Општество

Јовановиќ: Кон подобро образование и наука

Научна студија „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок“, поддржана од Фондацијата „Фридрих Еберт“

Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар

Во ова поглавје, на кое работевме заедно со Никола Стиков и Драган Тевдовски, истакнуваме неколку проблеми со македонското образование и се трудиме да понудиме решенија за нивно надминување.
Некои од проблемите кои ги истакнуваме се опфатени со образовната реформа која е актуелна периодов. На пример, еден од проблемите кој го истакнуваме е дека образованието ни е заглавено во 20 век, дека многу малку ги користиме дигиталните ресурси, дека наставата е сведена на монолог од страна на професорот, дека од учениците се бара учење напамет. Нашиот предлог е да се стави поголем акцент на дигитална интерактивна настава, да се стимулира научна писменост и да се поттикнува критичко размислување. Овие работи се опфатени со предложената концепција за основно образование.

Но, некои од проблемите не се опфатени со концепцијата, како деградацијата на угледот на наставниците и ниските вложувања во образование и наука. Педагошкиот факултет одамна го има изгубено престижот, наставничкиот кадар има примања кои се пониски од просечните во државава, а вложувањата во образование и наука кај нас се меѓу најниските во Европа. Сето ова несомнено води до слаби образовни резултати и затоа неопходно е да се врати достоинството на наставничката професија, да се зголемат платите на наставниците, исто како и вкупните државни вложувањата во образование и наука. Без да се подобрат овие работи и другите реформи ќе имаат лимитиран ефект.

ПРЕПОРАЧАНО