Општество

Европска инвестициска банка – моќниот финансиски џин на ЕУ

Мирче Јовановски

авторот е новинар

„Економија и бизнис“ ви ги претставува институциите на Европската Унија во Луксембург

Иако е главно насочена кон финансирање на проекти во рамките на ЕУ, Европската инвестициска банка одобрува кредити и на земји како Македонија, кои се во (прет)пристапен процес кон ЕУ, но и на други. Банката финансиски е присутна во околу 130 земји во светот – во Средна, Јужна и Источна Европа, медитеранскиот регион на Африка, во Азија, Латинска Америка, Карибите и на Пацификот.

Доколку некој праша која е најмоќната финансиска институција во светот за меѓународно јавно финансирање, одговорите сигурно ќе бидат прилично различни, но веројатно насочени кон институции како Светска банка, ЕБРД и на нив слични. Можеби некои и ќе го знаат точниот одговор дека тоа е Европската инвестициска банка (ЕИБ), финансиската институција на Европската Унија, но и тие веројатно ќе бидат изненадени од податокот дека ЕИБ според финансискиот потенцијал е на пример речиси двојно помоќна од Светската банка. Иако е главно насочена кон финансирање на проекти во рамките на ЕУ, Европската инвестициска банка одобрува кредити и на земји како што е Македонија, кои се во (прет)пристапен процес кон ЕУ, но и на други. Надвор од ЕУ, банката финансиски е присутна во околу 130 земји во светот – во Средна, Јужна и Источна Европа, медитеранскиот регион на Африка, во Азија, Латинска Америка, Карибите и на Пацификот.

„Скриениот џин на ЕУ“, вака лондонски „Фајненшел тајмс“ пред неколку години ја опиша ЕИБ, додавајќи дека таа издава повеќе обврзници од ЏП Морган, а истовремено не е надгледувана од ниеден надворешен регулатор.

Во изминативе нешто повеќе од шест децении колку што постои, ЕИБ израсна во моќен финансиер, речиси двојно поголем од Светска банка

Создадена со мисија да кредитира проекти од јавен интерес и да оди таму каде што приватните банки не сакаат или не се осмелуваат – ЕИБ се покажа како извонредно успешна финансиска институција. Ретко кога некој нејзин пласман бил означен како „лош“. ФТ наведува дека дури во 2006 година, по речиси половина век работење, на банката ѝ се случило да отпише некое побарување, што покажува дека сеопфатно ја совладала „уметноста на намалување на ризикот од кредитирањето“.
Таа има целосно одврзани раце при определувањето кој проект ќе го финансира – со над 60 милијарди евра годишно одобрени кредити се вбројува меѓу најголемите во секторот, а покрај тоа финансиски е многу подобро поткована во однос на многу попознатата Светска банка.

„Банката континуирано растеше во изминативе повеќе од шест децении и постигна импресивни резултати“, вели Вернер Хојер, претседател на ЕИБ, кој зборуваше пред новинарите на годишните средби со медиумите во почетокот на декември минатата година. 


КАКО СЕ РАЗВИВАШЕ ЕИБ 

Седиште: Основана е во Брисел во 1958 година, откако стапи во сила Договорот од Рим. Во 1968 седиштето на банката беше префрлено во Луксембург. На сегашната локација е од 1980 година, каде што во 2008 година беше завршена изградбата на новиот современ објект во кој е ЕИБ.
Заеми: Од 10 милијарди ЕКИ во 1988 година, годишното кредитирање достигна 45 милијарди евра во средината на 2000-тите години пред да скокне на 79 милијарди евра во 2009 година како привремен одговор на кризата. Во 2019 година изнесуваше 63,3 милијарди евра.
Капитал: Од помалку од 30 милијарди ЕКИ во раните 90-ти, капитална основа на банката се зголеми на 243 милијарди евра на 1 јули 2013 година. Стапката на адекватност на капиталот беше 28,7 проценти, на крајот на 2013 година.
Земји - партнери: Првите договори со државите кои не се членки на ЕУ и со земји надвор од Европа беа склучени во раните 1960-ти. Сега банката работи со над 135 држави кои не се членки на ЕУ, и кои добиваат околу 10 отсто од вкупното одобрено финансирање.
Европски инвестициски фонд: ЕИФ е основан во 1994 година, како специјализирана институција за вложувања во мали и средни претпријатија (МСП) и во заеднички вложувања. Мнозински акционер е ЕИБ, поддржана од Европската комисија и од приватни банки.
Персонал: Од 66 вработени во 1958 година, во 1999 банката надмина 1.000 вработени, а сега во неа работат над 2.900 лица. Повеќето од нив се во седиштето на банката во Луксембург, но има и надворешни канцеларии, во ЕУ и во регионите каде што банката е активна.


Тој често знае да нагласи дека понекогаш е изненаден бидејќи политичките лидери не се свесни каков инструмент имаат во своите раце. 

А ЕИБ е токму тоа – основана со Договорот од Рим од 1957 година за да обезбеди финансирање на капиталните инвестиции кои ги унапредуваат политичките цели на Европската Унија, особено регионалниот развој, трансевропските мрежи за транспорт, телекомуникациите, енергетскиот сектор, истражување, развој и иновации, заштита и унапредување на животната средина. Надвор од ЕУ банката придонесува за европската развојна и кооперативна политика во согласност со условите и правилата поставени во склучените договори со околу 130 земји.

„Задачата на Европската инвестициска банка е да придонесува кон интеграција, балансиран развој и економска и социјална кохезија на државите членки“, велат во ЕИБ. За таа цел, банката обезбедува најповолни услови за финансирање на капитални проекти во согласност со целите на ЕУ.


БАНКАТА ЌЕ ПРЕСТАНЕ ДА ФИНАНСИРА ПРОЕКТИ НА ФОСИЛНИ ГОРИВА

Вернер Хојер, претседател на ЕИБ

Најголемото политичко прашање на денешницата е климата. Иако и до сега во политиките на ЕИБ заштитата на животната средина беше во врвот на приоритетите при одобрување на кредитите, сепак, неодамнешната одлука претставува вистински квантен скок. Банката ќе престане да финансира проекти на фосилни горива. Ова е најамбициозна стратегија за вложување во климата на која било јавна финансиска институција во светот


Но, и покрај ова, ЕИБ е целосно автономна институција која работи според условите и можностите на пазарите на капитал, вели Хојер. Нејзиниот кредитен рејтинг е беспрекорен – „тројно А“, што ѝ овозможува одлични услови на пазарите на капитал. ЕИБ е и главен акционер во Европскиот инвестициски фонд основан во 1994 година за да се поттикне развојот на малите и средни претпријатија преку соработка со локалните банки и државни институции. 

На крајот на минатата година ЕИБ направи крупен чекор кон финансирање на еколошките проекти. За познавачите ова е историски важна одлука што ќе има далекусежни ефекти. Станува збор за промена на основниот критериум за идното одобрување на кредити од страна на ЕИБ. Според ревидираната кредитна политика, Европската инвестициска банка од крајот на 2021 година ќе престане да финансира проекти и индустрии за фосилни горива, вклучително и гас. Енергетските проекти кои ќе аплицираат во иднина за финансиска поддршка од банката ќе треба да докажат дека можат да произведат еден киловат час енергија со испуштање на помалку од 250 грама јаглерод диоксид.
Според Хојер, најголемото политичко прашање на денешницата е климата. Иако и досега во политиките на ЕИБ заштитата на животната средина беше во врвот на приоритетите при одобрување на кредитите, сепак неодамнешната одлука претставува вистински квантен скок.

„Банката ќе престане да финансира проекти на фосилни горива. Ова е најамбициозна стратегија за вложување во климата на која било јавна финансиска институција во светот“, велат во ЕИБ. Ваквата одлука во банката ја темелат на бројни научни аргументи според кои, ако не се преземе нешто, до крајот на векот температурата на глобално ниво ќе се зголеми во просек за три до четири Целзиусови степени со катастрофални последици врз условите за живеење и за производство.
Во ЕУ постојат дебати како тоа ќе се одрази на идните крупни проекти, имајќи предвид дека ваквите инвестиции од 2013 година изнесуваа 13,4 милијарди евра или околу 2 милијарди евра годишно, како и дека ефектот ќе се постигне само доколку и други финансиски институции го следат, што во моментов е тешко изводливо. Не спиеја ниту лобистите во индустријата на фосилни горива кои успеаја да ја одложат примената на мерката за една година, иако во овој период ќе се финансираат само проекти кои веќе биле аплицирани.

Ваквата политика сигурно ќе има влијание и врз проектите кои се одобруваат во земјите од Западен Балкан. Директорот за операции во Одделот на регионот Јадранско Море, Мигуел Моргадо, кој ги покрива Италија, Малта, Хрватска, Словенија и шесте земји од Западен Балкан (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Косово), вели банката досега инвестирала во многу сектори и помогнала за побрз економски и социјален развој.
„Како што може да се претпостави, во рамките на овој Оддел, најголеми се инвестициите во Италија со оглед на тоа што станува збор за најголема економија во оваа група земји. Но, и покрај тоа нашето присуство во земјите од Западен Балкан е значајно“, изјави Моргадо на брифинг со новинарите. 


ЕИБ ВО 2019 ГОДИНА

• 280 милијарди евра инвестиции поддржани од ЕИБ
• 72 милијарди евра финансирани од групацијата ЕИБ
• 1.095 потпишани проекти
• 50,3 милијарди евра на пазарите на обврзници
• Над 25 милијарди евра за помали бизниси
• Над 19 милијарди евра за климатско дејствување
• Над 16 милијарди евра за заштита на животната средина
• Над 14 милијарди евра за зајакнување на иновациите
• 4,4 милиони евра за работни места во мали бизниси
• 10 милиони луѓе пијат побезбедна вода
• 12 милиони луѓе добиваат подобра здравствена заштита
• 7,4 милиони домаќинства поврзани со електрична
енергија
• 117 милиони луѓе добиваат подобри мобилни врски
• 631 милиони дополнителни патувања со јавниот превоз
• 1,7 милиони луѓе имаат намален ризик од поплави
• 5,1 милиони м2 енергетски ефикасни згради


ЕИБ е долго присутна во регионот – првиот проект бил потпишан уште во 1977 година. Една од задачите на ЕИБ е да им помогне на земјите од Западен Балкан да го зголемат стандардот и да го олеснат пристапот во ЕУ. 

„Присутни сме како во јавниот, така и во приватниот сектор. Финансираме проекти во инфраструктурата, особено кои се опфатени и со Берлинскиот процес – во делот на енергијата, железници, патишта, но ги поддржуваме и малите и средни претпријатија преку локалните банки. Практично им позајмуваме на локалните банки и тие се обврзуваат да ги користат овие средства за поддршка на мали и средни претпријатија под поволни услови“, вели Моргадо.
Во изминативе десет години банката обезбедила околу 8 милијарди евра од кои најголем дел за Србија која е и најголемата економија во регионот.

„Ние исто така ја комбинираме нашата поддршка со други извори на финансирање во контекст на рамката за инвестирање во Западен Балкан, а од неодамна презедовме и нова иницијатива која беше покрената од Европскиот совет во 2016 година чија цел е да се зголеми отпорноста на економиите спрема надворешни шокови кои, пред сѐ, доаѓаат од миграцијата и бегалците“, вели Моргадо, додавајќи дека станува збор за 6 милијарди евра за земјите од јужното соседство и од Западен Балкан, што овозможи дополнителни 15 милијарди евра инвестиции за периодот 2016 – 2020 година.

Запрашан дали новата методологија за пристапување во ЕУ, која тогаш уште не беше објавена, може да ја смени стратегијата на ЕИБ кон Западен Балкан и посебно кон Македонија, Моргадо нагласи дека ЕИБ нема да го заборави Западен Балкан.
„Регионот е значаен за нас, тој е од суштинско значење“, рече тој повторувајќи ја пораката на претседателот на Европската комисија Урсула вон дер Лајен која во Европскиот парламент порача дека проширувањето останува на врвот на агендата на ЕУ.

„Како и да е, на проширувањето не треба да се гледа како на нешто што е по автоматизам или што е лесно. Има повеќе услови што треба да се исполнат“, вели Моргадо нагласувајќи дека во три иницијативи кои беа најавени од страна на европските институции, ЕИБ има јасна улога што треба да ја одигра во развојот на поврзувањето меѓу земјите од регионот, во нивниот социјален и економски развој и во дигитализацијата. 


ЕИБ И МАКЕДОНИЈА

Кога станува збор за Македонија, според податоците на Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), проценетата вреност на проектите финансирани од ЕИБ изнесува околу 2,1 милијарди евра, при што се поддржани 23 проекти во различни области. Доделени се и 180,3 милиони евра во вид на грантови од ЕУ и 18,6 милиони евра од други донатори. Вредноста на одобрените кредити изнесува околу 570 милиони евра.
Поддршката на ЕУ се канализираше преку сметките на Инвестициската рамка за Западен Балкан во износ од 161,7 милиони евра и опфаќа техничка помош и инвестициски работи.
ВБИФ помогна во подготовка и во спроведување на основните развојни инфраструктурни проекти во одделни сектори. Успешно ја пилотираше првата шема за обновливи извори на енергија во земјата, а се планира и да ги подобри капацитетите на мрежата за дистрибуција на електрична енергија. Изградени се повеќе училишта, здравствени установи и затворски установи, системи за снабдување со вода и третман на отпадните води. Покрај тоа, ВБИФ придонесе за развој на основните патни и железнички правци, кои ќе обезбедат врски на земјата со регионот и со земјите од ЕУ, а присутна е во подготовката на инвестиции за широкопојасен интернет.
Минатата година во интервју за „Економијс и бизноис“, регионалниот претставник на ЕИБ, Дубравка Негре изјави деак ЕИБ во изминатите 10 години поддржала 2.000 фирми и 60.000 работни места во Македонија, а само во 2018 година преку кредитирањето на малите и средни претпријатија биле поддржани околу 1.800 работни места. ЕИБ е присутн во Македонија повеќе од 40 години, уште кога земјата беше во состав на поранешна Југославија.


 „Кога зборуваме за поврзувањето, веќе споменав дека сме еден од водечките финансиери на сите главни коридори кои минуваат низ регионот. Само како пример, неодамна учествувавме на промоцијата на последната делница на автопатот од Коридорот 10 меѓу Србија и Бугарија. Се надеваме дека ќе продолжиме да ги поддржуваме и другите инфраструктурни проекти во регионот, како на пример коридорот од Будимпешта до Плоче, односно до Јадранско Море“, вели тој додавајќи дека важна компонента се и грантовите бидејќи ги прават инвестициите поподносливи за одделни земји поради нивните ограничувачки капацитети за позајмување. Слично е и со финансирањето на социоекономскиот развој каде што се договорени повеќе проекти, како и во доменот на дигитализацијата со што се финансира развој на широкопојасната мрежа во руралните области. 

„Тоа е многу важно за да се поттикне конкурентноста и да се надмине дигиталниот јаз меѓу регионите во одделни земји, но и во самиот регион во целина“, вели тој.

На крајот, но не помалку важно е што проектите кои се финансираат со поддршка на Европската инвестициска банка мора да се во согласност со регулативата на ЕУ, односно со ЕУ-директивите во однос на јавните набавки, заштита на животната средина, социјалните и економските стандарди. „Со позајмување од ЕИБ, земјите од регионот прифаќаат да ги почитуваат директивите и регулативата која е типична за ЕУ, а тоа е особено важно за нивното пристапување кон ЕУ“, заклучува Моргадо.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО