Општество

Тилев: Земја со можност за „излез“ на три мориња

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

Географскиот поим Македонија си го заслужил своето место во историјата забраздувајќи толку длабоко во колективната меморија на човештвото, што не може да се замисли посериозен научен запис без поимот да биде барем споменат, а често пати и нашироко елабориран. Централната геостратешка позиција на Балканскиот Полуостров како природна порта кон Европа го прави важна крстосница преку која низ историјата поминувале патиштата на бројни војски и војсководачи, трговци, научни дејци и патеписци, но и едноставни луѓе кои само барале сопствен простор за живеење. Географијата спојувајќи се со политичките движења и современите општествени „производи“ го направила ова пространство геополитички интересно, и така е до денешен ден. Постојните тенки политички граници меѓу микро државите, со меѓу себе измешано население по разни линии, се исцртувани речиси по правило од помоќните и поголемите.

Последните две децении се чини како лекциите да се научени. Тензиите се сè уште присутни, но (само)контролирани, а ориентацијата на сите држави од регионот кон членство во Европската Унија е единствена. Унијата несомнено е најуспешниот мировен проект во поновата историја кој донесе мир во Европа, овозможувајќи непречен континуиран економски раст на тие простори, што пак придонесе за подигнување на квалитетот на живеење до единица мерка „европски начин на живеење“ кој сите сакаме да го имаме и дома.

Делот од Македонија, денеска Република Северна Македонија, во кој политички опстојуваме е мал затворен континентален простор, со ограничени природни ресурси и релативно слабо развиена економија. Единствената наша компаративна предност и потенцијал за забрзан одржлив развој е токму нашата географска централна позиција на Балканскиот Полуостров, која нуди можност да се трансформираме од (само) природна во важна економска крстосница која ќе ги поврзува трговските патишта од Црното до Јадранското Море (Трансевропскиот коридор VIII), но и од Егејското Море кон континенталниот дел од Европа (Трансевропскиот коридор X). Важноста е препознаена уште од времето на Римската Империја, ние само сме ја наследиле и како потенцијал треба да ја искористиме.

Се разбира дека оваа констатација не е ништо ново и е дел од визијата на сите посериозни политичари кои управуваат со земјата од нејзиното осамостојување до денеска. Но, и покрај изминативе три децении од нашата самостојност, сè уште сме далеку од целта. За остварување на долгорочни стратешки цели кои минуваат низ период од 3 до 4 изборни циклуси и владини мандати, потребни се одлучност, лидерство, умеење, упорност и финансиски средства. Сите овие елементи ги спојува континуитетот кој е клучен за реализацијата на долгорочните стратешки проекти, а се чини токму тоа ни недостасуваше. Дисконтинуитетот, политичкото двоумење, неодлучноста и недостатокот на стручни капацитети го правеше проектот „земја со излез на три мориња и главен крстопат на Балканот“ сè поскап и подалечен. Дисконтинуитетот не смее да стане правило, мора да се прекине спиралата и да се воспостави институционален континуитет како стратешки темел за обезбедување на долгорочен забрзан и одржлив развој. Политичките промени се нормален производ на демократското живеење, но нарушувањето на институционалниот континуитет не е здраво и веќе го плаќаме (пре)многу скапо.

Под рака ми дојде доста стара (1998) далекувида Физибилити студија за развој на Коридорот VIII, поместена во два обемни документи, финансирана од страна на Агенцијата за трговија и развој на САД, во рамките на Иницијативата за развој на Јужен Балкан (1996), изработена од познатата компанија на овие простори, „Бехтел“. Надлежните министерства од Бугарија, Македонија и Албанија ја прифатиле и се обврзале да ја реализираат, односно да ја вклучат во своите развојни проекции. Долгорочната визија била коридорот исток − запад да профункционира со целокупната инфраструктура (патна и железничка) до 2020 година. Веќе сме 2021 година, а само мал дел од коридорот е во градба, односно доцниме со реализацијата најмалку десетина години. Оправдувања може да најдеме многу, но сметам дека причините се политичката колебливост и институционалниот дисконтинуитет.

Гласови на изборите носат ситните локални инфраструктурни интервенции и тие не се неважни, но долгорочен одржлив развој може да обезбедат само големите инфраструктурни проекти. Само преку таквите проекти може да ја зголемиме нашата релевантност и да се почувствува нашата политичка „тежина“ надвор од националните граници. Само преку „зелен“, брз и сигурен транспорт може да ги привлечеме големите „европски“ трговски и енергетски патишта преку нашата територија, а тоа пак секако ќе ги донесе со себе и сите потенцијали на синџир производството, услужните дејности и туризмот, а ќе се стимулира и секторот енергетика и агросекторот.

Секоја криза носи и можности, но зависи од зрелоста и навременоста на политичките одлуки дали ќе ги искористиме. Нема економија во светот која не е под огромниот притисок од последиците на глобалната пандемија, но сите проекции на глобалните (финансиски) институции (ММФ, СБ, ОЕЦД, ЕУ) прогнозираат дека по масовната вакцинација на населението следува стабилизација и веројатен раст и враќање на економските активности дури и на повисоко ниво од пред кризата. Повеќегодишниот буџет (2021−2027) на Европската Унија од над 1 000 милијарди евра и дополнителни 750 милијарди евра за опоравување од последиците на кризата (2021−2023) веќе се во функција. Во тие рамки се проектирани и 14,16 милијарди евра за програмата ИПА 3 за поддршка на пристапниот процес за земјите од Западен Балкан (и Турција). Од овие средства значителен дел, до 9,0 милијарди евра преку Економско-инвестицискиот план се наменети за инфраструктурни проекти и за Зелената агенда за Западен Балкан (транспорт, енергетика, климатски промени, дигитализација и развој на човечкиот капитал) со можност за привлекување на свеж капитал до 20,0 милијарди евра преку јавно-приватни партнерства. Во овој период може да се очекува, според Европската комисија, можност за поттикнување на економскиот раст за дополнителни 3,6 % со што би започнал процесот на конвергенција, односно намалување на диспаритетите меѓу нашата економија и таа на ЕУ.

Потенцијалот за проектот „земја со излез на три мориња“ е на располагање, потребни се одлуки и институционален капацитет за апсорпција на средствата и реализација на развојната визија. Не можеме да си го дозволиме „луксузот“ да се двоумиме кога другите земји од регионот конкурираат за истите средства, а кои ќе се доделуваат според новите правила од ИПА 3, исклучиво за зрели и квалитетни проекти спремни за брза реализација. Дали имаме такви проекти? Да, но не доволно. Во јануари е утврдена Единствената листа на проекти со кои ќе конкурираме за ИПА 3 средствата, преку Инвестициската платформа за Западен Балкан во рамките на Економскиот инвестициски план. Слабостите за квалитетната подготовка на зрели проекти се провлекуваат веќе подолг период и се резултат пред сè на институционалниот дисконтинуитет. Високото ниво на флуктуација, промени и заминување на стручниот кадар резултира со неможност да се подготват проектите на време и според бараните технички стандарди. Тоа го намалува апсорпцискиот капацитет на државата и со тоа се влегува во потенцијална опасност од губење на значителни средства во наредниот период. Долго најавуваната политика со мерки за задржување на кадарот треба што поскоро да се дефинира, да се усвои и да започне нејзината конкретна имплементација. Тоа е мала инвестиција во споредба со огромните средства што треба да се управуваат за финансирање на големите проекти.
Подготовката на зрели и квалитетни проекти, како и капацитет за нивна реализација се прашања од државен приоритет и заслужуваат сериозно внимание. Доколку решението е во формирање на посебна професионална институција за подготовка на покомплексни проекти, треба да се обезбедат услови за таа да се формира, да се екипира и да се опреми како посебна или приклучена кон некоја од научните институции. Доколку има потреба од подигнување на нивото и осамостојување на специјализирана професионална институција за имплементација на проектите, тогаш треба таа да се формира и да се обезбедат услови за да профункционира. Ваквите специјализирани институции ни се потребни сега, во фазата на пристапување кон ЕУ, а ќе ни бидат потребни уште повеќе кога ќе станеме членка на ЕУ и кога ќе треба да апсорбираме 5−6 пати повеќе средства.

(Економија и бизнис, печатено издание, март 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО