Општество

ДАЛИ ДЕМОКРАТИЈАТА ГУБИ ЗДИВ?

Гордан Георгиев

Авторот е политиколог

Две илјади и кусур години пламенот на демократијата се пренесува од колено на колено, од ера во ера, низ стрмни и кривулести патчиња и низ долги ледени зими. Од демократскиот цут во Антиката, преку темниот Среден век кој, отпосле дознавме, и не бил така темен, до Новото време во кое демократските принципи доживуваат ренесанса во форма на најмалку лошиот систем на владеење. До ова најновово, недефинирливо време во кое сите компаси и сите репери се чинат изгубени или изместени. И покрај тоа што светот денес брои најголем број на демократии (и нивниот број номинално постојано расте), се чини дека самата супстанца на демократијата губи здив.

На Исток (Азија и Евроазија) и на Југ (Африка и Латинска Америка), демократиите никако не успеваат да се консолидираат и повеќето од нив постојано лавираат де горе де долу, одејќи од авторитаризам кон демократија и обратно. Причините се многубројни и испреплетени. Недостигот на демократска традиција и поволен општествен контекст (колонизација), вештачкото залепување на западните демократски правила и норми во традиционални општества неподготвени да ги прифатат, напливот на глобализација и пробивот на капиталот кој не го интересира дали државата што поседува рудници или нафта е демократија или не, па се’ дури до појавата на нео-национализми кои бараат се’ повеќе за своите а се’ помалку за другите. Задниот двор на Европа (Балканот) и новите донеодамна демократски шампиони во Источна Европа потпаѓаат во истата категорија. Само Северот (скандинавските држави плус Канада) успева да се однесува како да не е од оваа планета и постигнува завидни резултати и во демократските пробиви и во државата на благосостојба и во поглед на економско-технолошките иновации.

Но овде не се тема демократските епигони, туку токму родното место на демократијата: Западот (Евроамерика). Чувството, сега веќе поткрепено со многу анализи и фактографија, дека демократијата на Запад го губи здивот, не’ остава без здив. Западната либерална демократија веќе неколку стотици години како теоретска постановка и повеќе од половина век како теорија преточена во пракса е ѕвезда- водилка на слободниот свет и на неслободниот свет кој мечтае да стане слободен. Таа претставува(ше) инспирација и моторна сила за уривање на многу страшни политички режими (некои од нив подоцна се реставрираа со уште пострашни последици) и некаков морален патоказ кон „градот на брдото“ (city upon a hill). Деновиве, годиниве, оваа тврдина на посакуваните вредности недвојбено попушта. Дупките и процепите во браната не се од надворешни непријатели и варвари, туку од внатре, од самите уживатели на либералната демократија. Причините се повеќе или помалку познати, но иљачот не е измислен.

ДОАЃАМЕ ДО ТЕШКО ОДРЖЛИВ ИСХОД НА БИЛО КОИ ИЗБОРИ: ПОЛИТИЧКИТЕ ЕЛИТИ ДОАЃААТ НА ВЛАСТ СО МНОГУ МАЛКУ ГЛАСОВИ А ЕЛИТИТЕ МОРААТ ДА ПРЕТЕНДИРААТ ДЕКА ГИ ПРЕТСТАВУВААТ СИТЕ ГРАЃАНИ, И ОНИЕ ОД ОПОЗИЦИЈАТА И ОНИЕ КОИ АПСТИНИРАЛЕ. ДЕМОКРАТИЈАТА СТАНА ДОСАДНО ПОВТОРУВАЊЕ БЕЗ ИСХОДИШНА ТОЧКА. ТОЧНО Е ДЕКА ГРАЃАНИНОТ СТАНУВА СЕ’ ПОЦИНИЧЕН И МИСЛИ ДЕКА ПОВЕЌЕ ЗНАЕ, МЕЃУ ДРУГОТО И ЗАРАДИ НЕВЕРОЈАТНИОТ ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИТЕ ЗАРАДИ ПРОБИВОТ НА ТЕХНОЛОГИЈАТА И ИНТЕРНЕТОТ. ВАКВОТО ПРИБЛИЖУВАЊЕ НА ГРАЃАНИНОТ КОН ПОЛИТИЧАРОТ Е ФЕНОМЕН КОЈ ПРЕТХОДНО НЕ БИЛ ПОЗНАТ, ИМАЈЌИ ПРЕДВИД ДЕКА ПОЛИТИКАТА И ПОЛИСИМЕЈКЕРИТЕ СЕКОГАШ БИЛЕ ВИСОКО ЗАТСКРИЕНИ ЗАД ОБЛАЦИТЕ И НИВНАТА РАБОТА НЕ БИЛА ПОЗНАТА ЗА ШИРОКАТА ЈАВНОСТ

Западот попушта и клучниот фактор за тоа е кризата на претставувањето (representation) која пак води кон криза на легитимација. И тоа не само преку опаѓање на бројките на излезност на гласање (оваа точка може да се спори дали е вистинита), одбивноста на луѓето од политика и уште повеќе одбивноста да се влезе во политика, разочарувањето од едните и другите и недостигот на испорака на ветените и потребните јавни политики, туку и заради неможноста да се оспори целокупниот (демократски или квази демократски) систем од страна на главните негови учесници: граѓаните т.е. гласачите. Конечно, кризата на претставувањето и губењето на легитимитетот не подразбираат само негласање и политичка апатија туку и воопшто излегување од системот на следење и интерес за општествените текови во државата. Така, доаѓаме до тешко одржлив исход на било кои избори: политичките елити доаѓаат на власт со многу малку гласови а елитите мораат да претендираат дека ги претставуваат сите граѓани, и оние од опозицијата и оние кои апстинирале. Демократијата стана досадно повторување без исходишна точка. Точно е дека граѓанинот станува се’ поциничен и мисли дека повеќе знае, меѓу другото и заради неверојатниот пристап до информациите заради пробивот на технологијата и интернетот. Ваквото приближување на граѓанинот кон политичарот е феномен кој претходно не бил познат, имајќи предвид дека политиката и полисимејкерите секогаш биле високо затскриени зад облаците и нивната работа не била позната за широката јавност. Сега, кога е позната и мора да биде позната, сфаќаме дека и тие се обични луѓе со свои слабости кои не сакаме да ги имаат или сме замислувале дека ги немаат. Оваа тензија помеѓу повеќе демократија, повеќе отчетност и поголема транспарентност од една страна, наспроти подобра и поефикасна демократија од друга страна, се чини дека е нерешлива. Јавноста и понатаму ќе бара се’ повеќе, а политичарите ќе нудат се’ помалку.


(фото: https://www.kut.org/)

Тензијата помеѓу глобализацијата и нацијата се втората точка на сопнување. Замислена како секојдневен плебисцит на граѓаните кои живеат во неа, нацијата стана претесен форум на комуникација во услови на глобализација. Но нацијата историски е најудобниот дом на демократијата. Кога имате разлеана нација, постојано провоцирана и предизвикувана од глобализирачките текови, демократијата тешко се снаоѓа. А секое разлевање на нацијата ги повикува сирените на национализмот. Кога имате доволно граѓани кои се незадоволни од глобализацијата или се чувствуваат како губитници, наједноставно е да се свртите кон нацијата и да се затворите во себе. Доколку тоа се случува во еден високо пропулзивен и глобализиран свет, првата жртва на вашето враќање кон нацијата е токму демократијата. Либералната демократија историски е создадена за државите-нации и таа живее во таквиот контекст, за потоа постојано да се адаптира и да превзема нови и нови форми. Популизмот е производ на демократијата која не може да се снајде во новото руво. Тој е современик на глобализацијата и на кризата на нацијата, а демократијата му овозможува релативно удобна рамка да се развива и легитимира. Затоа современиот популизам најчесто е десен и се потпира на нацијата, единството и отпорот кон другиот.

Но граѓаните си наоѓаат причини да гласаат. Често тие причини се негативна селекција (гласам против постоечката власт и речиси секојпат гласам против) или партикуларни лични и себични интереси. Овој повеќеслоен идентитет на современиот гласач ја прави демократијата чудна мешавина, нешто налик на шопинг центар во кој гласачот влегува и купува, или доколку е незадоволен, оди во другиот шопинг центар отспротива. На пример, рударот од Македонската Каменица е работник (до вчера припадник на работничката класа), но тој не се идентификува со работничкото движење во светот или со локалните синдикати, туку се чувствува како конзервативец и постојано гласа десно. Младичот од Д. Маало се претставува како космополит, се бори за ЛГБТ права и за екологија, но можеби на крајот повторно ќе гласа десно заради ниските даноци кои му ги нуди десницата. Земјоделецот од Гевгелија, традиционален конзевативец, сака да се реши проблемот со името со Грција за да може да ги пласира своите прозиводи и гласа лево. Исто како и неговиот сограѓанин забарот.

ПРЕМНОГУ ПОЕДНОСТАВЕНА БИ БИЛА ТЕЗАТА ДЕКА ДЕМОКРАТИЈАТА Е ВО ЗАЛЕЗ И ДЕКА КОНЕЧНО, ПОСЛЕ ДВА МИЛЕНИУМА ТУКУТАКА ЌЕ ЗГАСНЕ ДОЛГО НЕГУВАНИОТ ОГАН КОЈ ПОНЕКОГАШ ГОРИ А ПОНЕКОГАШ ТЛЕЕ. НО ДЕКА ГУБИ ЗДИВ, ДЕКА РЕТЕРИРА И ДЕКА НЕ МОЖЕ ДА НАЈДЕ РЕШЕНИЈА ЗА НОВИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ, ТОА Е ФАКТ! СЕПАК, ИСТОРИЈАТА НЕ’ УЧИ ДЕКА ЗА НЕКОИ РАБОТИ НАУЧНИЦИТЕ ВО СВОЕ ВРЕМЕ ВЕРУВАЛЕ ДЕКА ЌЕ ТРААТ ПРЕДОЛГО А НЕКОИ ДЕКА ЌЕ ЗГАСНАТ НАБРЗО. ВО МНОГУ СЛУЧАИ ЗА ДВЕТЕ ТЕЗИ НЕ БИЛЕ ВО ПРАВО. ЖИВЕЕМЕ ВО ВОЗБУДЛИВИ ВРЕМИЊА, ВРЕМИЊА ВО КОИ СВЕТОТ КОЈ ГО ЗНАЕВМЕ ДО ВЧЕРА, ВЕЌЕ УТРЕ МОЖЕБИ НЕМА ДА БИДЕ

Доколку се согласиме дека алтернативата на демократијата е некој облик на не-демократија и дека тоа е сепак неприфатливо, прашањето кое се поставува е дали можеме да ја реновираме, поправиме, или одново да ја измислиме демократијата која ја посакуваме. За почеток, демократизација на политичките партиите, отварање на политичкиот простор и мерит систем на селекција на кандидати за функции се чини како можен зрак на светлина. Доколку политичките елити не се способни за тоа и притоа не плаќаат соодветна политичка цена за таквото поведение, треба да бидат казнети од гласачите. Како би можеле да бидат казнети? Преку нивна делегитимација! Неизлегување на избори, комплетна делегитимација на политичките актери и спуштен легитимитет на владеење. Тоа е првиот сигнал кој политичките актери треба да го разберат и препознаат. Алтернативата на тоа е само-организирање на групи на граѓани во нови политички субјекти кои ќе се борат на политичката арена, со сиот ризик да се претворат во исти или полоши од нивните постоечки соперници. Сепак, оваа алтернатива генерално е тешко изводлива затоа што политичкиот простор е закупен (и во буквална смисла за-купен) и нови актери тешко продираат. Во рудиментарни демократии (како нашата) тоа е особено тешко бидејќи правилата на игра не се поставени, местата се запоседнати, релациите со парите/бизнисот се воспоставени и трајни и граѓаните на крајот се приклонуваат на една од дадените алтернативи или остануваат дома на денот на гласањето.

Каков е македонскиот случај? Македонија, според најновото рангирање на Економист е хибридна демократија, неконсолидиран демократски систем кој постојано талка овде или онаму. Демократскиот супстрат е сериозно нагризан, граѓаните чувствуваат голема недоверба кон политичките елити, институциите колабираат а извесноста дека системот може да испорача резултати е комплетно нарушена. Хибриден режим е плодно тло за популизам, појавување на нов автократ или револуционерен преврат. Ваквито систем изнедрува неквалитет а квалитетот е се’ помалку на цена. На добронамерните, пристојни и квалитетни луѓе кои сакаат да се вклучат во политичките текови буквално не им се исплати таквиот влез, ни финансиски а уште помалку од аспект на етички придобивки или реализиција на одредени идеали.

Сепак, премногу поедноставена би била тезата дека демократијата е во залез и дека конечно, после два милениума тукутака ќе згасне долго негуваниот оган кој понекогаш гори а понекогаш тлее. Но дека губи здив, дека ретерира и дека не може да најде решенија за новите предизвици, тоа е факт! Сепак, историјата не’ учи дека за некои работи научниците во свое време верувале дека ќе траат предолго а некои дека ќе згаснат набрзо. Во многу случаи за двете тези не биле во право. Живееме во возбудливи времиња, времиња во кои светот кој го знаевме до вчера, веќе утре можеби нема да биде.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2020 г.)

ПРЕПОРАЧАНО