Интервјуа

НАШАТА ЦЕЛ Е ДА Ѝ ПОМОГНЕМЕ НА ЗЕМЈАТА НА СЕКОЈ МОЖЕН НАЧИН

Џон Битов Помладиот

Семејството Битов е голем пријател на Република Македонија. Џон Битов Постариот, иако роден во Канада, но со македонско потекло, до крајот на животот ни покажуваше што е тоа вистински патриотизам. Од лобирање за признавање на Република Македонија во светот, па се до разновидни форми на помош, ја покажуваше бескрајната и безусловна љубов кон земјата на неговите семејни корени. Благородната мисија на семејството Битов ја продолжува Џон Битов Помладиот, сигурно еден од најбогатите луѓе во светот со македонско потекло, успешен бизнисмен, основач на НБА тимот Торонто Репторс, голем филантроп.

Ја имавме исклучителната чест за интервју со него за редица прашања, за Македонија 2025, за важниот Македонски економски самит 2015 што се организира во Скопје во средината на ноември и на кој тој ќе зборува, за состојбата во канадската економија, за спортот, за лекциите што ги научил од неговиот татко.

 

Господине Битов, вие сте еден од основачите на Македонија 2025 и член на нејзиниот Борд на Директори. Која е движечката сила позади вашата вклученост во Македонија 2025?

Џ. Битов Помладиот: Тоа започна кога претседателот Црвенковски го контактираше мојот татко и побара од него да најде членови на дијаспората со бизнис искуство за да се вклучат. Татко ми ни се обрати на Мајк Зафировски и мене за да се ангажираме. Низ годините Мајк и јас се менувавме во водењето на организацијата. Секогаш владите ги информиравме за нашата работа. Имаме добар однос со премиерот Груевски и ќе продолжиме да работиме со било кој што е избран на избори. Нашата цел не е да бидеме вклучени во дневната политика, туку да имаме повисока цел, а тоа е да ѝ помогнеме на Македонија на секој можен начин.

Како го оценувате досегашниот развој на организацијата?

Џ. Битов Помладиот: Мислам дека одлично ни оди. Се разбира, секогаш може да се направи повеќе, но кога ќе ги погледнете настаните на кои сме биле домаќини во Македонија, Канада и САД, можеме само да се завртиме зад нас и да бидеме горди на тоа што сме го постигнале. Исто така, Мајк беше многу важен во помагањето да се зборува со главните извршни директори на странски компании за да инвестираат во Македонија, посочувајќи им дека земјата е исто толку добра како и која било друга за да го донесат својот капитал и да го стават во фукција. Луѓето во Македонија вредно работат, чесни се и имаат вештини, што е рецепт за економски успех.

На средината од ноември во Скопје ќе се одржи престижниот Македонски Економски Самит 2015. Тој е веќе означен како премиум бизнис настан. Зошто е тој толку важен и какви се вашите очекувања од Самитот?

Џ. Битов Помладиот: Ова ќе биде нашиот трет Самит во Македонија и нашиот најдобар досега. Не морате да патувате далеку за да присуствувате на навистина глобален настан. Ќе имаме таков настан тука во Скопје. Тимот ги формулираше темите за дискусија чијашто цел е да претстави мисловна рамка насочена кон трасформација и да се согледаат тековните прашања и случувања во бизнисот, менаџментот и технологијата. Говорниците кои досега го потврдија своето учество се познати професионалци од кои можеме да научиме. Идејата е учесниците на Самитот да научат нешто ново, да бидат инспирирани и да предводат промена во нивната организација или да започнат нешто што ќе стане големо или ќе пополни некоја празнина во домашната или регионалната економија. Очекувам дека луѓето ќе сакаат да бидат дел од ваков настан.

На Самитот, вие ќе претседавате со панелот наречен До просперитет преку технологија и иновации. Какви се вашите очекувања од овој панел?

Џ. Битов Помладиот: Технологијата е насекаде околу нас. Технологијата содржи иновација, но таа е иновација и сама по себе и кога двете се во комбинација не постои лимит. Технологијата може да се пренамени преку иновации, технологиите можат да се комбинираат за да се подобри крајниот резултат, вклучително бизнисот и производството. Во контекст на остварувањето просперитет, прашањето за Македонија е колку широко е распространета технологијата во бизнисот и производството? Можат ли луѓето во Македонија да применат иновации за да ги подобрат животите на луѓето или да го подобрат бизнисот?
Има толку многу прашања, бидејќи ние сме релативно нови во ова. Тоа не значи дека Македонија не може да држи чекор со остатокот од светот и многу зависи од луѓето кои ги креираат иновациите. Очекувам дека луѓето на овој панел ќе нè информираат за нивниот придонес во поглед на технологијата и иновациите и ќе споделат идеи за кои можеме да се надеваме дека некој во публиката би можел да ги примени или преку иновација да се дојде до нешто што ќе биде развиено во Македонија и ќе се продава глобално, тоа е нашето идеално сценарио.

Да се свртиме кон поопшти теми. Каква е вашата оценка за тековната состојба во економијата на Канада? Како е таа погодена од падот на цената на нафтата? Дали постои меур на пазарот на недвижнини?

Џ. Битов Помладиот: Тешко е да се жалите после 13 години економски раст. Канада беше глобален лидер во поглед на БДП, особено кога остатокот од светот имаше проблеми. Нашиот сектор на недвижнини остана силен и предвидувам дека така ќе продолжи, бидејќи ние сеуште во основа сме растечка економија. Да, цената на нафтата нè погодува, особено во западниот дел, но пониската цена на нафтата им помага на секторите производство и транспорт, два значајни извори на работни места во источна Канада. Имаме среќа што нашата економија е диверзифицирана и таква ќе биде во иднина.

Во текот на вашата професионална кариера имате одлична историја на бизнис потези во повеќе области. На што сте моментно фокусирани?

Џ. Битов Помладиот: Во моментов мојот фокус е на алтернативни инвестиции. На јавните пазари има бројни можности за добро инвестирање и изградивме тим за да ги искористи тие можности.

Многу е интересно тоа што вие го основавте кошаркарскиот клуб Торонто Репторс, дел од НБА лигаата. Исто така, го изградивте Ер Канада Центарот, главното место на кое се одржуваат спортски и забавни настани. Од каде доаѓа оваа силна поврзаност со спортот?

Џ. Битов Помладиот: Мислам дека кога растете со тројца браќа во семејство што спортува немате избор, морате да се натпреварувате. Мојот татко беше голем спортист во младоста и мајка ми се погрижи за тоа да учествуваме во многу спортови. Кога ќе погледнам наназад, тоа беше многу мудро од нивна страна, бидејќи секоја сезона игравме некој спорт што нé одржа фокусирани на играњето и тренирањето. Никогаш немавме време за ништо друго освен за домашните задачи за на училиште.
Кога се појави можноста за пријавување за да се добие НБА франшизата за Торонто, тоа беше нешто што ние како семејство моравме да го добиеме. Горд сум на успехот што тогаш го имавме и што тимот продолжува да го има. Кога започнавме велеа дека Торонто и Канада се само за хокеј на мраз во зима. Ако цениме според распродадената сала и бројната телевизиска публика, кошарката денес во Канада стои одлично. Тешко е да се поверува, но два од последните три први пика на НБА драфтот беа канадски деца од Торонто. И на тоа сум многу горд.

Да се даде назад на заедницата е исто така нешто во што сте многу вклучени. Кажете ни за фондот S’COOL LIFE. Што има тој дадено за заедницата?

Џ. Битов Помладиот: Фондот S’COOL LIFE е важна добротворна активност за собирање парични средства за воншколски активности во државните (не приватните) училишта ширум Канада. Претходно објаснив колку беше важен спортот во моите училишни денови и мислам дека во овие времиња, кога владите го кратат финансирањето на училиштата, треба да се обидуваме да ги одржиме програмите за да можат децата да учествуваат во нив. Тоа е целта на фондот S’COOL LIFE.
Кога им се обраќате на младите луѓе што е вашиот совет во однос на животот и тоа како да се успее во животот? Во врска со ова, верувам дека ќе споделите некои од животните лекции што ги научивте од вашиот покоен татко, големата личност Џон Битов Постариот. Тој беше исклучително многу почитуван од сите во Македонија. Можете ли да ни кажете и за она што вашиот татко го остави позади себе.

Џ. Битов Помладиот: Татко ми беше посебен на многу начини и не го велам ова само затоа што беше мој татко. Тој беше личност со толку многу оптимизам и за што и да правеше тој секогаш веруваше дека ќе биде успешно направено. Затоа постигна толку многу во бизнисот, но и во поглед на семејството и особено неговата добротворна работа. Ако некој се жалеше за некоја ситуација тој беше првиот што ќе речеше „Како да ја направиме работата подобра“? И ако не го направевте тоа во моментот, тој ќе го направеше тоа за да покаже со личен пример, бидејќи во животот тој секогаш покажуваше дека од животот ќе добиеш толку колку што ќе вложиш во него. Ова е нешто што јас, сега родител на три пораснати деца и некој што води бројни организации, го носам во моето срце го сфаќам многу сериозно. Дали станува збор за бизнис, семејство или заедницата, сé што правите се набљудува и ако можете на тој пат да направите некого посреќен, преку разни достигнувања, тогаш и самиот се чувствувате многу подобро.

Ви благодарам многу за интервјуто.


Зоран Јовановски

ПРЕПОРАЧАНО