргрет Вестагер од Данска, од групата на либералите, но тој би се согласил и за Барние поради тоа што е Французин. Макрон има и други мисли на ум откако ја објави својата програма за обнова на Европа. Во ситуација кога Меркел е на заминување, тој не сака на Германија да ѝ даде премногу моќ во Унијата.
Во постизборните математики има уште две места што треба да се поделат – претседател на Европската централна банка и висок претставник за надворешна и безбедносна политика. Во последните два мандати на Комисијата на местото висок претставник беа две жени од левицата – Британката Кетрин Ештон и Италијанката Федерика Могерини.
Распределбата на функциите е екстремно комплексна. Тука не е само балансот меѓу левицата и десницата, туку и балансот Исток - Запад кој може да е уште поважен. Па, балансот маж-жена. Незамисливо е на врвните функции да нема жена. Потоа односот меѓу големите и малите земји. Сега веќе изгледа незамисливо уште еден Луксембуржанин да биде претседател на Европската комисија. Во големата игра, по изборите, Комисијата веројатно ќе добие претседател од некоја од поголемите земји за да има и голема поддршка зад себе. Играта веќе е почната, а во овој момент никој нема некаква одредена претстава како ќе заврши.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО