Општество
ЧУМУ НИ Е ПИШУВАЊЕТО?
Емануел Рембер
Авторот е директор на Францускиот институт во Скопје www.ifs.mk
Си велам дека кога не би пишувал, би останал дома и би гледал што прават другите. Но, и кога пишувам, забележувам дека го правам токму тоа. Која е тогаш разликата меѓу тоа да се пишува (го претпочитам зборот плете или ткае) и да не се пишува?
Пишувам, заврзувам, се врзувам. Нишката е невидлива. Се заплеткувам во ткаенината на зборовите и се обидувам да го отплеткам замрсеното клопче. Тоа е сè.
Секое утро одново и одново го понесуваме светот на рамена и ако ги испуштам зборовите, тие ќе се изгубат во просторот. Затоа ги држам. Мислам на изречливото, на искажливото, и повторно го дофаќам пенкалото со цел немирот да го претворам во спокој. Која е разликата меѓу пишувањето, работењето, надгледувањето на домашната работа на децата, работењето во градината или пливањето? За време на прошетките кои не се само слеп ὸд, набљудуваме небо, планина, кои на крај би ни досадиле доколку немаме со кого да ги споделиме. Доживуваме цела палета впечатоци за да го изразиме тоа, да го изустиме или да го ставиме на хартија. Сè се гради, два и два се четири. Мојот разум ги собира. Четири е моето творештво, моето дело, ако го напишам.
Си мислиме дека една стомна нема што да ни каже. Но, забележувам дека таа може да има една или две рачки. Малку се задлабочувам и една мисла ми се завртува во главата. Стомната може да биде полна или шуплива. Мазна или рапава. Штом почнувам да зборувам за неа, да ја опишувам, таа веќе не е обична дреболија, станува восхит, убава душа, сите соништа на светот. Сè зависи од аголот од кој ја гледам стомната.
Зборовите им вдахнуваат живот на нештата и на живите. Продолжувам со нишката (како Пенелопа): кога пишувам, неуморно, ги обојувам часовите, плетам и преплетувам. Еден котелец однапред, еден котелец одназад и текстот расте. Повеќето зборови се вистински дарови за нас. Ноќе испишуваме сонца. Си дозволуваме да ги искажеме нештата. Во музеј сме, но дење, гледаме низ прозорец. Длабиме. Нешто се случува. Сликарот пишува, но поинаку. Зборовите живеат со нас. Пишуваме, продолжуваме да го правиме тоа, и покрај успехот или поразот. Дали пишувањето е заменливо? Не. Нема потреба да ве бидува за математика за да го сфатите ова. Се разбира, и тоа има соперници како што се емотиконите, тоа веќе нема ексклузивност, но неговите моќи се нечепнати. Постојат нешта што само пишувањето може да ни ги даде, на само нему својствен начин.
Дали поделикатно е прашањето чуму пишувањето? Не, сите ние сме родени писатели, автори на преписка, преку писма, мејлови или СМС-пораки. Не постои нешто што подобро ги преточува перипетиите од нашите животи. Токму пишувањето ни вели: „Стани она што си!“ Но, внимавајте на конструкцијата, внимавајте на изразов: „пишување зборови“ е плеоназам.
Ако не пишувам, се досадувам... Но, во суштина, пишувањето е прогонство, со одвреме-навреме испраќање разгледница од земјата.
(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2020 г.)