Општество
КОРБИНИЗАМ, КОРБИНМАНИЈА, КОРБИНОМИЈА
Мирослав Саздовски
ПОЛИТИЧКИ ЕКСПЕРИМЕНТ ИЛИ НОВА ДОКТРИНА НА ЛЕВИЦАТА
Ако се исклучат националистичките и ксенофобични девијации, што се повеќе интерес на психологијата и на социјологијата, левицата, како политичка доктрина, секогаш била поинтересна за анализа од релативно конзервативната десница. Некои од последните случувања во Грција, Шпанија, па дури и во некои тазе европски балкански земји, дефинитивно отвораат нова парадигма на европската политичка сцена. Последниве декади левицата беше, и донекаде сѐ уште е, соочена со сериозен недостаток од цврста и од прецизна идеолошка матрица, што во рамките на политичката анализа од поодамна е препознаено како „криза на левицата“. Тоа е реална криза со сериозни реперкусии врз дисбалансот на политичките сили, пред сѐ во Европа. Либералниот капитализам, уживајќи ги плодовите на брзорастечката глобализација и потпрен на доктрината за народен популизам, едноставно не беше подготвен да прави компромиси со цврстиот пазарен механизам. Тоа ја остави левицата на тенки идеолошки темели, што најчесто дејствуваа збунувачки за електоратот. Интересно, во некои земји тоа предизвика речиси целосно бришење на левичарските партии од политичката мапа (Грција), а во други предизвика сериозни реформи во рамките на партиите (Франција) кои со овие промени успеаја да го привлечат фокусот на електоратот. Сепак од пепелта на разурнатата идеолошка матрица, во неколку развиени демократии, радикалната левица не само што почна да го истиснува местото на модерната социјалдемократија туку успеа и да ја наметне староновата догма во фокусот на електоратот и со тоа да ја врати конзервативната левица како нова меинстрим доктрина. Успехот на некои левичарски експерименти како шпанскиот ПОДЕМОС и, пред сѐ, грчката СИРИЗА, од многумина (вклучувајќи ме тука и мене) беше оценет како минлив политички експеримент, што се очекуваше повеќе да послужи како исклучок преку кој ќе се едуцира и надградува постојната политичка наука, отколку како правило што ќе претставува нова дефиниција за раст на радикалната левица. И додека аналитичарите го очекуваа дебаклот на радикалната левица во Шпанија и во Грција, последните промени во Лабуристичката партија во Британија целосно ги демантираа овие очекувања.
ЛИБЕРАЛНИОТ КАПИТАЛИЗАМ, УЖИВАЈЌИ ГИ ПЛОДОВИТЕ НА БРЗОРАСТЕЧКАТА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА И ПОТПРЕН НА ДОКТРИНАТА ЗА НАРОДЕН ПОПУЛИЗАМ, ЕДНОСТАВНО НЕ БЕШЕ ПОДГОТВЕН ДА ПРАВИ КОМПРОМИСИ СО ЦВРСТИОТ ПАЗАРЕН МЕХАНИЗАМ
Секако ова не е прва идеолошка криза на левицата, а многу веројатно ниту последна. Во раните деведесетти, соочени со безмалку дваесетгодишно апстинирање од власта, лабуристите во Британија го изведуваат веројатно најуспешниот проект за реформа на левицата. Предводени од тогаш шармантниот Тони Блер, лабуристите успеваат целосно да ја позиционираат својата партија директно во центарот и со минимален флерт кон конзервативниот левичарски кампус да ја зачуваат традиционалната сила што доаѓа од групациите на радикалната левица. Во центарот на оваа суштинска реформа е напуштањето на т.н. четврта клаузула со која лабуристите како основна премиса го имаа државното контролирање на основните средства. Оваа социјалистичка парадигма дотогаш претставуваше основен столб на Лабуристичката партија преку која тие црпеа цврста поддршка од синдикатите и останатите здруженија на работниците, и со која веќе еднаш ги имаа освоено широките народни маси во периодот веднаш по Втората светска војна. Но, втората половина на XX век, во политичка смисла, претставуваше ренесанса на либералниот капитализам кога веќе ребрендираната десница доминираше на политичкиот пазар. Прифаќајќи ја сѐ попопуларната доктрината на третиот пат, што претставува носечка политичка мисла на еден од најголемите британски социолози Антони Гиденс, лабуристите во деведесеттите нашироко ги прегрнуваат вредностите на пазарниот механизам со што го отвораат патот за суштинска промена на Лабуристичката партија. Така партијата од претставник на цврстата левица прерасна во модерна, прагматична социјалдемократска партија. Под палката на врвниот политички експерт Петар Менделсон, како и еден од највештите ПР професионалци Алистер Кембел, Лабуристичката партија го разви брендот „NEW LABOUR“, што претставува еден од најуспешните политички ПР проекти воопшто. Воспоставувајќи целосно нов, централизиран систем на комуникации со медиумите, Менделсон и Кембел поставија систем што прецизно го следи фокусот на електоратот за потоа внимателно да ја оформи и испрати централната порака до јавноста. Овој политички лукративен метод на формирање политики во својата суштина го има „Bottom Up“ пристапот каде што јавното мнение ги формира политиките наспроти дотогашната доктрина дека политиките ги креираат експертите, а потоа јавноста се едуцира на нив. Сепак „NEW LABOUR“ им обезбеди два доминантни мандати на Тони Блер и еден во опаѓање за Гордон Браун, што претставува најдолго континуирано владеење на лабуристите во Британија. На изборите во 2010 година, лабуристите го изгубија мнозинството и левицата, а прагматизмот на третиот пат полека ги губи темелите на кои ја гради поддршката од електоратот.

Компромисот меѓу потребата за поцврста левица и континуитет на прагматизмот резултираше со изборот на Ед Милибанд за лидер на лабуристите. Изминативе пет години Милибанд се обиде да ја прибере политичката енергија што доаѓаше од сѐ поголемата потреба за суштински општествени промени, притоа зачувувајќи ја доминантно централистичката позиција што се смета за основен предуслов за допадливост кај гласачите. Овој релативно нејасен обид за некаков континуитет, иако од професионална ПР гледна точка многу вешто изведен, на изборите во мај оваа година резултираше со уште поголем пораз на лабуристите од оној во 2010 година. Политичките аналитичари овој последователен пораз и надолен тренд веднаш го оквалификуваа како нова криза на левицата, споредувајќи ја новонастанатата состојба со онаа пред појавата на „NEW LABOUR“ кога левицата во Британија, во неколку последователни наврати, нижеше изборни порази. Ед Милибанд очекувано веднаш по поразот поднесе оставка со што повторно се отвора просторот за нова расправа за идеолошката и за персоналната поставеност на Лабуристичката партија.
Овертоновата рамка (Overtone window) претставува поле на политички и на општествени идеи, што во дадената општествена свест и јавно мнение се сметаат за прифатливи. Оваа рамка претставува т.н. безбедна зона, или зона на комфор, од која политичарите можат да ги црпат своите идеи и предлози без ризик да бидат оквалификувани како екстремисти или радикали поради нив. Секако границите на оваа рамка претставуваат флуиден општествен елемент што со текот на времето ја забрзува својата динамика. Дефинирањето на оваа рамка претставува една од најважните работи во политичкиот ПР, особено кога одредена политичка групација е соочена со потребата за промена на своите идеолошки или прагматични темели. Влегувањето и излегувањето од Овертоновата рамка претставува вистинска вештина со која политичарите прават компромис меѓу зоната на комфор и привлекувањето на јавниот интерес. Вистинските виртуози успеваат да газат на границите од Овертоновата рамка, привлекувајќи го со тоа вниманието на јавноста без да се оддалечат премногу од зоната на политичкиот комфор.
Во трката за нов претседател на Лабуристичката партија, и со тоа нов лидер на опозицијата (формален термин со посебни овластувања во рамките на британскиот политички систем), влегуваат четири кандидати, секој од нив со посебна политичка приказна и историја за која немаме простор целосно да ја анализираме. Она што нас нè интересира е нивната поставеност во однос на Овертоновата рамка, имајќи предвид дека последните случувања ги прекршија речиси сите досегашни неформални правила на политичката игра поврзани со неа. Енди Бурнхам во трката влезе како најголем фаворит со најголем број „ендорсменти“ (потписи од пратениците на лабуристите во парламентите на Британија и во Европскиот парламент). Неговото политичко портфолио се сметаше за одличен компромис на релативно радикалните левичарски ставови што се наоѓаат веднаш до границите на Овертоновата рамка, но и силен прагматизам пресликан преку одличната смисла за потребите и за барањата на јавното мнение. На почетокот од трката Енди Бурнхам доби најмногу пофалби од страна на левичарските критичари за кој се велеше дека има доволно голема дистанца од политички застарената „NEW LABOUR“ доктрина, но исто така доволно прагматизам за да ја задржи Лабуристичката партија во центарот на политичката мапа каде што се наоѓаат најголемиот број гласачи на Британија. Ивет Купер и Лиз Кендал беа двете жени кои влегоа во трката, кои иако имаа соодветнa заднина и политичко одобрување од највисоките авторитети во рамките на Лабуристичката партија, уште на почетокот беа оценети како продолжена рака на „NEW LABOUR“, кои гарантираа цврст континуитет на досегашната доктрина. Купер и Кендал претставуваа безбедно решение за лабуристите, имајќи предвид дека нивните ставови и погледи се наоѓаа длабоко во рамката на прифатливи идеи и решенија, чија основна идеја претставуваше дополнително зајакнување и модернизирање на Лабуристичката партија во цврста социјалдемократска партија. Тројцата кандидати кои се сметаа за делумни фаворити, во рамките на владеењето на Ед Милибанд со лабуристите, беа на важни позиции во рамките на партијата и официјални членови на Кабинетот на Милибанд како министри во сенка. Од маргините на левичарскиот конзервативизам, како целосен аутсајдер, со 36 потписи од парламентарните групи (минимумот за учество е 35) во трката влезе и левичарскиот радикал Џереми Корбин.

Корбин се залагаше за унилатерално прекинување на нуклеарната програма и целосно разоружување на нуклеарните боеви глави на Велика Британија; укинување на НАТО обврската за минимум буџет на одбраната од 2% од БДП; итно напуштање на офанзивите на британската армија на Блискиот Исток, вклучувајќи ја тука и борбата против ИСИЛ; признавање на палестинската држава и воведување на ембарго за оружје кон Израел итн. Овие радикални политички идеи претставуваат само мал фрагмент од ставовите со кои Корбин ја критикува досегашната надворешна и безбедносна политика на Британија и кои претставуваат центар на неговото политичко битисување. Дека не се работи само за политички лукративен популизам говори и фактот што Џереми Корбин, како еден од најнеомилените парламентарци на лабуристите, во својата безмалку триесетгодишна политичка кариера со слични ставови настапувал и против политиките на неговите партиски лидери Тони Блер и Гордон Браун, најавувајќи притоа извинување до Ирак и до Авганистан за учеството на Британија во овие офанзивни мисии, особено што тоа се случило кога Британија била под владеење на неговата партија. Всушност, еден од најголемите поранешни политички успеси на Џереми Корбин се смета големиот антивоен митинг во 2003 година што беше предводен токму од него. Митингот на антивоената коалиција, одржан во Лондон, се смета за еден од најголемите во историјата на Британија, а беше насочен против политиките на Тони Блер за поддршка на САД од страна на Велика Британија за мисиите во Ирак и во Авганистан. Антивоената коалиција, како невладино здружение сѐ уште постои, а Корбин го напушти лидерското место во коалицијата веднаш по неговиот избор за претседател на лабуристите.
Покрај веќе популарните ставови против мерките за штедење, што веќе прераснаа во стандарден моден детаљ на новиот политички фолклор, Корбин од своето економско политичко портфолио изнесе економски мерки што претставуваат сериозен радикален пристап, што е во директна спротивност на моментално прифатливата економска доктрина на капитализмот. Најавата за ревизија на укинувањето на т.н. четврта клаузула и нејзиното повторно враќање во статутот на партијата суштински би го сменил карактерот на партијата од модерна социјалдемократска во социјалистичка партија. Преку тоа Корбин ја промовира идејата за ренационализација на големите стратешки бизниси како што се: дистрибуцијата на енергија, железницата, транспортот, рудниците итн. Една од најконтроверзните идеи на Корбин претставува неговиот предлог за нова државна инвестициска политика. Според Корбин Банката на Англија (централната банка на Велика Британија) треба да креира пари што би се употребиле за финансирање на новата програма наречена „Народно квантитативно олеснување“ преку која би се финансирала изградбата на живеалишта и на јавен транспорт. Но, оваа идеја е во директна спротивност со бројни правила на кои се има обврзано Велика Британија во рамките на мултилатералните договори, меѓу кои и членот 123 од Лисабонскиот договор со кој им се забранува на централните банки да креираат (печатат) пари за финансирање на државни проекти. Ако на ова се додадат и познатите левичарски ставови за експоненцијално прогресивни даноци и цврста државна интервенција во економијата, може да се каже дека Корбин е автентичен претставник на социјалистичките политички парадигми. За да се опишат контроверзните мерки на Корбин веројатно се потребни десетина написи, но она што за нас е важно е што секоја од нив претставува чекор надвор од Овертоновата рамка со што јавноста несомнено политички го сместува Корбин во делот на левичарските екстремисти и радикали. Токму поради ваквата перцепција евентуалниот негов избор на чело на Лабуристичката партија се сметаше (и донекаде сѐ уште се смета) дека ќе го оттргне од фокусот на електоратот од партијата и затоа тој беше оквалификуван како најпосакувана опција за нивните конкуренти – ториевците. Но, со почетокот на кампањата настапите на Џереми Корбин предизвикаа огромен интерес, а неговите радикални ставови добиваат сѐ поголемо внимание и одобрување од страна на членството на лабуристите. Првата поддршка Корбин ја доби од синдикатите и од останатите унии на работници, што се сметаат за едни од најважните и најрадикални групации во рамките на Лабуристичката партија. Веќе во првите анкети Џереми Корбин забележа благо водство пред останатите кандидати, што го запали црвеното светло кај големите авторитети на Лабуристичката партија како што се: Џек Строу, Тони Блер, Алистер Кембел, Гордон Браун, Дејвид Милибанд (братот на Ед Милибанд) и останатите. Речиси сите недвосмислено ги одобрија останатите кандидати, оквалификувајќи го евентуалниот избор на Корбин за најголемата катастрофа што може да ѝ се случи на Лабуристичката партија. Во оваа политичка хистерија се вклучија и бројни надворешни аналитичари, експерти, па дури и цели медиумски куќи како „Фајненшл тајмс“, „Телеграф“, „Економист“ итн. Овие панични напади се покажаа како контрапродуктивни за противниците на Корбин. Тој со неговите цврсти, брутални и бескомпромисни ставови сѐ повеќе ја освојуваше партиската јавност, што на изборите во септември оваа година му обезбеди победа со дури 59,1% поддршка како прв избор на членовите на партијата (слично на нашиот прв круг), што претставува највисока победа во историјата на Лабуристичката партија надминувајќи ја и онаа на Тони Блер од деведесеттите. На 12 септември 2015 година, Џереми Корбин и официјално стана претседател на Лабуристичката партија и официјален лидер на опозицијата во Велика Британија.
НА 12 СЕПТЕМВРИ 2015 ГОДИНА, ЏЕРЕМИ КОРБИН И ОФИЦИЈАЛНО СТАНА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЛАБУРИСТИЧКАТА ПАРТИЈА И ОФИЦИЈАЛЕН ЛИДЕР НА ОПОЗИЦИЈАТА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Корбинизам е новата кованица со која се именува овој нов политички земјотрес и оваа нова политичка еуфорија. Противниците на Корбин, обединети во старото лидерство на „NEW LABOUR“, сѐ уште се обидуваат да го убедат членството дека експериментот корбинизам мора набргу да биде отфрлен, а преку блиц-криг кампања Џереми Корбин да биде отстранет од местото претседател на Лабуристичката партија. Според нив радикализмот со кој настапува Корбин толку многу ќе ја оддалечи партијата од политичкиот центар што таа ќе се стекне со атрибут на невозможен избор за гласачите и ќе ги зацврсти ториевците долго време на чело на Британија. Тие овие свои ставови ги поткрепуваат со новите анкети по изборот на Корбин во кои општата британска јавност покажува недоверба кон мерките и идеите на Корбин, но и во него како лидер на опозицијата. Од друга страна, корбинизмот што ја зафати левицата, во ова кратко време по изборот на Корбин, почнува експоненцијално да се шири, особено меѓу младата прогресивна популација која досега покажуваше резистентност кон политиката. Па така за само еден ден, веднаш по изборот на Џереми Корбин, во партијата се зачленија преку 15.000 нови членови, претежно млади и досега незаинтересирани за политика. Оваа бројка на нови членови на Лабуристичката партија од изборот на Корбин се движи околу 50.000 за помалку од еден месец. Колку за споредба, третата политичка сила во Британија ја претставуваат либералдемократите кои имаат околу 65.000 членови вкупно, додека лабуристите пред изборот на Корбин имаа околу 300.000 членови. Овие две спротивставени гледишта претставуваат основа со која би можел да се опише корбинизмот. Прво и основно, тоа е т.н. „грасрут“ (од корен) движење што не само што ја освежува идеолошката матрица на лабуристите туку и во таа смисла прави вистински пресврт. Веќе никој не може да каже дека левицата во Британија е во криза на идеи поради недостаток на креативност, туку напротив, аналитичарите сега ги сумираат резултатите од овој политички пресврт и се обидуваат да го предвидат однесувањето на јавноста. Точен е фактот дека границите од Овертоновата рамка се целосно пробиени, што на анкетите јасно е изразено преку висок степен на неодобрување на корбинизмот. Но, од друга страна, не може да се игнорира силата на политичката гравитација под чиј притисок пукаат рамките на зоната на комфор и тие се формираат на нова позиција. Тоа јасно е изразено преку делумниот фанатизам на новите млади членови кои не само што го одобруваат корбинизмот туку и сакаат да се вклучат во неговото создавање и ширење. Она што секако стои како закана е целосната поделба на лабуристите по прашањето на корбинизмот. Затоа еден од основните предизвици на Корбин во наредниот период ќе биде обезбедување единство во партијата и превенција на расцепот во рамките на левицата. Од аспект на општата јавност, следните парламентарни избори во Британија се во 2020 година, па Корбин има безмалку пет години да ја изнивелира цврстината на своите аргументи и да се обиде да го промени полето на безбедните политики во јавноста. Овој „топ-ботом“ пристап би значел дека корбинизмот повеќе енергија ќе потроши на едуцирање на јавноста, отколку на следење на нејзиниот дискурс. Тоа е проклето тешко, мачно и најчесто неуспешно. Но, доколку успее, на светската политичката сцена ѝ претстои навистина интересен период.
(октомври 2015)