Општество

ДОДЕЛЕНИ ДЕСЕТ СТИПЕНДИИ ЗА ТАЛЕНТИРАНИ СРЕДНОШКОЛЦИ И СТУДЕНТИ

Фондот за поддршка на талентирани средношколци и студенти „Таленти денес – лидери утре“ овозможува развој на младите преку менторство, обуки, пракса и учество на меѓународни натпревари

 

Скопје, 22.05.2019 – Фондот за поддршка на талентирани средношколци и студенти „Таленти денес – лидери утре“ на меѓународната невладина организација Македонија 2025 им додели 10 стипендии на талентирани млади за тековната 2019 година. Стипендирањето на десетте средношколци и студенти им овозможува континуиран развој на талентот и вештините преку менторство, учество на меѓународни натпревари, обуки, како и пракса во истакнати компании. Стипендиите се обезбедени преку донации и соработка со корпоративните и индивидуални партнери на организацијата Македонија 2025.

„Ни претставува задоволство што Фондот за поддршка на талентирани средношколци и студенти обезбеди средства да им помогне на талентирани млади од земјата во периодот  2019-2022. На овој  начин, нашата организација активно придонесува кон развојот на инклузивно општество и ги поддржува младите во државата да ги остварат своите целосни професионални и лични потенцијали. Овие млади лица се нашата иднина и наши вистински амбасадори низ светот“, изјави проф. д-р. Никица Мојсоска Блажевски, Главен извршен директор на Македонија2025.

Еден од минатогодишните стипендисти на Фондот, Давид Лазароски, кој е студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје, вели дека токму ваквиот тип на помош е она што им е потребно на младите во земјата. Преку Фондот, тој учествуваше на регионалниот научно-спортски натпревар „Приматијада 2019“ во Бугарија, каде го освои првото место и успешно ги надгради своите вештини од областа на природните науки.

„Оваа благотворна активност на Фондот на Македонија 2025 е навистина значајна затоа што на младите им овозможува развој на талентот преку работа во реалниот сектор и стекнување важни искуства, а паралелно со тоа им отвора можности да се споредат и натпреваруваат со своите врсници надвор од државата. Така се градат вистинските идни лидери“, истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, копретседавач на донаторскиот настан на кој беа собрани дел од средствата за стипендирање.

Ова е само една од иницијативите преку кои Македонија2025 ја остварува својата мисија - поддршка на економскиот развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните. На настанот им беа врачени и признанија на компаниите и индивидуалните донатори на Фондот за поддршка на талентирани средношколци и студенти „Таленти денес – лидери утре“.

 

За Македонија2025

 

Македонија2025 е меѓународна, независна, непартиска, непрофитна организација. Остануваме посветени на нашата мисија да помогнеме во создавањето на просперитетна економска клима во земјата и „посилна нација”, која ќе ги подобри можностите за граѓаните, компаниите и странските инвеститори. Промовираме одржлив економски раст преку поттикнување на конкурентноста, претприемништвото, иновациите и лидерството базирано на вредности.

ПРЕПОРАЧАНО