Интервјуа
СВЕТСКИ БИЗНИС ИСКУСТВА И СОВЕТИ
Професор д-р Терзиовски,
декан на Кртин Школата за бизнис за постдипломци во Западна Австралија и почесен член на Македонија 2025.
Реконструкција на бизнис-моделот – на што да се внимава?
Реконструкцијата на бизнис-процесите (РБП) е еден од бројните пристапи што се користат за редизајн на бизнис-моделите со цел операциите одново да се поврзат со надворешниот амбиент што се менува од политички, од економски, од општествено-културолошки и од технолошки аспект. Во тој контекст:
• на реконструкцијата на бизнис-моделот мора да ѝ се пријде од стратешка перспектива и од перспектива на потрошувачот;
• голем дел од процесот на промена е насочен кон тоа да се создаде култура базирана на иновација и на претприемништво;
• примената на нов бизнис-модел бара екстензивна комуникација низ организацијата со цел да се надмине отпорот кон промена;
• веројатноста една организација да постигне успех со нејзиниот редизајниран бизнис-модел е поголема доколку реконструкцијата е дел од имплементираната бизнис-стратегија на организацијата.
Каков лидерски стил е потребен кога се води процесот на промена во компанијата?
Нашето истражување покажа дека топ менаџментот мора да се посвети на планирањето и на имплементацијата, гледано преку времето потрошено за промовирање на напорите за реконструкција на бизнис-процесите. Исто така топ менаџментот мора да ги ангажира потребните ресурси за целиот проект. Нашите резултати покажуваат дека оние организации што имплементираат РБП како „брза поправка“ не постигнуваат значајни перформанси.
Типичниот лидерски стил е оној на лидер што предводи трансформација, а тој ги има следниве карактеристики:
• тој е застапник на промената;
• верува во идејата;
• ги визуелизира ефектите;
• ги конфронтира реалностите на организацијата во поглед на трошоците и на користа;
• обезбедува финансиска и политичка поддршка однатре од организацијата;
• ги совладува препреките.

Како да се изгради капацитет за иновации во една компанија?
Развојот на капацитет за иновации бара фокус на стратегијата, што вклучува вредност базирана на креативност, на иновации и на претприемништво. Тоа го вклучува следново:
• редефинирање на потрошувачите и на пазарите. Развивање на технолошки стратегии за да се искористат постојните можности;
• информациското и организациското разузнување може да биде намалено преку развивање апсорпциски капацитет со соработка со надворешни партнери;
• премин од наследна вертикална структура кон хоризонтален пристап притоа со постојана интеракција со потрошувачот и фокус врз растот и иновациите. Да се има системи за поддршка на креативноста и за управување со идеите;
• промовирање на култура за споделување на знаењето. Носењето на одлуки од страна на вработените и корпорацијата да биде водено од иновациската мисловна матрица.
Што е тоа претприемачка личност?
Претприемачката личност ги има следниве карактеристики:
• таа е катализатор на промените;
• независен размислувач;
• не се плаши да биде различен;
• ги обединува ресурсите;
• посакува автономија;
• има пристап на преземање ризик;
• однесувањето ѝ е насочено кон остварување на цели;
• има самодоверба;
• има интуиција;
• насочена е кон преземање акција;
• учи од грешките;
• има карактеристики на добра личност;
• Алберт Ајнштајн еднаш рекол „Важно е да не престанеш со поставување прашања“.
Кои се изворите за претприемачка мотивација?
Истражувањата покажуваат дека ова се главните мотиватори, според приоритетот:
• нова иницијатива – да се создаде нов производ или услуга со бизнис-модел што е конкурентен;
• свој газда – да се контролира својот живот со тоа што си сам свој газда;
• финансиите – да се биде финансиски независен;
• предизвик – да си докажеш себеси дека можеш да го направиш тоа;
• фрустрација – во голема компанија работиш за шеф.

Помага ли практичното бизнис-искуство во академската универзитетска кариера?
Поминав 17 години како инженер во Групацијата Рио Тинто. Тоа ми помогна да ја забрзам мојата академска кариера. Ми овозможи пристап до индустријата, партнерства со индустријата, студии на случај, запознавање на познати луѓе од индустријата преку Советодавниот борд на индустријата. Искуството како менаџер од средно ниво во индустријата се покажа многу корисно во моето држење настава и истражување. Студентите многу повеќе ме респектираат затоа што можам да ги поврзам теоријата и практиката. Ова е рефлектирано во моето држење настава на Универзитетот на Малбурн каде што во период од 10 години добив 10 награди од деканот за извонредност во држењето на настава.
Што значи да се биде консултант на познати компании како што се Моторола, Дау Кемикал, АјБиЕм, Зирокс итн.?
Во САД постои еден израз со кој се опишува некој што е професор на универзитет, но и активен во праксата во неговата област на специјалност. За такво лице се користи терминот пракадемец (англ. Pracademic). Стекнав значајно искуство преку моите консултантски услуги на големи мултинационални компании, особено во областа во која вршам истражувања. Остварив одличен академски резултат на меѓународно ниво со користење на големото искуство во водење истражувачки проекти. Имам и одлична историја на добиени грантови во области како што се: менаџмент на операции, квалитет и иновации / претприемништво. Имам исклучително голема публикациска активност, објавени четири книги, дваесет поглавја од книги, преку 52 статии во престижни меѓународни академски списанија.
Вашиот совет за младите дипломци од Македонија? Многумина од нив сакаат да одат во странство и таму да прават кариера.
Има позитивни и негативни аспекти од одењето во странство. Позитивно е тоа дека преку работење во други земји младите професионалци ќе стекнат искуство и ќе ги развијат нивните вештини и способности. Очигледно тие и понатаму ќе ги имаат своите корени во Македонија и секогаш ќе се враќаат назад. Од друга страна, напуштањето на Македонија од страна на преголем број млади луѓе создава проблем за странските компании што ја сметаат Македонија за потенцијална земја за нивно инвестирање. Пристапот до интелектуалниот капитал на една земја е главен фактор во процесот на одлучување. Мојот совет за младите луѓе е да станат претприемачи со основање на нивни старт-ап компании и самите да вработуваат луѓе. Владата и регионалните совети треба да ја одиграат својата улога во обезбедување поттик и поддршка. Исто така процесот на едукација треба да вклучи иновации и претприемништво во наставните програми на училиштата и на универзитетите.
Што е важно за да се има добар универзитетскиот систем, што да научиме од системот на Австралија?
• Квалитет – квалитетот на студентите, на академскиот кадар и на процесите да испорачаат висок степен на знаење на дипломците, знаење што потоа ќе биде барано од индустријата и од професиите. Стандардите во Австралија се разводнуваа кога пазарот беше дерегулиран и приватните институции можеа да нудат предмети со кои се намалија академските стандарди. Со цел да се сочуваат стандардите на меѓународно ниво, поранешната Влада преку акт на Парламентот воведе Агенција за стандарди за квалитет на терцијарното образование. Агенцијата има моќ по случаен избор да врши ревизија на универзитетите и на нивните предмети и да презема соодветни акции доколку универзитетот не е усогласен со стандардот.
• Учење интегрирано со работата – ова е важен дел од образовниот систем на Австралија. Партнерствата меѓу Академијата и индустријата се добра работа во Австралија. Исто така барајте можности за поминување на дел од студиите во странство, програми за размена на студенти и на професори.
• Визитинг професори – изложување на студентите на различни методи на предавање на професорите кои се во посета, а се привремено дојдени од разни земји.
Вие сте почесен член на Македонија 2025. Што Ве инспирираше да се приклучите и како го гледате Вашиот придонес во организацијата?
Македонија 2025 помага да се изгради посилна македонска нација. Голема чест е да се биде дел од тим воден од познат Македонец како што е Мајк Зафировски. Мојот придонес најдобро може да се објасни со помош за подобрување на бизнис-можностите, поттикнување на претприемништвото и иновациите и привлекување на странски инвестиции.
Имам искуство и меѓународно признание за академски достигнувања со Скопуш-индексот од 20, имам мултидисциплинарни квалификации во инженерството, бизнисот и менаџментот, со докторат од Универзитетот на Мелбурн и МБА од РМИТ Универзитетот на Мелбурн. Мојот придонес кон Македонија 2025 може да се набљудува од аспект на следниве компетенции кои сум ги стекнал во текот на мојата корпоративна и академска кариера:
• искуство во мултинационална организација;
• претприемачки лидерски стил;
• историја на наградени меѓународни истражувања;
• публикации објавени во најпознати академски списанија;
• историја на добиени грантови на конкурентска основа;
• историја на награди за држење настава;
• меѓународно искуство во образование на извршни директори и менаџмент консалтинг.
Што носи иднината за светот?
Кантон во неговата книга „Екстремната иднина“ пишува за трендови што ќе креираат претприемачки можности во светската економија:
• иновациите и претприемништвото ја трансформираат глобалната економија;
• климатските промени и енергетските трендови ја преобликуваат планетата;
• медицинските откритија го зголемуваат животниот век;
• подем на Кина и на Индија;
• „војна за талент“.