Општество

Тања Јакоби (Белград): ПОДОБРО РАБОТА ОДОШТО ПАКТ (Боље рад него пакт)

Тања Јакоби

 

 

Иако невработеноста, и со неа поврзаниот страв од запаѓање во сиромаштија, е еден од најдлабоките стравови на граѓаните во регионов, тој ретко доминира во изборните агенди на политичките лидери. Михаил Арандаренко, економист и експерт за пазарот на работна сила, наведува четири фактори како главни причини што го придушуваат ова незадоволство од кои два - високото ниво на емиграција и значителното учество на сивата економија - би можеле да доживеат одредени промени доколку преовлада германскиот став дека Европа треба да прими многу поголем број на бегалци.
Ова не е класична приказна за тоа дека бегалците ќе им ја земат работата на граѓаните на Европа и на аспирантите за учество во Унијата, што на улиците на многу градови ги извади ксенофобите, туку обид некои постоечки податоци, студии и проценки за миграциите во регионов и првенствено кон Европа да се прикажат во светлото на новонастанатите околности.
Да почнеме од податоците изнесени во првото издание на „Балканскиот барометар“ на Советот за регионална соработка,што опфаќа видувања и мислења на јавниот и на приватниот сектор за главните стопански и развојни прашања во регионов. Без многу изненадувања, според мислењето на граѓаните, невработеноста и економските тешкотии доминираат на листата на проблеми на Западниот Балкан. Во тоа нема ништо чудно бидејќи, како што наведува Арандаренко, Балканот често се наведува како регион со најниска стапка на вработување и највисоки стапки на невработеност во Европа. Всушност, според мноштвото показатели, ова поднебје има најлош учинок на пазарот на работна сила во светот ако тој се мери според стандардни квантитативни показатели: вработеноста, невработеноста и стапката на активност.
Пазарите на труд во земјите на Западниот Балкан се одликуваат со четири доминантни заеднички карактеристики, вели Арандаренко: високото ниво на емиграција (извоз на работна сила) и следствено висок прилив на дознаки така што според висината на дознаките по жител сите земји во регионов се меѓу првите 20 земји во светот; високото или понекогаш изразито високото ниво на неформална невработеност; премиумот што го носи заработувачката во јавниот сектор (дури и кога е релативно ниска) и слаб приватен сектор.
Оваа политичка стабилност, што постои и покрај лошите економски перформанси, Арандаренко ја објаснува со чудниот аранжман, всушност пакт, што го сочинува комбинацијата на лојалност (монетарни и немонетарни бенефиции што се стекнуваат со вработување во јавниот сектор) и излезноста (можноста за напуштање на земјата и толерирање на сивата економија). Во тој контекст Арандаренко ги дели земјите во регионов надве подгрупи. Во првата група „лојалност – излезност“ се: Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Хрватска, каде што економската и социјалната стабилност се сочувани преку релативно висока државна потрошувачка (преку 40% од БДП) заедно со значителниот прилив на дознаки и значително ниско ниво на неформална економија. Во втората група се: Албанија, Косово, а по повеќето, иако не според сите карактеристики, и Македонија. Оваа група на земји ја карактеризира мошне ниска државна потрошувачка (под или околу 30% од БДП) и во неа улогата на неформалното вработување и дознаките е поважна за зачувувањето на економската и на социјалната сигурност од бенефициите што ги дава работењето во јавниот сектор.
Младите образовани луѓе најчесто ја бираат опцијата да се иселат или се обидуваат да најдат работно место во државната служба, додека многу мал број од нив оди во слабо развиениот приватен сектор. Вработените кои спаѓаат во категоријата „ранливи“, во која се самовработените и неплатените семејни работници, сочинуваат меѓу 25% и 60% од вкупната работна сила. Издвојувањата за активни мерки на пазарот на работна сила се минорни и не се во фокусот на владите, што многу често поголемо значење придаваат на редовните исплати на пензиите и на социјалната помош што, многу често,се столбот за преживување на семејствата. Отсуството на бунт во супсегментите на општеството, и покрај раширената нееднаквост и ризикот од сиромаштија, доаѓа или од чувството на издвоеност од општеството (гастарбајтери кои најчесто се воздржуваат од политичко учество, работници во сивата економија чии размислувања не одат понатаму од обично преживување) или премолчена лојалност кон оние кои моментно се државна власт бидејќи благодарение на државната работа или исплатата на социјалната помош се овозможува какво-такво преживување.
Андаренко смета дека сегашната стабилност на ваквиот премолчен општествен договор не може да биде долгорочно таква бидејќи ваквите пазари, што ги карактеризира слаб раст и ниска вработеност, на долг рок паѓаат во стапицата на стагнацијата и мошне се чувствителни на екстерни шокови.

ЈАКОБ АУГШТАЈН, КОМЕНТАТОР НА „ШПИГЕЛ“, СМЕТА ДЕКА НА ЕВРОПА Ѝ СЕ ПОТРЕБНИ И ОНИЕ ЛУЃЕ КОИ (ЗА ЖАЛ) БЕГААТ ОД ВОЈНАТА И ОД РЕПРЕСИЈАТА И ОНИЕ КОИ БЕГААТ ОД НЕВРАБОТЕНОСТА И ОД СИРОМАШТИЈАТА

Еден од ваквите релативно дискретни шокови веќе се случи со избувнување на финансиската криза. Во европските земји што поминаа низ најостри мерки за штедење, Португалија, Ирска и Шпанија, забележан е значаен одлив на млада стручна работна сила или кон Германија и Велика Британија или кон бившите колонии. Причина за тоа не е само намалувањето на бројот на работни места, што резултираше со високи стапки на невработеност на младите, туку и промените на политиките на заработки што значеа дека младите луѓе со високо образование несе во состојба да одржат релативно високо ниво на заработувачка во однос на нивните помалку квалификувани врсници во помалку развиените европски земји.

Владимир Никитовиќ, научен соработник на Центарот за демографски истражувања на Институтот за општествени науки, во статијата „Миграциската транзиција во Србија: демографска перспектива“ од 2013 година, што, меѓу другото, се занимава и со проценка на емиграцијата и имиграцијата во српската економија до 2050 година, забележува дека тој феномен веќе предизвика намалување на тековите на емиграција од Србија, особено кон новите дестинации Италија и Словенија.
Причините за намалување и за зголемување на емиграцијата се повеќекратни. Намалувањето на емиграцијата може да биде предизвикано: од поволни случувања, како на пример повисокиот економски раст или добрите изгледи за зачленување во Европската унија, што можат да ги одвратат луѓето од заминување од земјата затоа што постои можност условите за живот дома да станат подобри; или од демографски околности, стареење на населението и намалување на бројот на оние кои имаат можност да побараат работа во странство. Причините за силен раст на емиграцијата исто така можат да бидат повеќекратни од кои една беше посебно изразена при пристапувањето на вишеградските земји во ЕУ кога голем број на граѓани на Источна Европа побрзаа да најдат работа во развиените западноевропски земји. Никитовиќ како главна земја за споредба со Србија ја зема Полска, со значајни ресурси на неискористена или слабо искористена работна сила, особено во руралните области и во помалите градови, каде што за пет години од проширувањето околу 2,28% од населението ја напушти земјата.

РАЗЛИКАТА МЕЃУ ЕВРОПА И БАЛКАНОТ Е ВО ТОА ШТО КАЈ НАС И ВО УСЛОВИ НА НЕДОСТИГ НА РАБОТНА СИЛА (КОЈ БИ ГО ПОПОЛНИЛЕ СТРАНЦИ) ОПСТОЈУВАЛА ВИСОКА СТАПКА НА НЕВРАБОТЕНОСТ НА ДОМАШНИТЕ РАБОТНИЦИ СО ОГЛЕД НА ТОА ШТО НИВНАТА СТРУКТУРА Е ИСКЛУЧИТЕЛНО НЕПОВОЛНА ВО ОДНОС НА ПОТРЕБИТЕ НА ПАЗАРОТ

Позиционирајќи го скорешниот датум за приклучување на Србија во 2021 година, а тоа веројатно можеме да го прошириме и на останатите земји на Западниот Балкан, Никитовиќ предвидува дека би било реално во тој момент одливот од Србија да порасне од сегашните просечни 15 илјади (главно млади и образовани) на околу 25 илјади луѓе. Ова е, сепак, нешто пониска бројка од онаа што би се добила со целосна примена на полскиот модел,што би подразбирал заминување на 33 илјади луѓе во првите години на придружување. Причината за поконзервативната проценка Никитовиќ ја наоѓа во очекувањето дека Европа пред новиот бран на приклучувања би вовела одредени ограничувања за приемот на нова работна сила, каков што, всушност, беше во случајот со Хрватска.
Очекувањата дека Европа ќе има голема потреба за работна сила и прилив на млади луѓе се засноваат на демографските показатели што ги цитираше неодамна Јакоб Аугштајн, коментатор на „Шпигел“, повикувајќи ја Германија да ги прифати бегалците. „Денес, пишува Аугштајн, во Германија живеат четириесет и пет милиони работоспособни жители, додека според сите проценки во 2050 година ќе ги има дваесет и девет милиони. Податоците на демографите се немилосрдни. Движењето на населението во рамките на ЕУ нема да ја задоволи нашата демографска глад. Стручњаците сметаат дека нам секоја година ни се потребни 500.000 имигранти од земји надвор од ЕУ. Ако е тоа точно, тогаш 2015 година е баш добра година бидејќи ќе добиеме нови милион жители.“
Аугштајн смета дека на Европа ѝ се потребни и оние луѓе кои (за жал) бегаат од војната и од репресијата и оние кои бегаат од невработеноста и од сиромаштијата. Пратеникот во германскиот Парламент, Јосип Јуратовиќ од Социјалдемократската партија, изјави дека Германија и нејзината економија можат да примат милион бегалци. Истиот пратеник, кој е германската врска со Западниот Балкан, се заложи исто така ситуацијата со лажните азиланти од балканските земји да се реши така што ќе им се олесни процесот на добивање на работни дозволи.
Според бројните извештаи од терен, меѓу бегалците има голем број на високообразовани луѓе, кои со оглед на начинот на кој мораа да заминат од своите земји се во многу поинаква позиција од економските имигранти и ќе им треба многу време пред да го регулираат на кој било начин својот статус и уште повеќе време да ги нострифицираат своите дипломи. Сосема е неизвесно и колкумина уште ќе дојдат и дали во догледно време ситуацијата во нивните земји воопшто ќе се среди. Колку подолго ќе бидат во Европа, како што впрочем тоа го покажува искуството на Италија, ќе бидат под различни видови на животни притисоци што, на пример, го искористи мафијата за да ги организира како најевтина работна сила во земјоделството. Нивното евентуално придружување на корпусот работна сила во Европа веројатно би бил долготраен процес.
Тековите на миграцијата се исклучително чувствителни на политичките и на економските потреси. Тие потреси во овој момент од трагични причини потераа кон Европа (засега во занемарливи бројки) население за кое демографите очекуваа дека природно, со оглед на асиметријата во доходите, ќе тежнее не само кон стариот континент туку и, како што тоа Никитовиќ многу порано го изнесе, кон Западниот Балкан што е во слична или во понеповолна положба по својата демографска структура во однос на членките на Унијата. Никитовиќ додуша сметаше дека со голема доза на внимателност би можело да се очекува заминувањето на домашните стручњаци од Балканот, по 2030 година, да биде проследено со прилив од околу 10.000 лица годишно, образована и стручна работна сила од Русија, од Украина, од Кина и од неврзаните земји.
Разликата меѓу Европа и Балканот е во тоа што кај нас и во услови на недостиг на работна сила (кој би го пополниле странци) опстојувала висока стапка на невработеност на домашните работници со оглед на тоа што нивната структура е исклучително неповолна во однос на потребите на пазарот. Тоа воедно нè враќа на почетокот на текстот и на кршливоста на сегашниот пакт меѓу политичарите и (не)вработените граѓани,што на подолг рок не може да биде одржлив.

(октомври 2015)

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано