Општество

Спомени и споменици за иднината

Гордан Георгиев

Авторот е политиколог

Нашата надеж за иднината е втемелена на „спомени за минатото“. Од баналните примери на социјалните мрежи каде што луѓето денес споделуваат фотографии од „Пефкохори, Грција, 2019“, до оние поважните спомени кои ни будат надеж за подобра иднина, подобро утре. Иднината може да живее од спомени, а минатото може да генерира надеж. Во таква апорија живееме денес, а можеби и отсекогаш.

Ова лето, карантинско по душа и тело, длабоко и без посебно право на избор забраздуваме во две приказни: онаа за изборите и онаа за ковид-19. Двете се чинат како паралелни, како да не се допираат меѓу себе, единствен допир им е стравот за иднината и можеби сеприсутната отсутност на митинзи, изборна иконографија и разни други малтретирања на народот. Така, додека политичките партии ветуваат шеќерни брда и долини не осврнувајќи се на последиците (можеби навистина долготрајни) од пандемијата, неговото височество обичниот граѓанин се бори со дневните и утрешните егзистенцијални дилеми и копа по спомените со надеж дека ќе пронајде некаков патоказ или прирачник за преживување.

Избори на спомени и избори за спомени. Некои спомени мечтаат по златното доба на Никола Груевски, другите се спомени за рушењето на истиот тој Груевски и сѐ уште незапретаните спомени за подобра иднина. Останатите, тивкото малцинство или можеби мнозинство, ќе останат дома бидејќи не сакаат да живеат од спомените и немаат надеж во иднината која им се нуди. Им оддаваат помен на спомените. Од овој аспект, изборите ќе бидат избори за избор на две реставрации: едната за реставрација на состојбата пред времето на Зоран Заев (договорот од Преспа, договорот со Бугарија, споменот за враќање на Македонците со големо М), а другата ќе биде реставрација на нереставрираното од претходниот режим зачинето со нејасни перспективи за иднината. И двата табора не нудат точен патоказ за своите визии. ВМРО-ДПМНЕ е сосема надвор од реалниот колосек бидејќи оние што барем малку ги разбираат процесите знаат дека нивната предложена реставрација не може да се оствари, т. е. нејзиното остварување ќе значи многукратно враќање назад на она што се постигнало, без можност за повторно одење напред. СДСМ, пак, одењето напред (кон евроатлантските интеграции, кон посветла иднина, кон повеќе пари и среќа) го претставува како пат од кој нема враќање, но автомобилот кој оди по тој пат нема ретровизори. Сепак, „она што се постигнало“ нема иста вредност за секого. Напротив. Некои мечтаат она што се постигнало да се уништи, да исчезне и подготвени се да платат „висока“ цена за тоа уништување, додека другите со еднаква доза на „фундаментализам“ го бранат постигнатото небаре тоа е единствената сламка на спасот.

Реалноста, сурова каква што и отсекогаш била, е дека и двете приказни (онаа на СДСМ и онаа на ВМРО-ДПМНЕ) воспоставија т.н. иреверзибилни наративи: ниту Македонија ќе може да се оправи од владеењето со споменици и далечното минато кое (тукуречи вчера) ни го создаде Груевски ниту Македонија ќе може да се врати чекор назад од Преспа и договорот со Бугарија. Патот е трасиран, но тоа не е патот кој баш го замислувавме. За волја на вистината, и целта е движечка и непостојана

Нашите споменици, пак, се присутни насекаде. Од лажните фасади и (полу)знајните големци исклесани во мермер или бронза, до блуткавиот вкус на неродената правда и немирниот мир што требаше да долета на крилјата на таа правда, секој од нас си гради сопствени споменици изградени од нашите спомени.

Реалноста, сурова каква што и отсекогаш била, е дека и двете приказни (онаа на СДСМ и онаа на ВМРО-ДПМНЕ) воспоставија т.н. иреверзибилни наративи: ниту Македонија ќе може да се оправи од владеењето со споменици и далечното минато кое (тукуречи вчера) ни го создаде Груевски ниту Македонија ќе може да се врати чекор назад од Преспа и договорот со Бугарија. Патот е трасиран, но тоа не е патот кој баш го замислувавме. За волја на вистината, и целта е движечка и непостојана. Помислете дека само пред десетина години ретко кој би помислил дека оваа денешна ЕУ ќе биде ваква каква што е денес. Пред десетина години Жан Мари ле Пен (таткото на денешната темна политичка ѕвезда Марин) беше редовно прегазуван на избори од „либералниот“ француски гласач и цела Европа со олеснување и со одобрување здивнуваше. Нешто порано Виктор Орбан сѐ уште беше бивш стипендист на Оксфорд и миленик на ЕУ. Кој би помислил дека во меинстримот на европската современа мисла денес, повеќе од кога било, ќе се поставуваат прашања и дилеми за целисходноста на ЕУ, нејзината смисла на постоење постбрегзит и дека во либералниот храм на светот (Брисел, ЕУ-бирократите, експертите) денес повеќе од кога било претходно ќе се развие моќна „петта колона“ со крајна цел на легален и легитимен начин да ја уништи истата таа ЕУ однатре. Европа, замислена како највисок можен цивилизациски дострел на човештвото, оградена со видливи и невидливи тврдини и жичени огради за да не можат да влезат варварите, денес потклекнува под новиот налет за реставрација и вивификација на нацијата. Европа денес личи на недопечено колаче, со убава крцкава корка однадвор, но глекаво однатре. Оваа нова реставрација на нацијата укажува дека поствоениот проект на Американците (Обединета Европа) се покажува како несмасно прескокнување на големи и важни етапи на историјата потопена во шмекот на посветлата иднина.


А дали треба да зборуваме за ковид-19 одговорот од страна на ЕУ? Тој едноставно драматично затаи на сметка на националните влади. Никој тоа не сака да го објасни денес. Срамежливите критики и префрлања на релација нација-нација во однос на нефункционирањето на системот на солидарност (базичен пишан и непишан принцип на Унијата) може да се отвори како нова Пандорина кутија во моментот кога ќе се прогласи крај на пандемијата. А ако не се прогласи крај на пандемијата? Што правиме тогаш? Или, на пример, што кога ќе се прогласи последователната економска пандемија!?! Како тоа ќе се одрази врз економското здравје на ЕУ? Ќе има ли солидарност тогаш, како што имало претходно? Големи прашања се овие, ја демнат Европа деновиве. Преголеми за да можат одеднаш да се дигестираат, а камоли да се дадат квалификувани одговори. И што ако пандемијата никогаш не заврши во онаа смисла како што очекуваме да заврши?

Темата за спомените и спомениците во Македонија и во Европа ја поврзувам со една друга „споменична“ тема: протестите во САД и рушењето на спомени(ците). Во ненадејниот, но секојпат очекуван, нов бран на антирасистички протести што го преплавија САД, може да се каже дека, покрај стандардната иконографија и логографија, очигледен трејдмарк на протестите беше рушењето на споменици на личности и настани кои имале некаква допирна точка со времето на колонијализмот и робовладетелството во Америка. Се срушија многу споменици, од оние на основачите на САД (The Founding Fathers) до оној на Колумбо. Хм, интересно. Бришењето на елементите на нацијата е неминовно поврзано со потребата од нов почеток, т. е. да се збрише она што било и да се изгради нешто што треба да биде. Ова е исклучително ризична стратегија на радикалната левица, ризична најмногу по нив, а потоа и по сите други. Бришењето на минатото (или фризирање на минатото или селектирање на минатото) претставува опасен експеримент, сличен на Француската револуција, и најчесто таквиот експеримент завршува со контрареволуција, реставрација и уште поголема персекуција на револуционерите. Минатото е учителка за сегашноста и иднината, ние едноставно не можеме да го изодуваме нашиот пат кон напред ако не знаеме што имало назад, ако немаме реперна точка од каде сме тргнале за да знаеме каде одиме и што сакаме да правиме. Како да знаеме дали сме добри денес и какви сакаме да бидеме утре ако немаме никаква котва вчера, т. е. ако не знаеме дека сме биле лоши вчера? Кој ни е реперот? Празната хартија наречена табула раса? Ќе почнеме со новото од ново?

Минатото е учителка за сегашноста и иднината, ние едноставно не можеме да го изодуваме нашиот пат кон напред ако не знаеме што имало назад, ако немаме реперна точка од каде сме тргнале за да знаеме каде одиме и што сакаме да правиме. Како да знаеме дали сме добри денес и какви сакаме да бидеме утре ако немаме никаква котва вчера, т. е. ако не знаеме дека сме биле лоши вчера? Кој ни е реперот? Празната хартија наречена табула раса? Ќе почнеме со новото од ново?

Брет Стивенс, мојот омилен колумнист кој пишува за Њујорк тајмс, вели дека треба да имаме критериум при рушењето, како и при градењето. Тој критериум би можел да биде дека градиме споменици на луѓе и на настани кои ја обединуваат нацијата или човештвото, а не ги делат. Можеме ли да рушиме споменици и спомени само на issue-based пристапот? Абрахам Линколн, големиот аболиционист, поседувал робови и до крајот на животот имал поделени ставови во врска со робовладетелството. Декларацијата за независност е напишана од Томас Џеферсон кој поседувал 600 робови во моментот на пишување, нешто што во тоа време воопшто не било табу-тема, туку меинстрим политика за акумулација на капиталот. Очигледна претпоставка е дека, додека Џеферсон затворен во својата соба го пишувал овој извонредно важен документ, чајот и колачињата му биле принесувани од неговата лична робинка Афроамериканка. Можеме ли тој „златен стандард“ од тоа време да го споредиме со важноста на документот кој е врвна инспирација за прогресот на човековите права во светот до денешен ден? Се согласуваме ли дека денес Декларацијата за независност е многу поважна отколку чајникот и крцкавите колачиња приготвени од црната робинка? Дилемата не е толку тешка да се одгатне, но моралниот патос за вековните неправди секако е присутен и денес. Но, дали тоа е причина за рушење на споменик на Томас Џеферсон со чие рушење гори сувото, но и суровото?

Конечно, на таа Декларација за независност и денес се повикуваат најжестоките борци за човекови права. Денес овие права се многукратно проширени и надградени, вклучувајќи ги и културните права и правата на ЛГБТ и на маргинализираните заедници. Како илустрација, неодамна конзервативниот Уставен/Врховен суд на САД (во кој денес членуваат 5 конзервативни наспроти 4 либерални судии), повикувајќи се на прецедентно право и одлука од 1964 година со која се забранува дискриминација за вработување по однос на пол, имаше спектакуларна пресуда во полза на ЛГБТ--заедницата. Да се потсетиме, во не толку далечната 1964 година самото постоење на геј заедницата беше табу-тема и овие луѓе не постоеја во системот, а камоли да се размислува за доделување на одредени права на припадниците на таа заедница.

И вишната на колачето ја оставам за крајот. Света Софија/Аја Софија, прекрасниот хермафродитен верски и културен споменик, е убав симбол на споменик кој обединува, а не дели. И додека го завршувам текстот стигнува веста дека Управниот суд на Турција тукушто ја пренаменил во џамија, укинувајќи ја одлуката на Кемал Ататутрк од 1935 година со која Света Софија е прогласена за музеј кој треба да ги обединува религиите во светот. Пу „јазк“!

(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО